Животна приказна
Испитан во вжарена печка од неволји
РАСКАЖАЛ ПЕРИКЛЕ ЈАНУРИС
Во влажната, мувлосана ќелија студот ми влегуваше во коските. Додека седев таму сам, покриен само со едно тенко ќебе, сѐ уште можев да го видам ладниот изглед на лицето на жена ми кога два дена пред тоа милицајците ме извлекоа од дома, оставајќи ја со нашите две болни бебиња. Подоцна, жена ми, која не ги делеше моите верувања, ми испрати еден пакет и писменце во кое велеше: „Ти ги испраќам овие колачиња, и се надевам дека и ти ќе се разболиш исто како и твоите деца“. Ќе се вратам ли некогаш жив да си го видам семејството?
ТОА беше само една епизода од долгата и напорна борба за христијанската вера, борба што вклучуваше противење од семејството, отфрлање од општеството, законски битки и жестоко прогонство. Но, како и зошто стигнав јас, мирен и богобојазлив човек, во едно такво бедно место? Ве молам, дозволете ми да ви објаснам.
Сиромашно момче со возвишен сон
Кога сум се родил, во 1909 во Ставромено (Крит), земјата се соочувала со војна, сиромаштија и глад. Подоцна, моите четири помали браќа и сестри и јас одвај го избегнавме силниот напад на шпанскиот грип. Се сеќавам дека во тоа време родителите со недели нѐ држеа затворени во куќата за да не нѐ фати грипот.
Татко ми, сиромашен земјоделец, беше многу религиозен човек, но со широки погледи. Бидејќи живеел во Франција и на Мадагаскар, бил изложен на напредни идеи во врска со религијата. Сепак, нашето семејство ѝ остана лојално на Грчката православна црква, одејќи на богослужба секоја недела и нудејќи му на локалниот владика да престојува во нашиот дом за време на годишната посета. Јас пеев во црковниот хор, и животен сон ми беше да станам свештеник.
Во 1929, стапив во редовите на полицијата. Бев на должност во Солун, во северна Грција, кога татко ми почина. Додека барав утеха и духовно просветлување, добив преместување во редовите на полицијата на планината Атос, манастирска заедница во близина што православните христијани длабоко ја почитуваат како „света гора“.a Таму служев четири години и внимателно го набљудував манастирскиот живот. Наместо да станам поблизок со Бог, бев запрепастен од отворениот неморал и корупцијата на монасите. Ми се згади кога еден архимандрит што го почитував почна да ми се додворува. И покрај тоа што илузиите ми беа разбиени, сѐ уште искрено сакав да му служам на Бог и да станам свештеник. Дури и се облеков во свештеничка мантија и се сликав за спомен. На крај, се вратив на Крит.
„Тој е ѓавол!“
Во 1942 се оженив со една прекрасна девојка, Фросини, која беше од почитувано семејство. Бракот ја зајакна мојата желба да станам свештеник, зашто семејството на жена ми беше многу религиозно.b Бев решен да одам во Атина за да студирам богословија. Кон крајот на 1943 отидов во пристанишниот град Хераклион (Крит), но не заминав за Атина. Можеби направив така затоа што во меѓувреме најдов поинаков извор на духовно освежување. Што се случи?
Емануел Лионудакис, енергичен млад проповедник, поврзан со Јеховините сведоци, веќе неколку години поучуваше за просветлувачките библиски вистини низ цел Крит.c Некои луѓе беа привлечени од јасното разбирање на Божјата реч што го нудеа Сведоците и ја напуштија лажната религија. Во блискиот град Ситија беше организирана една група ревносни Сведоци. Ова му сметаше на локалниот владика, кој — зашто имал живеано во Соединетите Држави — од прва рака знаеше колку можат Јеховините сведоци да бидат делотворни како проповедници. Тој беше решен да го сотре тој „ерес“ во неговото подрачје. Подбуцната од него, полицијата редовно ги влечкаше Сведоците по затвори и по судови поради различни лажни тврдења.
