Можеш ли да се ставиш на располагање?
1 Во 778 пр.н.е. се случува еден извонреден настан. Во визија, пророкот Исаија го гледа „Господа [Јехова] како седи на висок и возвишен престол“. Потоа Исаија ги слуша серафимите како го насочуваат вниманието кон Јеховината слава, велејќи: „Свет! Свет! Свет е Господ над Воинствата!“ Колку зачудувачко мора да било тоа! Во вакви околности, Јехова поставува едно предизвикувачко прашање: „Кого да испратам? И кој ќе ја однесе нашата порака?“ Нема никакво објаснување во врска со тоа за каква задача станува збор ниту, пак, дали оној што ќе се јави доброволно ќе има некаква добивка. Сепак, без никакво колебање, Исаија одговара: „Еве ме, испрати ме мене!“ (Иса. 6:1, 3, 8).
2 Ваквиот дух на спремност да се прави сѐ што ќе побара Јехова е обележје на неговиот народ (Псал. 110:3). И сега е упатен еден посебен повик до оние што можат да се стават на располагање. Дали си подготвен да одговориш со спремен дух, сличен на духот на Исаија?
3 Постојано има потреба од браќа што ќе служат во Бетел. Ова бара од нив да имаат силна желба да ги стават интересите на Царството на прво место и да бидат спремни да прават сѐ што ќе се бара за да се поддржи проповедничкото дело во целиот свет (Мат. 6:33). Всушност, да се служи како член на бетелската фамилија е уникатна прилика да му се служи на Јехова со сета душа. Како тоа?
4 Работата што се извршува во Бетел: Помисли на сѐ што се извршува во Бетел. Браќата и сестрите што ја сочинуваат бетелската фамилија имаат предност да бидат тесно вклучени во поддржувањето на класата на верниот и разборит роб и нејзиното Водечко тело во обезбедувањето библиска литература што ќе се користи на теренот и за лична студија (Мат. 24:45). На пример, размисли за обемот на делото што го извршува најголемата бетелска фамилија во светот — бетелската фамилија во Соединетите Држави. Во текот на минатата службена година беа произведени и испорачани 24.364.670 книги, 39.813.464 брошури и џебни брошури, 270.528.000 списанија и 1.271.041 аудиокасети како резултат на здружените напори на бетелската фамилија во Соединетите Држави. Се вложуваат огромни напори за да се истражат и изберат ‚прикладни зборови да се изрази направо вистината‘ во овие публикации (Проп. 12:9, 10). Исто така, се обезбедуваат упатства за повеќе од 1.900 преведувачи во целиот свет што помагаат да се произведе литература на повеќе од 300 јазици. Се вложуваат големи напори за да се координира работата што се извршува во 111 подружници во целиот свет, вклучувајќи ги и преку 11.500-те собранија во Соединетите Држави. Им се помага и на подружниците што се вклучени во проектирањето и изградбата на нови бетелски домови и Сали на Царството и на оние 15.248 Сали на Царството што се моментално потребни во земјите со ограничени средства. Се бараат стотици спремни доброволци да се грижат за печатење и испорачување литература, чистење, одржување, подготовка на храна, купување, обезбедување здравствена нега и многу други работи во Бетел. Иако во нашиот Бетел во Македонија не се извршува толку обемна работа, сепак се вложуваат слични напори да се преведат разни материјали и да бидат згрижени многу други духовни потреби на собранијата во оваа земја.
5 Извршувањето на сета таа работа претставува огромна, но сепак духовно задоволувачка задача. Тоа што знаеме дека сета наша сила и енергија се користи за да се поддржи активноста на проповедање и поучување ни носи огромна радост. Бетелската служба ни помага подетално да ја запознаеме Јеховината организација. Потсетени сме дека псалмистот ги охрабрил Израелците поблиску да го запознаат земниот центар на теократското управување во нивно време (Псал. 48:12, 13).
