Како Јехова нѐ води
„Упати [води, NW] ме по патеката на правдата“ (ПСАЛМ 26:11).
1, 2. а) Како Јехова го води својот народ денес? б) Што е вклучено во извлекувањето целосна корист од состаноците?
ЈЕХОВА е Извор на светлината и вистината, како што научивме во претходната статија. Неговата Реч ни го осветлува патот додека одиме по патеката на правдата. Јехова нѐ води на тој начин што нѐ поучува за своите патишта (Псалм 118:105). Слично на псалмистот од старо време, и ние со благодарност се одѕиваме на Божјето водство и се молиме: „Научи ме, Господи, на Твојот пат и упати [води, NW] ме по патеката на правдата“ (Псалм 26:11).
2 Еден начин на кој Јехова денес дава поука е преку христијанските состаноци. Дали извлекуваме целосна корист од оваа љубезна подготовка со 1) редовно присуство, 2) внимателно слушање на програмата и 3) спремно учество во точките во кои се вклучени и присутните? Освен тоа, дали со благодарност реагираме кога добиваме предлози кои ќе ни помогнат да останеме на „патеката на правдата“?
Како е со твоето присуство на состаноците?
3. Како една полновремена министерка развила добра навика редовно да присуствува на состаноците?
3 Некои објавители на Царството редовно ги посетуваат состаноците уште од своето детство. „Кога моите сестри и јас растевме, во 1930-тите,“ се сеќава една полновремена министерка на Јеховините сведоци, „не моравме да ги прашуваме родителите дали ќе одиме на состанок. Знаевме дека ќе одиме, освен ако бевме болни. Нашето семејство едноставно не ги пропушташе состаноците.“ Слично на пророчицата Ана, оваа сестра ‚никогаш не изостанувала‘ (NW) од Јеховиното место на обожавање (Лука 2:36, 37).
4-6. а) Зошто некои објавители на Царството ги пропуштаат состаноците? б) Зошто е пресудно да се оди на состаноци?
4 Дали си ти меѓу оние кои редовно присуствуваат на христијанските состаноци, или си станал нередовен во тој поглед? Некои христијани кои мислеле дека се прилично добри во тоа, решиле да се осигураат. Во текот на неколку седмици правеле белешка за секој состанок на кој присуствувале. Кога ја прегледале евиденцијата на крајот од назначениот период, биле изненадени од бројот на состаноците што ги пропуштиле.
5 ,Тоа не е чудно‘, можеби ќе рече некој. ‚Луѓето денес се под толкав притисок што не им е лесно да бидат редовни на состаноците.‘ Секако, точно е дека живееме во стресни времиња. Згора на тоа, притисокот несомнено ќе се зголемува (2. Тимотеј 3:13). Но, зарем заради тоа редовното одење на состаноци не станало уште попресудно? Без постојано хранење со здрава духовна храна која ќе нѐ поддржува, не можеме да се надеваме дека ќе го издржиме притисокот кој ни го создава овој систем. Па, без редовното дружење би можеле да паднеме во искушение во потполност да ја напуштиме „патеката на правдата“! (Изреки 4:18). Точно, кога на крајот од еден напорен ден ќе стигнеме дома, можеби не чувствуваме секогаш склоност да отидеме на состанок. Меѓутоа, кога одиме, и покрај нашиот умор, извлекуваме корист самите и ги охрабруваме и сохристијаните во Салата на Царството.
6 Во Евреите 10:25 се укажува на една друга важна причина зошто треба редовно да присуствуваме на состаноците. Таму апостол Павле ги поттикнува сохристијаните да се собираат заедно ‚толку повеќе доколку гледаат дека се приближува судниот ден‘. Да, не смееме да го изгубиме од вид фактот дека „Јеховиниот ден“ (NW) се приближува (2. Петрово 3:12). Ако заклучиме дека крајот на овој систем е далеку, би можеле да почнеме да дозволуваме личните стремежи да ги истиснат неопходните духовни активности, како што е присуството на состаноци. Тогаш, како што предупредил Исус, ‚тој ден ќе нѐ затече ненадејно‘ (Лука 21:34).
Биди добар слушател
7. Зошто е важно децата да обрнуваат внимание на состаноците?
