‚Купени сте за цена‘
‚Купени сте за цена. Секако, прославете го Бог‘ (1. КОРИНЌАНИТЕ 6:20).
1, 2. а) Според Мојсеевиот закон, како требало да се постапува со израелските робови? б) Каков избор имал робот што го сакал својот господар?
„РОПСТВОТО било распространето и нашироко прифатено во древниот свет“, се вели во еден библиски речник (Holman Illustrated Bible Dictionary). Понатаму се вели: „Економијата во Египет, во Грција и во Рим се темелела на работата што ја извршувале робовите. Во првиот век од христијанството, секој трети човек во Италија и секој петти човек во другите земји бил роб“.
2 Иако ропството постоело и во древниот Израел, Мојсеевиот закон им гарантирал заштита на еврејските робови. На пример, според Законот било пропишано дека еден Израелец не може да служи како роб повеќе од шест години. Седмата година требало да „замине, без откупнина, слободен“. Но, прописите во врска со тоа како требало да се постапува со робовите биле толку праведни и човечни што во Мојсеевиот закон била дадена и следнава одредба: „Ама ако робот изјави отворено: ‚Ги љубам својот господар, својата жена и своите деца, не сакам да бидам слободен‘, тогаш неговиот господар нека го доведе при судиите [пред вистинскиот Бог, NW]. Кога ќе го доведе до вратата или до столбот на вратата, господарот нека му го дупне увото со шило и нека му остане трајно во служба“ (Излез 21:2-6; Левит 25:42, 43; Второзаконие 15:12-18).
3. а) Каков вид ропство прифатиле христијаните од првиот век? б) Што нѐ поттикнува да му служиме на Бог?
3 Тоа што имало можност некој доброволно да си остане роб дава претслика за тоа под какво ропство се вистинските христијани. На пример, библиските писатели Павле, Јаков, Петар и Јуда се претставуваат себеси како робови на Бог и на Христос (Тит 1:1; Јаков 1:1; 2. Петрово 1:1; Јуда 1). Павле ги потсетил солунските христијани дека ‚од своите идоли се свртеле кон Бог за да му робуваат на живиот и вистински Бог‘ (1. Солуњаните 1:9). Што ги поттикнало овие христијани доброволно да му станат робови на Бог? Па, што било она што го мотивирало еден израелски роб да се откаже од својата лична слобода? Зарем не била тоа љубовта кон господарот? Христијанското ропство се темели на љубовта кон Бог. Кога ќе го запознаеме и ќе го засакаме вистинскиот и живиот Бог, поттикнати сме да му служиме „со сето свое срце и со сета своја душа“ (Второзаконие 10:12, 13). Но, што е вклучено во тоа да се биде роб на Бог и на Христос? Како се одразува тоа на нашиот секојдневен живот?
„Сѐ правете за Божја слава“
4. Како стануваме робови на Бог и на Христос?
4 Според една дефиниција, роб е „човек што законски е сопственост на друг или на други и што е обврзан на апсолутна послушност“. Ние законски стануваме сопственост на Јехова кога ќе му го предадеме својот живот нему и кога ќе се крстиме. „Вие не си припаѓате себеси, бидејќи сте купени за цена“, објаснува апостол Павле (1. Коринќаните 6:19, 20). Таа цена, се разбира, е откупната жртва на Исус Христос, зашто на темел на таа жртва Бог нѐ прифаќа како негови слуги, сеедно дали сме помазани христијани или сме нивни придружници со земна надеж (Ефешаните 1:7; 2:13; Откровение 5:9). Според тоа, откако ќе се крстиме, ‚му припаѓаме на Јехова‘ (Римјаните 14:8). Бидејќи сме купени со скапоцената крв на Исус Христос, стануваме и негови робови и имаме обврска да ги држиме неговите заповеди (1. Петрово 1:18, 19).
5. Како робови на Јехова, која обврска ја имаме првенствено, и како можеме да ја исполниме?
5 Робовите мораат да му бидат послушни на својот господар. Нашето робување е доброволно и е мотивирано од љубов кон нашиот Господар. „Љубовта кон Бог значи ова“, се вели во 1. Јованово 5:3, „да ги држиме неговите заповеди; а неговите заповеди не се тешки.“ Според тоа, нашата послушност е доказ за нашата љубов и за нашата подложност. Таа се гледа во сѐ што правиме. „Јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго“, рекол Павле „сѐ правете за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31). Во секојдневниот живот, дури и во мали работи, сакаме да покажеме дека ‚робуваме за Јехова‘ (Римјаните 12:11).