6 Благослови од бетелската служба: Што мислат за своите предности во службата оние што служат во Бетел? Забележи ги следниве коментари што ги дале и помлади и постари членови на бетелската фамилија. Еден член на бетелската фамилија што служи во Бетел три години, коментира: „Тоа што сум во Бетел го зајакна мојот однос со Јехова. Колку подолго служам овде и колку повеќе учам за тоа како функционира Бетелот, толку повеќе учам за Јеховината личност. Исто така, бетелската служба ми ги отвори очите за да видам дека Јехова користи луѓе — и тоа секакви луѓе. И не мора да бидеш совршен за да му бидеш прифатлив“.
7 Еден млад брат раскажува: „Се сеќавам дека си помислив: ‚Колку ли ќе биде убаво кога во новиот свет ќе им кажам на верните луѓе од минатото дека сум служел во Бетел, а не надвор за да заработам пари‘“.
8 Еден млад брат размислува за обуката што ја добил: „За мене беше голем благослов тоа што се запознав себеси и научив на што треба да работам, а потоа ги развивав тие особини. Чувствувам дека сега сум поспособен да му служам на Јехова. Увидувам дека сум малку пострплив, имам малку повеќе самосовладување и можам да покажувам повеќе љубов“.
9 Една сестра размислува за своите досегашни благослови: „Од духовната програма што ја имаме овде научив многу повеќе за Јехова и за тоа како можам подобро да го имитирам во мислите, чувствата и постапките. И бидејќи постојано добивам обука, таквиот благослов е постојан“.
10 Еден брат што посветил вкупно 59 години во полновремената служба, а повеќе од 43 од нив во Бетел, изјавил: „Бетелот не е како манастир, како што мислат некои. Ние постигнуваме многу затоа што во животот имаме рутина . . . Не поминува ниту еден ден а да не дојдам на работа и да не уживам во она што го правам. Зошто? Затоа што, кога му се даваме на Јехова со цело срце, чувствуваме задоволство од сознанието дека сме ‚го направиле она што сме биле должни да го направиме‘“ (Лука 17:10).
11 Еден друг брат, кој служи во Бетел 62 години, рекол: „Цврсто верувам дека Бетел е најдоброто место на Земјата додека сѐ уште не настапил земниот Рај. Никогаш, ниту еден момент не зажалив што полновремената служба ја направив моја животна кариера. Колкава само беше радоста што бев сведок и имав учество во големиот пораст на Јеховината земна организација! Одлучен сум, со Јеховина помош, Бетел и понатаму да биде мој дом и со сета душа да се посветам на унапредувањето на интересите на Царството“.
12 Овие членови на бетелската фамилија спомнаа само неколку од многуте благослови што можеш да ги уживаш ако се ставиш на располагање за служба во Бетел. Но, како што е случај со добивањето на која и да е предност во службата, прво мора да ги исполниш квалификациите. Кои се некои барања за да се служи како член на бетелската фамилија?
13 Барања за бетелска служба: Основните барања за оние што поднесуваат молба за бетелска служба се дадени во придружната рамка. Освен тоа, важно е тие да бидат спремни трудољубиво да работат, да не бидат „љубители на уживања“ (2. Тим. 3:4; 1. Кор. 13:11). Членовите на бетелската фамилија треба да бидат духовни мажи и жени што развиле добри навики на лична студија и ја извежбале својата моќ за согледување да ‚разликуваат исправно и неисправно‘ (Евр. 5:14). Нивната христијанска зрелост треба веќе да се гледа на сите подрачја од животот, вклучувајќи го и нивното облекување, дотерување и избор на музика и забава. Членовите на бетелската фамилија што покажуваат спремност, служат секаде каде што има потреба. Помладите членови обично добиваат задачи за кои е потребна физичка работа, вклучувајќи подготвување и испорачување литература, одржување, грижа за домаќинството, чистење, перење и пеглање и подготовка на храна (Посл. 20:29). Меѓутоа, за разлика од световното вработување, секоја задача носи големо задоволство затоа што тоа е света служба што го прославува Јехова (Кол. 3:23).
