Јехова е Бог што знае да цени
„Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (ЕВРЕИТЕ 6:10).
1. Како Јехова покажал дека ја цени Моавката Рут?
ЈЕХОВА многу го цени трудот на оние што искрено сакаат да ја вршат неговата волја, и богато ги наградува (Евреите 11:6). Верниот човек Вооз ја познавал оваа убава црта на Божјата личност, бидејќи на Моавката Рут, која со љубов се грижела за својата овдовена свекрва, ѝ рекол: „Јехова нека ги награди твоите дела и Јехова... нека ти даде целосна плата!“ (Рут 2:12). Дали Бог ја благословил Рут? Секако! Всушност, настаните од нејзиниот живот се запишани во Библијата! Освен тоа, таа се омажила за Вооз и станала предок на цар Давид и на Исус Христос (Рут 4:13, 17; Матеј 1:5, 6, 16). Овој пример е само еден од многуте примери што се запишани во Библијата, кои покажуваат дека Јехова ги цени своите слуги.
2, 3. а) Зошто е значајно тоа што Јехова покажува ценење и благодарност? б) Зошто Јехова може да покаже вистинско ценење? Кажи еден пример.
2 Јехова би сметал дека е неправедно од негова страна да не покаже ценење и благодарност. Во Евреите 6:10 стои: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, така што им служевте на светите и продолжувате да им служите“. Овие зборови се значајни затоа што од нив се гледа дека Бог покажува ценење и благодарност кон оние што му се оддадени иако се грешни и не ја одразуваат неговата слава (Римјаните 3:23).
3 Затоа што сме несовршени, можеби си мислиме дека нашите дела на оддаденост на Бог не вредат многу и не заслужуваат благослов од Бог. Но, Јехова потполно ги сфаќа нашите мотиви и околности, и вистински ја цени службата што ја вршиме со сета душа (Матеј 22:37). Да дадеме еден пример: една мајка наоѓа на масата едно евтино ѓерданче како подарок за неа. Можеби си помислува дека подарокот нема голема вредност и не му придава никаква важност. Меѓутоа, од картичката што е оставена до подарокот гледа дека тој е од нејзината ќеркичка, која ги потрошила сите пари што ги имала заштедено за да го купи. Сега мајката поинаку гледа на подарокот. Можеби со солзи во очите, таа ја прегрнува ќерка си и од сѐ срце ѝ се заблагодарува за да ѝ покаже дека многу го цени подарокот.
4, 5. На кој начин Исус се угледал на Јехова во покажувањето ценење?
4 Бидејќи добро ги знае нашите мотиви и нашите ограничувања, Јехова цени кога му даваме сѐ од себе, сеедно дали тоа е малку или многу. Во врска со ова, Исус совршено ја одразувал личноста на својот Татко. Сети се на библискиот извештај за паричката на вдовицата. „Исус погледна и виде како богаташите ги пуштаат своите дарови во ковчежињата за прилози. Тогаш здогледа една сиромашна вдовица како пушта во нив две парички. И рече: ‚Вистина, ви велам, оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите нив. Зашто, сите тие пуштија дарови од својот вишок, а оваа жена од својата немаштија пушти сѐ што имаше за живот‘“ (Лука 21:1-4).
5 Да, познавајќи ги околностите на таа жена — дека била сиромашна вдовица — Исус сфатил колку навистина вреди нејзиниот подарок и многу го ценел. Истото може да се каже и за Јехова (Јован 14:9). Зар не си охрабрен што знаеш дека, какви и да се твоите околности, можеш да најдеш милост во очите на нашиот Бог што знае да цени и во очите на неговиот Син?
Јехова наградува еден богобојазлив Етиопјанец
6, 7. Зошто и како Јехова покажал дека го цени она што го направил Авде-Мелех?