Еден од овие Сведоци се обиде да ми ја објасни библиската вистина, но си претпостави дека не сум заинтересиран. Затоа испрати поискусен министер да разговара со мене. Изгледа мојот остар одговор го натера вториов Сведок да се врати кај малата група и да извести: „Нема шанси Перикле да стане Сведок. Тој е ѓавол!“
Првпат вкусувам противење
Се радувам што Бог не гледаше на мене така. Во октомври 1945, брат ми Демостен, кој беше убеден дека Јеховините сведоци поучуваат за вистината, ми ја даде џебната брошура Comfort All That Mourn (Утешете ги сите што оплакуваат).d Содржината ми остави силен впечаток. Веднаш престанавме да одиме во православната црква, ѝ се придруживме на малата група во Ситија и им сведочевме на нашите браќа и сестри за новопронајдената вера. Сите тие ја прифатија библиската вистина. Како што можеше и да се очекува, мојата одлука да ја напуштам лажната религија донесе отфрлање и непријателство од жена ми и од нејзиното семејство. Некое време, мојот тест дури одбиваше да зборува со мене. Дома имаше несогласувања и постојана напнатост. И покрај ова, на 21 мај 1945, брат Минос Кокинакис нѐ крсти мене и Демостен.e
Конечно можев да го остварам мојот сон и да служам како вистински министер на Бог! Сѐ уште се сеќавам на мојот прв ден во службата од куќа до куќа. Со 35 џебни брошури во чантата, сам отидов со автобус во едно село. Срамежливо почнав да одам од куќа до куќа. Колку повеќе одев толку похрабар станував. Кога пристигна еден бесен свештеник, можев смело да му се спротивставам, не обрнувајќи внимание на неговото упорно барање да одам со него во полициската станица. Му реков дека ќе си одам дури откако ќе ги посетам сите во селото, и токму тоа и го сторив. Бев толку среќен што дури и не го почекав автобусот туку пешачев петнаесет километри до дома.
Во рацете на безмилосни силеџии
Во септември 1945 ми беа доделени дополнителни одговорности во нашето новоформирано собрание во Ситија. Наскоро во Грција изби граѓанска војна. Партизанските групи се напаѓаа една со друга со ѕверска омраза. Искористувајќи ја ситуацијата, владиката ја наговараше локалната герилска група да се ослободи од Сведоците како што знае и умее (Јован 16:2). Додека герилците доаѓале кон нашето село со автобус, една добронамерна госпоѓа што била во автобусот ги начула нивните планови да го спроведат своето „од Бог заповедано“ дело, и нѐ предупреди. Ние се скривме, а еден роднина се зазеде за нас. Нашите животи беа поштедени.
Ова го подготви патот за уште повеќе неволји. Ни стана нормално да нѐ тепаат и да нѐ заплашуваат. Нашите противници се обидоа да нѐ присилат да се вратиме во црквата, да ги крстиме нашите деца и да се прекрстуваме. Во една прилика, го тепаа брат ми сѐ додека не помислија дека е мртов. Ме болеше кога гледав како им ја кинат облеката на моите сестри и како потоа ги тепаат. Во тој период, црквата присилно крсти осум деца на Јеховини сведоци.
Во 1949 умре мајка ми. Свештеникот повторно нѐ гонеше, обвинувајќи нѐ дека не се подложуваме на правните барања за дозвола за погреб. Бев суден на суд и бев ослободен од обвиненијата. Ова даде одлично сведоштво, зашто Јеховиното име се слушаше за време на воведните забелешки во случајот. Единствено нешто што им преостана на нашите непријатели за да „ни го дотераат умот“ беше да нѐ уапсат и да нѐ протераат. Тоа и го сторија во април 1949.
Во вжарена печка
Јас бев еден од тројцата браќа што беа уапсени. Жена ми не дојде дури ни да ме види во локалната полициска станица. Прва станица ни беше затворот во Хераклион. Како што беше опишано во самиот почеток, бев осамен и тажен. Зад себе оставив млада жена што не ги делеше моите верувања и две мали деца. Горливо му се молев на Јехова за помош. Се сетив на Божјите зборови запишани во Евреите 13:5: „Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам“. Сфатив колку е мудро целата доверба да ја положам во Јехова (Пословици 3:5).