6. Како тоа што сме робови на Бог влијае врз одлуките што ги донесуваме во животот? Објасни го тоа со пример.
6 На пример, кога донесуваме одлуки, треба сериозно да ја земеме предвид волјата на нашиот небесен Господар, Јехова (Малахија 1:6). Тешките одлуки можат да ја стават на испит нашата послушност на Бог. Дали тогаш ќе обрнеме внимание на неговиот совет наместо да одиме по желбите на нашето „измамливо“ и „болно“ срце? (Еремија 17:9). Мелиса, немажена христијанка, била крстена само кратко време кога еден млад човек почнал да се интересира за неа. Изгледал како фин човек, а и веќе ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци. Сепак, еден старешина разговарал со Мелиса за тоа колку е мудро да се следи заповедта на Јехова да се мажи „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39; 2. Коринќаните 6:14). „Не ми беше лесно да го послушам овој совет“, признава Мелиса. „Но, решив дека, штом сум му се предала на Јехова да ја вршам неговата волја, ќе ги слушам неговите јасни упатства.“ Размислувајќи за она што се случило, таа вели: „Многу сум среќна што го послушав советот. Тој наскоро престана да проучува. Да продолжев со таа врска, сега ќе бев мажена за неверник“.
7, 8. а) Зошто не треба да бидеме претерано загрижени да им угодиме на луѓето? б) Дај пример како може да се совлада стравот од луѓе.
7 Како робови на Бог, не смееме да станеме робови на луѓе (1. Коринќаните 7:23). Точно, никој од нас не сака да биде неомилен кај другите, но мораме да имаме на ум дека христијаните имаат мерила што се поинакви од мерилата на светот. Павле прашал: ‚Гледам ли да им угодам на луѓето?‘ Заклучил: „Кога уште би им угодувал на луѓето, не би бил Христов роб“ (Галатите 1:10). Едноставно не смееме да попуштиме на притисокот од околината и да почнеме да им угодуваме на луѓето. Тогаш, што можеме да направиме кога ќе се соочиме со притисокот да бидеме како другите?
8 Разгледај го примерот на Елена, млада христијанка од Шпанија. Во класот имала неколкумина другари што биле крводарители. Тие знаеле дека Елена, која е Јеховин сведок, не би дарувала ниту би примила крв. Кога се појавила прилика да го објасни своето гледиште пред целиот клас, доброволно се пријавила да изнесе една презентација. „Искрено, имав голема трема“, објаснува Елена. „Но, добро се подготвив, и резултатите беа изненадувачки. Ја стекнав почитта на многу мои соученици, а професорот ми рече дека се восхитува на нашето дело . Пред сѐ, бев задоволна што го одбранив името на Јехова и можев јасно да ги објаснам причините за мојот библиски став“ (Битие 9:3, 4; Дела 15:28, 29). Да, како робови на Бог и на Христос, ние сме поинакви од другите. Меѓутоа, за да ја стекнеме почитта на луѓето треба да бидеме подготвени достојно да ги браниме нашите верувања (1. Петрово 3:15).
9. Што учиме од ангелот што му се појавил на апостол Јован?
9 Исто така, тоа што ќе имаме на ум дека сме робови на Бог ќе ни помогне да останеме понизни. Во една прилика апостол Јован бил толку импресиониран од една величествена визија за небесниот Ерусалим што, во знак на обожавање, паднал на колена пред ангелот што служел како говорник на Бог. „Внимавај!“, му рекол ангелот. „Не прави го тоа! Јас сум само роб како и ти и твоите браќа кои се пророци и како оние кои ги држат зборовите на овој свиток. Обожавај го Бог“ (Откровение 22:8, 9). Овој ангел оставил навистина убав пример за сите робови на Бог! Некои христијани можеби се на посебно одговорни положби во собранието. Сепак, Исус рекол: „Кој сака да биде голем меѓу вас, мора да ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, мора да ви биде роб“ (Матеј 20:26, 27). Како следбеници на Исус, сите ние сме робови.
„Го направивме она што бевме должни да го направиме“
10. Дај библиски примери за да покажеш дека на верните слуги на Бог не им било секогаш лесно да ја вршат неговата волја.
