Бој се од Јехова и радувај му се на животот
„Бојте се од Јехова, вие свети слуги негови, зашто ништо не им недостига на оние што се бојат од него“ (ПСАЛМ 34:9).
1, 2. а) Кои две сосема различни гледишта ги има христијанскиот свет во врска со стравот од Бог? б) Кои прашања ќе ги разгледаме сега?
ПРОПОВЕДНИЦИТЕ во христијанскиот свет што ги учат луѓето да имаат страв од Бог честопати го прават тоа врз основа на небиблиското учење дека Бог вечно ги казнува грешниците да горат во пеколен оган. Ваквата доктрина е спротивна на она што го учи Библијата за Јехова како Бог на љубовта и правдата (1. Мојсеева 3:19; 5. Мојсеева 32:4; Римјаните 6:23; 1. Јованово 4:8). Други проповедници на христијанските религии учат нешто сосема спротивно. Тие никогаш не го спомнуваат стравот од Бог. Наместо тоа, велат дека Бог е премногу попустлив и дека го прифаќа речиси секого, без оглед на тоа каков живот води. Но, Библијата не учи ниту такво нешто (Галатите 5:19-21).
2 Всушност, Библијата нѐ поттикнува да имаме страв од Бог (Откровение 14:7). Ова повлекува со себе некои прашања. Зошто еден Бог на љубовта сака да имаме страв од него? Каков страв од Бог треба да имаме? Како ни користи стравот од Бог? На овие прашања ќе одговориме додека продолжуваме со нашето разгледување на 34. Псалм.
Зошто треба да се боиме од Бог
3. а) Како гледаш на заповедта да се боиме од Бог? б) Зошто се среќни оние што се бојат од Јехова?
3 Како Творец и Севишен владетел на целата вселена, Јехова заслужува да имаме страв од него (1. Петрово 2:17). Меѓутоа, таквиот страв не значи дека треба да чувствуваме ужас од него како да е некаков суров бог. Тој страв значи да имаме длабока страхопочит од помислата на тоа кој е Јехова. Исто така, тој значи да се плашиме да не го разочараме. Стравот од Бог е позитивно чувство што охрабрува, а не чувство што понижува и предизвикува ужас. Јехова, „среќниот Бог“, сака луѓето што ги создал да му се радуваат на животот (1. Тимотеј 1:11). Но, за да биде така, мора да живееме во склад со она што Бог го бара од нас. За многу луѓе, ова значи да го променат својот начин на живот. Сите оние што ги прават потребните промени искусуваат колку се вистинити зборовите што ги кажал псалмистот Давид: „Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште! Бојте се од Јехова, вие свети слуги негови, зашто ништо не им недостига на оние што се бојат од него“ (Псалм 34:8, 9). Затоа што имаат добар однос со Бог, на сите што се бојат од Јехова не им недостига ништо што има трајна вредност.
4. Какво уверување дале и Давид и Исус?
4 Забележи дека во тогашно време Давид им оддал чест на своите луѓе со тоа што ги нарекол „свети“. Тие биле дел од Божјиот свет народ. Исто така, си го ризикувале животот за да појдат по Давид. Иако бегале од цар Саул, Давид бил уверен дека Јехова и понатаму ќе се грижи за нивните основни потреби. Тој напишал: „Дури и младите лавови имаат малку и гладуваат, но на оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро“ (Псалм 34:10). И Исус ги уверил во истото оние што тргнале по него (Матеј 6:33).
5. а) Од каква средина потекнувале многу од оние што тргнале по Исус? б) Кој совет го дал Исус во врска со стравот?
5 Многу од оние што го слушале Исус биле од обесправената, понижена класа Евреи. Затоа, Исус ‚се сожалил на нив бидејќи биле измачени и расеани како овци без пастир‘ (Матеј 9:36). Дали тие понижени луѓе ќе имале храброст да го следат Исус? За да го прават тоа, требало да имаат страв од Јехова, а не од луѓето. Исус рекол: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, и потоа не можат ништо повеќе да направат. Ќе ви кажам од кого треба да се плашите: плашете се од оној што, откако ќе убие, има власт да фрли во геената. Да, ви велам, од него плашете се! Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено пред Бог. А вам и сите влакна на главата ви се изброени. Не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Лука 12:4-7).
