Христијанската вера ќе биде испитана
„Не сите имаат вера“ (2. СОЛУНЈАНИТЕ 3:2).
1. Како историјата покажала дека не сите имаат вистинска вера?
НИЗ историјата имало мажи, жени и деца со вистинска вера. Придавката „вистинска“ одговара бидејќи милиони други покажувале еден вид вера која е како лековерност, спремност да веруваат без валидна основа или причина. Честопати, таквата вера вклучувала лажни богови или облици на обожавање кои не се во склад со Семоќниот, Јехова, и со неговата откриена Реч. Затоа, апостол Павле напишал: „Не сите имаат вера“ (2. Солунјаните 3:2).
2. Зошто е витално да ја испитаме нашата сопствена вера?
2 Но, Павловата изјава подразбира дека тогаш некои имале вистинска вера, а молчешкум, и денес некои имаат. Повеќето читатели на овој журнал посакуваат да имаат и да ја зголемат таквата вистинска вера — вера која е во склад со точното спознание за божествената вистина (Јован 18:37; Евреите 11:6). Дали е така и со тебе? Тогаш, нужно е да признаеш и да бидеш подготвен за фактот дека твојата вера ќе биде испитана. Зошто може да се каже тоа?
3, 4. Зошто би требало да гледаме на Исус во врска со испитите на верата?
3 Мораме да признаеме дека Исус Христос е главен за нашата вера. Навистина, Библијата зборува за него како за Усовршител на нашата вера. Тоа е поради она што Исус го зборувал и го правел, а особено како го исполнил пророштвото. Тој го зајакнал темелот на кој луѓето можат да засноваат вистинска вера (Евреите 12:2; Откровение 1:1, 2). Сепак, ние читаме дека Исус бил „испитан во секој поглед како и ние, но без грев“ (Евреите 4:15, NW). Да, Исусовата вера била испитана. Далеку од тоа да нѐ обесхрабри или да предизвика заплашување, тоа би требало да нѐ утеши.
4 Минувајќи низ големи испити, па дури и до степен на смрт на столбот, Исус ‚се научил на послушност‘ (Евреите 5:8). Тој докажал дека луѓето можат да живеат според вистинската вера и покрај какви и да било испити кои би можеле да дојдат на нив. Тоа поприма особено значење кога ќе помислиме на она што им го рекол Исус на своите следбеници: „Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар“ (Јован 15:20). Всушност, во врска со своите следбеници во наше време, Исус предвидел: „Ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име“ (Матеј 24:9).
5. Како Писмото покажува дека ќе се соочуваме со испити?
5 Во почетокот на овој век, судот започнал во Божјиот дом. Писмото претскажало: „Време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото евангелие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш безбожникот и грешникот каде ќе се јават?“ (1. Петрово 4:17, 18).
Верата испитана — зошто?
6. Зошто испитаната вера е непроценлива?
6 Во некоја смисла, верата која не е испитана нема докажана вредност, и нејзиниот квалитет останува непознат. Тоа би можел да го споредиш со еден чек кој сѐ уште не е разменет. Можеби си добил чек за работата што си ја извршил, за добрата што си ги дал или, пак, дури и како подарок. Чекот може да изгледа добар, но дали е? Дали тој навистина вреди колку сумата што се појавува на него? Слично, нашата вера мора да биде повеќе отколку само еден изглед или само исповедување. Таа мора да биде испитана за да докажеме дека има значење и вистински квалитет. Кога нашата вера е испитувана, може да увидиме дека таа е јака и вредна. Еден испит може да открие и некои подрачја на кои на нашата вера ѝ треба прочистување или зацврстување.
7, 8. Од кој извор доаѓаат испитите на нашата вера?
7 Бог дозволува да дојдат врз нас прогонство и други испити на верата. Ние читаме: „Ниеден, кога е во искушение, да не вели: ‚Бог ме искушува‘, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува“ (Јаков 1:13). Кој или што е одговорно за таквите испити? Тоа се Сатана, светот и нашето сопствено несовршено тело.
8 Можеби признаваме дека Сатана врши моќно влијание врз светот, врз неговото размислување и врз неговите патишта (1. Јованово 5:19, NW). И веројатно знаеме дека тој подбуцнува прогонство против христијаните (Откровение 12:17). Но, дали ние сме подеднакво уверени дека Сатана се обидува да нѐ заведе апелирајќи на нашето несовршено тело, нишајќи пред нашите очи световни заведувања со надеж дека ние ќе се фатиме за мамката, дека нема да го послушаме Бог и ќе завршиме како неодобрени од Јехова? Се разбира, Сатановите методи не би требало да нѐ изненадат, зашто тој ги користел истите тактики кога се обидувал да го искуша Исуса (Матеј 4:1—11).