6 На многу места, Светото писмо покажува дека Јехова гледа со ценење на оние што ја вршат неговата волја. Размисли за тоа како постапил со богобојазливиот Етиопјанец Авде-Мелех, кој живеел во времето на Еремија и бил слуга во домот на неверниот цар Седекија, кој владеел со Јуда. Авде-Мелех дознал дека кнезовите на Јуда неправедно го обвиниле пророкот Еремија дека крева побуна и затоа го фрлиле во една јама за да умре од глад (Еремија 38:1-7). Бидејќи знаел дека причина за горката омраза кон Еремија е пораката што ја објавувал, Авде-Мелех си го ризикувал сопствениот живот и зборувал со царот. Храбро, овој Етиопјанец рекол: „Царе, господару мој, овие луѓе направиле зло со она што му го направиле на пророкот Еремија, кого го фрлиле во јамата. Ќе умре таму од глад“. По наредба на царот, Авде-Мелех зел 30 луѓе и го спасил Божјиот пророк (Еремија 38:8-13).
7 Јехова видел дека зад постапката на Авде-Мелех стоела вера, која му помогнала да совлада секаков страв што можеби го чувствувал. Затоа, Јехова го ценел тоа и преку Еремија му рекол на Авде-Мелех: „Еве, ќе ги исполнам зборовите што ги кажав за овој град, на негово зло, а не на добро... А тебе ќе те избавам во тој ден... и нема да бидеш предаден во рацете на луѓето од кои се плашиш. Зашто, јас навистина ќе те избавам... Ќе ја добиеш својата душа како плен, бидејќи се надеваше на мене“ (Еремија 39:16-18). Да, Јехова го избавил Авде-Мелех, како и Еремија, од злобните кнезови на Јуда и подоцна од Вавилонците, кои го срамниле со земја Ерусалим. „[Јехова] ги чува душите на оние што му се лојални, од раката на злите тој ги избавува“, стои во Псалм 97:10.
„Твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати“
8, 9. Како што покажал Исус, кои молитви ги цени Јехова?
8 Друг доказ дека Јехова цени сѐ што правиме затоа што сме му оддадени може да се види во она што го вели Библијата за молитвата. „Молитвата на справедливите му е пријатна [на Бог]“, рекол еден мудрец (Изреки 15:8). Во времето на Исус, многу верски водачи се молеле јавно, но не затоа што биле вистински побожни, туку од желба да ги импресионираат другите. „Веќе ја примиле својата плата“, рекол Исус. „А ти, кога се молиш“, ги поучил своите следбеници, „влези во својата најскриена соба и затвори ја вратата, па помоли му се на својот Татко кој е во тајност. Тогаш твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати“ (Матеј 6:5, 6).
9 Се разбира, Исус не ги осудувал јавните молитви, бидејќи и самиот тој јавно се молел во некои прилики (Лука 9:16). Јехова многу цени кога му се молиме од длабочината на срцето и искрено, без да ни биде важно дали ќе ги импресионираме другите. Всушност, нашите лични молитви се добар показател за длабочината на нашата љубов кон Бог и на нашата доверба во него. Затоа, не сме изненадени што Исус често барал места каде што ќе може насамо да се моли. Еднаш, тоа го направил „рано изутрината, додека уште беше мрак“. Друг пат „се качи на гората сам за да се моли“. А пред да ги избере своите 12 апостоли, Исус поминал цела ноќ сам во молитва (Марко 1:35; Матеј 14:23; Лука 6:12, 13).
10. Кога од нашите молитви зрачат искреност и длабоки чувства, во што можеме да бидеме сигурни?
10 Замисли си колку внимателно мора да ги слушал Јехова искрените зборови на својот Син! Всушност, понекогаш Исус се молел ‚со силни извици и солзи и упатувал сесрдни молитви и молби... и бил услишен поради својата богобојазливост‘ (Евреите 5:7; Лука 22:41-44). Кога од нашите молитви зрачат таква искреност и длабоки чувства, можеме да бидеме сигурни дека нашиот небесен Татко слуша внимателно и со ценење. Да, „Јехова е близу до сите... што го повикуваат во вистина“ (Псалм 145:18).
11. Како гледа Јехова на она што го правиме кога никој не нѐ гледа?
