Самештво — врата кон непречена активност
„[Тоа] значи постојано прислужување на Господ без пречки“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 7:35, НС).
1. Какви вознемирувачки вести стигнале до Павле во врска со христијаните во Коринт?
АПОСТОЛ Павле бил загрижен за своите христијански браќа во Коринт (Грција). Околу пет години пред тоа, го основал собранието во тој напреден град, прочуен по својот неморал. Сега, околу 55-тата година н. е., додека бил во Ефес, во Мала Азија, добил вознемирувачки извештаи од Коринт за фракциски поделби и за толерирање на еден одвратен случај на неморал. Освен тоа, Павле добил писмо од коринтските христијани кои барале водство во врска со сексуалните односи, целибатот, бракот, одвојувањето и повторното венчавање.
2. На кој начин неморалот преовладувал во Коринт и очигледно влијаел врз христијаните во тој град?
2 Изгледало дека тешкиот неморал што преовладувал во Коринт влијаел врз локалното собрание на два начина. Некои христијани попуштале на атмосферата на морална лабавост и толерирале неморал (1. Коринтјаните 5:1; 6:15—17). Очигледно, други, како реакција на сексуалните задоволства што биле насекаде присутни во градот, оделе до крајност со тоа што препорачувале воздржување од секаков сексуален однос, дури и за брачни двојки (1. Коринтјаните 7:5, НС).
3. Со кои работи Павле најпрвин се зафатил во своето прво писмо до коринтјаните?
3 Во долгото писмо што го напишал до коринтјаните, Павле најпрвин се зафатил со проблемот на неединство (1. Коринтјаните, поглавја 1—4). Ги советувал да избегнуваат да следат луѓе, што може да води само до штетни расцепи. Тие требало да бидат обединети како „соработници“ на Бог. Потоа им дал конкретни упатства во врска со тоа собранието да се чува морално чисто (поглавја 5, 6). Апостолот потоа се осврнал на нивното писмо.
Препорачано самештво
4. Што мислел Павле кога рекол дека ‚е добро човек да не се допира до жена‘?
4 Тој започнал: „А за она што ми пишавте — добро е човек да не се допира до жена“ (1. Коринтјаните 7:1). Изразот „да не се допира до жена“ овде значи да се избегнува телесен контакт со некоја жена заради сексуално задоволство. Со оглед на тоа дека Павле веќе го осудил блудот, тој сега се осврнувал на сексуални односи во рамките на брачното уредување. Затоа, Павле сега препорачувал самештво (1. Коринтјаните 6:9, 16, 18; спореди 1. Мојсеева 20:6; Изреки 6:29). Малку потоа тој напишал: „А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде, ако останат како јас“ (1. Коринтјаните 7:8). Павле бил неженет, можеби бил вдовец (1. Коринтјаните 9:5).
5, 6. а) Зошто е јасно дека Павле не препорачувал манастирски начин на живеење? б) Зошто Павле препорачал самештво?
5 Христијаните во Коринт веројатно дошле во контакт со грчката филозофија, чиишто извесни школи го фалеле крајниот аскетизам, односно самоодречување. Дали тоа би можело да биде причината што коринтјаните го прашале Павле дали би било „добро“ за христијаните да избегнуваат секаков сексуален однос? Павловиот одговор не одразувал грчка филозофија (Колосјаните 2:8). За разлика од католичките теолози, тој никаде не препорачал целибатен аскетски живот во некој манастир или женски манастир, небаре самците се посебно свети и дека би можеле да придонесат за нивното лично спасение преку својот начин на живот и преку своите молитви.
6 Павле препорачал самештво „поради сегашната потреба“ (1. Коринтјаните 7:26). Можеби се осврнал на тешките времиња низ кои поминувале христијаните, кои би можеле да бидат усложнети со бракот (1. Коринтјаните 7:28). Неговиот совет до невенчаните христијани бил: „Добро ќе им биде, ако останат како јас“. На вдовците им изјавил: „Разврзан ли си од жена, не барај жена“. За една христијанска вдовица напишал: „Поблажена е, ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји“ (1. Коринтјаните 7:8, 27, 40).