6. а) Кои Исусови зборови ги зајакнуваат христијаните? б) Зошто Исус е најдобар пример на личност што има страв од Бог?
6 Кога непријателите им вршат притисок на оние што се бојат од Јехова да престанат да му служат на Бог, нека се сетат на Исусовиот совет: „Секој што ќе го признае пред луѓето единството со мене, и Синот човечки ќе го признае пред Божјите ангели единството со него. Но, ако некој се одрече од мене пред луѓето, јас ќе се одречам од него пред Божјите ангели“ (Лука 12:8, 9). Овие зборови ги зајакнуваат христијаните, особено во земјите каде што е забрането да му се служи на вистинскиот Бог. Тие христијани и понатаму го фалат Јехова на христијанските состаноци и во јавната служба, водејќи сметка да не привлекуваат непотребно внимание (Дела 5:29). Исус ни го дава најдобриот пример во покажувањето „богобојазливост“ (Евреите 5:7). Во врска со него, во Божјата пророчка реч е проречено: „Врз него ќе почива Јеховиниот дух, духот... на стравот од Јехова. Тој ќе ужива во стравот од Јехова“ (Исаија 11:2, 3). Значи, Исус е најсоодветната личност што може да нѐ научи зошто е добро да имаме страв од Бог.
7. а) На кој начин христијаните се оѕвиваат на повикот сличен на оној што го упатил Давид? б) Како можат родителите да го следат добриот пример на Давид?
7 Сите што го следат примерот на Исус и што се послушни на неговите учења, покажуваат дека се оѕвиваат на повикот сличен на оној што го упатил Давид: „Дојдете, синови мои, послушајте ме, ќе ве научам да се боите од Јехова“ (Псалм 34:11). Било сосема природно Давид да ги нарече своите луѓе „синови“, затоа што тие во него гледале водач. Тој, пак, им дал духовна помош на оние што тргнале по него за да можат да бидат обединети и да ја имаат Божјата милост. Колку убав пример е тоа за христијанските родители! Јехова им дал авторитет врз нивните синови и ќерки да ги ‚воспитуваат со стега од Јехова и да им помагаат да го усвојат Јеховиниот начин на размислување‘ (Ефешаните 6:4). Со тоа што секој ден ќе разговараат со своите деца за духовни работи и редовно ќе ја проучуваат Библијата со нив, родителите им помагаат на младите да му се радуваат на животот во страв од Јехова (5. Мојсеева 6:6, 7).
Како да покажуваме страв од Бог
8, 9. а) Зошто е добро да имаме страв од Бог? б) Што значи тоа да го чуваме својот јазик?
8 Како што веќе рековме, стравот од Јехова нѐ ни ја одзема радоста. Давид прашал: „Кој човек му се радува на животот и би сакал да види многу добри денови?“ (Псалм 34:12). Јасно, стравот од Јехова е клучен фактор за да можеме да живееме долго и среќно и за да видиме добри денови во животот. Меѓутоа, лесно е да се рече „јас се бојам од Бог“. Но, сосема друга работа е да го покажеме тоа со нашите постапки. Затоа, Давид понатаму ни објаснува како можеме да покажуваме страв од Бог.
9 „Чувај го јазикот од зло и своите усни од измамничко зборување“ (Псалм 34:13). Апостол Петар бил вдахновен да го цитира овој дел од 34. Псалм откако им дал совет на христијаните да си покажуваат братска љубов (1. Петрово 3:8-12). Да го чуваме јазикот од зло значи да не шириме штетно оговарање. Наместо тоа, секогаш ќе се трудиме да ги изградуваме другите кога разговараме со нив. Освен тоа, ќе се трудиме да бидеме храбри и да ја зборуваме вистината (Ефешаните 4:25, 29, 31; Јаков 5:16).
10. а) Објасни што значи тоа да го избегнуваме злото. б) Што значи тоа да се прави добро?