9. Како можеме да извлечеме корист од примерите на вера?
9 Преку својата Реч и христијанското собрание, Јехова пред нашите очи поставува позитивни примери на вера кои можеме да ги имитираме. Павле опоменал: „Подражавајте ме, браќа, мене и гледајте ги оние, што постапуваат според образецот, каков имате во нас“ (Филипјаните 3:17). Како еден од Божјите помазани слуги во првиот век, Павле го презел водството во извршувањето на дела на вера и покрај големите испити кои ги доживеал. На крајот од 20 век, нам не ни недостигаат споредливи примери на вера. Зборовите од Евреите 13:7 сега се применуваат со исто толкава силина како кога ги напишал Павле: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“.
10. Кои особени примери на вера ги имаме во неодамнешниве времиња?
10 Таа опомена има особена силина кога разгледуваме како испаднало со однесувањето на помазаниот остаток. Можеме да размислуваме за неговиот пример и да ја имитираме неговата вера. Неговата вера е вистинска, рафинирана преку испити. Од малите почетоци во 1870-тите се развило едно христијанско братство ширум светот. Како плод на верата и истрајноста на помазаниците оттогаш па наваму, сега над пет и пол милиони Сведоци на Јехова проповедаат и поучуваат за Царството Божје. Сегашното глобално собрание на ревносни вистински обожаватели е тестамент за испитаната вера (Тит 2:14).
Верата испитана во врска со 1914
11. Како 1914 била значајна за Ч. Т. Расел и за неговите соработници?
11 Со години пред избувнувањето на Првата светска војна, помазаниот остаток објавувал дека 1914 ќе биде еден значаен датум во библиското пророштво. Меѓутоа, некои од нивните очекувања биле предвремени и нивното гледиште за она што требало да се случи не било баш точно. На пример, Ч. Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Society, и неговите соработници можеле да видат дека било неопходно едно огромно проповедничко дело. Тие читале: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Но, како нивната релативно мала група воопшто би можела да го направи тоа?
12. Како еден од Раселовите соработници се одѕвал на библиската вистина?
12 Разгледај како тоа влијаело врз А. Х. Мекмилан, соработник на Расел. Роден во Канада, Мекмилан немал ни 20 години кога ја набавил Раселовата книга The Plan of the Ages (Планот на вековите, 1886). [Оваа книга, наречена и The Divine Plan of the Ages (Божествениот план на вековите), станала том 1 од нашироко дистрибуираните Studies in the Scriptures (Студии на Писмото). Том 2, The Time Is at Hand (Времето е близу, 1889), укажал на 1914 како на крајот на „времињата на незнабошците (не-Евреите, NW)“ (Лука 21:24).] Истата ноќ кога почнал со читање, Мекмилан си помислил: „Па, ова звучи како вистина!“ Летото 1900 се запознал со Расел на еден конгрес на Библиските студенти, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци. Наскоро, Мекмилан се крстил и почнал да работи со брат Расел во светската централа на Заедницата во Њујорк.
13. Кој проблем го увиделе Мекмилан и другите што се однесува до исполнувањето на Матеј 24:14?
13 На темел на нивното читање на Библијата, тие помазани христијани укажувале на 1914 како на пресвртница во Божјата намера. Но, Мекмилан и другите се прашувале како би можело да се изврши проповедањето на нациите претскажано во Матеј 24:14 за тоа кратко време што преостанувало. Подоцна, тој рекол: „Се сеќавам дека честопати дискутиравме со брат Расел за тоа, и тој ќе ми речеше: ‚Е па, брате, баш во Њујорк имаме повеќе Евреи отколку што има во Ерусалим. Тука имаме повеќе Ирци отколку што има во Даблин. И имаме повеќе Италијанци отколку што има во Рим. Сега, ако ги достигнеме нив тука, тоа ќе биде достигнување на светот со пораката‘. Но, изгледа дека тоа не ги задоволи нашите умови. Тогаш дојде идејата за ‚Фото-драмата‘“.
14. Пред 1914, каков истакнат проект бил преземен?
14 Каков само оригинален зафат била “Photo-Drama of Creation” (Фото-драмата за создавањето)! Таа била комбинација од подвижни слики и обоени стаклени слајдови, синхронизирани со библиски предавања и музика на грамофонски плочи. Во 1913, во врска со еден конгрес во Арканзас (САД), Стражарска кула рекла: „Беше едногласно одлучено дека дошло времето за употреба на подвижни слики при поучувањето за библиските вистини . . . [Расел] објасни дека тој работел три години на самиот тој план и сега веќе има готови стотици убави слики, кои несомнено ќе привлечат големи мноштва, ќе го разгласат Евангелието и ќе ѝ помогнат на јавноста да се врати кон верата во Бог“.