Не е принуда да се остане самец
7, 8. Што покажува дека Павле не принудувал ниеден христијанин да остане самец?
7 Јеховиниот свет дух несомнено го водел Павле кога тој го дал овој совет. Целото негово излагање за целибатот и бракот покажува рамнотежа и воздржаност. Тој не правел од тоа работа на верност или неверност. Напротив, тоа е прашање на слободен избор, со рамнотежа која е свртена во корист на самештвото за оние кои се во можност да останат чесни во таква состојба.
8 Веднаш откако навел „добро е човек да не се допира до жена“, Павле додал: „Но, за да се избегне блудството [поради распространетоста на блудот, НС], секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж“ (1. Коринтјаните 7:1, 2). Откако ги советувал невенчаните лица и вдовици да ‚останат како него‘, тој брзо додал: „Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да се возбудуваат [отколку да се распламтени од страст, НС]“ (1. Коринтјаните 7:8, 9). Повторно, неговиот совет до вдовците бил: „Не барај жена. Но, ако се ожениш, нема да згрешиш“ (1. Коринтјаните 7:27, 28). Овој урамнотежен совет одразува слобода на избор.
9. Според Исус и Павле, на кој начин и бракот и самештвото се дарови од Бог?
9 Павле покажал дека и бракот и самештвото се дарови од Бог. „Сакам, сите луѓе да се како јас; но секој си има свој дар од Бога — еден ваков, друг инаков“ (1. Коринтјаните 7:7). Тој несомнено го имал на ум она што го рекол Исус. Откако докажал дека бракот потекнал од Бог, Исус покажал дека спремното самештво заради служење на интересите на Царството претставува особен дар: „Не сите луѓе ѝ даваат место на изреката, туку само оние кои го имаат дарот. Зашто има евнуси кои такви се родиле од мајчината утроба, и има евнуси коишто луѓето ги направиле евнуси, и има евнуси кои сами се направиле евнуси заради Царството небесно. Кој може да направи место за тоа, нека му направи“ (Матеј 19:4—6, 11, 12, НС).
Да се направи место за дарот на самештво
10. Како може едно лице да ‚направи место‘ за дарот на самештво?
10 Иако и Исус и Павле зборувале дека самештвото претставува „дар“, ниеден не рекол дека тоа претставува некаков чудесен дар што само некои го имаат. Исус рекол дека „не сите луѓе му даваат место“ (НС) на тој дар, и ги посоветувал оние кои можат да го сторат тоа, да ‚направат место за тоа‘ што го сториле Исус и Павле. Вистина, Павле напишал: „Подобро е да се венчаваат отколку да се распламтени од страст“, но тој зборувал за оние кои „не можат да се воздржат“ (1. Коринтјаните 7:9, НС). Во поранешните списи, Павле покажал дека христијаните можат да избегнат да бидат распламтени од страст (Галатјаните 5:16, 22—24). Да се оди со дух значи да се дозволи Јеховиниот дух да го води секој наш чекор. Можат ли младите христијани да го сторат тоа? Да, ако тесно ја следат Јеховината Реч. Псалмистот напишал: „Како младичот [или девојката] ќе го запази во чистота патот свој? — Ако ги пази зборовите Твои“ (Псалм 118:9).
11. Што значи да ‚се живее по Духот‘?
11 Тоа подразбира да се пазиме од попустливите идеи што се шират преку многуте ТВ програми, филмови, статии во списанија, книги и текстови на песни. Таквите идеи се телесно ориентирани. Младите христијани од обата пола кои сакаат да направат место за самештво, треба ‚да живеат не по телото, туку по Духот. Оти оние, кои живеат по тело, мислат за телесното, а кои живеат по Дух — [мислат] за духовното‘ (Римјаните 8:4, 5). Работите на духот се праведни, чесни, вредни за љубов, доблесни. Христијаните — и млади и стари — ќе прават добро ако ‚мислат на тоа‘ (Филипјаните 4:8, 9).
12. Што главно е вклучено во правењето место за дарот на самештво?
