Јехова, Богот на вистината
„Ти ме откупи, Господи, Боже на вистината“ (ПСАЛМ 31:5).
1. Какви биле условите на небото и на земјата во времето кога не постоела невистина?
ЕДНО време не постоела невистина. На невидливите небеса живееле совршени духовни суштества што му служеле на својот Творец, ‚Богот на вистината‘ (Псалм 31:5). Не постоела лага, не постоела измама. Јехова им го соопштувал на своите духовни синови она што било вистинито. Тоа го правел затоа што ги сакал и затоа што бил длабоко заинтересиран за нивното добро. На земјата владеела иста ситуација. Јехова ги создал првите маж и жена, и преку својот наименуван канал секогаш комуницирал со нив јасно, отворено и вистинито. Колку прекрасно мора да било тоа!
2. Кој првпат употребил невистина, и зошто?
2 Меѓутоа, со текот на времето, еден духовен Божји син дрско наумил да се постави како сопернички бог спротивставувајќи му се на Јехова. Ова духовно суштество, кое станало познато како Сатана Ѓаволот, сакало другите да го обожаваат. За да ја постигне својата цел, тој првпат употребил невистина како средство за да стекне контрола над другите. Така станал „лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44).
3. Како реагирале Адам и Ева на лагите на Сатана, и какви биле последиците?
3 Преку една змија, Сатана ѝ рекол на првата жена, Ева, дека нема да умре ако ја игнорира Божјата заповед и ако јаде од забранетиот плод. Тоа било лага. Понатаму, ѝ рекол дека, ако јаде, ќе стане како Бог, дека ќе знае што е добро а што е лошо. И тоа било лага. Иако дотогаш никој не ја излажал Ева, таа сигурно сфатила дека она што го чула од змијата не било во склад со она што Бог му го рекол на нејзиниот сопруг, Адам. Сепак, избрала да му верува на Сатана, а не на Јехова. Потполно измамена, зела од плодот и јадела. Подоцна, од плодот јадел и Адам (Битие 3:1—6). Исто како Ева, и Адам дотогаш немал чуено лага, но сепак, тој не бил измамен (1. Тимотеј 2:14). Со своите постапки покажал дека го отфрла својот Творец. Последиците за човештвото биле катастрофални. Поради непослушноста на Адам, меѓу сите нивни потомци се рашириле гревот и смртта — како и расипаност и огромно страдање (Римјаните 5:12).
4. а) Од каква природа биле лагите кажани во Еден? б) Што треба да правиме за да не нѐ заведе Сатана?
4 Се раширила и невистината. Мораме да сфатиме дека лагите што биле кажани во градината Еден претставувале напад на вистинољубивоста на самиот Јехова. Сатана тврдел дека Бог подмолно ја лишува првата човечка двојка од нешто добро. Се разбира, тоа не било точно. Адам и Ева немале никаква корист од непослушноста. Како што им рекол Јехова, тие умреле. Сепак, Сатана продолжил да го напаѓа Јехова со клевети, до таа мера што многу векови подоцна апостол Јован бил инспириран да напише дека Сатана „ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9). За да не дозволиме да бидеме заведени од Сатана Ѓаволот, мораме да имаме целосна доверба во вистинитоста на Јехова и неговата Реч. Како можеш да ја стекнеш и да ја зајакнеш својата доверба во Јехова и да се зацврстиш за да им се спротивставиш на измамата и лагите што ги шири неговиот Непријател?
Јехова ја знае вистината
5, 6. а) Какво спознание поседува Јехова? б) Каква споредба може да се направи помеѓу човечкото спознание и спознанието на Јехова?
5 Библијата постојано го открива Јехова како оној што „создал сѐ“ (Ефешаните 3:9). Тој е „Оној кој ги создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив“ (Дела 4:24). Бидејќи Јехова е Творецот, тој ја знае вистината за сѐ. Да илустрираме: Размисли за некој човек што ја проектира и потоа ја гради својата куќа, ставајќи ја секоја греда и ковејќи ја секоја шајка. Тој во потполност ќе ја познава куќата и ќе има поголемо разбирање од кој и да е друг што само гледа отстрана. Луѓето добро ги познаваат работите што ќе ги направат. Слично на тоа, Творецот ја знае секоја ситница за она што го создал.