Дознавме дека ќе бидеме протерани на Макронисос, пуст остров близу брегот на Атика (Грција). Беше доволно само да се спомне Макронисос и човек да се преплаши, зашто затворскиот логор таму беше поим за мачење и ропска работа. На пат до затворот, застанавме во Пиреј. Иако сѐ уште бевме во лисици, се охрабривме кога некои од нашите соверници се качија на бродот и нѐ прегрнаа (Дела 28:14, 15).
Животот на Макронисос беше кошмар. Војниците ги малтретираа затворениците од утро до мрак. Многу затвореници што не беа Сведоци полудеа, други умреа, а голем број беа физички осакатени. Навечер ги слушавме криковите и стенкањето на оние што беа мачени. Моето тенко ќебе малку ме грееше во ладните ноќи.
Полека, Јеховините сведоци станаа познати во логорот зашто секое утро за време на прозивката се спомнуваше името. Па така, имавме многу прилики да дадеме сведоштво. Јас дури имав предност да крстам еден политички затвореник што напредуваше до степен да го предаде својот живот на Јехова.
За време на моето протерување, продолжив да ѝ пишувам на мојата мила жена иако никогаш не добив одговор од неа. Тоа не ме спречи да ѝ пишувам со нежност, нудејќи ѝ утеха, уверувајќи ја дека ова беше само привремена препрека и дека повторно ќе бидеме среќни.
Во меѓувреме, како што пристигнуваа повеќе браќа, нашиот број растеше. Бидејќи работев во канцеларија, се запознав со полковникот што беше надлежен во логорот. Затоа што ги почитуваше Сведоците, собрав храброст да го замолам ако може да добиеме малку библиска литература од нашата канцеларија во Атина. „Невозможно“, рече тој, „но, вашите во Атина нека ја спакуваат литературата во вашиот багаж, нека го напишат моето име на него и нека ми го пратат.“ Останав вџашен! Неколку дена подоцна, додека го растоваравме бродот што пристигна, еден полицаец го поздрави полковникот и му рече: „Господине, пристигна вашиот багаж“. „Кој багаж?“, праша тој. Случајно бев во близина и го зачув разговорот, па му дошепнав на полковникот: „Веројатно е нашиот, што беше пратен на ваше име, како што наредивте“. Тоа беше еден начин на кој Јехова се погрижи да бидеме духовно нахранети.
Неочекуван благослов — потоа уште неволји
На крајот на 1950-те бев пуштен на слобода. Се вратив дома — болен, блед, исушен и несигурен како ќе бидам пречекан. Колку бев среќен што пак ги видов жена ми и децата! Бев уште повеќе изненаден кога видов дека непријателството на Фросини не беше толку големо. Писмата од затворот се покажаа делотворни. Фросини била трогната од мојата истрајност и упорност. Набрзо потоа, имавме долг, помирувачки разговор. Таа прифати библиска студија и изгради вера во Јехова и во неговите ветувања. Еден од најсреќните денови во мојот живот беше кога во 1952 ја крстив како предаден слуга на Јехова!
Во 1955 започнавме кампања на секој свештеник да му дадеме примерок од џебната брошура Christendom or Christianity—Which One Is “the Light of the World”? (Христијанскиот свет или христијанството — кое е „светлина на светот“?) Јас, заедно со голем број други Сведоци, бев уапсен и изведен пред суд. Имаше толку многу случаи против Јеховините сведоци што судот мораше посебно да заседава за да ги преслуша сите. Тој ден беше присутен целиот правен систем на провинцијата, а судницата беше преполна со свештеници. Владиката шеташе горе-долу помеѓу редовите. Еден свештеник имаше поднесено тужба за прозелитизам против мене. Судијата го праша: „Зарем твојата вера е толку слаба што би можел да бидеш преобратен ако прочиташ една брошура?“ Ова го остави свештеникот занемен. Јас бев ослободен од обвиненијата, но некои браќа беа осудени на шестмесечен затвор.
