‚Имајте љубов меѓу себе‘
„По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (ЈОВАН 13:35).
1. Која особина ја нагласил Исус кратко пред својата смрт?
„ДЕЧИЊА“ (Јован 13:33). Со овој нежен израз, Исус им се обратил на своите апостоли вечерта пред својата смрт. Немаме запис во извештаите на евангелијата дека некогаш пред тоа Исус го употребил овој сочувствителен израз додека им зборувал. Меѓутоа, таа посебна ноќ бил поттикнат да им се обрати со ваква наклоност за да ја изрази длабоката љубов што ја чувствувал кон своите следбеници. Всушност, Исус ја спомнал љубовта околу 30 пати таа ноќ. Зошто ја нагласил толку многу оваа особина?
2. Зошто е толку важно христијаните да покажуваат љубов?
2 Исус објаснил зошто љубовта е толку важна. „По тоа“, рекол тој, „сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35; 15:12, 17). Да се биде следбеник на Христос оди рака под рака со покажувањето братска љубов. Вистинските христијани не се препознаваат по некој посебен начин на облекување или по некои несекојдневни обичаи, туку по топлата и нежна љубов што ја покажуваат еден кон друг. Да се поседува овој извонреден вид љубов е второто од трите главни работи што се бараат од еден ученик на Христос, како што спомнавме во почетокот на претходната статија. Што ќе ни помогне и понатаму да го исполнуваме ова барање?
„Да го правите тоа во попотполна мера“
3. Која опомена во врска со љубовта ја дал апостол Павле?
3 Како што било случај со Христовите следбеници во првиот век, оваа извонредна љубов може да се види и денес меѓу Христовите вистински ученици. На христијаните во првиот век, апостол Павле им напишал: „Што се однесува до братската љубов, нема потреба да ви пишуваме зашто и самите сте поучени од Бог да се љубите еден со друг; а, всушност, вие и го правите тоа спрема сите браќа“. Па сепак, Павле додал: ‚Продолжете да го правите тоа во попотполна мера‘ (1. Солуњаните 3:12; 4:9, 10). И ние треба да ја земеме при срце опомената на Павле и да настојуваме да покажуваме љубов еден кон друг „во попотполна мера“.
4. Според Павле и Исус, кон кого треба да покажеме посебен обѕир?
4 Во истото инспирирано писмо, Павле ги охрабрил своите соверници да ‚им зборуваат утешно на депримираните души‘ и да ‚ги поддржуваат слабите‘ (1. Солуњаните 5:14). Во една друга прилика, тој ги потсетил христијаните дека оние ‚кои се силни се должни да ги носат слабостите на оние кои не се силни‘ (Римјаните 15:1). И Исус дал поуки во врска со помагањето на оние што се слаби. Откако претскажал дека Петар ќе го напушти ноќта кога Исус ќе бил уапсен, тој му рекол на Петар: „Штом ќе се вратиш, зајакни ги своите браќа“. Зошто? Затоа што и тие ќе го напуштеле Исус и од таа причина ќе им била потребна помош (Лука 22:32; Јован 21:15—17). Затоа, Божјата реч ни дава упатство да покажеме љубов кон оние што се духовно слаби и што можеби изгубиле контакт со христијанското собрание (Евреите 12:12). Зошто да го правиме тоа? Две живописни илустрации што ги кажал Исус ни го даваат одговорот.
Изгубена овца и изгубена паричка
5, 6. а) Кои две кратки илустрации ги кажал Исус? б) Што откриваат овие илустрации за Јехова?
5 За да ги поучи своите слушатели за Јеховиното гледиште за оние што залутале, Исус кажал две кратки илустрации. Во едната се работело за еден пастир. Исус рекол: „Кој од вас, ако има сто овци, кога ќе загуби една од нив, не ќе ги остави тие деведесет и девет во пустелија и не ќе оди по загубената додека не ја најде? И кога ќе ја најде, ја става на раменици и се радува. А кога стигнува дома ги свикува пријателите и соседите, велејќи им: ‚Радувајте се со мене бидејќи ја најдов својата овца која беше загубена‘. Ви велам дека така на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој се кае отколку поради деведесет и девет праведници кои немаат потреба од каење“ (Лука 15:4—7).
