Дали ова е можеби најдобрата кариера за тебе?
АКО си крстен христијанин, љубовта кон Бог несомнено те поттикнува да ја вршиш неговата волја. Освен тоа, сигурно службата е твој позив. Впрочем, Исус Христос им дал налог на сите свои следбеници да прават ученици (Матеј 28:19, 20). Да, можеби сега имаш световна работа за да се издржуваш. Но, како следбеник на Исус и како Јеховин сведок, ти си пред сѐ христијански министер — оној кој во животот му дава приоритет на делото на проповедање на Царството (Матеј 24:14).
Можеби си во доцните тинејџерски или во раните 20-ти години. Можеби многу си размислувал за тоа по кој пат да појдеш во животот. Одмерувајќи ги можностите кои ти стојат на располагање, личното задоволство веројатно ќе биде важен фактор.
Тогаш, размисли што вели Јурн од Данска за изборот што го направил. Јурн го опишува како „идеален начин на живот во кој можеш да се сконцентрираш на најважното можно дело“. Ева, 31-годишна, од Грција, вели: „Споредувајќи го мојот живот со животот на моите врсници, секогаш доаѓам до заклучок дека тој е побогат, поисполнет и повозбудлив“. Која кариера донесува такво задоволство? Како можеш да водиш таков живот?
Дали Бог го покажува патот?
Избирањето кариера може да биде прилично тешко. Всушност, некои можеби сакаат Бог точно да им го покаже она што тој сака да го прават.
Кога Мојсеј бил во Мадијам, Јехова го упатил да се врати во Египет и да ги изведе Израелците од ропство (Излез 3:1-10). Божји ангел му се појавил на Гедеон, кој бил назначен да го спаси Израел од угнетување (Судии 6:11-14). Давид чувал овци кога Бог му рекол на Самоил да го помаза за следен цар на Израел (1. Самоил 16:1-13). Ние денес не сме водени на такви начини. Наместо тоа, треба да ги одмериме работите и да одлучиме како да ги употребиме способностите кои ни ги дал Бог.
За младите христијани денес, Јехова отворил „голема врата која води во активност“ (1. Коринќаните 16:9). Како? Во последнава деценија, бројот на објавители на Царството се зголеми од над 2.125.000 на повеќе од 6.000.000 по целата Земја. Кој помага да се обезбедат милионите Библии, книги, брошури, списанија и трактати потребни за духовна прехрана и за глобалното дело на проповедање на добрата вест? Оваа благословена предност ја уживаат членовите на светската бетелска фамилија.
Наградувачки живот
Бетел значи „Божји дом“, а бетелските домови се места каде што живеат христијанските доброволци кои служат во главното седиште и во канцелариите на подружниците на Watch Tower Society (Битие 28:19, фуснота NW). Денешните бетелски фамилии би можеле да се споредат со добро организирани ‚домаќинства изградени со мудрост‘ (NW) и засновани на љубов кон Јехова (Пословици 24:3).
Што може да се рече за фамилијарната атмосфера во Бетел? Еден 25-годишен член на бетелската фамилија во Естонија вели: „Уживам во чувството да бидам меѓу Јеховини пријатели цело време. Тоа сѐ уште е највредното нешто за мене во Бетел“ (Псалм 15:1, 2).
Низ целиот свет предноста на бетелската служба сега ја уживаат околу 19.500 лица (Псалм 110:3). Во Соединетите Држави, 46 проценти од оние кои се во Бетел се на возраст меѓу 19 и 29 години. Слично на Исаија тие велат: „Еве ме, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Исаија — веќе предаден на Јехова — се јавил доброволно за додатна предност на службата. Ова изгледа значело да жртвува некои лични предности. Оние кои се во бетелска служба го напуштаат својот дом и познатата средина, како и мајката, таткото, браќата, сестрите и пријателите. Овие жртви спремно ги прават „поради добрата вест“ (Марко 10:29, 30).
Од друга страна, пак, кои духовни благослови ги има во Бетел? Еден млад член на бетелската фамилија во Русија објаснува: „Со тоа што сме самопожртвувани, можеме да научиме многу работи кои ќе ни помогнат да живееме во новиот свет. Можам да кажам дека кај мене Јеховините благослови се многу поголеми од моите жртви“ (Малахија 3:10).
Животот во Бетел
Каков е животот во Бетел? Членовите на бетелската фамилија се сложуваат дека тој е здрав и задоволителен, па дури и возбудлив. Јенс, кој има 43 години, ужива во бетелската служба. Зошто? Тој вели: „Поради чувството дека имаме удел во огромниот труд со кој се извршува една важна задача. Можам да го почувствувам опсегот и големината на Јеховиното дело“.
Од понеделник до сабота, денот во Бетел започнува со утринско обожавање. Тоа е дискусија за Библијата, со која претседава еден искусен старешина. Во понеделник навечер се посветува еден час на фамилијарната студија на Библијата со помош на Стражарска кула, после што понекогаш има предавање темелено на некоја библиска тема која посебно одговара за бетелската фамилија.