10 На несовршените луѓе не им е секогаш лесно да ја вршат Божјата волја. Пророкот Мојсеј се колебал дали да послуша кога Јехова му рекол да оди и да ги изведе Израелевите синови од ропството во Египет (Излез 3:10, 11; 4:1, 10). Кога добил задача да објавува порака на суд врз народот во Нинивија, Јона ‚станал за да побегне во Тарсис, од Господовото присуство‘ (Јона 1:2, 3). Варух, писарот на пророкот Еремија, се жалел дека е уморен (Еремија 45:2, 3). Како треба да реагираме кога нашите лични желби или склоности се спротивставуваат на вршењето на Божјата волја? Одговорот на ова ни го дава една илустрација што ја кажал Исус.
11, 12. а) Раскажи ја накратко илустрацијата на Исус што е запишана во Лука 17:7-10. б) Која поука ја учиме од илустрацијата на Исус?
11 Исус зборувал за еден роб што цел ден го поминал на полето грижејќи се за стадото на господарот. Кога стигнал дома, преморен по 12 часа напорна работа, неговиот господар не го поканил да седне и слатко да се најаде. Напротив, господарот рекол: „Приготви ми нешто за вечера, и стави скутник и послужувај ме додека јадам и пијам, а потоа ти можеш да јадеш и да пиеш“. Робот можел да си ги задоволи своите потреби дури откако ќе го послужел господарот. Исус ја завршил илустрацијата со зборовите: „Така и вие, кога ќе извршите сѐ што сте задолжени, речете: ‚Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘ “ (Лука 17:7-10).
12 Исус не ја кажал оваа илустрација за да покаже дека Јехова не го цени она што го правиме во неговата служба. Библијата јасно кажува: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10). Напротив, поентата на параболата на Исус е дека робот не треба да си угодува себеси или да се концентрира на својата удобност. Кога сме се предале на Бог и сме избрале да му бидеме робови, сме се согласиле неговата волја да ја ставаме пред сопствената. Нашата волја мораме да ја потчиниме на Божјата волја.
13, 14. а) Во кои околности можеби ќе треба да ги совладаме нашите лични желби? б) Зошто треба да дозволиме Божјата волја да ни биде на прво место?
13 Можеби ќе треба да вложиме голем напор за редовно да ги проучуваме Божјата реч и публикациите на „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Ова е можеби случај особено ако отсекогаш ни било малку тешко да читаме или ако во публикацијата се дискутира за „длабоките работи Божји“ (1. Коринќаните 2:10). Сепак, зарем не треба да си одвоиме време за лично проучување? Можеби ќе треба да бидеме строги со себе и да се натераме да седнеме и да се задлабочиме во материјалот за проучување. Но, ако не го правиме тоа, како ќе развиваме глад за „цврстата храна [што] им припаѓа на зрелите луѓе“? (Евреите 5:14).
14 Што ако дојдеме дома уморни после еден напорен ден на работа? Можеби ќе мораме да вложиме сили за да одиме на христијанските состаноци. Или можеби по природа не сме луѓе што би им проповедале на непознати. И самиот Павле признал дека може да има моменти кога ја објавуваме добрата вест „против своја волја“ (1. Коринќаните 9:17). Меѓутоа, овие работи ги правиме затоа што Јехова — нашиот небесен Господар, кого го сакаме — ни вели дека треба да ги правиме. И, зарем не се чувствуваме задоволни и освежени секогаш кога ќе вложиме напор да проучуваме, да одиме на состаноци и да проповедаме? (Псалм 1:1, 2; 122:1; 145:10-13).
Не гледај на „она што е одзади“
15. Каков пример за подложност на Бог оставил Исус?
15 Исус Христос на најистакнат начин покажал дека му е подложен на својот небесен Татко. „Јас не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној кој ме испрати“, им рекол Исус на своите ученици (Јован 6:38). Кога минувал низ големи маки во градината Гетсиманија, тој се молел: „Татко мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша. Сепак, не како јас што сакам, туку како ти што сакаш“ (Матеј 26:39).
16, 17. а) Како треба да гледаме на работите што сме ги оставиле зад нас? б) Покажи зошто бил Павле реалистичен кога своите изгледи во светот ги проценил како „куп смет“.
