Покажувај сѐ поголемо ценење
„Колку ми се скапоцени твоите мисли! О Боже, колку е голем нивниот број!“ (ПСАЛМ 139:17).
1, 2. Зошто треба да имаме ценење за Божјата реч, и како го изразил псалмистот своето ценење?
ОТКРИТИЕТО било сензационално. Додека се вршеле поправки на Јеховиниот храм во Ерусалим, првосвештеникот Хелкија ја пронашол „книгата на Јеховиниот закон, добиена преку Мојсеј“, без сомнение оригиналниот примерок што бил завршен околу 800 години претходно! Можеш ли да си замислиш како се чувствувал богобојазливиот цар Јосија кога му ја донеле оваа книга? Многу ја ценел и веднаш побарал писарот Сафан да му ја прочита наглас (2. Летописи 34:14-18).
2 Денес, Божјата реч, во целост или делови од неа, може да ја читаат милијарди луѓе. Но, дали тоа значи дека Светото писмо не е толку вредно и важно? Секако дека не! Па, во него се содржани мислите на Семоќниот, кои се запишани за наше добро (2. Тимотеј 3:16). Изразувајќи ги своите чувства за Божјата реч, псалмистот Давид напишал: „Колку ми се скапоцени твоите мисли! О Боже, колку е голем нивниот број!“ (Псалм 139:17).
3. Што покажува дека Давид бил човек што го исполнувале длабоките духовни работи?
3 Кај Давид никогаш не се намалило ценењето што го чувствувал за Јехова, за неговата Реч и за сѐ што правел вистинскиот Бог за да можат луѓето да го обожаваат на исправен начин. Од многуте убави псалми што ги компонирал Давид може да се види какви чувства имал. На пример, во Псалм 27:4 тој напишал: „За едно го молам Јехова, само тоа го барам, да живеам во Јеховиниот дом во сите денови на мојот живот, за да гледам колку е добар Јехова и да се восхитувам на неговиот храм“. Од овие зборови може да се види колку многу Давид го сакал и го ценел Божјиот дом. Јасно, Давид бил човек што го исполнувале длабоките духовни работи и вистински ценел сѐ што правел Јехова за да му ја зајакне верата, а уживал и во секое залаче од духовна вистина што ја откривал Бог. Ние треба да се угледаме на неговиот пример на ценење (Псалм 19:7-11).
Цени го тоа што ја знаеш библиската вистина
4. Од која причина ‚светиот дух го исполнил Исус со радост‘?
4 Разбирањето на Божјата реч не зависи од интелектуалните способности или од световното образование, кои обично раѓаат гордост. Наместо тоа, ова разбирање зависи од Јеховината незаслужена доброта, која тој им ја укажува на понизните, искрени луѓе што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби (Матеј 5:3; 1. Јованово 5:20). Кога Исус размислувал за тоа дека имињата на некои несовршени луѓе се запишани на небото, ‚светиот дух го исполнил со радост и тој рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, бидејќи си го скрил ова од мудрите и паметните, а си им го открил на малите деца!“‘ (Лука 10:17-21).
5. Зошто Исусовите ученици требало да внимаваат да не бидат неблагодарни за вистините за Царството што им биле откриени?
5 Откако ја кажал таа срдечна молитва, Исус им се обратил на своите ученици и им рекол: „Среќни се очите што го гледаат ова што вие го гледате. Зашто, ви велам, многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат ова што вие го слушате, но не го чуја“. Да, Исус ги поттикнал своите верни следбеници да не бидат неблагодарни за скапоцените вистини за Царството што им биле откриени. Овие вистини не им биле откриени на претходните генерации Божји слуги, а не им биле откриени ни на „мудрите и паметните“ што живееле во времето на Исус! (Лука 10:23, 24).
6, 7. а) Кои причини ги имаме за да покажеме ценење за вистината што ни ја открил Бог? б) Каква разлика се гледа денес помеѓу вистинската и лажната религија?