Што се случува кога некој првпат ќе дојде во Бетел? За да се запознаат новите членови со бетелскиот живот, зрели браќа од фамилијата држат говори во кои се обработуваат различни фасети од бетелската служба. Неколку седмици во текот на првата година, новиот член на бетелската фамилија посетува една извонредна седмична школа наменета да го прошири неговото разбирање на Писмото. Новите уживаат и во една посебна програма на читање на Библијата. Во текот на првата година од бетелската служба, новите членови на фамилијата треба да ја прочитаат целата Библија.
Каков е ефектот од сета оваа обука? Јошуа, 33-годишен член на бетелската фамилија во Хонг Конг, одговара: „Бетел навистина го продлабочи моето ценење за Јехова. Можам да се дружам со многу искусни браќа кои поголемиот дел од својот живот го поминале служејќи му на Јехова. Особено уживам во духовните програми, како што е утринското обожавање и фамилијарната студија на Стражарска кула. Освен тоа, ми се допаѓа уредниот и едноставен начин на живот. Тоа ме ослободува од непотребна грижа. Учам и како да ги решавам работите на христијански начин, а тоа секогаш се покажува корисно“.
Членовите на бетелската фамилија го трошат поголемиот дел од своето време и напори вршејќи го она за кое доброволно се пријавиле, односно ги користат своите физички и умствени способности првенствено во грижата за задачата што им е дадена во Бетел. Треба да се завршат најразлични работи. Некои работат на печатарски преси или во книговезница, правејќи книги кои се испраќаат до многуте собранија. Други служат во кујната, трпезаријата или во пералницата. Во задачите спаѓаат чистење, земјоделство, градежна работа итн. Некои имаат одговорност да се грижат за опремата во овие оддели. Други обезбедуваат здравствена нега или работат во канцеларија. Сите бетелски работни задачи вклучуваат пријатни предизвици и се прекрасно наградувачки. Работата која се врши во Бетел причинува посебно задоволство бидејќи ги унапредува интересите на Царството и се извршува од љубов кон Бог.
Членовите на бетелската фамилија се доделени во собранијата, каде што од прва рака ги доживуваат користите од својата работа. Тие уживаат да присуствуваат на собраниските состаноци и да учествуваат во делото на проповедање. Како резултат на тоа, членовите на бетелската фамилија развиваат силни врски со своите браќа и сестри во локалните собранија (Марко 10:29, 30).
Канби, член на бетелската фамилија во Британија, вели: „Многу сум благодарна за собранието! Кога сум на состанок или во служба, мојата вера многу се зајакнува кога ги гледам драгите браќа, сестри, деца и постари! Што и да се случи, тие се таму. Тоа ми помага да бидам поревносна во мојата бетелска служба“.
Животот во Бетел не се состои само од работа, состаноци, служба на теренот и проучување. Фамилијата ужива и периоди на релаксација. Одвреме навреме има и забавни и духовно наградувачки програми „Фамилијарна вечер“, при што се даваат прилики да се ужива во талентите на многумина и да се научат охрабрувачки работи во врска со животот на другите кои служат во Бетел. Исто така, пријатни се и здравите и изградувачки друштвени посети кај другите. Може да се обезбедат некои објекти за рекреација, како и библиотеки за лично читање и истражување. А не треба се заборави ни пријатниот разговор во трпезарија за време на оброците.
Том, член на бетелската фамилија во Естонија, вели: „На само еден блок од Бетел се наоѓа морето, и во близина има прекрасна шума каде што мојата сопруга и јас уживаме да одиме на кратки прошетки. Исто така, повремено играм голф, хокеј и тенис со пријателите од собранието и од Бетел. А кога времето дозволува, одиме да се возиме со велосипеди“.
Што можеш да сториш за да се квалификуваш?
Се разбира, Бетел првенствено е место каде што зрели христијани му принесуваат света служба на Јехова и работат во корист на соверниците низ целиот свет. Оние кои стануваат членови на бетелската фамилија мора да исполнат некои квалификации. Што можеш да сториш за да се квалификуваш за бетелска служба?
Слично на Тимотеј, кој служел со апостол Павле, оние кои се прифатливи за бетелска служба мора да се на добар глас во собранието (1. Тимотеј 1:1). За Тимотеј ‚зборувале добро браќата во Листра и во Иконија‘ (Дела 16:2). Иако бил млад, Тимотеј го знаел Писмото и бил цврсто втемелен во вистината (2. Тимотеј 3:14, 15). На сличен начин, од оние кои се прифатени за бетелска служба се очекува да имаат спознание за Библијата.