7 Не е доволно само да присуствуваме на состаноците. Мораме внимателно да слушаме, обрнувајќи внимание на она што се кажува таму (Изреки 7:24). Ова ги вклучува и нашите деца. Кога едно дете оди на училиште, од него се очекува да обрне внимание на учителката, па дури и кога некој предмет не му е привлечен или му изгледа несфатлив. Учителката знае дека ако детето се обиде да обрне внимание, ќе извлече барем некаква корист од лекцијата. Тогаш, зарем не е разумно децата на школска возраст да обрнат внимание на поуката која се дава на собраниските состаноци наместо да им се дозволува да заспијат веднаш штом ќе почне состанокот? Точно, меѓу скапоцените вистини кои се наоѓаат во Писмото „има некои работи тешки за разбирање“ (2. Петрово 3:16). Но, не треба да ја потценуваме способноста на детето за учење. Бог не ја потценува. Во библиски времиња тој им заповедал на своите млади слуги да ‚чујат и да се научат да се плашат од Господа и да пазат да ги исполнуваат сите заповеди во законот‘, од кои некои за децата без сомнение биле тешки за разбирање (5. Мојсеева 31:12; спореди 3. Мојсеева 18:1—30). Дали Јехова очекува нешто помалку од децата денес?
8. Кои чекори ги преземаат некои родители за да им помогнат на своите деца да бидат внимателни на состаноците?
8 Христијанските родители сфаќаат дека духовните потреби на нивните деца делумно се задоволуваат со она што го учат на состаноците. Затоа, некои родители се грижат нивните деца да поспијат пред да одат на состанок за да стигнат во Салата на Царството свежи и спремни да учат. Некои родители можеби строго ограничуваат, па дури и мудро забрануваат децата да гледаат навечер телевизија во деновите кога има состанок (Ефесјаните 5:15, 16). Тие родители ги сведуваат пречките на минимум, охрабрувајќи ги своите деца да слушаат и да учат, во склад со нивната возраст и способност (Изреки 8:32).
9. Што може да ни помогне да развиеме способност за слушање?
9 Исус зборувал со возрасни луѓе кога рекол: „Пазете [обрнете внимание на тоа, NW] како слушате“ (Лука 8:18). Во овие денови, тоа е полесно да се рече отколку да се стори. Мораме да признаеме дека активното слушање е напорна работа, но способноста за слушање може да се развие. Додека слушаш некој библиски говор или точка на состанокот, обиди се да ги издвоиш главните мисли. Биди во исчекување што ќе рече говорникот како следно. Барај ги точките што можеш да ги употребиш во службата или да ги примениш во својот живот. Повтори ги во мислите точките додека се разгледуваат. Прави кратки белешки.
10, 11. Како некои родители им помогнале на своите деца да станат подобри слушатели, и кои методи според твоето искуство се корисни?
10 Добрите навики за слушање најдобро се учат на рана возраст. Дури и пред да научат да читаат и пишуваат, некои родители ги храбрат своите деца на претшколска возраст да прават ‚белешки‘ за време на состаноците. Кога ќе се кажат некои познати зборови, како што се „Јехова“, „Исус“ или „Царство“, тие ставаат знак на парче хартија. На тој начин, децата можат да научат да се сконцентрираат на она што се кажува од подиумот.
11 Дури и на поголемите деца понекогаш им треба охрабрување за да обрнат внимание. Забележувајќи дека неговиот 11-годишен син дреме за време на еден христијански конгрес, поглаварот на едно семејство му дал Библија и го замолил да ги бара стиховите додека ги цитираат говорниците. Таткото, кој правел белешки, следел додека синот ја држел Библијата. После тоа, детето ја следело конгресната програма со поголема одушевеност.
Нека се слушне твојот глас
12, 13. Зошто е важно да се учествува во пеењето во собранието?
12 Цар Давид пеел: „Ќе марширам околу твојот олтар, о Јехова, за благодарноста гласно да се слуша“ (Псалм 26:6, 7, NW). Состаноците на Јеховините сведоци пружаат одлични прилики гласно да ја изразуваме својата вера. Еден начин на кој можеме да го правиме тоа е да учествуваме во собраниското пеење. Ова е важен аспект од нашето обожавање, но лесно може да се занемари.