6 Во втората илустрација се работи за една жена. Исус рекол: „Која жена, ако има десет драхми па загуби една драхма, нема да запали светилка и нема да ја измете куќата и внимателно да бара додека не ја најде? И кога ќе ја најде, таа ги свикува своите пријателки и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене бидејќи ја најдов драхмата што ја загубив‘. На тој начин, ви велам, меѓу Божјите ангели станува радост поради еден грешник кој се кае“ (Лука 15:8—10).
7. Кои две поуки ги содржат за нас илустрациите за загубената овца и за загубената паричка?
7 Што можеме да научиме од овие кратки илустрации? Тие ни покажуваат 1) што треба да чувствуваме за оние што ослабнале и 2) што треба да направиме за да им помогнеме. Да ги разгледаме овие точки.
Загубени но скапоцени
8. а) Како реагирале на својата загуба пастирот и жената? б) Што ни кажува нивната реакција за тоа како гледале на загубениот посед?
8 Во двете илустрации нешто било загубено, но забележи како реагирале сопствениците. Пастирот не рекол: ‚Што е една овца кога имам уште 99? Можам и без неа‘. Жената не рекла: ‚Зошто да се грижам за таа една паричка? Задоволна сум со деветте што сѐ уште ги имам‘. Наместо тоа, пастирот ја барал својата загубена овца како да била единствената што ја имал. А жената ја чувствувала загубата на својата паричка исто како да немала други парички. Во двата случаи загубениот предмет останал скапоцен во мислите на сопственикот. Што илустрира ова?
9. Што е илустрирано со загриженоста што ја покажале пастирот и жената?
9 Забележи го Исусовиот заклучок во двата случаи: „Така на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој се кае“ и „на тој начин, ви велам, меѓу Божјите ангели станува радост поради еден грешник кој се кае“. Значи, загриженоста на пастирот и на жената ги одразува во мали размери чувствата на Јехова и на неговите небесни суштества. Исто како што загубеното останало скапоцено во очите на пастирот и на жената, така и оние што отпловиле и изгубиле контакт со Божјиот народ остануваат скапоцени во Јеховини очи (Еремија 31:3). Таквите поединци можеби се духовно слаби, но сепак, не мора да значи дека се и бунтовни. И покрај тоа што се ослабнати, до некој степен можеби сѐ уште се држат за Јеховините барања (Псалм 119:176; Дела 15:29). Значи, како што било во минатото, Јехова не ги ‚отфрлува далеку од Своето лице‘ толку брзо (2. Цареви 13:23).
10, 11. а) Како сакаме да гледаме на оние што отпловиле од собранието? б) Според двете Исусови илустрации, како можеме да ја покажеме нашата грижа за нив?
10 Исто како Јехова и Исус, и ние сме длабоко загрижени за оние што се слаби и што ги нема во христијанското собрание (Езекиел 34:16; Лука 19:10). На духовно слабиот поединец гледаме како на изгубена овца — а не како на изгубен случај. Не резонираме: ‚Зошто да се грижам за некој слаб? На собранието му е сосема добро и без него‘. Наместо тоа, исто како Јехова, на оние што отпловиле но сакаат да се вратат гледаме како на скапоцени.
11 Но, како можеме да ги изразиме нашите чувства на загриженост? Двете илустрации на Исус покажуваат дека можеме да го правиме ова 1) со тоа што преземаме иницијатива, 2) со тоа што сме нежни и 3) со тоа што сме искрени. Да ги разгледаме еден по еден овие аспекти.
Преземи иницијатива
12. Што ни кажуваат зборовите „оди по загубената“ за ставот на пастирот?
12 Во првата од двете илустрации, Исус вели дека пастирот ќе „оди по загубената“. Пастирот презема иницијатива и вложува смисловен напор да ја пронајде загубената овца. Тешкотиите, опасноста и далечината не го одвраќаат. Напротив, пастирот е упорен сѐ „додека не ја најде“ (Лука 15:4).
13. Како реагирале верните луѓе од старо време на потребите на слабите, и како можеме да ги имитираме таквите примери од Библијата?