11 Штом Јехова цени кога му се молиме во тајност, колку ли повеќе мора да цени кога сме му послушни во тајност! Да, Јехова знае што правиме кога сме сами (1. Петрово 3:12). Навистина, тоа што сме верни и послушни кога никој не нѐ гледа е добар показател дека имаме „потполно оддадено срце“ за Јехова, срце со чисти мотиви и што е цврсто решено да го прави она што е исправно (1. Летописи 28:9). Колку ли се радува Јеховиното срце кога постапуваме така! (Изреки 27:11; 1. Јованово 3:22).
12, 13. Како можеме да си ги чуваме умот и срцето и да бидеме како верниот ученик Натанаел?
12 Според тоа, верните христијани се чуваат од тајни гревови што ги расипуваат умот и срцето, како што е гледањето порнографија и насилство. Иако некои гревови можат да се скријат од луѓето, сфаќаме дека „сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13; Лука 8:17). Со тоа што не правиме ништо од она што не му се допаѓа на Јехова, задржуваме чиста совест и радосни сме затоа што знаеме дека сме му мили на Бог. Да, нема никакво сомневање дека Јехова вистински го цени оној „што живее беспрекорно и постапува праведно и ја зборува вистината во своето срце“ (Псалм 15:1, 2).
13 Но, како можеме да си ги чуваме умот и срцето во еден свет во кој цвета злобата? (Изреки 4:23; Ефешаните 2:2). Освен тоа што целосно ќе користиме сѐ што прави Јехова за наше духовно добро, мораме вистински да се трудиме да го отфрлиме она што е лошо и да го правиме она што е добро, дејствувајќи брзо за да не дозволиме неисправните желби да зачнат и да родат грев (Јаков 1:14, 15). Замисли си колку би бил среќен кога Исус би го рекол и за тебе она што го рекол за Натанаел: „Еве, [човек] во кого нема измама!“ (Јован 1:47). Натанаел, кој бил наречен и Вартоломеј, подоцна имал чест да стане еден од 12-те апостоли на Исус (Марко 3:16-19).
‚Милосрден и верен првосвештеник‘
14. Како реагирал Исус на постапката на Марија, за разлика од некои други луѓе?
14 Бидејќи Исус е „сликата на невидливиот Бог“, Јехова, тој секогаш совршено го следел примерот на својот Татко во покажувањето ценење кон оние што му служат на Бог од чисто срце (Колошаните 1:15). На пример, пет дена пред да го предаде својот живот, Исус и некои од неговите ученици биле на гости кај Симон од Витанија. Вечерта, Марија, сестра им на Лазар и Марта, ‚зела една либра скапоцено мирисливо масло, вистински нард‘ (кој чинел колку една годишна плата), и го излеала врз главата и нозете на Исус (Јован 12:3). „Какво е ова растурање?“, рекле некои. Меѓутоа, Исус гледал на постапката на Марија во сосема поинаква светлина. Тој го сметал тоа за чин на голема дарежливост, кој имал длабоко значење со оглед на неговата блиска смрт и погреб. Затоа, наместо да ја критикува Марија, Исус ја пофалил. „Секаде каде што ќе се проповеда оваа добра вест, по целиот свет“, рекол тој, „ќе се кажува и за тоа што го направи оваа жена, како спомен за неа“ (Матеј 26:6-13).
15, 16. Каква полза имаме од тоа што Исус живеел и му служел на Бог како човек?
15 Колкава чест имаме што наш Водач е Исус, кој е личност што знае многу да цени! Всушност, Исусовиот живот како човек го подготвил за делото што му го имал доверено Бог — да служи како Првосвештеник и Цар, најнапред за собранието од помазаници, а потоа и за другите луѓе (Колошаните 1:13; Евреите 7:26; Откровение 11:15).
16 Уште пред да дојде на Земјата, Исус многу се интересирал за луѓето и многу им се радувал (Изреки 8:31). Со тоа што живеел како човек, уште повеќе сфатил на какви искушенија наидуваме додека му служиме на Бог. „[Исус] мораше во сѐ да стане како своите ‚браќа‘“, напишал апостол Павле, „за да биде милосрден и верен како првосвештеник... А бидејќи и самиот страдаше кога беше искушуван, тој може да им дојде на помош на оние што се во искушенија“. Исус може „да сочувствува со нас во нашите слабости“ затоа што „во сѐ е испитан како и ние, но не згрешил“ (Евреите 2:17, 18; 4:15, 16).