6 Пророкот Исаија дал прекрасен опис на обемот на Јеховиното спознание. Читаме: „Кој го измери морето со дланка и кој ги премери небесата со педа? Кој ја измерил со мерка земјата, и планините на мерилки, а бреговите на тежилка? Кој го измерил Господовиот Дух, и кој Му бил советник за да Го поучи? Со кој се посоветува Тој, кој Му дал разум Нему, кој Го научил на знаење, кој Му покажа пат кон мудроста?“ (Исаија 40:12—14). Точно, Јехова е „Сезнаечки Бог“ и тој е „совршен во знаење“ (1. Самоил 2:3; Јов 36:4; 37:15). Колку само малку знаеме ние во споредба со него! И покрај импресивното спознание што го насобрало човештвото, нашето разбирање за материјалното творештво не опфаќа дури ни еден мал „дел од [Божјите] дела“. Тоа е како „шепот“ (NW) во споредба со „громот на Неговата сила“ (Јов 26:14).
7. Што признал Давид во врска со Јеховиното спознание, а што мораме да признаеме и ние?
7 Бидејќи Јехова нѐ создал, логично е дека тој добро нѐ познава. Цар Давид го знаел ова. Тој напишал: „Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш, Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, веќе оддалеку ги знаеш моите мисли. Дали одам или лежам, Ти гледаш сѐ, познати ти се сите мои патишта. Додека мојот збор уште не дошол до јазикот, а Ти, Господи, веќе сѐ знаеш“ (Псалм 139:1—4). Се разбира, на Давид му било јасно дека луѓето имаат слободна волја — Бог нѐ обдарил со способност или да му бидеме послушни или да не му бидеме послушни (Второзаконие 30:19, 20; Исус Навин 24:15). Сепак, Јехова нѐ познава многу подобро отколку што се познаваме самите себеси. Тој ни го мисли најдоброто и може да ги насочи нашите патишта (Еремија 10:23). Навистина, нема учител, нема стручњак и нема советник што може подобро да нѐ поучи за вистината и да нѐ направи мудри и среќни.
Јехова е вистинољубив
8. Од каде знаеме дека Јехова е вистинољубив?
8 Една работа е да се знае вистината, а сосема друга работа е секогаш да се кажува вистината, да се биде вистинољубив. На пример, Ѓаволот избрал да ‚не стои цврсто во вистината‘ (Јован 8:44). За разлика од него, Јехова е „полн со . . . вистина“ (Излез 34:6, NW). Писмото постојано сведочи за Јеховината вистинољубивост. Апостол Павле рекол дека „е невозможно Бог да лаже“ и дека Бог „не може да лаже“ (Евреите 6:18; Тит 1:2). Вистинољубивоста е важен дел од Божјата личност. Можеме да се потпреме на Јехова и да имаме доверба во него затоа што е вистинољубив; тој никогаш не ги измамува оние што му се лојални.
9. На кој начин Јеховиното име е поврзано со вистината?
9 Самото име на Јехова сведочи дека тој е вистинољубив. Божественото име значи: „Тој предизвикува да стане“. Ова го идентификува Јехова како оној што постепено станува Исполнител на сите свои ветувања. Никој друг нема таква способност. Бидејќи Јехова е Севишен, ништо не може да го спречи остварувањето на неговите намери. Јехова не е само вистинољубив туку тој е и единствениот што има моќ и мудрост да исполни сѐ што ќе рече.
10. а) Како Исус Навин бил очевидец на вистинољубивоста на Јехова? б) Кои Јеховини ветувања си видел дека се исполниле?