14 Оние што се повикани за бетелска служба можат да останат најмалку една година. Ова им овозможува да бидат обучени да станат продуктивни работници. Се полага надеж дека тие ќе можат да го направат Бетел свој дом. Љубовта кон Јехова е таа што ги поттикнува членовите на бетелската фамилија да го стават делото за Царството пред личните интереси, а тоа му е угодно на Јехова (Мат. 16:24).
15 Моментални потреби: Заради природата на работата што се извршува во Бетел, моментално има потреба од неженети браќа. Иако тоа не е барање, приоритет им се дава на оние што се општи пионери, бидејќи тие веќе се во полновременото дело. Понекогаш можеби ќе има потреба и од немажени сестри и брачни двојки на возраст од 19 до 35 години, кои имаат извесни вештини што се потребни во Бетел. Освен тоа, некои браќа и сестри што се малку постари од 35 години и имаат посебни вештини или обука што би можеле да се користат во Бетел, охрабрени се да поднесат молба. На пример, тоа може да бидат заболекари, лекари, сметководители со дозвола за работа, архитекти, инженери, регистрирани медицински сестри, автомеханичари или електротехничари, да спомнеме само некои. Меѓутоа, не охрабруваме поединци да стекнат посебно образование или обука мислејќи дека со тоа ќе имаат поголеми шанси да бидат повикани во Бетел. Оние што веќе имаат некое посебно школување, можеби пред да дојдат во вистината, ако сакаат можат да напишат детални податоци што ќе ги приложат заедно со молбата за Бетел.
16 Ако поднесеш молба но не си повикан да служиш во Бетел, не обесхрабрувај се. Можеш да ја обновуваш молбата еднаш годишно. Некои браќа со посебно образование и вештини што можеби ќе бидат потребни во Бетел се ставиле на располагање за привремена доброволна служба. Можат да поднесат молба привремено да служат во Бетел една, две, три или четири седмици до три месеци.
17 Да му се служи на Јехова во блиска поврзаност со Христовите браќа е уникатна предност за оние што работат во Бетел. Водечкото тело го цени самопожртвуваниот дух на сите оние што се ставаат на располагање да служат за потребите на нашето светско братство (Фил. 2:20—22; 2. Тим. 4:11).
18 Млади — подгответе се сега за бетелска служба: Подготовката за бетелска служба започнува долго пред да се исполни барањето за возраст од најмалку 19-години. Што можат да сторат младите за да се подготват за бетелска служба? Исус рекол: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има доволно за да ја доврши?“ (Лука 14:28). Бидејќи подготовката и планирањето се неопходни за успехот на секој градежен проект, колку е важно младите да обрнат грижливо внимание на тоа како градат за нивната иднина во Јеховината служба! Мора да се постави цврст темел рано во животот за да постигнат духовни цели. Како млад, колку добро го положуваш својот темел? Ако сакаш да служиш во Бетел, ќе биде добро да размислиш за следново.
19 „Направи место“ за оваа посебна предност на службата: Како што е запишано во Матеј 19:12, Исус ги охрабрил своите ученици ‚да направат место‘ за самештво. Зошто? Не од лични причини туку „поради царството на небесата“. И Павле охрабрил на „постојана спремност за служење на Господ со неподелено внимание“ (1. Кор. 7:32—35). За жал, многумина ја пропуштаат предноста да служат во Бетел како самци затоа што стапиле во брак на рана возраст. Сакаме да ги охрабриме нашите помлади браќа да ја користат својата енергија во полновремената служба додека сѐ уште немаат семејни одговорности. Потоа, ако по извесно време одлучат да се оженат, ќе бидат многу подобри сопрузи затоа што стекнале поголемо искуство во животот и во христијанската служба. Откако служеле повеќе години во Бетел, некои се ожениле и биле во можност да продолжат да служат таму како брачна двојка. Ако подоцна имаат други предности, како што е патувачкото дело или мисионерската служба, сигурно не го жалат времето што го одвоиле за да направат место за бетелска служба.