13 Некои деца кои сѐ уште не знаат да читаат, ги учат напамет текстовите од песните на Царството кои ќе се пеат на состаноците секоја седмица. Тие се восхитени кога можат да пеат заедно со возрасните. Меѓутоа, како што децата стануваат малку поголеми, нивната склоност да се придружат во пеењето на песните на Царството може да се намали. Некои возрасни исто така се колебаат да пеат на состаноците. Сепак, пеењето е дел од нашето обожавање, исто како што службата на теренот е дел од нашето обожавање (Ефесјаните 5:19). Даваме сѐ од себе за да го фалиме Јехова во службата на теренот. Зарем не можеме да го фалиме и со тоа што ги креваме своите гласови — без разлика дали се мелодични или не — во срдечни песни на фалба? (Евреите 13:15).
14. Зошто материјалот кој го проучуваме на собраниските состаноци заслужува грижлива подготовка однапред?
14 Исто така, фалба на Бог му донесуваме и кога даваме изградувачки коментари на оние точки од состаноците во кои се бара учество на присутните. За тоа е потребна подготовка. Потребно е време за да се размислува за подлабоките аспекти на Божјата реч. Апостол Павле, човек кој страсно го проучувал Писмото, го сфатил тоа. Тој напишал: „О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога!“ (Римјаните 11:33). Семејни поглавари, животоважно е да му помогнете на секој член на семејството да ја истражува Божјата мудрост која е откриена во Писмото. Одвојувајте извесно време во текот на семејната библиска студија за да ги објасните тешките точки и да му помогнете на своето семејство да се подготви за состаноците.
15. Кои предлози можат да помогнат да се коментира на состаноците?
15 Ако сакате почесто да коментирате на состаноците, зошто не се подготвите однапред за нешто што сакате да го кажете? Не мора да е нешто комплицирано. Ќе се цени соодветен библиски стих прочитан со уверливост или неколку добро избрани зборови кажани од срце. Некои објавители го замолуваат водителот на студијата за нив да го резервира првиот коментар од некој одреден пасус, за да не ја пропуштат можноста да ја изразат својата вера.
Неискусните стануваат мудри
16, 17. Каков совет му дал еден старешина на еден слуга помошник, и зошто бил делотворен?
16 На состаноците на Јеховините сведоци честопати сме потсетувани да ја читаме Божјата реч секој ден. Кога го правиме тоа, освежени сме. Исто така, тоа ни помага да донесуваме мудри одлуки, да ги исправаме недостатоците во личноста, да се спротивставуваме на искушенијата и да ја обновиме својата духовна рамнотежа ако сме презеле чекор во погрешен правец (Псалм 18:7).
17 Искусните собраниски старешини се спремни да дадат библиски совет кој е приспособен на нашите потреби. Сѐ што мораме да сториме е ‚да го исцрпиме‘ барајќи го нивниот совет темелен на Библијата (Изреки 20:5). Еден ден, еден одушевен млад слуга помошник побарал од еден старешина предлози како да стане уште покорисен за собранието. Старешината, кој добро го познавал младичот, ја отворил Библијата во 1. Тимотеј 3:3, каде се вели дека наименуваниот маж мора да биде „разумен“ (NW). Љубезно му покажал на младичот на кои начини би можел да покажува разумност во своите односи со другите. Дали младиот брат бил навреден од отворениот совет што го добил? Воопшто не! „Старешината ја употреби Библијата“, објаснил тој, „па така сфатив дека советот доаѓаше од Јехова.“ Слугата помошник благодарно го применил советот и добро напредува.
18. а) Што ѝ помогнало на една млада христијанка да се спротивстави на искушенијата во училиштето? б) На кои библиски стихови се присетуваш кога се соочуваш со искушение?
