‚Направете место за тоа‘
1 Еднаш, кога зборувал со своите ученици за бракот, Исус се осврнал на самештвото како на ‚дар‘. Тогаш рекол: „Кој може да направи место за тоа, нека му направи место“ (Мат. 19:10—12). Неколку години подоцна, апостол Павле напишал за предностите на самештвото и ги охрабрил другите да го следат неговиот пример и да не стапат во брак (1. Кор. 7:7, 38). Мнозина денес ‚направиле место‘ за самештвото и уживаат во неговите предности. Кои се некои од тие предности?
2 Да се служи со „неподелено внимание“: Павле сфатил дека самештвото му ја пружа приликата да му служи на Јехова со „неподелено внимание“. На сличен начин денес, еден брат самец може да се пријави за Школата за оспособување слуги, а едно лице што не е во брак обично е послободно да стапи во пионерското дело, да научи друг јазик, да се пресели таму каде што има поголема потреба, да служи во Бетел или да биде на располагање за други посебни предности во службата. Може да има повеќе време и прилики да биде зафатено со длабока лична студија и медитација и да комуницира со Јехова во искрена молитва. Лицето што не е во брак обично има повеќе време да се дава себеси за да им помага на другите. Сите овие активности се за негова „лична корист“ (1. Кор. 7:32—35; Дела 20:35).
3 Таквата неподелена служба за Бог донесува богати награди. По 27 години во Кенија, една сестра самка напишала: „Имаше толку многу пријатели и толку многу работа! Ги правевме работите заедно [и] се посетувавме едни со други . . . Можев да ги користам додатната слобода и приспособливост што ги нуди самештвото за да бидам зафатена во службата, а тоа ми донесе голема среќа“. Таа додала: „Со текот на годините мојот однос со Јехова стана подлабок“.
4 Да се направи место за тоа: Исус рекол дека мотивот за да се негува дарот на самештво треба да биде „поради царството на небесата“ (Мат. 19:12). Како и секој друг дар, за да донесе радост и користи, самештвото треба да се користи исправно. Со тоа што ги искористиле приликите што ги донесува самештвото и се потпреле на Јехова за мудрост и сила, многу самци ја сфатиле вредноста на тоа да се направи место за тој дар.