Дипломците на Гилеад — „вистински мисионери“!
„ШТО е тоа мисионер?“ Ова прашање е поставено во една уводна новинска статија пред скоро четири децении. Писателот образложил дека вистинските мисионери се орудија на социјалните и на економските реформи. Меѓутоа, во неделата, на 5 март 1995, во Конгресната сала на Јеховините сведоци во Џерси Сити, на еден впечатлив начин беше даден сосема поинаков одговор. По кој повод? По повод дипломирањето на 98-от клас на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула — школа која испратила мисионери по целиот свет!
По уводната песна и молитвата, Алберт Д. Шредер од Водечкото тело им изрази срдечно добредојде на сите 6.430 присутни. Во своите уводни коментари, брат Шредер јасно покажа зошто дипломците на Гилеад се поинакви од оние што се нарекуваат себеси мисионери. Тој рече: „За Гилеад, Библијата е главниот учебник“. Дипломците на Гилеад не се оспособуваат за социјални работници, туку за учители на Божјата Реч. Така, на еден посебен начин се оспособени да се грижат за духовните потреби на луѓето во странски подрачја.
Следните говорници се осврнаа на неколку други сфери на кои дипломците на Гилеад се докажуваат како „вистински“ мисионери. Чарлс Молохан им зборуваше на тема: „И понатаму давајте добри плодови како мисионери“. Врз основа на зборовите на апостол Павле од Колосјаните 1:9, 10 (НС), брат Молохан ги потсети дипломците дека петте месеци поминати во Гилеад им помогнаа да пораснат „во точното спознание за Бог“. Ова, пак, ќе им помогне да даваат плодови на два начина: со покажување на плодовите на Божјиот дух и со делење на библиските вистини со другите.
Даниел Сидлик од Водечкото тело продолжи со отрезнувачката тема: „Не ценкајте се со својот живот“. Тој го спомена Исусовото прашање: „Каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Матеј 16:26). Брат Сидлик забележа: „Луѓето си ја продаваат душата за еден полесен, удобен начин на живот“. Меѓутоа, оние кои имаат жива вера не можат да прават компромиси кога ќе се соочат со искушенија. Исусовите зборови покажуваат дека човек мора да биде спремен да „дава“, што значи да жртвува со цел да ја добие својата душа, односно живот. Новите мисионери беа подбудени да му дадат на Јехова сѐ, своето најдобро во неговата служба!
Потоа, Вилијам Ван де Вал од Одборот на службеното одделение, зборуваше на темата: „Апостол Павле — пример достоен за имитирање“. Брат Ван де Вал објасни: „Павле го предводел мисионерското дело во првиот век“. Соодветно на тоа, беа нагласени четири подрачја на кои апостол Павле дал добар пример за денешните мисионери: 1) Павловата искрена заинтересираност и љубов кон луѓето, 2) неговата делотворност во службата, 3) неговото скромно одбивање да се возвишува себеси и 4) неговата безусловна доверба во Јехова.
„Дозволи му на Јехова да те испита на твојата нова доделба“, беше темата на која зборуваше Лајман А. Свингл од Водечкото тело. Користејќи го дневниот стих, Псалм 138:16, брат Свингл призна дека, како нови мисионери, тие ќе се соочат со проблеми на своите доделби и дека Јехова ги знае решенијата. „Одете кај него“, ги подбуди тој, „и разговарајте со него кога имате проблем. Обидете се да препознаете која е неговата волја.“
Потоа, Џон Е. Бар од Водечкото тело зборуваше на темата: „Вашата вера извонредно расте“ (2. Солунјаните 1:3, НС). Во Лука 17:1 читаме што рекол Исус: „Не е можно да не дојдат соблазни“. Некои се соблазниле од карактерот на сомисионерите. Но, брат Бар ги охрабри мисионерите да ја имаат потребната вера за да простуваат. Навистина, токму во овој контекст Исусовите ученици молеле: „Засили ја во нас верата!“ (Лука 17:2-5). Верата на мисионерите може исто така да биде искушана со различни организациски промени. „Имаме ли вера да ги прифатиме“, праша брат Бар, „или тие ќе станат пречки големи како планина?“
Потоа следеа неколку совети од страна на двајцата инструктори во Гилеад. Џек Редфорд ги подбуди дипломците да задржат позитивен став. Тој им раскажа за една мисионерка која ја напуштила својата доделба поради тоа што другите мисионери ѝ се потсмевале. Библијата, меѓутоа, нѐ предупредува да не се лутиме непотребно (Проповедник 7:9). „Имајте исправен став“, ги советуваше тој. „Простувајте на грешките и на несовршеностите на другите околу вас.“