6 Во денешно време имаме уште повеќе причини да покажеме ценење за вистината што ни ја открил Јехова бидејќи тој, преку „верниот и разборит роб“, му дал на својот народ уште подлабоко разбирање за својата Реч (Матеј 24:45; Даниел 12:10). Во врска со времето на крајот, пророкот Даниел напишал: „Многумина ќе пребаруваат, и вистинското знаење ќе се умножи“ (Даниел 12:4). Зар не се согласуваш дека денес знаењето за Бог е ‚умножено‘ и дека Јеховините слуги се добро духовно нахранети?
7 Каква само разлика гледаме помеѓу духовната благосостојба на Божјиот народ и религиозната збрка што владее во Големиот Вавилон! Како резултат на тоа, многу луѓе што се разочарани од лажната религија или на кои им се смачило од неа почнуваат да го обожаваат вистинскиот Бог. Тие се како лицата слични на овци што ‚не учествуваат во гревовите‘ на Големиот Вавилон и што ‚не ги снаоѓаат неговите неволји‘. Јехова и неговите слуги ги повикуваат сите такви да дојдат во вистинското христијанско собрание (Откровение 18:2-4; 22:17).
Оние што имаат ценење се собираат на страната на Бог
8, 9. Како се исполнуваат денес зборовите од Агеј 2:7?
8 Во врска со својот духовен храм, Јехова прорекол: „Ќе ги затресам сите народи, и ќе дојдат скапоценостите од сите народи, и ќе го наполнам овој дом со слава“ (Агеј 2:7). Ова чудесно пророштво се исполнило во времето на Агеј, кога повратниците од Божјиот народ повторно го изградиле храмот во Ерусалим. Денес, зборовите на Агеј имаат уште едно исполнување, кое е поврзано со Јеховиниот голем духовен храм.
9 Милиони луѓе веќе се собрале во тој симболичен храм за да му служат на Бог „со дух и со вистина“, и секоја година продолжуваат да се слеваат стотици илјади ‚скапоцености од сите народи‘ (Јован 4:23, 24). На пример, светскиот извештај за 2006 службена година покажува дека се крстени 248.327 лица како симбол на заветот што му го дале на Јехова. Тоа претставува просек од 680 нови лица секој ден! Нивната љубов кон вистината и нивната желба да му служат на Јехова како објавители на Царството се доказ дека Бог навистина ги привлекол (Јован 6:44, 65).
10, 11. Раскажи едно искуство што покажува како некои луѓе почнале да ја ценат библиската вистина.
10 Многу од тие искрени лица биле привлечени кон вистината затоа што ја увиделе „разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Малахија 3:18). Размисли за искуството на Вејн и Вирџинија, маж и жена што припаѓале на некоја протестантска црква, но имале многу прашања на кои не добиле одговор. Ја мразеле војната и биле збунети и вознемирени кога виделе дека свештениците ги благословуваат војниците и оружјето. Како што старееле, се чувствувале запоставени од другите во црквата, иако Вирџинија со години давала часови по веронаука. „Никој не дојде да нѐ посети ниту се заинтересира за нашата духовна состојба“, велат тие. „На црквата ѝ беа важни само нашите пари. Се чувствувавме изгубени“. Уште повеќе се разочарале кога нивната црква усвоила попустлив став кон хомосексуалноста.
11 Во меѓувреме, внуката на Вејн и Вирџинија, а подоцна и нивната ќерка, станале Јеховини сведоци. Иако во почетокот Вејн и Вирџинија се лутеле заради тоа, подоцна го промениле мислењето и почнале да ја проучуваат Библијата. „За само три месеци“, рекол Вејн, „научивме повеќе за Библијата отколку што научивме во претходните 70 години! Воопшто не знаевме дека Бог се вика Јехова и не знаевме ништо за Царството и за рајот на Земјата.“ По кратко време, оваа искрена брачна двојка почнала да доаѓа на христијанските состаноци и да оди во служба на проповедање. „Сакаме на сите да им ја кажеме вистината“, вели Вирџинија. Тие се крстиле во 2005 год., во своите 80-ти. „Го најдовме христијанското собрание на кое вистински му припаѓаме“, велат тие.
Цени го тоа што си „опремен за секое добро дело“
12. Што им дава Јехова секогаш на своите слуги, и што мораме да правиме за да имаме и ние полза од тоа?