20 Нека не ти го одвлечат вниманието материјалните стремежи: Ќе биде добро секој млад човек да се запраша: ‚Дали мојата цел по завршувањето на средното училиште е да имам полновремена световна кариера или, пак, да му служам на Јехова полновремено?‘ Точно, второво ќе бара жртви. Но, истото е случај и со стремежот по световна кариера! На крајот, кој правец ќе има долгорочни и корисни резултати? Исус дал јасен одговор. Според Матеј 6:19—21, тој рекол: „Престанете да си собирате блага на земјата, каде што молецот и ’рѓата ги нагризуваат, и каде што крадци провалуваат и крадат. Напротив, собирајте си блага на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа ги нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат. Зашто, каде ти е благото таму ќе ти биде и срцето“. Нашето срце никогаш нека не нѐ наведе да се стремиме кон световна кариера или материјални работи наместо кон служба за Јехова со сета душа. Сите мора да сфатиме дека единственото благо кон кое вреди да се стремиме е добриот однос со Јехова, за да го радуваме неговото срце (Посл. 27:11). Ставајќи го Јехова на прво место во животот додека сме млади, покажуваме какви се нашите морални принципи и колку ни е важно Царството. Запомни, „Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“ (Посл. 10:22). Младите имаат одлична прилика да покажат каде се нивните срца возвраќајќи му со нешто добро на Јехова за сѐ што тој им дал ним. Бетелската служба им дава таква прекрасна прилика на оние што ги задоволуваат квалификациите.
21 Оние што служат во Бетел, мора да бидат морално чисти: Псалмистот запрашал: „Како ќе го запази младиот човек чист својот пат?“ Тој одговорил: „Чувајќи ги [Јеховините] зборови“ (Псал. 119:9). Тоа би вклучувало избегнување на сѐ што има врска со моралната расипаност на Сатановиот систем на работи. Порнографија на Интернет, несоодветно однесување кон спротивниот пол, понижувачка музика, деградирачка забава и користење алкохол од страна на малолетници се само некои од замките што ги користи Сатана за да ги спречи нашите млади да ги постигнат духовните цели. Потребна е цврста одлучност за да им се одолее на овие тактики. Како млада личност, ако увидиш дека си се вплеткал во некоја од овие работи, разговарај со старешините во твоето собрание и реши ги овие прашања пред да поднесеш молба за бетелска служба. За целосно да му служиш на Јехова, неопходно е да имаш чиста совест (1. Тим. 1:5).
22 Научи да се сложуваш со другите: Едно важно барање за успешна бетелска служба е да научиш да се сложуваш со другите. Бетелската фамилија се состои од браќа и сестри од сите животни слоеви. Иако оваа разноликост на личности ја зголемува убавината на Бетел, понекогаш може да биде и предизвик. Ако размислуваш за бетелска служба, ќе биде добро да се запрашаш: ‚Дали лесно се навредувам кога другите не го делат моето мислење? Дали другите сметаат дека е лесно да се сложат со мене?‘ Ако треба да се подобриш на овие подрачја, веднаш почни да работиш на тоа. Ова ќе ти помогне полесно да се приспособиш на животот и работата со членовите на бетелската фамилија.
23 Трудољубиво работи на тоа да бидеш духовна личност негувајќи близок однос со Јехова. Направи си добра програма на лична студија, што ќе вклучува и секојдневно читање на Библијата. Биди активен во пренесувањето на добрата вест на другите. Ако ги применуваш овие работи, твојот духовен напредок ќе биде видлив (1. Тим. 4:15). Колку само прекрасни изгледи ги очекуваат оние што сега се подготвуваат за кариера на полновремена служба!
24 Родители, обучувајте ги своите деца: Што можат да направат родителите за да ги охрабрат младите да се стремат кон полновремена служба? Исус рекол: „Секој кој е совршено поучен, ќе биде како својот учител“ (Лука 6:40). Темелно поучениот ученик не може а да не ги покажува убавите особини на својот оддаден учител. Ова начело треба да им даде на христијанските родители материјал за размислување додека настојуваат да ги воспитаат своите деца „во побожна оддаденост како [нивна] цел“ (1. Тим. 4:7). Бидејќи децата се склони да го одразуваат ставот кон духовните работи што го имаат нивните родители, ќе биде добро ако родителите се запрашаат: ‚Дали ние лично ја цениме работата што се извршува во Бетел за унапредување на интересите на Јеховиното вистинско обожавање? Дали ги гледаме Јеховините благослови врз бетелското уредување? Дали веруваме дека животот во Јеховината служба е најдобриот избор на кариера што можат да го направат нашите деца?‘ Нашето лично ценење од сѐ срце на бетелската служба и работата што се извршува таму ќе ни помогнат да всадиме слично ценење и кај децата.
