Стојте потполни и со цврсто уверување
„Ремек-дело од проект“
УШТЕ од раните денови на својата современа историја, Јеховините сведоци биле силно заинтересирани за едно од пророштвата на Исус Христос: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Со наближувањето на 1914 година — почетокот на „последните денови“ — искрените Библиски студенти со цврсто уверување презеле една светска кампања на образование на темел на Светото писмо која е без преседан (2. Тимотеј 3:1).
За да ја постигнат својата цел — да ја објават добрата вест низ целата Земја — овие Јеховини слуги употребиле метода која била нова, смела и живописна. За да дознаеме повеќе за тоа, да се вратиме назад во времето.
Нов начин на објавување на добрата вест
Јануари е, 1914 година. Замисли си дека седиш меѓу 5.000 други во еден затемнет аудиториум во Њујорк Сити. Пред тебе има големо филмско платно. На платното се појавува еден седокос човек во фрак. Си гледал неми филмови, но овој човек зборува и можеш да ги чуеш неговите зборови. Ти се наоѓаш на премиерата на нешто што во технички поглед е иновација, а пораката е посебна. Говорникот е Чарлс Тејз Расел, првиот претседател на Watch Tower Society, а продукцијата е „Фото-драмата за создавањето“.
Ч. Т. Расел го сфатил потенцијалот на кинематографијата во достигнувањето на масите луѓе. Затоа, во 1912 почнал да ја подготвува „Фото-драмата за создавањето“. Резултат од ова бил осумчасовна кинематографска продукција, со фотографски слајдови, комплетирана со боја и звук.
Замислена да биде прикажувана во четири дела, „Фото-драмата“ ги водела гледачите низ човечката историја од создавањето па сѐ до кулминацијата на намерата на Јехова Бог со Земјата и човештвото на крајот на милениумското владеење на Христос. Поминале години пред користењето на истата технологија да стане комерцијално успешно. Сепак, „Фото-драмата за создавањето“ ја гледале милиони луѓе бесплатно!
За „Фото-драмата“ биле подготвени високо квалитетни музички снимки, како и 96 предавања на грамофон. Слајдовите за проекција поставени еден над друг биле направени од уметнички минијатурни репродукции за да се илустрира светската историја. Било потребно и да се направат стотици нови слики и скици. Некои од слајдовите и филмовите во боја биле грижливо и марливо рачно нацртани. А ова било правено повеќепати, бидејќи, со текот на времето, биле подготвени 20 комплети од по четири дела. Ова овозможило дел од „Фото-драмата“ да се прикажува во 80 градови во еден ист ден!
Зад затворени врати
Што се случувало зад затворени врати за време на прикажувањето на „Фото-драмата“? „Драмата започнуваше со прикажување на брат Расел“, рекла Библиската студентка Алис Хофман. „Кога ќе се појавеше на екранот и неговите усни ќе почнеа да се движат, беше пуштан фонографот . . . и уживавме додека го слушавме неговиот глас.“
Осврнувајќи се на забрзаната фотографија, Зола Хофман се присетила: „Седев таму со широко отворени очи гледајќи го прикажувањето на деновите на создавањето. Криновите постепено расцветуваа токму пред нашите очи“.
Карл Ф. Клајн од Водечкото тело на Јеховините сведоци, и самиот љубител на музиката, додава: „Прикажувањето на сликите беше проследено со многу убава музика, вистински скапоцени камења како, на пример, Нарцис и Хумореска“.
Имало и други случки што оставиле спомени. „Понекогаш се случуваа и хумористични незгоди“, си спомнува Клејтон Џ. Вудворт, јуниор. „Во една прилика беше пуштена плочата ‚Побегни како птица кон твојата планина‘, а на платното се појави слика со еден огромен гигантосаурус, претпотопно животно со неверојатна големина“!
Освен редовната „Фото-драма за создавањето“, набрзо се појавиле и комплети од „Драмата Еурека“. (Види ја рамката.) Едниот бил составен од снимени предавања, како и музички снимки. Другиот се состоел од плочи и од слајдови. Иако на „Драмата Еурека“ ѝ фалела кинематографија, била многу успешна додека била прикажувана во поретко населените подрачја.
Моќна алатка за сведочење
До крајот на 1914, „Фото-драмата“ била прикажана пред вкупно повеќе од 9.000.000 лица во Северна Америка, Европа и Австралија. Иако биле малку на број, на Библиските студенти не им недостигало цврстото уверување потребно за да ја објават добрата вест со овој нов медиум. Тие радо ги приложувале потребните средства за да изнајмат пригодни места за овие прикажувања. Така, со „Фото-драмата за создавањето“ било постигнато многу во запознавањето на гледачите со Божјата реч и Божјите намери.
Во едно писмо до Ч. Т. Расел, едно лице напишало: „Таа прва посета на вашата драма беше пресвртница во мојот живот; или, би рекол, пресвртница во моето спознание за Библијата“. Една друга личност рекла: „Бев речиси вовлечена во живиот песок на неверие и мислам дека бев спасена преку ‚Фото-драмата за создавањето‘ која беше прикажана овде минатото лето . . . Сега го имам мирот кој светот не може да го даде и кој не би го дала за сето негово богатство“.
Димитриј Папагеорги, долговремен член на персоналот на главното седиште на Заедницата, коментирал: „,Фото-драмата‘ беше ремек-дело од проект, кога ќе се земе предвид малиот број Библиски студенти и сразмерно малата сума финансии што беше на располагање. Зад неа навистина стоеше Јеховиниот дух!“
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
„Драмата Еурека“
Осум месеци по премиерата на „Фото-драмата“, Заедницата увидела потреба да подготви уште една верзија од неа наречена „Драмата Еурека“. Иако прикажувањето на комплетната „Фото-драма“ продолжило во големите градови, комплетите „Еурека“ ја презентирале истата основна порака во селата и руралните подрачја. Една верзија од „Драмата Еурека“ била опишана како давање „на сестрите извонредна прилика“ да проповедаат. Зошто? Бидејќи нејзината кутија со фонографски снимки тежела само 14 килограми. Се разбира, за прикажувањето требало да се носи и фонограф.