10 Исус Навин бил еден од многуте очевидци на извонредните настани што посведочиле за Јеховината вистинољубивост. Исус Навин бил во Египет кога Јехова ѝ нанел десет неволји на таа нација, однапред претскажувајќи ја секоја од нив. Меѓу другото, Исус Навин го доживеал исполнувањето на Јеховините ветувања дека ќе ги избави Израелците од Египет и дека ќе ги одведе во Ветената земја, потчинувајќи ги моќните ханаански војски што биле против нив. Некаде кон крајот на својот живот, Исус Навин им рекол на старешините на нацијата Израел: „Знајте и признајте со сето свое срце и со сета своја душа: ниедно од овие ветувања, кои ви ги даде Господ, вашиот Бог, нема да остане неисполнето“ (Исус Навин 23:14). Иако ти не си бил очевидец на чудата што ги видел Исус Навин, дали во твојот живот си ја искусил вистинитоста на Божјите ветувања?
Јехова ја открива вистината
11. Што покажува дека Јехова сака да му ја пренесе вистината на човештвото?
11 Замисли си еден родител што има огромно спознание, но ретко разговара со своите деца. Зарем не си благодарен што Јехова не е таков? Јехова со љубов комуницира со човештвото, и тоа го прави великодушно. Писмото го нарекува ‚Голем Учител‘ (Исаија 30:20, NW). Во својата оддадена љубезност тој комуницира дури и со оние што не се спремни да го слушаат. На пример, Езекиел добил задача да им проповеда на оние што Јехова знаел дека нема да се оѕвијат. Јехова рекол: „Човечки сине, оди кај Израелевиот дом и пренеси му ја мојата порака“. Потоа предупредил: „А Израелевиот дом не ќе те послуша, зашто ни Мене не Ме слуша, зашто Израелевиот дом е со тврда глава и со закоравено срце“. Тоа била тешка задача, но Езекиел верно ја извршил и притоа покажал сочувство какво што има Јехова. Ако имаш проповедничка доделба што ти претставува предизвик и ако притоа се потпираш на Бог, биди уверен дека тој ќе те зајакне исто како што го зајакнал и пророкот Езекиел (Езекиел 3:4, 7—9).
12, 13. На кој начин Бог комуницирал со луѓето?
12 Јехова сака „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Тој зборувал преку пророци, преку ангели, па дури и преку својот љубен Син, Исус Христос (Евреите 1:1, 2; 2:2). Исус му рекол на Пилат: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој кој е на страна на вистината, го слуша мојот глас“. Пилат имал скапоцена прилика да ја дознае вистината за Јеховината подготовка за спасение директно од Божјиот Син. Меѓутоа, Пилат не бил на страната на вистината и не сакал да учи од Исус. Наместо тоа, Пилат цинично одговорил: „Што е вистина?“ (Јован 18:37, 38). Колку жално! Сепак, многу луѓе ја слушале вистината што ја објавувал Исус. Тој им рекол на своите ученици: „Среќни се вашите очи, бидејќи гледаат, и вашите уши, бидејќи слушаат“ (Матеј 13:16).
13 Јехова ја зачувал вистината со помош на Библијата и им ја ставил на располагање на сите луѓе. Библијата ги открива работите онакви какви што навистина се. Таа ги опишува Божјите особини, намери и заповеди, како и вистинската состојба во која се наоѓа човештвото. Кога му се молел на Јехова, Исус рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Ова ја прави Библијата уникатна книга. Само таа била напишана под инспирација на Бог, кој знае сѐ (2. Тимотеј 3:16). Таа е скапоцен подарок за човештвото, подарок што Божјите слуги многу го ценат. Мудро е да ја читаме секојдневно.
Цврсто држи се за вистината
14. Кои се некои работи што Јехова вели дека ќе ги направи, и зошто треба да му веруваме?