17, 18. а) Што откриваат писмата до седумте собранија во Мала Азија во врска со длабочината на ценењето што го чувствувал Исус? б) За што биле подготвувани помазаните христијани?
17 Дека Исус добро сфаќал на какви искушенија наидуваат неговите следбеници можело да се види по неговото воскресение. Размисли за писмата што им ги пратил на седумте собранија во Мала Азија, кои ги запишал апостол Јован. На собранието во Смирна, Исус му рекол: „Ја знам твојата неволја и сиромаштвото“. Овде Исус како да велел: ‚Потполно сфаќам какви проблеми имаш, и навистина знам низ што минуваш‘. Потоа, со сочувство и со авторитет врз основа на тоа што и самиот страдал до смрт, Исус додал: „Биди верен до смрт, и ќе те наградам со живот“ (Откровение 2:8-10).
18 Од она што е запишано во писмата до седумте собранија јасно може да се види дека Исус добро знаел со какви проблеми се борат неговите ученици и дека многу го ценел тоа што биле верни (Откровение 2:1—3:22). Имај на ум дека оние на кои им се обратил Исус биле помазани христијани што имале надеж да владеат заедно со него на небото. Слично на нивниот Господар, тие биле подготвувани да ја извршат својата возвишена улога — да помогнат да се спроведат со најголемо сочувство придобивките од Христовата откупна жртва врз болното човештво (Откровение 5:9, 10; 22:1-5).
19, 20. На кој начин оние што го сочинуваат ‚големото мноштво‘ покажуваат ценење и благодарност кон Јехова и кон неговиот Син?
19 Се разбира, Исус не ги сака само своите помазани следбеници туку и своите верни „други овци“, милионите што во денешно време го сочинуваат идното „големо мноштво луѓе... од сите народи“, кое ќе ја преживее претстојната ‚голема неволја‘ (Јован 10:16; Откровение 7:9, 14). Тие се собираат на Исусовата страна затоа што чувствуваат ценење и благодарност за неговата откупна жртва и за тоа што имаат надеж дека ќе живеат вечно. Како го покажуваат своето ценење и благодарност? Со тоа што „му служат [на Бог] ден и ноќ“ (Откровение 7:15-17).
20 Светскиот извештај за 2006 службена година, кој е изнесен на страници 27 до 30, јасно покажува дека овие верни проповедници навистина ‚му служат на Јехова ден и ноќ‘. Всушност, во текот на изминатава година, заедно со релативно малкуте преостанати од помазаните христијани тие поминале вкупно 1.333.966.199 часови во службата на проповедање — што е еднакво на преку 150.000 години!
И понатаму покажувај ценење!
21, 22. а) Кога станува бор за ценењето, на што треба особено да внимаваат христијаните денес? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
21 Во своите постапки со несовршените луѓе, Јехова и неговиот Син покажале навистина големо ценење. Но, за жал, повеќето луѓе не мислат многу на Бог, туку само на она што ги засега нив лично. Опишувајќи ги луѓето што живеат во „последните денови“, Павле рекол: „Луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари... неблагодарни“ (2. Тимотеј 3:1-5). Тие многу се разликуваат од вистинските христијани, кои со своите срдечни молитви, со својата спремна послушност и со својата служба со сета душа покажуваат ценење за сѐ што Бог направил за нив! (Псалм 62:8; Марко 12:30; 1. Јованово 5:3).
22 Во следната статија ќе разгледаме некои од многуте работи што со љубов ги прави Јехова за наше духовно добро. Додека размислуваме за тие ‚добри дарови‘, да го продлабочуваме сѐ повеќе нашето ценење (Јаков 1:17).
Како би одговорил?
• На кој начин Јехова покажал дека е Бог што знае да цени?
• Кога не нѐ гледаат другите, како можеме да го радуваме Јеховиното срце?
• На кои начини Исус покажал ценење?
• На кој начин тоа што Исус живеел како човек му помогнало да биде сочувствителен владетел што знае да цени?
[Слика на страница 17]
Исто како што една мајка се радува дури и на најситниот подарок од своето дете, Јехова цени кога му го даваме најдоброто од себе