15. Какви резултати имала „Фото-драмата“?
15 „Фото-драмата“ го сторила токму тоа после нејзиното инаугурално прикажување во јануари 1914. Следуваат извештаи од Стражарска кула од 1914:
1 април: „Откако гледал два дела, еден министер рекол: ‚Гледав само една половина од ФОТО-ДРАМАТА ЗА СОЗДАВАЊЕТО, но веќе научив за Библијата повеќе од неа отколку што научив од мојот тригодишен курс на теолошката семинарија‘. Откако ја гледал, еден Евреин забележал: ‚Си заминувам како подобар Евреин отколку што бев кога влегов‘. Неколку католички свештеници и калуѓерки ја посетиле ДРАМАТА и изразиле длабоко ценење . . . Досега се комплетирани само дванаесет сета од ДРАМАТА . . . И покрај тоа, ние веќе достигнавме и опслужуваме триесет и еден град . . . Над триесет и пет илјади луѓе секојдневно гледаат, слушаат, се восхитуваат, размислуваат и се благословени“.
15 јуни: „Сликите ме направија поревносен да ја ширам Вистината, и ја зголемија мојата љубов кон Небесниот Татко и кон нашиот драг Постар Брат Исус. Секојдневно се молам за Божјиот најбогат благослов врз ФОТО-ДРАМАТА ЗА СОЗДАВАЊЕТО и врз сите кои се ангажирани во нејзиното презентирање . . . Јас сум ваш слуга во Него, Ф. В. НОХ — Иова“.
15 јули: „Нам ни е задоволство да забележиме каков прекрасен впечаток на добро оставија сликите во овој град, а ние сме уверени дека ова сведоштво на светот се користи и за да се соберат многу кои даваат доказ дека се бесценети камења по Господовиот сопствен избор. Знаеме приличен број сериозни Библиски студенти кои сега се поврзани со Класот кој е овде, како резултат на делото на Фото-драмата . . . Вашата сестра во Господ, ЕМА Л. БРИКЕР“.
15 ноември: „Ние сме сигурни дека вам ќе ви биде драго да чуете за сјајното сведоштво што се дава преку ФОТО-ДРАМАТА ЗА СОЗДАВАЊЕТО во Лондонската оперска куќа, Кингсвеј. Водечката рака на Господ беше толку прекрасно манифестирана во секој детаљ од оваа егзибиција што браќата многу се радуваат . . . Нашата публика беше составена од сите класи и видови луѓе; меѓу присутните забележавме многумина од свештенството. Еден викар . . . замоли за карти за да можат тој и неговата сопруга повторно да дојдат и да ја видат. Еден ректор од Англиканската црква присуствуваше на ДРАМАТА неколкупати, и . . . донесе многу негови пријатели за да ја видат. Беа присутни и двајца бискупи и неколку луѓе со титули“.
1 декември: „Мојата сопруга и јас навистина му благодариме на нашиот Небесен Татко за големиот и непроценлив благослов кој дојде над нас преку ваше посредство. Тоа беше вашата убава ФОТО-ДРАМА која беше причина да ја увидиме и да ја прифатиме вистината . . . Ги имаме вашите шест томови од СТУДИИ НА ПИСМОТО. Тие ни се од голема помош“.
Реакција на испитите во тоа време
16. Зошто 1914 донела испит на верата?
16 Но, што кога таквите искрени и оддадени христијани увиделе дека нивното очекување да му се придружат на Господ во 1914 не се реализирало? Тие помазаници поминале низ еден исклучително тежок период. Стражарска кула од 1 ноември 1914 објавила: „Да запомниме дека ние сме во една сезона на испитување“. Во врска со тоа, Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (1993) наведува: „Годините од 1914 до 1918, навистина се докажаа како една ‚сезона на испитување‘ за Библиските студенти“. Дали тие ќе дозволат нивната вера да биде рафинирана и нивното размислување да биде преиначено за да можат да го преземат големото дело кое лежело пред нив?
17. Како верните помазаници реагирале на останувањето на Земјата после 1914?
