Обединето да се гради на фалба на Бог
ЛУЃЕТО на еден од Соломоновите Острови забележале како се гради една нова Сала на Царството на Јеховините сведоци. Една жена рекла: „Во нашата црква имаме многу проекти за кои собираме пари. Ги замолуваме нашите членови да даваат пари, но сѐ уште немаме доволно средства за да изградиме нова црква. Како доаѓаат до средства Јеховините сведоци?“ Жената на која ѝ го кажала тоа рекла: „Ние го обожаваме Јехова како една фамилија од целиот свет. Нашето собрание и нашите браќа во светот донираа сѐ што е потребно за оваа нова Сала на Царството. Јехова нѐ научил да бидеме обединети во сѐ“.
Ти го гледаш единството меѓу Јеховините сведоци во сѐ што прават, вклучувајќи ја и изградбата на илјадници Сали на Царството. Ваквото единство во извршувањето на овие проекти не е ништо ново. Тоа постои меѓу Божјиот народ со илјадници години. Зошто можеме да го речеме тоа?
Изградба на светиот шатор и на храмот
Јехова мислел на Израелците кога пред повеќе од 3.500 години му рекол на Мојсеј: „Нека ми направат светилиште“ (2. Мојсеева 25:8). Во врска со планот за овој градежен проект, Јехова понатаму рекол: „Светиот шатор и сета негова опрема направете ја [му се обраќа на целиот народ] точно според описот што ќе ти го дадам [му се обраќа на Мојсеј]“ (2. Мојсеева 25:9). Тогаш Јехова ги изнел деталните планови за градбата, опремата и приборот во светилиштето (2. Мојсеева 25:10 — 27:19). Овој ‚свет шатор‘ требало за сиот Израел да биде центар на обожавањето на вистинскиот Бог.
Не знаеме колку луѓе работеле на овој проект, но сите Израелци биле повикани да приложат средства за него. Мојсеј им рекол: „Соберете меѓу себе прилог за Јехова. Секој што има спремно срце нека донесе... прилог за Јехова“ (2. Мојсеева 35:4-9). Каков бил одѕивот кај Израелците? Во 2. Мојсеева 36:3 стои: „Тие ги презедоа од Мојсеј сите прилози што ги донесоа синовите на Израел за работата во светата служба. А овие и понатаму му донесуваа доброволни приноси утро по утро“.
Наскоро се собрале купови приложени материјали, а луѓето продолжиле да носат уште. Мајсторите што го правеле светиот шатор на крајот му рекле на Мојсеј: „Народот донесува многу повеќе отколку што е потребно за работата во службата што Јехова заповеда да се изврши“. Затоа Мојсеј наредил: „Мажи и жени! Не изработувајте ништо повеќе за светиот прилог!“ И што се случило? „Имаше доволно од сѐ за да се заврши сета работа, па дури и многу повеќе“ (2. Мојсеева 36:4-7).
Благодарение на дарежливоста на Израелците, светиот шатор бил завршен за една година (2. Мојсеева 19:1; 40:1, 2). Со тоа што дал материјална поддршка на обожавањето на вистинскиот Бог, Божјиот народ му искажал чест на Јехова (Изреки 3:9). Со текот на времето, Израелците требало да се зафатат со еден многу поголем градежен проект. И повторно, сите што сакале можеле да учествуваат, сеедно дали со своите градежни вештини или со нешто друго.
Речиси пет века откако бил направен светиот шатор, Израел почнал да го гради храмот во Ерусалим (1. Царевите 6:1). Тој требало да биде прекрасна, трајна градба од камења и греди (1. Царевите 5:17, 18). Јехова му ги дал на Давид архитектонските планови за храмот „под вдахновение“ (1. Летописи 28:11-19). Но, го избрал Давидовиот син Соломон да ја води изградбата (1. Летописи 22:6-10). Давид од сѐ срце го поддржал овој проект. Набавил камења, греди и други материјали и приложил огромни количества од сопственото злато и сребро. Исто така, ги охрабрил и другите Израелци да бидат дарежливи, велејќи им: „Сака ли уште некој денес доброволно да му приложи со својата рака дар на Јехова?“ Каков одѕив имало меѓу народот? (1. Летописи 29:1-5).
Кога Соломон почнал да го гради храмот, имал на располагање илјадници тони злато и сребро. Имало толку многу бакар и железо што не постоел начин да се измерат тие метали (1. Летописи 22:14-16). Со Јеховина помош и со финансиска поддршка од целиот Израел, проектот бил завршен за само седум и пол години (1. Царевите 6:1, 37, 38).