25 Елкана и Ана длабоко го ценеле вистинското обожавање. Тие дале истакнат пример за христијанските родители денес. Во древниот Израел, само од израелските мажи се барало „да стапат пред Господа“ три пати во годината во шаторот. Меѓутоа, „секоја година“ Елкана патувал околу 30 километри, најверојатно пешки, заедно со целото свое семејство за да принесе жртва во овој центар на Јеховиното обожавање (Изл. 23:17; 1. Сам. 1:3, 4, 9, 19; 2:19). Очигледно е дека овој семеен поглавар сакал целото негово семејство да покажува иста грижа за духовните работи како што покажувал и тој.
26 Ана покажувала подеднаков интерес за вистинското обожавање како својот сопруг. Длабоко ја чувствувала својата обврска да придонесе за поддршката на вистинското обожавање во шаторот. Ана се заколнала дека, ако Јехова ѝ даде син, ќе го стави на располагање за служба во шаторот (1. Сам. 1:11). Мојсеевиот закон допуштал сопругот да има право да го поништи несоодветниот завет на својата сопруга (Бро. 30:6—8). Меѓутоа, Елкана очигледно го поддржувал заветот на Ана, покажувајќи дека и тој го поддржува таквиот израз на вистинско обожавање (1. Сам. 1:22, 23).
27 Дали врз нивниот син Самуел позитивно влијаеле ценењето и добриот дух што го покажале неговите родители? Да, и тоа како. Како мало дете, Самуел спремно и верно се грижел за доделените задачи и бил обучен за натамошни ценети предности во Божјата служба. Интересот што го покажале Елкана и Ана за службата што ја извршувал Самуел во шаторот не престанал откако тој почнал да ги извршува своите должности таму. Тие продолжиле редовно да го посетуваат за да го охрабруваат и да го поддржуваат додека ја извршувал полновремената служба (1. Сам. 2:18, 19).
28 Колку извонреден пример дале Елкана и Ана за христијанските родители денес! Кога нашите деца ги слушаат нашите искрени изрази на ценење за бетелската служба и го гледаат духот на самопожртвуваност што го покажуваме во унапредувањето на интересите за Царството, и во нивното срце ќе се развие склоност да им служат на другите. Многу родители успешно ја всадуваат оваа корисна склоност во своите деца. Едно седумгодишно девојченце напишало: „Кога ќе пораснам, сакам да бидам во Бетел и таму би сакала да правам неколку работи. 1) Да ги чукам на машина списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, 2) да работам во уметничкиот оддел и 3) да ги диплам алиштата. Која и да е од овие работи. Не е важно“. Колку е трогателно да се види дека таков спремен дух се развива во срцето на нашите деца!
29 Млади, не заборавајте дека „светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јов. 2:17). Продолжете да се стремите кон духовни цели, вклучувајќи ја и посебната предност да служите во Бетел. Родители, имитирајте го примерот на верните од минатото што ги охрабриле своите деца да негуваат побожна оддаденост (2. Пет. 3:11). И сите ние да го направиме нашиот дел за да им помагаме на нашите млади браќа и сестри да му служат на нашиот Голем Творец во најголема можна мера, бидејќи тоа „има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ (1. Тим. 4:8; Проп. 12:1).
[Истакната мисла на страница 4]
Основни барања за бетелска служба
● Крстен најмалку една година
● Духовна личност со длабока љубов кон Јехова и неговата организација
● Со добро духовно, ментално, емоционално и физичко здравје
● Државјанин или жител со постојан престој во Македонија
● Да знае добро да чита, пишува и зборува македонски
● На возраст од 19—35 години