16 Исус Христос сака да останеме верни на својата одлука да му бидеме робови на Бог. Тој рекол: „Никој кој ја ставил раката на плугот па погледнува на она што е одзади, не е погоден за Божјето царство“ (Лука 9:62). Кога му робуваме на Бог, во никој случај не е добро постојано да размислуваме за она што сме го оставиле. Наместо тоа, треба да го цениме она што сме го добиле кога сме избрале да бидеме робови на Бог. Павле им напишал на Филипјаните: „Јас навистина и ги сметам сите работи за загуба поради ненадминливата вредност на спознанието за Христос Исус, мојот Господ. Поради него ја прифатив загубата на сите работи и ги сметам за куп смет за да го добијам Христос“ (Филипјаните 3:8).
17 Размисли за сѐ она што Павле го сметал за куп смет и што го оставил заради духовните благослови што ги добил како роб на Бог. Тој зад себе не ги оставил само удобностите на светот туку и можноста да стане иден водач на јудаизмот. Да продолжел активно со јудаизмот, можеби ќе се искачел на положба на каква што бил Симеон, синот на неговиот учител, Гамалиел (Дела 22:3; Галатите 1:14). Симеон станал водач на фарисеите и одиграл важна улога — иако малку се колебал — во востанието на Евреите против Рим во 66-70 година од н.е. Во тој конфликт бил убиен или од еврејските екстремисти или од римската војска.
18. Дај пример за да покажеш како духовните достигнувања носат награди.
18 Мнозина Јеховини сведоци го следеле примерот на Павле. „По неколку години откако завршив со школувањето, се вработив како главна секретарка на еден угледен адвокат во Лондон“, вели Џин. „Уживав во работата и добро заработував, но длабоко во срцето знаев дека можам да правам повеќе за Јехова. Еден ден поднесов оставка и почнав со пионерска служба. Многу сум среќна што го презедов тој чекор пред речиси 20 години! Полновремената служба ми го исполни животот повеќе отколку која и да било секретарска работа. Ништо не ми носи поголемо задоволство отколку кога ќе видам како Јеховината реч менува нечиј живот. Прекрасно е да се има удел во тој процес. Она што му го даваме на Јехова не е ништо во споредба со она што го добиваме.“
19. На што треба да бидеме решени, и зошто?
19 Со текот на времето, нашите околности може да се сменат. Меѓутоа, нашето предание на Бог останува исто. Сѐ уште сме Јеховини робови, и тој остава на нас да решиме како можеме најдобро да ги користиме времето, силата, талентите и другите предности што ги имаме. Според тоа, одлуките што ги донесуваме во овој поглед можат да ја покажат нашата љубов кон Бог. Исто така, покажуваат до кој степен сме спремни да правиме лични жртви (Матеј 6:33). Сеедно какви се нашите околности, зарем не треба да бидеме решени да му го дадеме на Јехова најдоброто што го имаме? Павле напишал: „Ако најпрво постои спремност, таа е особено прифатлива според она што некој го има, а не според она што некој го нема“ (2. Коринќаните 8:12).
„Го имате вашиот плод“
20, 21. а) Каков плод даваат слугите на Бог? б) Како ги наградува Јехова оние што даваат сѐ од себе?
20 Да се биде роб на Бог не е нешто неподносливо. Напротив, тоа ни овозможува да се ослободиме од штетниот облик на ропство што ни ја одзема среќата. „Бидејќи бевте ослободени од грев, а станавте робови на Бог“, напишал Павле, „го имате вашиот плод во поглед на светоста, а на крајот — вечен живот“ (Римјаните 6:22). Кога му робуваме на Бог, нашиот плод во поглед на светоста е тоа што жнееме користи од светото, или морално чисто однесување. Исто така, во иднина тоа ќе ни донесе и вечен живот.
21 Јехова е великодушен со своите робови. Кога даваме сѐ што можеме во неговата служба, тој ни ги отвора „небесните брани“ и излева врз нас „благослов со полна мерка“ (Малахија 3:10). За нас и понатаму ќе биде голема радост да служиме како робови на Јехова за сета вечност!
Се сеќаваш ли?
• Зошто стануваме робови на Бог?
• Како покажуваме дека сме подложни на волјата на Бог?
• Зошто треба да бидеме спремни да ја ставиме волјата на Јехова пред сопствената?
• Зошто не треба да ‚гледаме на она што е одзади‘?
[Слика на страници 16 и 17]
Тоа што во Израел постоела можност некој доброволно да си остане роб било претслика за христијанското робување
[Слика на страница 17]
Стануваме робови на Бог кога ќе се крстиме
[Слики на страница 17]
Христијаните ја ставаат Божјата волја на прво место
[Слика на страница 18]
Мојсеј се колебал да ја прифати својата задача