12 Да се направи место за дарот на самештво, во голема мера значи да се насочи своето срце кон таа цел и да се моли Јехова за помош за да се тежнее кон истата (Филипјаните 4:6, 7). Павле напишал: „Ако некој стои утврден во своето срце, и нема никаква потреба, туку има власт над сопствената волја и ја донел таа одлука во своето срце, да ја сочува својата девственост, добро ќе направи. Според тоа, и оној кој ја дава својата девственост во брак прави добро, но оној кој не ја дава во брак ќе направи подобро“ (1. Коринтјаните 7:37, 38, НС).
Самештво со цел
13, 14. а) Каква споредба направил апостол Павле помеѓу невенчаните и венчаните христијани? б) Само како еден христијанин самец може да ‚направи подобро‘ од оние кои се венчани?
13 Самештвото само по себе не е вредно за пофалба. Тогаш, во која смисла може да биде „подобро“? Сѐ зависи од тоа на кој начин едно лице ја користи слободата што тоа ја донесува. Павле напишал: „Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, — како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи — како да ѝ угоди на жената [и тој е поделен, НС]. Постои разлика меѓу жена и девојка; неомажената се грижи за Господови работи — како да Му угоди на Господа, за да стане света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи — како да му угоди на мажот свој. Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам замка, туку за убава и пристојна служба [она што значи постојано прислужување, НС] на Господа без пречки“ (1. Коринтјаните 7:32—35).
14 Еден христијанин самец, кој го користи своето самештво за да следи себични цели, не прави „подобро“ од венчаните христијани. Тој останува сам не „заради царството“, туку од лични причини (Матеј 19:12). Невенчаниот маж или жена би требало да „се грижи за Господови работи“, да се грижи „да Му угоди на Господа“ и ‚постојано да го прислужува Господа без пречки‘. Тоа значи да му се посветува неподелено внимание на служењето на Јехова и на Христос Исус. Само ако прават така, невенчаните христијански мажи и жени прават „подобро“ од венчаните христијани.
Непречена активност
15. Што е суштината на Павловиот аргумент во 1. Коринтјаните, поглавје 7?
15 Целиот Павлов аргумент во ова поглавје се состои во следново: Иако бракот е оправдан и под извесни случаи препорачлив за некои лица, самештвото неоспорно е корисно за христијанскиот маж или жена која сака да му служи на Јехова со најмалку пречки. Додека венчаното лице е ‚поделено‘, невенчаниот христијанин е слободен да го сосредоточи вниманието на „Господовите работи“.
16, 17. Како може еден христијанин самец подобро да го сосредоточи вниманието на ‚Господовите работи‘?
16 Кои се Господовите работи на кои еден невенчан христијанин може послободно да им посвети внимание отколку оние кои се венчани? Во еден друг контекст, Исус зборувал за „Божјото“ — работите што еден христијанин не може да му ги даде на цезарот (Матеј 22:21). Овие работи во суштина се однесуваат на животот, обожавањето и службата на еден христијанин (Матеј 4:10; Римјаните 14:8; 2. Коринтјаните 2:17; 3:5, 6; 4:1).
17 Самците главно се послободни да посветуваат време на Јеховината служба, кое може да ѝ користи на нивната духовност и на обемот на нивната служба. Тие можат да поминат повеќе време во лична студија и во медитација. Христијаните самци честопати можат полесно да го ускладат своето читање на Библијата во својот распоред отколку оние кои се венчани. Тие можат подобро да се подготвуваат за состаноците и за службата на подрачјето. Сето ова е за нивна „[лична, НС] корист“ (1. Коринтјаните 7:35).
18. Како можат многу браќа самци да покажат дека сакаат да му служат на Јехова „без пречки“?
18 Многу браќа самци кои веќе служат како слуги помошници, се слободни да му речат на Јехова: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Тие можат да се пријават да присуствуваат на Школата за оспособување на слуги, што е резервирана за слуги помошници и старешини самци кои се слободни да служат таму каде што потребата е поголема. Дури и браќата кои не се во можност да го напуштат своето собрание, можат да се стават на располагање да им служат на своите браќа како слуги помошници или старешини (Филипјаните 2:20—23).