Членовите на бетелската фамилија треба да имаат самопожртвуван дух. Духот на самопожртвуваност на Тимотеј и неговата спремност да ги става интересите на Царството пред сопствените биле толку очигледни што Павле за него можел да каже: „Зашто немам никој друг со настроеност како неговата, кој вистински ќе се грижи за вашите работи. Оти сите други ги бараат своите сопствени интереси, а не интересите на Христос Исус. Но вие знаете за доказот што го даде тој за себе, дека како дете со татко робуваше со мене за унапредување на добрата вест“ (Филипјаните 2:20-22).
За бетелска служба се бараат духовни мажи и жени. Подготовките што се прават за членовите на бетелската фамилија им овозможуваат да растат духовно преку проучување на Библијата, редовност на христијанските состаноци и во службата на теренот и дружење со зрели христијани. На тој начин, на оние кои се во Бетел им се помага да го следат советот на Павле: „И понатаму одете во обединетост со [Христос Исус], вкоренети и изградени во него и утврдени во верата, токму како што бевте поучени, изобилувајќи со вера во благодарењето“ (Колошаните 2:6, 7).
Поради природата на работата во Бетел, оние кои се прифатени за оваа предност на службата мора да бидат физички јаки и со добро здравје. Ако ги исполнуваш квалификациите што ги спомнавме, имаш 19 години или повеќе, и си крстен најмалку една година, те охрабруваме да размислиш за бетелската служба.
Сите ние имаме удел
Како христијани, сигурно сите ние сакаме да ги ставаме интересите на Царството на прво место во животот и со сета душа да се даваме во службата за Јехова (Матеј 6:33; Колошаните 3:23). Исто така, можеме да ги охрабриме оние кои служат во Бетел да продолжат да ја вршат светата служба таму. А особено младите браќа кои се квалификуваат за бетелска служба се поттикнати да посегнат по оваа благословена предност.
Бетелската служба е духовно задоволувачки начин на живот — живот кој навистина би можел да биде најдобрата кариера за тебе. Таква е за Ник, кој започнал да служи во Бетел на 20-годишна возраст. По десет години бетелска служба, тој вели: „Честопати му се молам на Јехова за да му благодарам за неговата незаслужена љубезност. Што друго би можел да побарам? Овде сме опкружени со верни христијани кои го прават најдоброто за да му служат на Јехова“.
[Рамка/слика на страница 22]
ШТО МОЖАТ ДА СТОРАТ СТАРЕШИНИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ?
Старешините и патувачките надгледници треба особено да ги храбрат младите луѓе да се пријават за Бетел. Неодамна, една неформална анкета меѓу помладите членови на бетелската фамилија покажа дека за да ја направат бетелската служба своја цел, 34 проценти од нив биле поттикнати првенствено од христијанските надгледници. Да, можеби тие ќе недостасуваат во своите локални собранија. Но, добро е да запомниме дека иако Тимотеј несомнено имал здраво влијание врз другите млади луѓе во Листра и Иконија, старешините не го спречувале да служи со Павле. Тие не дошле до заклучок дека тоа што Тимотеј ќе го придружува апостолот ќе има за последица преголема загуба за нивното собрание (1. Тимотеј 4:14).
Особено христијанските родители треба да настојуваат да имаат позитивно влијание врз своите деца во овој поглед. Во штотуку спомнатата анкета, 40 проценти од оние кои биле запрашани ги навеле своите родители како главен извор на охрабрување за да стапат во бетелска служба. Една сестра која служи во Бетел веќе неколку години, рекла: „Животот на моите родители во Јеховината служба беше силен поттик за мене да стапам во бетелска служба. Гледајќи го нивниот пример во полновремената служба, знаев дека ова ќе биде најдобриот и најзадоволителниот начин на живот што може да се избере“.
[Рамка на страница 24]
ТИЕ ЈА ЦЕНАТ БЕТЕЛСКАТА СЛУЖБА
„Длабоко ја ценам мојата служба во Бетел. Задоволство е да се знае дека му служам на Јехова по цел ден и дека истото ќе го правам и утре, и задутре итн. Ова ми дава добра совест и ми го исполнува умот со позитивни мисли.“
„Бетел е место каде што целото свое време и енергија можеш да ги посветиш на службата за Јехова без нешто да ти го одзема вниманието. Ова ми причинува внатрешна радост. Но, можеш да ја видиш Јеховината организација и од поинаква перспектива. Се чувствуваш многу поблизу до центарот на активност на таа организација, и тоа е многу возбудливо.“
„Доаѓањето во Бетел е најдоброто нешто што ми се случило. Овде образованието никогаш не престанува. И, овде образованието не е за мој личен успех туку за Јехова. Овде мојот труд никогаш нема да биде залуден.“
„Користењето на моите таленти во Бетел ме прави задоволна и смирена бидејќи ги користам за Јехова и за браќата.“
„Не можев да најдам вистинско задоволство и среќа во мојата поранешна кариера. Многу години сонував да работам за и со мои браќа и сестри. Затоа дојдов во Бетел. Сознанието дека сите мои напори ќе им користат на другите во духовен поглед и дека ќе му донесат фалба на Јехова, ми причинува вистинско задоволство.“