„Домот на вистинскиот Бог“
И светиот шатор и храмот биле наречени „домот на вистинскиот Бог“ (Судиите 18:31; 2. Летописи 24:7). Јехова никогаш немал потреба да се засолни во некоја куќа (Исаија 66:1). Тој заповедал тие објекти да се изградат во корист на луѓето. Всушност, кога храмот бил свечено пуштен во употреба, Соломон прашал: „Дали Бог навистина ќе живее на земјата? Еве, ни небесата, ни небото над небесата не можат да те соберат, а камоли овој дом што го изградив!“ (1. Царевите 8:27).
Јехова го рекол следново преку својот пророк Исаија: „Мојот дом ќе се вика дом на молитвата за сите народи“ (Исаија 56:7). Жртвите што се принесувале и молитвите што се кажувале во храмот, како и церемониите што се одржувале во него, им помогнале на Божјите слуги — и на Евреите и на не-Евреите — да се зближат со вистинскиот Бог. Тие ги стекнале Јеховиното пријателство и заштита со тоа што го обожавале во неговиот дом. Ова го истакнува и молитвата што ја кажал Соломон кога бил пуштен во употреба храмот. Трогателните зборови што му ги упатил на Бог можеш да ги прочиташ во 1. Царевите 8:22-53 и 2. Летописи 6:12-42.
Тој древен дом на вистинскиот Бог бил уништен многу одамна, но Божјата реч укажала на времето кога луѓе од сите народи ќе се соберат за да го обожаваат Јехова во еден многу поголем духовен храм (Исаија 2:2). Тогаш ќе можело да му се пристапи на Јехова само преку совршената жртва на Божјиот единороден Син, која била предочена со животинските жртви што се принесувале во храмот (Јован 14:6; Евреите 7:27; 9:12). Денес, Јеховините сведоци го обожаваат Бог на тој подобар начин, а во тоа им помагаат и на многу други луѓе.
Денешни градежни проекти
Во целиот свет, Јеховините сведоци му служат на вистинскиот Бог. Тие сочинуваат еден „силен народ“, чиј број и понатаму расте (Исаија 60:22). Главното место каде што се состануваат Јеховините сведоци е Салата на Царството.a Веќе се користат илјадници од овие градби, а потребни сѐ уште илјадници.
Јеховините сведоци ‚спремно се нудат‘ да ги градат Салите на Царството што се потребни (Псалм 110:3). Но, многу често локалните Сведоци ја немаат потребната стручност, а во некои места каде што има голем пораст, тие се многу сиромашни. Во 1999 година, Водечкото тело на Јеховините сведоци воведе една програма за изградба на Сали на Царството за да можат да се совладаат овие препреки. Преку оваа програма, Сведоците што имаат стручни знаења од областа на градежништвото патуваат во далечни места за да ги обучат браќата и сестрите да градат Сали на Царството. Потоа, овие обучени работници продолжуваат да градат во тоа место. Каков е резултатот од оваа посебна програма?
До февруари 2006 година, Јеховините сведоци во земјите со ограничени средства добија повеќе од 13.000 нови Сали на Царството. Прочитај што рекле некои што ги користат новите Сали на Царството.
„На состаноците во собранието просечно присуствуваат по 160 лица. На првиот состанок откако беше изградена новата Сала на Царството, присутноста се покачи на 200. Сега, по шест месеци, на состаноците присуствуваат по 230 лица. Јеховиниот благослов врз изградбата на овие скромни но функционални градби е очигледен“ (еден покраински надгледник од Еквадор).
„Со години луѓето нѐ прашуваа: ‚Кога ќе имате Сала на Царството како оние што ги гледаме во вашите публикации?‘ Благодарение на Јехова, конечно имаме претставително место каде што можеме да го обожаваме. Порано одржувавме состаноци во продавницата на еден брат, и просечно имаше по 30 присутни. На првиот состанок во новата Сала на Царството дојдоа 110 души“ (едно собрание во Уганда).
„Две општи пионерки известуваат дека е полесно да се обработува подрачјето откако била изградена Салата на Царството. Луѓето повеќе сакаат да слушаат кога си во служба од врата до врата и кога им сведочиш неформално. Овие сестри сега водат 17 библиски студии, а многу од тие интересенти доаѓаат на состаноците“ (подружницата на Соломоновите Острови).
„Еден свештеник што живее во близина вели дека новата Сала на Царството уште повеќе го зголемува угледот на населбата и дека мештаните се гордеат со неа. Многу луѓе што минуваат оттука коментираат за убавината на Салата. Тоа им дава на браќата убави прилики да сведочат. Сѐ повеќе луѓе сакаат да дознаат нешто повеќе за нашето светско братство. Многу од оние што со години не доаѓале на состаноци сега се мотивирани повторно редовно да доаѓаат“ (подружницата на Мјанмар).