Во годините што следеа, одново и одново бевме апсени, а судските случаи се множеа. Нашите адвокати беа постојано зафатени со судења. Јас бев изведен на суд вкупно 17 пати. И покрај противењето, бевме редовни во нашата проповедничка активност. Радосно го прифативме овој предизвик, а жестоките испити ја прочистија нашата вера (Јаков 1:2, 3).
Нови привилегии и предизвици
Во 1957 се преселивме во Атина. Набрзо бев наименуван да служам во едно новоформирано собрание. Срдечната поддршка од жена ми, ни дозволи да го задржиме животот едноставен, и да ги држиме нашите приоритети сосредоточени на духовните активности. Така можевме да го посветиме најголемиот дел од нашето време во делото на проповедање. Низ годините, бевме замолувани да се преселиме во различни собранија каде што имаше потреба.
Во 1963 син ми наполни 21 година и мораше да се јави на регрутација. Поради својот неутрален став, сите Сведоци подложни на регрутација трпеа тепање, исмевање и понижување. И син ми го доживеа истото. Затоа му го дадов моето ќебе од Макронисос за на симболичен начин да го охрабрам да го следи примерот на поранешните чувари на интегритетот. Браќата што ќе беа повикани беа судени од воен суд и обично добиваа казна од две до четири години. Кога ќе беа пуштени повторно беа повикувани и осудувани. Како религиозен министер, јас можев да посетувам разни затвори и имав ограничен контакт со син ми и со други верни Сведоци. Син ми помина в затвор повеќе од шест години.
Јехова нѐ поддржуваше
Откако религиозната слобода повторно беше вратена во Грција, имав предност да служам како привремен специјален пионер на островот Родос. Потоа, во 1986 се јави по треба во Ситија (Крит), каде што ја започнав мојата христијанска кариера. Со радост ја прифатив доделбата повторно да служам со драгите соверници што ги знаев уште од младоста.
Како најстар во семејство, среќен сум што гледам како речиси 70 роднини лојално му служат на Јехова. И, бројот продолжува да расте. Некои од нив служеа, а некои сѐ уште служат како старешини, слуги помошници, пионери, бетелци и патувачки надгледници. Повеќе од 58 години, мојата вера беше испитувана во вжарена печка од неволји. Сега имам 93 години, и кога ќе погледнам наназад, воопшто не жалам што му служев на Бог. Тој ми даде сила да се оѕвијам на неговата љубезна покана: „Сине мој, дај ми го своето срце и нека твоите очи внимаваат на моите патишта“ (Пословици 23:26).
[Фусноти]
b На православните свештеници им е дозволено да се женат.
c За животната приказна на Емануел Лионудакис, види ја Стражарска кула од 1 септември 1999, страници 25—29.
d Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.
e За правната победа во која беше вклучен Минос Кокинакис, види ја Стражарска кула од 1 септември 1993, страници 27—31.
[Рамка на страница 27]
Макронисос — остров на ужас
Десет години, од 1947 до 1957, неплодниот и пуст остров Макронисос беше дом на повеќе од 100.000 затвореници. Меѓу нив беа и голем број Сведоци што таму беа испратени поради својата христијанска неутралност. Обично, нивното протерување го подбуцнуваа грчките православни свештеници кои лажно ги обвинуваа Сведоците дека се комунисти.
Во врска со процесот на „реформа“ што се користеше на Макронисос, грчката енциклопедија Papyros Larousse Britannica забележува: „Методите на сурово мачење . . . условите за живеење, што се неприфатливи за една цивилизирана нација, и понижувачкото однесување на стражарите кон затворениците . . . се срам за историјата на Грција“.
На некои Сведоци им беше речено дека никогаш нема да бидат пуштени доколку не се откажат од своите религиозни верувања. Сепак, интегритетот на Сведоците не беше скршен. Освен тоа, некои политички затвореници ја прифатија библиската вистина поради контактот со Сведоците.
[Слика на страница 27]
Минос Кокинакис (трет оддесно) и јас (четврти одлево) на казнениот остров Макронисос
[Слика на страница 29]
Во служба заедно со еден Сведок во Ситија (Крит) каде што служев во младоста