10 „Избегнувај го злото и прави добро, барај мир и тежнеј кон него!“ (Псалм 34:14). Не се занимаваме со она што Бог го осудува, како што е сексуалниот неморал, порнографијата, крадењето, спиритизмот, насилството, пијанството и дрогата. Исто така, избегнуваме забава во која се вклучени овие одвратни работи (Ефешаните 5:10-12). Наместо тоа, времето го користиме за да правиме добро. Најголемото добро што можеме да го направиме е редовно да учествуваме во делото на проповедање на Царството и правење ученици, помагајќи им на другите да се спасат (Матеј 24:14; 28:19, 20). Да правиме добро исто така значи да се подготвуваме за христијанските состаноци и да одиме на нив, да даваме прилози за проповедничкото дело што се извршува во целиот свет, да се грижиме за нашата Сала на Царството, како и да се интересираме за потребите на сохристијаните што се во неволја.
11. а) Како Давид го покажал на дело она што го зборувал во врска со мирот? б) Што можеш да направиш за да ‚тежнееш кон мир‘ во собранието?
11 Давид ни дал добар пример за тоа како да тежнееме кон мир. Двапати имал прилика да го убие Саул. Ниту во едниот ниту во другиот случај не се послужил со насилство, и подоцна со почит зборувал со царот со надеж дека ќе успеат да се смират (1. Самоилова 24:8-11; 26:17-20). Што можеме да направиме денес кога постои опасност некоја ситуација да го наруши мирот на собранието? Треба да се трудиме ‚да бараме мир и да тежнееме кон него‘. Затоа, ако почувствуваме дека односите помеѓу нас и некој соверник се затегнати, ќе го послушаме Исусовиот совет: „Појди и прво помири се со братот“. Потоа ќе продолжиме со другите аспекти од нашата служба за Бог (Матеј 5:23, 24; Ефешаните 4:26).
Стравот од Бог носи богати благослови
12, 13. а) Какви благослови во денешно време добиваат оние што се бојат од Бог? б) Кој голем благослов наскоро ќе го искусат оние што верно го обожаваат Јехова?
12 „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“ (Псалм 34:15). Извештајот за начинот на кој Бог постапувал со Давид докажува дека овие зборови се сосема точни. Денес чувствуваме огромна радост и внатрешен мир затоа што знаеме дека Јехова нѐ чува. Уверени сме дека тој секогаш ќе ни го дава она што ни е потребно, дури и кога сме под голем притисок. Знаеме дека наскоро сите оние што му служат на вистинскиот Бог ќе се соочат со претскажаниот напад на Гог од Магог и со „големиот и страшен Јеховин ден“ (Јоил 2:11, 31; Езекиел 38:14-18, 21-23). Без оглед на тоа со каква ситуација ќе се соочиме во тоа време, зборовите на Давид ќе важат и за нас: „Праведниците викаа за помош, и Јехова ги слушна, ги избави од сите нивни неволји“ (Псалм 34:17).
13 Колку ќе биде возбудливо во тоа време да се види како Јехова го прославува своето величествено име! Нашите срца ќе бидат исполнети со поголема страхопочит од кога и да е порано, а сите противници ќе доживеат понижувачки крај. „Лицето на Јехова е против оние што прават зло, за да го сотре на земјата споменот за нив“ (Псалм 34:16). Ќе биде голем благослов да се искуси тоа големо избавување во Божјиот праведен нов свет!
Ветувања што ни помагаат да истраеме
14. Што ќе ни помогне да издржиме и покрај неволјите?
14 Во меѓувреме, за да продолжиме да го слушаме Јехова во еден расипан и непријателски настроен свет, треба да бидеме истрајни. Стравот од Бог многу ќе ни помогне да бидеме послушни. Поради критичните времиња во кои живееме, некои слуги на Јехова имаат големи неволји што многу ги погодуваат и ги обесхрабруваат. Меѓутоа, можат да бидат сигурни дека, ако се потпираат на Јехова, тој ќе им помогне да истраат. Зборовите на Давид ни даваат вистинска утеха: „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18). Давид понатаму охрабрува: „Многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив“ (Псалм 34:19). Независно од тоа колку неволји ќе нѐ снајдат, Јехова е доволно силен да нѐ избави.
15, 16. а) За која неволја чул Давид кратко откако го составил 34. Псалм? б) Што ќе ни помогне да ги издржиме неволјите?