Ј. В. Глас, секретар на Гилеад, потоа праша: „Подготвени ли сте да се соочите со ‚времето и непредвидените настани‘?“ (Проповедник 9:11, НС). „Нашиот начин на живот секогаш е изложен на промени“, забележа брат Глас, „а некои можат да бидат и прилично трауматски.“ Извесни мисионери неочекувано се соочиле со нарушено здравје, со болести и со семејни проблеми, што принудило некои од нив да ги напуштат своите доделби. „Без оглед на тоа каков е непредвидениот настан“, рече брат Глас, „знаеме дека Јехова е свесен за него и е заинтересиран. Ако се потпреме на него, сигурни сме дека ќе излеземе како победници!“
Предавањето со наслов „Одвоени за мисионерска служба“, ја круниса утринската серија предавања. Теодор Џерес од Водечкото тело, се осврна на прашањето што беше поставено на почетокот, имено „Што е тоа мисионер?“ Одговарајќи, тој ги разгледа Дела, 13. и 14. поглавје, во врска со мисионерското дело на Павле и Варнава. Се разбира, тоа дело не се сосредоточувало на решавање на општествени проблеми, туку на ‚објавување на добрата вест‘ (Дела 13:32, НС). Брат Џерес праша: „Зарем не се слагате дека Павле и Варнава покажале каков треба да биде вистинскиот мисионер?“ Ветеранот во мисионерската служба, Роберт Трејси од Мексико, беше замолен да раскаже неколку свои охрабрувачки искуства како евангелизатор.
Утринската програма ја достигна својата кулминација кога брат Шредер им ги подели дипломите на 48-те дипломци. Публиката беше восхитена додека ги слушаше имињата на секоја од вкупно 21 земја во која се доделени мисионерите: Антигва, Барбадос, Бенин, Боливија, Брегот на Слоновата Коска, Венецуела, Гвинеја Бисао, Еквадор, Екваторијална Гвинеја, Естонија, Костарика, Летонија, Маврициус, Мозамбик, Никарагва, Парагвај, Перу, Сенегал, Тајван, Хондурас и Централноафриканска Република.
По паузата за ручек, публиката повторно се собра и уживаше во интересната студија на Стражарска кула, што ја водеше Роберт П. Џонсон од Службеното одделение. На прашањата одговараа членовите на 98. клас. Потоа следеше прекрасна серија интервјуа што ги водеа членови на персоналот на Гилеад. Публиката беше неизмерно охрабрена додека дипломците раскажуваа лични искуства од службата на подрачјето и ги изразуваа своите чувства за доделбата во странство.
Шест и пол години, Гилеад беше сместен во објектите на Друштвото Стражарска кула во Волкил, Њујорк. Меѓутоа, во април 1995, школата е префрлена во новиот Образовен центар на Стражарска кула во Патерсон, Њујорк. Како ја доживеа оваа промена бетелската фамилија во Волкил? На оваа промоција беа интервјуирани и неколкумина од Волкил. Нивните трогателни изјави јасно покажаа дека студентите на Гилеад им оставиле трајни впечатоци. Се разбира, овие спремни мажи и жени се вистински мисионери — понизни, самопожртвувани, длабоко заинтересирани да им помагаат на другите.
Кога промоцијата дојде до својот крај, сите присутни беа уверени дека Гилеад школата и понатаму успешно ќе го прави она што веќе го прави преку 50 години — ќе дава вистински мисионери!
[Рамка на страница 18]
Податоци за класот:
Број на застапени земји: 8
Број на земји во кои се доделени: 21
Број на студенти: 48
Просечна старост: 32,72
Просек на години во вистина: 15,48
Просек на години во полновремена служба: 10,91
[Слика на страница 18]
98. клас дипломци на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула
Во долната листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Еслингер А.; Ман Т.; Ривера Џ.; Баруеро М.; Ваз М.; Дурга К.; Силверекс Х.; Алварадо Д.; 2) Тот Б.; Сегара С.; Харт Р.; Рорак И.; Ескобар П.; Ајстрап Ј.; Слај Л.; Ривера Е.; 3) Арчард Д.; Снеит С.; Марсиел П.; Колјонен Д.; Вадел С.; Блекберн Л.; Ескобар М.; Арчард К.; 4) Харт М.; Тот С.; Колјонен Ј.; Бергман Х.; Ман Д.; Блекберн Џ.; Парк Д.; Ваз Ф.; 5) Сегара С.; Слај Л.; Лесли Л.; Бергман Б.; Баруеро В.; Алварадо Х.; Лесли Д.; Парк Д.; 6) Силверекс К.; Еслингер Р.; Вадел Џ.; Снеит К.; Дурга А.; Рорак Ф.; Ајстрап К.; Марсиел Д.