13 На сличен начин, за да му се помогне на некое лице на кое му треба охрабрување, честопати се бара појакиот да преземе иницијатива. Верните луѓе од старо време го сфатиле ова. На пример, кога Јонатан, синот на цар Саул, забележал дека на неговиот близок пријател Давид му е потребно охрабрување, Јонатан ‚тргнал на пат и дошол кај Давида во Дубравата, и го охрабрил во Божјо име‘ (1. Самоил 23:15, 16). По неколку векови, кога управителот Неемија видел дека некои негови еврејски браќа ослабнале, веднаш ‚станал‘ и ги охрабрил ‚да мислат на Господа‘ (Неемија 4:14). И ние денес ќе сакаме да ‚станеме‘ — да преземеме иницијатива — да ги зајакнеме оние што се слаби. Но, кој од собранието треба да го прави тоа?
14. Кој во христијанското собрание треба да им помага на оние што се слаби?
14 Особено христијанските старешини имаат одговорност да ‚ги закрепнат изнемоштените раце и да ги зацврстат ослабените колена‘ и ‚да им речат на исплашените срца: „Бидете силни, не бојте се“‘ (Исаија 35:3, 4; 1. Петрово 5:1, 2). Меѓутоа, забележи дека Павловата опомена ‚да им се зборува утешно на депримираните души‘ и ‚да се поддржуваат слабите‘ не им била дадена само на старешините. Наместо тоа, Павловите зборови му биле упатени на целото ‚собрание на солуњаните‘ (1. Солуњаните 1:1; 5:14). Значи, сите христијани имаат задача да им помагаат на оние што се слаби. Исто како пастирот во илустрацијата, секој христијанин треба да биде поттикнат да „оди по загубената“. Се разбира, ова најделотворно се прави во соработка со старешините. Можеш ли да направиш некои чекори за да му помогнеш на некој слаб од твоето собрание?
Биди нежен
15. Зошто можеби пастирот постапил како што беше опишано?
15 Што прави пастирот кога конечно ќе ја најде загубената овца? „Ја става на раменици“ (Лука 15:5). Колку само трогателен детаљ што ни открива многу! Овцата можеби талкала со денови и ноќи низ непознат предел, можеби дури и била изложена на опасност од лавови што се прикрадуваат (Јов 38:39, 40). Несомнено, овцата е ослабната бидејќи немала доволно храна. Едноставно е премногу слаба за да ги совлада со сопствена сила препреките на кои ќе наиде кога ќе се враќа во трлото. Затоа, пастирот се наведнува, нежно ја крева овцата и ја носи низ сите препреки назад во трлото. Како можеме да ја одразуваме грижата што ја покажал овој пастир?
16. Зошто треба да ја одразуваме нежноста што ја покажал пастирот кон залутаната овца?
16 Лицето што изгубило контакт со собранието можеби е исцрпено во духовен поглед. Исто како овцата што е одвоена од пастирот, таквиот поединец можеби бесцелно талкал низ непријателската територија на овој свет. Без заштитата што ја дава трлото, христијанското собрание, повеќе од кога и да е порано тој е изложен на нападите на Ѓаволот, кој „оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Освен тоа, тој е ослабнат од недоволно духовна храна. Значи, кога е сам, веројатно е премногу слаб за да ги совлада препреките на кои ќе наиде додека се враќа во собранието. Затоа, треба да се наведнеме, така да се каже, нежно да го подигнеме слабиот и да го вратиме назад (Галатите 6:2). Како можеме да го направиме тоа?
17. Како можеме да го имитираме апостол Павле кога посетуваме некого што е слаб?
17 Апостол Павле рекол: „Ако некој е слаб, зарем јас не ја делам неговата слабост?“ (2. Коринќаните 11:29, The New English Bible; 1. Коринќаните 9:22). Павле имал сочувство кон луѓето, вклучувајќи ги и слабите. Сакаме да покажеме слично сочувство кон оние што се слаби. Кога посетуваш некој духовно слаб христијанин, увери го дека тој е скапоцен во Јеховини очи и дека многу им недостига на другите Сведоци (1. Солуњаните 2:17). Кажи му дека тие се спремни да му дадат поддршка и дека сакаат да бидат за него како ‚брат во неволја‘ (Пословици 17:17; Псалм 34:18). Нашите искрени изрази можат нежно и постепено да го подигнат до таа мера што ќе може да се врати во стадото. Што треба да сториме потоа? Илустрацијата за жената и загубената паричка ни дава водство.