18 Исто така, Божјата реч може да им помогне на младите луѓе ‚да бегаат од желбите на младоста‘ (2. Тимотеј 2:22). Една девојка, Сведок на Јехова, која неодамна матурирала во средно училиште, можела да се спротивстави на искушенијата во текот на школските денови на тој начин што медитирала за извесни библиски стихови и ги применувала. Честопати размислувала за советот запишан во Изреки 13:21: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“. Во склад со тоа, се трудела да негува пријателства само со оние кои длабоко ги почитуваат библиските начела. Расудувала: „Јас не сум подобра од никого. Ако се сплеткам со погрешно друштво, ќе сакам да им угодам на пријателите, а тоа би можело да доведе до неволја“. Исто така, ѝ помогнал советот на Павле запишан во 2. Тимотеј 1:8 (NW). Тој напишал: „Немој да се срамиш од сведоштвото за нашиот Господ . . . туку имај свој удел во поднесувањето на злото за добрата вест“. Во склад со тој совет, таа во секоја згодна прилика смело ги споделувала со соучениците своите верувања темелени на Библијата. Секогаш кога ќе ѝ било доделено да изнесе усен извештај пред класот, избирала некоја тема која ѝ дозволувала да даде тактично сведоштво за Божјето Царство.
19. Зошто еден млад човек не можел да им се спротивстави на притисоците од овој свет, но што му дало духовна сила?
19 Ако некогаш залутаме од „патеката на правдата“, Божјата реч може да ни помогне да ги исправиме своите чекори (Изреки 4:18). Еден млад човек, кој живее во Африка, го сфатил тоа од прва рака. Кога еден Јеховин сведок го посетил, тој прифатил библиска студија. Уживал во она што го учел, но наскоро на училиште се вплеткал во лошо друштво. Со текот на времето, отпловил во неморален начин на живот. „Совеста ме измачуваше, и морав да прекинам да одам на состаноците“, признава тој. Подоцна почнал повторно да оди на состаноци. Младиот човек го дал овој коментар кој ни дава увид: „Открив дека главна причина за сево ова беше тоа што бев духовно прегладнет. Немав лична студија. Затоа не можев да му се спротивставам на искушението. Тогаш започнав да ги читам Стражарска кула и Разбудете се! Постепено ја обновив мојата духовна сила и го очистив својот живот. Тоа беше добро сведоштво за оние кои ги забележаа моите промени. Се крстив, и сега сум среќен“. Што му дало сила на овој млад човек да ги совлада своите телесни слабости? Својата духовна сила ја обновил со редовна, лична библиска студија.
20. Како може една млада личност да се спротивстави на нападите на Сатана?
20 Христијански младинци, денес вие сте изложени на напад! За да се спротивставите на нападите на Сатана, морате редовно духовно да се храните. Псалмистот, очигледно и самиот млад човек, го сфатил ова. Му благодарел на Јехова што ја дал својата Реч за да може ‚младичот да го исчисти патот свој‘ (Псалм 119:9, NW).
Каде и да нѐ води Бог, ќе го следиме
21, 22. Зошто не треба да заклучиме дека патот на вистината е премногу тежок?
21 Јехова ја водел израелската нација од Египет во Ветената земја. Рутата што ја избрал можеби изгледала непотребно напорна од човечка перспектива. Наместо да тргне по навидум полесна, подиректна рута по должината на Средоземното Море, Јехова го водел својот народ по една тешка пустинска рута. Меѓутоа, ова всушност било љубезно од страна на Бог. Иако пократка, крајбрежната рута би ги одвела Израелците низ земјата на непријателски настроените Филистејци. Со тоа што избрал друга рута, Јехова го поштедил својот народ од прерано соочување со Филистејците.
22 На сличен начин, патот по кој Јехова денес нѐ води можеби понекогаш изгледа тежок. Секоја седмица имаме исполнет распоред со христијански активности, вклучувајќи ги собраниските состаноци, личната студија и службата на теренот. Други патишта можеби изгледаат полесни. Но, само ако го следиме Божјето водство ќе стигнеме на одредиштето кое толку напорно се трудиме да го достигнеме. Затоа, да продолжиме да ја примаме животоважната поука од Јехова и да останеме на „патеката на правдата“ засекогаш! (Псалм 26:11).
Можеш ли да објасниш?
• Зошто особено е потребно редовно да присуствуваме на христијанските состаноци?
• Што можат да сторат родителите за да им помогнат на своите деца да обрнат внимание на состаноците?
• Што е вклучено во тоа да се биде добар слушател?
• Што може да ни помогне да коментираме на состаноците?
[Слика на страници 16 и 17]
Присуството на христијанските состаноци ни помага да го задржиме на ум Јеховиниот ден
[Слики на страница 18]
Постојат различни начини да го фалиме Јехова на христијанските состаноци