12 Јехова секогаш им помага на своите слуги да ја вршат неговата волја. На пример, Ное добил јасни, конкретни упатства за тоа како да ја изгради арката — проект што морал да биде добро направен од прва рака! Така и било. Зошто? Затоа што ‚Ное направил сѐ така како што му беше заповедал Бог. Токму така направил‘ (1. Мојсеева 6:14-22). И денес Јехова потполно ги опремува своите слуги да ја вршат неговата волја. Се разбира, главното дело што треба да го извршуваме е да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство што е веќе воспоставено и да им помогнеме на оние што се достојни да станат ученици на Исус Христос. И како што било случај со Ное, нашиот успех зависи од тоа дали сме послушни. Мораме послушно да го следиме водството што ни го дава Јехова преку својата Реч и преку својата организација (Матеј 24:14; 28:19, 20).
13. На кој начин Јехова ни дава обука?
13 За да го извршиме тоа дело, мораме да научиме ‚исправно да се служиме‘ со нашата главна алатка — Божјата реч — која е корисна „за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 2:15; 3:16, 17). Исто како што правел и во првиот век, Јехова ни дава скапоцена обука преку христијанското собрание. Денес, во сите 99.770 собранија во целиот свет, секоја седмица редовно се одржуваат Теократската школа за служба и Состанокот за нашата служба за да ни помогнат во службата. Дали покажуваш ценење за овие важни состаноци со тоа што редовно присуствуваш на нив и го применуваш она што го учиш? (Евреите 10:24, 25).
14. На кој начин Јеховините слуги покажуваат ценење за тоа што имаат чест да му служат на Бог? (Коментирај и за табелата на страници 27-30.)
14 Со тоа што вредно ја извршуваат својата служба, милиони Божји слуги во светот покажуваат ценење за обуката што ја добиваат. На пример, во текот на 2006 службена година, 6.741.444 објавители на Царството посветиле вкупно 1.333.966.199 часови во сите гранки на службата, што вклучува и водење на 6.286.618 домашни библиски студии. Ова се само некои охрабрувачки детали што се наведени во светскиот извештај. Внимателно разгледај го овој извештај што ќе те охрабри, исто како што нашите браќа од првиот век несомнено многу се охрабриле од извештаите за порастот на проповедничкото дело во нивно време (Дела 1:15; 2:5-11, 41, 47; 4:4; 6:7).
15. Зошто никој не треба да биде обесхрабрен кога му служи на Јехова со сета душа?
15 Силниот извик на фалба што доаѓа до Бог секоја година покажува колку длабоко ценење имаат Јеховините слуги за честа што го познаваат Јехова и што можат да сведочат за него (Исаија 43:10). Точно, жртвата на фалба што ја даваат некои од нашите остарени или болни браќа и сестри може да се спореди со паричката на вдовицата. Но, не смееме да заборавиме дека Јехова и неговиот Син искрено ги ценат сите што му служат на Бог со сета душа, бидејќи тие прават сѐ што можат (Лука 21:1-4; Галатите 6:4).
16. Кои публикации за поучување ни ги дал Бог во поново време?
16 Освен што добиваме обука за тоа како да ја извршуваме службата, преку својата организација Јехова ни дава одлични публикации што ни помагаат да ги поучуваме другите. Некои од публикациите што беа издадени во последниве децении се книгите Вистина која води до вечен живот, Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, Спознание кое води до вечен живот и Што навистина учи Библијата?, која ја користиме во моментов. Оние што вистински ги ценат овие публикации добро ги користат во службата.
Добро користи ја книгата Што учи Библијата
17, 18. а) На кои делови од книгата Што учи Библијата најчесто им свртуваш внимание на луѓето што ги сретнуваш во службата? б) Што забележал еден покраински надгледник во врска со книгата Што учи Библијата?
17 Со своите 19 поглавја, подробен додаток и јасен, едноставен јазик, книгата Што навистина учи Библијата? е токму тоа што требаше за службата. На пример, во 12. поглавје се обработува темата „Радувај го Бог со својот живот“. Овој материјал му објаснува на интересентот како може да стане Божји пријател, иако многу луѓе не ни помислиле на тоа ниту сметаат дека е можно (Јаков 2:23). Како е примена оваа публикација за проучување на Библијата?