„Една сестра поканила еден заинтересиран човек да дојде на градилиштето во неговата населба. Човекот подоцна рекол: ‚Мислев дека работниците нема да ми дозволат да влезам. На мое изненадување, Сведоците љубезно ме поздравија. Мажи и жени вредно работеа и не губеа време. Владееше слога и радосен дух‘. Човекот се согласил да ја проучува Библијата и почнал да присуствува на состаноците. Подоцна рекол: ‚Почнав да размислувам поинаку. Нема да го напуштам Бог сега, кога го пронајдов‘“ (подружницата во Колумбија).
Важно е да ја дадеме нашата поддршка
Изградбата на Сали на Царството е важен дел од нашата света служба. Начинот на кој Јеховините сведоци во целиот свет го поддржуваат тоа дело — финансиски и на други начини — е навистина за пофалба. Но, не треба да заборавиме дека се важни и другите аспекти од нашата света служба. Одвреме-навреме, браќата се жртви на природни катастрофи и им треба нашата помош. Печатењето на библиска литература игра клучна улога во поддржувањето на светата служба. Речиси сите ние со свои очи сме виделе дека едно списание или една книга што се темели на Библијата може да има силно влијание врз некој што бил поволно настроен кон вистината. Освен тоа, многу е важно да се поддржуваат мисионерите и другите што се во специјална полновремена служба. Таквите самопожртвувани христијани играат клучна улога во ширењето на проповедничкото дело во овие последни денови.
Оние што дале прилози за да се изгради храмот биле многу радосни (1. Летописи 29:9). И ние денес, радосни сме што можеме да го поддржуваме обожавањето на вистинскиот Бог со нашите донации (Дела 20:35). Ја чувствуваме истата таа среќа кога ги ставаме нашите прилози во кутијата наменета за Фондот за изградба на Сали на Царството и кога даваме прилози за светското дело, и со тоа поддржуваме и други проекти поврзани со проповедањето на добрата вест за Царството. На еден прекрасен начин, Јеховините сведоци денес се обединети во вистинското обожавање. Секој од нас нека ја почувствува радоста што доаѓа од поддржувањето на обожавањето на вистинскиот Бог!
[Фуснота]
a За потеклото на изразот „Сала на Царството“ можеш да прочиташ во Јеховините сведоци — објавители на Божјето царство (Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom), 319. страница, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страници 20 и 21]
НАЧИНИ НА КОИ НЕКОИ ИЗБИРААТ ДА ДАВААТ
ПРИЛОЗИ ЗА СВЕТСКОТО ДЕЛО
Мнозина ставаат настрана или, пак, планираат некој износ од својот буџет што го пуштаат во кутиите за прилози со натпис „Матеј 24:14“.
Секој месец, собранијата го испраќаат овој износ до подружницата на Јеховините сведоци во нивната земја. Доброволните парични донации можат да се испратат директно до подружницата во твојата земја. Може да се дарува и накит или, пак, други скапоцености. Со таквите прилози треба да се приложи и едно кратко писмо во кое се наведува дека се работи за целосен подарок.
ДОБРОТВОРНО ПЛАНИРАЊЕ
Постојат некои методи на давање во полза на службата за Царството низ светот. Тие вклучуваат:
Осигурување: Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да биде именувана како корисник на полиса за животно или пензиско осигурување.
Банковни сметки: Кај Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки како депонирани или, пак, да се направат наплатливи по смртта, во согласност со локалните банкарски барања.
Вредносни хартии и обврзници: Вредносни хартии и обврзници можат да се подарат на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница како целосен подарок.
Недвижен имот: На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да се подари недвижен имот што може да се продаде, било како целосен подарок или, пак, да се задржи на доживотно користење од страна на донаторот, кој може и понатаму да живее во него до крајот на својот живот. Контактирај со подружницата во твојата земја пред да ѝ пренесеш каков и да било недвижен имот.
Тестаменти и полномоштија: Имот или пари можат да бидат завештани на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница со законски верифициран тестамент или, пак, Заедницата може да биде именувана како корисник на договор за ополномоштување. Полномоштието во полза на религиозна организација може да обезбеди извесни даночни погодности.
Ако си заинтересиран за некој од овие начини за добротворно планирање, треба да стапиш во контакт, или телефонски или писмено, со подружницата во којашто сакаш да го дадеш својот прилог.
Адреса:
Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница
П. ф. 800
1 000 Скопје
Телефон: (02) 3090 580
[Слика на страница 18]
Нашите обединети напори овозможуваат да се градат прекрасни Сали на Царството во целиот свет
[Слика на страница 18]
Нова Сала на Царството во Гана