14 Треба сериозно да го сфатиме она што Јехова ни го кажува во својата Реч. Тој е она што вели дека е, и ќе го направи она што вели дека ќе го направи. Ја имаме секоја причина да имаме доверба во Бог. Можеме да веруваме кога Јехова вели дека ќе донесе „одмазда над оние кои не го познаваат Бог и над оние кои не се послушни на добрата вест за нашиот Господ Исус“ (2. Солуњаните 1:8). Исто така, можеме да му веруваме на Јехова кога вели дека ги сака оние што се стремат по праведност, кога вели дека ќе им даде вечен живот на оние што практикуваат вера и кога вели дека ќе ја отстрани болката, пискотот, па дури и смртта. Јехова ја нагласил веродостојноста на последново ветување давајќи му го следново упатство на апостол Јован: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити“ (Откровение 21:4, 5; Пословици 15:9; Јован 3:36).
15. Какви лаги шири Сатана?
15 Сатана е чиста спротивност на Јехова. Наместо да просветлува, тој измамува. За да ја постигне својата цел да ги одврати луѓето од чистото обожавање, Сатана шири купишта лаги. На пример, Сатана би сакал да нѐ натера да веруваме дека Бог не сака да ни се приближи и дека не му е грижа за страдањето на земјата. Сепак, Библијата покажува дека на Јехова многу му значат неговите созданија и дека ги осудува злобата и страдањето (Дела 17:24—30). Исто така, Сатана сака луѓето да веруваат дека стремењето по духовни работи е губење време. За разлика од тоа, Писмото нѐ уверува дека „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“. Освен тоа, во него јасно е наведено дека тој „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 6:10; 11:6).
16. Зошто христијаните мораат да останат будни и цврсто да се држат за вистината?
16 Во врска со Сатана, апостол Павле напишал: „Богот на овој систем на работи им ги заслепил умовите на неверниците за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог“ (2. Коринќаните 4:4). Исто како Ева, некои се потполно измамени од Сатана Ѓаволот. Други, пак, го следат правецот на Адам, кој не бил измамен туку намерно го избрал патот на непослушност (Јуда 5, 11). Затоа, неопходно е христијаните да останат будни и цврсто да се држат за вистината.
Јехова бара „нелицемерна вера“
17. Што мораме да правиме за да ја имаме Јеховината наклоност?
17 Затоа што Јехова е вистинољубив на сите свои патишта, тој очекува да бидат вистинољубиви и оние што го обожаваат. Псалмистот напишал: „Господи, кој може да живее во Твојот шатор? Кој ќе се настани во Твојата Света Гора? Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина од своето срце“ (Псалм 15:1, 2). Кога ќе се спомнела Јеховината света гора, Евреите што ги пееле овие зборови несомнено помислувале на планината Сион, каде што цар Давид го однел ковчегот на сојузот во шаторот што го подигнал таму (2. Самоил 6:12, 17). Планината и шаторот им буделе сеќавање на местото каде што симболично престојувал Јехова. Таму луѓето можеле да му пристапат на Бог за да го молат за наклоност.
18. а) Што е потребно за да се има пријателство со Бог? б) Што ќе дискутираме во следната статија?
18 Секој што сака да го има Јеховиното пријателство мора да ја зборува вистината во „своето срце“, а не само со усните. Вистинските пријатели на Бог мораат да бидат искрени во срцето и мораат да дадат доказ за „нелицемерна вера“, бидејќи вистинољубивите постапки доаѓаат од срцето (1. Тимотеј 1:5; Матеј 12:34, 35). Божјиот пријател не е подлец ниту измамник, бидејќи „Господ се гнаси од човек . . . измамник“ (Псалм 5:6). Јеховините сведоци низ целиот свет се трудат да бидат вистинољубиви, имитирајќи го својот Бог. Во следната статија ќе ја разгледаме оваа тема.
Како би одговорил?
• Зошто Јехова ја знае вистината за сѐ?
• Што покажува дека Јехова е вистинољубив?
• Како Јехова ја открил вистината?
• Што се бара од нас во поглед на вистината?
[Слики на страница 10]
Богот на вистината знае сѐ за она што го создал
[Слики на страници 12 и 13]
Јеховините ветувања ќе се обистинат