18 Еден покраински надгледник од Австралија известува дека книгата Што учи Библијата „веднаш им се допаѓа на луѓето и брзо го вовлекува станарот во разговор“. Тој додава дека книгата толку лесно може да се користи што „на многу објавители на Царството им ја обнови самодовербата и радоста во службата. Не е чудо што некои ја нарекуваат Златна книга!“
19-21. Раскажи некои искуства од кои се гледа колку е вредна книгата Што учи Библијата.
19 „Мора да ве испратил Бог“, ѝ рекла една жена од Гвајана на пионерката што дошла на нејзината врата. Кратко време пред тоа, човекот со кој живеела ги напуштил неа и нивните две мали деца. Пионерката ја отворила книгата Што учи Библијата на првото поглавје и гласно го прочитала 11. пасус, кој спаѓал во меѓунасловот „Како гледа Бог на неправдите што ги трпиме?“ „Тие зборови длабоко ја трогнаа“, вели пионерката. „Всушност, мораше да стане, да појде во задниот дел од продавницата и добро да се исплаче.“ Оваа жена се согласила редовно да ја проучува Библијата со една сестра и денес продолжува да напредува.
20 Хозе, кој живее во Шпанија, ја изгубил жена му во сообраќајна несреќа. Побарал утеха во дрогата, а добивал и помош од стручни лица. Меѓутоа, психолозите не можеле да одговорат на прашањето што најмногу го мачело Хозе: „Зошто Бог дозволи жена ми да умре?“ Еден ден Хозе се запознал со Франческо, кој работел во истата фирма. Тој му предложил да поразговараат за 11. поглавје од книгата Што учи Библијата, со наслов „Зошто Бог ги допушта страдањата?“ Библиското објаснување и примерот со наставникот и ученикот му оставиле силен впечаток на Хозе. Тој почнал сериозно да проучува, отишол на еден покраински собир и сега оди и на состаноците во Салата на Царството во неговото место.
21 Роман, 40-годишен бизнисмен од Полска, отсекогаш имал ценење за Божјата реч. Но, бидејќи бил преокупиран со работата, не напредувал многу во библиската студија. Меѓутоа, отишол на еден обласен конгрес и добил примерок од книгата Што учи Библијата. Оттогаш, тој значително се подобрил. „Со оваа книга“, вели тој, „сите основни учења од Библијата прават една комплетна слика, како да се делови на една сложувалка.“ Сега Роман редовно ја проучува Библијата и добро напредува.
И понатаму покажувај ценење
22, 23. Како можеме и понатаму да го покажуваме нашето ценење за надежта што ја имаме?
22 Како што беше објаснето на прекрасните обласни конгреси „Избавувањето е многу близу!“, вистинските христијани едвај го чекаат ‚вечното избавување‘ што го ветил Бог и што го овозможил преку пролеаната крв на Исус Христос. Нема подобар начин да покажеме искрено ценење за оваа скапоцена надеж отколку да продолжиме да се очистуваме „од мртви дела за да му служиме на живиот Бог“ (Евреите 9:12, 14).
23 Да, вистинско чудо е тоа што преку шест милиони објавители на Царството верно истрајуваат во службата за Бог иако притисокот да си угодуваат себеси е поголем од кога и да е порано. Исто така, тоа е доказ дека Јеховините слуги вистински ценат што имаат чест да му служат на Бог, знаејќи дека нивниот „труд во Господарот не е залуден“. Тоа ценење никогаш нека не престане да расте! (1. Коринќаните 15:58; Псалм 110:3).
Како би одговорил?
• Што нѐ учи псалмистот во врска со ценењето за Бог и за она што го прави за наше духовно добро?
• Како се исполнуваат денес зборовите од Агеј 2:7?
• Како ги опремил Јехова своите слуги да му служат делотворно?
• Што можеш да направиш за да го покажеш своето ценење за добротата на Јехова?
[Табела на страници 27-30]
ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 2006 СЛУЖБЕНА ГОДИНА
(Види во публикацијата)
[Слики на страница 25]
Јехова потполно нѐ опремува да ја вршиме неговата волја