15 Кратко откако го составил 34. Псалм, Давид чул за неволјата што ги снашла жителите на Нов, кога Саул ги погубил нив и повеќето свештеници. Сигурно многу му било тешко кога помислил дека гневот на Саул бил предизвикан затоа што тој бил во Нов! (1. Самоилова 22:13, 18-21). Без сомнение Давид му се обратил на Јехова за помош, и сигурно се утешил што во иднина ќе има воскресение на „праведните“ (Дела 24:15).
16 Денес, и нас нѐ зајакнува надежта во воскресение. Знаеме дека што и да направат нашите непријатели, не можат да ни нанесат трајна штета (Матеј 10:28). Давид покажал слична увереност кога рекол: „Тој ги чува сите негови [на праведникот] коски, ниту една од нив не е скршена“ (Псалм 34:20). Овој стих дословно се исполнил на Исус. Иако Исус бил сурово убиен, не му била „скршена“ ниту една коска (Јован 19:36). Применет пошироко, Псалм 34:20 нѐ уверува дека, какви и искушенија да доживеат помазаните христијани и нивните придружници ‚другите овци‘, никогаш нема да претрпат трајна штета. Во симболична смисла, нивните коски никогаш нема да бидат скршени (Јован 10:16).
17. Каква неволја ги очекува оние што непокајнички го мразат Јеховиниот народ?
17 За злобните, работите стојат поинаку. Наскоро тие ќе го пожнеат лошото што го сееле. „Неволја ќе го убие злиот, и оние што го мразат праведникот ќе бидат виновни“ (Псалм 34:21). Сите што упорно му се противат на Божјиот народ ќе ја доживеат најголемата можна неволја. Кога ќе се открие Исус Христос, тие „ќе бидат казнети со вечно уништување“ (2. Солуњаните 1:9).
18. Во која смисла ‚големото мноштво‘ веќе е откупено, и што ги очекува во иднина?
18 Давидовиот псалм завршува со овие утешни зборови: „Јехова ја откупува душата на своите слуги, и никој кому тој му е прибежиште, нема да биде виновен“ (Псалм 34:22). Некаде кон крајот на своето 40-годишно царување, цар Давид рекол: „[Бог] ја избави мојата душа од сите неволји“ (1. Царевите 1:29). Исто како Давид, оние што се плашат од Јехова наскоро ќе можат да помислат на минатото и да се радуваат што се откупени од секаква вина поради гревот и што се спасени од сите свои неволји. Повеќето помазани христијани веќе ја примиле својата небесна награда. Едно „големо мноштво луѓе“ од сите народи сега им се придружуваат на преостанатите Исусови браќа во службата за Бог и затоа се чисти во очите на Јехова. Ова е така затоа што покажуваат вера во откупителната моќ на Исусовата пролеана крв. За време на претстојното Илјадагодишно владеење на Христос, на нив ќе бидат применети целосните користи од откупната жртва, и тие ќе станат совршени луѓе (Откровение 7:9, 14, 17; 21:3-5).
19. На што се решени оние што му припаѓаат на ‚големото мноштво‘?
19 Зошто ‚големото мноштво луѓе‘ што го обожаваат Бог ќе ги добијат сите овие благослови? Затоа што се решени да продолжат да се бојат од Јехова, служејќи му со длабока страхопочит и побожна послушност. Навистина, стравот од Јехова ни го разубавува животот веќе денес и ќе ни помогне ‚да го освоиме вистинскиот живот‘ — вечниот живот во Божјиот нов свет (1. Тимотеј 6:12, 18, 19; Откровение 15:3, 4).
Се сеќаваш ли?
• Зошто треба да имаме страв од Бог, и што значи тоа да се боиме од него?
• Како треба да влијае стравот од Бог врз нашето однесување?
• Како ќе бидеме наградени ако имаме страв од Бог?
• Кои ветувања ни помагаат да издржиме?
[Слика на страница 26]
Оние што се бојат од Јехова се претпазливи кога има забрана за нивното дело
[Слика на страница 28]
Најголемото добро што можеме да им го направиме на нашите ближни е да им ја пренесеме добрата вест за Царството