19. Како се благословени многу сестри самици, и кој е еден начин на кој тие можат да бидат благослов за собранијата?
19 Поради тоа што немаат човечки поглавар за да се консултираат и да му се доверат, немажените сестри може да се посклони да ‚ги фрлаат своите бремиња на Јехова‘ (Псалм 55:22, НС; 1. Коринтјаните 11:3). Ова е особено важно за сестрите кои се самици поради љубовта кон Јехова. Ако со текот на времето се омажат, тоа би било „само во името на Господа“, то ест само за некого кој му е предаден на Јехова (1. Коринтјаните 7:39). Старешините се благодарни што имаат немажени сестри во своите собранија; овие сестри честопати ги посетуваат и им помагаат на болните и на постарите. Тоа им донесува среќа на сите кои се вклучени (Дела 20:35).
20. На кој начин многу христијани покажуваат дека се во „постојано прислужување на Господ без пречки“?
20 Мнозина млади христијани ги уредиле своите работи за да бидат во „постојано прислужување на Господ без пречки“ (1. Коринтјаните 7:35, НС). Тие му служат на Јехова како полновремени пионери, мисионери или во некоја од канцелариите на подружниците на Watch Tower Society. А колку само среќна група се тие! Колку е освежителна нивната присутност! Зашто, во Јеховини и во Исусови очи, тие се „како капки роса“ (Псалм 110:3, НС).
Никаков завет за траен целибат
21. а) Зошто е јасно дека Павле не охрабрувал на полагање завет за целибат? б) Што сакал тој да каже кога зборувал за ‚поминувањето на цутот на младоста‘?
21 Една клучна точка во Павловиот совет е дека христијаните ќе направат „добро“ ако во својот живот направат место за самештво (1. Коринтјаните 7:1, 8, 26, 37). Меѓутоа, тој на никаков начин не ги повикува да положат завет за целибат. Напротив, тој напишал: „Ако некој мисли дека се однесува непристојно спрема својата девственост, ако таа го поминала цутот на младоста, и дека така треба да биде, нека прави што сака; не прави грев. Нека се женат“ (1. Коринтјаните 7:36, НС). Грчкиот збор хипе́ракмос, преведен со „да се помине цутот на младоста“, дословно значи „зад највисоката точка“ и се однесува на поминувањето на најсилниот порив на сексуална желба. Според тоа, оние кои поминале повеќе години во самештво и кои на крајот мислат дека треба да се венчаат, потполно се слободни да се венчаат со некој соверник (2. Коринтјаните 6:14).
22. Зошто е корисно од секоја гледна точка христијанинот да не се венча премлад?
22 Годините што еден млад христијанин ги поминува служејќи на Јехова без пречки, се мудра инвестиција. Тие му дозволуваат нему или нејзе да стекне практична мудрост, искуство и увид (Изреки 1:3, 4). Лицето кое останало самец заради Царството, подоцна е во далеку подобра позиција, ако тоа така одлучи, да ги преземе одговорностите на брачниот живот и можеби на родителството.
23. Што би можеле да имаат на ум некои кои размислуваат за брак, но кое прашање ќе биде разгледано во следните статии?
23 Некои христијани кои поминале повеќе години служејќи му на Јехова полновремено како самци, внимателно го бираат својот иден брачен партнер со изглед да продолжат во некој облик на полновремена служба. Тоа секако е многу пофално. Некои би можеле дури и да предвидат да се венчаат имајќи ја идејата да не дозволат нивниот брак на никаков начин да им ја попречи службата. Но, дали треба еден венчан христијанин да се чувствува толку слободен да се концентрира на својата служба за Јехова како кога тој или таа била сама? Ова прашање ќе биде разгледано во следните статии.
За повторување
◻ Зошто апостол Павле чувствувал потреба да му пише на собранието во Коринт?
◻ Зошто знаеме дека Павле не препорачувал манастирски начин на живеење?
◻ Како може едно лице да ‚направи место‘ за самештво?
◻ Како можат сестрите самици да извлечат корист од своето самештво?
◻ На кои начини браќата самци можат да ја искористат својата слобода да му служат на Јехова „без пречки“?