Биди искрен
18. а) Зошто жената од илустрацијата не се чувствувала безнадежно? б) Каков искрен напор вложила жената, и со каков резултат?
18 Жената што ја губи паричката знае дека ситуацијата е тешка, но не и безнадежна. Да паднела паричката во некое големо поле со грмушки или во некое длабоко, калливо езеро, веројатно ќе кренела раце од неа како да е нешто загубено засекогаш. Меѓутоа, знаејќи дека паричката мора да е некаде во куќата, на дофат, таа започнува темелна и искрена потрага (Лука 15:8). Прво, пали светилка за да ја осветли својата темна куќа. Потоа го мете подот со метлата, надевајќи се дека ќе чуе ѕвонлив звук. На крајот, внимателно го пребарува секое катче и пукнатина сѐ додека ламбата не фрли зрак светлина врз една сребрена паричка. Искрените напори на жената се наградени!
19. Кои лекции за помагање на слабите можеме да ги научиме од постапките на жената во илустрацијата за загубената паричка?
19 Како што нѐ потсетува овој детаљ од илустрацијата, библиската обврска да му помогнеме на некој слаб христијанин не е вон нашите способности. Во исто време, сфаќаме дека е потребен напор. Всушност, апостол Павле им рекол на старешините во Ефес: „Така трудејќи се морате да им помагате на оние кои се слаби“ (Дела 20:35а). Сети се дека жената не ја наоѓа паричката барајќи низ својата куќа лежерно, овде-–онде, ниту случајно, одвреме навреме. Не, таа успева затоа што систематски бара „додека не ја најде“. Слично на тоа, кога настојуваме повторно да придобиеме некого што е духовно слаб, нашиот пристап треба да биде искрен и смисловен. Што можеме да сториме?
20. Што може да се направи за да им се помогне на слабите?
20 Како можеме да му помогнеме на некој слаб да изгради вера и ценење? Лична библиска студија со некоја соодветна христијанска публикација можеби е токму она што е потребно. Всушност, водењето библиска студија со некој слаб поединец ни овозможува да му помогнеме на еден доследен и темелен начин. Веројатно надгледникот за служба ќе може најдобро да одреди кој би можел да ја даде потребната помош. Може да предложи кои теми би можеле да се проучуваат и која публикација ќе биде најкорисна. Исто како што жената од илустрацијата употребува корисни помагала за да ја изврши својата работа, така и денес имаме помагала за да ја извршиме нашата одговорност што ни ја дал Бог да им помогнеме на оние што се слаби. Две од нашите нови помагала, односно публикации, ќе бидат особено корисни во овој потфат. Тоа се книгите Обожавај го единствениот вистински Бог и Приближи му се на Јехова.a
21. На кој начин помагањето на оние што се слаби им носи благослови на сите?
21 Помагањето на оние што се слаби им носи благослови на сите. Оној на кого му е помогнато е среќен затоа што е повторно обединет со вистински пријатели. Ја искусуваме длабоката радост што може да дојде само од давањето (Лука 15:6, 9; Дела 20:35б). Собранието како целина станува сѐ посрдечно додека секој член покажува љубезен интерес за другите. Над сѐ, им се оддава чест на нашите грижливи Пастири, Јехова и Исус, бидејќи нивната желба да ги поддржат слабите може да се види во нивните слуги на земјата (Псалм 72:12—14; Матеј 11:28—30; 1. Коринќаните 11:1; Ефешаните 5:1). Затоа, колку само добри причини имаме да продолжиме ‚да имаме љубов меѓу себе‘!
[Фуснота]
a Издадени од Јеховините сведоци.
Можеш ли да објасниш?
• Зошто е неопходно секој од нас да покажува љубов?
• Зошто треба да покажеме љубов кон оние што се слаби?
• Кои поуки ни ги даваат илустрациите за загубената овца и за загубената паричка?
• Кои практични чекори можеме да ги направиме за да помогнеме некому што е слаб?
[Слики на страници 16 и 17]
Додека им помагаме на слабите, покажуваме иницијатива, нежни сме и искрени
[Слика на страници 16 и 17]
Помагањето на оние што се слаби им носи благослови на сите