17 Стражарска кула од 1 септември 1916 рекла: „Ние замислувавме дека жетвеното дело на собирање на Црквата [помазаниците] ќе биде извршено пред крајот на Времињата на не-Евреите; но во Библијата не е кажано ништо такво . . . Дали сме жалосни што жетвеното дело продолжува? . . Нашиот сегашен став, драги браќа, би требало да биде став на голема благодарност кон Бог, сѐ поголемо ценење за предноста што Тој ни ја дал да ја видиме и да бидеме идентификувани со убавата Вистина, и сѐ поголема ревност во помагањето да ги запознаеме другите со таа Вистина“. Нивната вера била ставена на испит, но сепак тие се соочиле со тој испит и успешно се судриле со него. Меѓутоа, ние христијаните би требало да бидеме свесни дека испитите на верата може да ги има многу и да бидат разновидни.
18, 19. Кои други испити на верата за Божјиот народ следеле набрзо после смртта на брат Расел?
18 На пример, еден друг вид испит врз остатокот дошол кратко откако умрел брат Чарлс Т. Расел. Тоа бил испит на нивната лојалност и вера. Кој бил ‚верниот роб‘ од Матеј 24:45 (NW)? Некои мислеле дека тоа бил самиот брат Расел, и одбивале да соработуваат со новите организациони подготовки. Доколку тој бил робот, што требало да прават браќата сега кога тој умрел? Дали требало да следат некој новоназначен поединец или, пак, сега било време да сфатат дека како инструмент, односно како класа на робот, Јехова не користел само едно лице, туку една цела група христијани?
19 Додатен испит врз вистинските христијани дошол во 1918, кога световните власти, подбуцнати од свештенството на христијанскиот свет, ‚создале неволји под изговор на законот‘ против Јеховината организација (Псалм 94:20, Kršćanska sadašnjost). Против Библиските студенти во Северна Америка и во Европа бил покренат бран на насилничко прогонство. Противењето поттикнато од свештенството достигнало кулминација на 7 мај 1918, кога биле издадени федерални налози од САД за апсење на Џ. Ф. Ратерфорд и неколку негови блиски соработници, вклучувајќи го и А. Х. Мекмилан. Тие биле лажно обвинети за бунт, а властите, пак, ги игнорирале нивните молби за невиност.
20, 21. Како што е претскажано во Малахија 3:1—3, какво дело било извршено меѓу помазаните?
20 Иако тогаш не било препознато како такво, се одвивало едно дело на прочистување, како што е опишано во Малахија 3:1—3: „Кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе устои, кога ќе се јави Он? Зашто Он [гласникот на заветот, NW] е како оган, што растопува, и пепелница што чисти, па ќе седне Он да претопува и да чисти сребро, и ќе ги очисти синовите на Левија и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда“.
21 Додека I светска војна се приближувала кон својот крај, некои Библиски студенти се соочиле со еден друг испит на верата — дали ќе задржат строга неутралност што се однесува до световните воени работи (Јован 17:16, NW; 18:36). Некои не задржале. Така, во 1918, Јехова го испратил „гласникот на заветот“, Исус Христос, во Неговото духовно храмско уредување за да ја исчисти малата група Негови обожаватели од световните флеки. Оние кои се посветиле на тоа да покажуваат вистинска вера, научиле од тоа искуство и тргнале напред, продолжувајќи ревносно да проповедаат.
22. Што се однесува до испитите на верата, што останува да се разгледа?
22 Она што го разгледавме не е само од краткотраен историски интерес. Тоа е директно поврзано со сегашната духовна состојба на Јеховиното собрание ширум светот. Но, во следната статија да разгледаме некои од испитите на вера со кои се соочува Божјиот народ денес и да видиме како ние можеме успешно да ги надминеме.
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто Јеховиниот народ би требало да очекува дека неговата вера ќе биде испитана?
◻ Какви напори за ширење на Божјата порака се одвивале пред 1914?
◻ Што била „Фото-драмата“ и какви резултати произвела таа?
◻ Како настаните во периодот од 1914—1918 послужиле за да се испитаат помазаните?
[Слика на страница 12]
Отприлика на преминот кон овој век, луѓето во многу земји ја проучувале Библијата со помош на серијата „Millennial Dawn“, подоцна наречена „Studies in the Scriptures“
[Слика на страница 13]
Писмо од Ч. Т. Расел со воведниот текст за една снимка во која тој рекол: „,Фото-драмата за создавањето‘ ја презентира IBSA — Меѓународно здружение на библиските студенти. Нејзината цел е јавна поука со религиозно научни црти, и одбрана на Библијата“
[Слика на страница 15]
Димитриј Папагеорги патувал покажувајќи ја ‚Фото-драмата за создавањето‘. Подоцна, бил затворен поради неговата христијанска неутралност