Биди мудар — плаши се од Бог!
„Стравот од Господа е почеток на мудроста“ (ПОСЛОВИЦИ 9:10).
1. Зошто на многу луѓе им е тешко да сфатат дека треба да се плашат од Бог?
ЕДНО време се сметало за комплимент ако за некого се речело дека е богобојазлив. Денес, многу луѓе сметаат дека е застарена работа човек да се плаши од Бог, и тешко можат да го сфатат тоа. ‚Ако е Бог љубов,‘ можеби прашуваат, ‚зошто треба да се плашам од него?‘ За нив стравот е негативна, дури и парализирачка емоција. Меѓутоа, вистинскиот страв од Бог има многу пошироко значење и, како што ќе видиме, не е само чувство.
2, 3. Што вклучува вистинскиот страв од Бог?
2 Како што се користи во Библијата, стравот од Бог е нешто позитивно (Исаија 11:3). Тој претставува длабока почит кон Бог, силна желба да не се предизвика неговото незадоволство (Псалм 115:11, NW). Во тоа е вклучено човек да ги прифати и строго да се држи за Божјите морални мерила и да има силна желба да живее според она што Бог вели дека е исправно или погрешно. Во една публикација е истакнато дека таквиот исправен страв од Бог означува „еден темелен став кон Бог што води до мудро постапување и избегнување на секакво зло“. Со право, Божјата реч ни кажува: „Стравот од Господа е почеток на мудроста“ (Пословици 9:10).
3 Всушност, стравот од Бог опфаќа многу полиња од човечките активности. Тој е поврзан не само со мудроста туку и со радоста, мирот, напредокот, долгиот живот, надежта и довербата (Псалм 2:11; Пословици 1:7; 10:27; 14:26; 22:4; 23:17, 18; Дела 9:31). Тој е тесно поврзан со верата и љубовта. Всушност, го вклучува целокупниот наш однос со Бог и со другите луѓе (Второзаконие 10:12; Јов 6:14; Евреите 11:7). Стравот од Бог вклучува длабока увереност дека нашиот небесен Татко лично се грижи за нас и е спремен да ни ги прости грешките (Псалм 130:4). Само злобните што не се каат имаат причина да се тресат од страв пред Богa (Евреите 10:26-31).
Научи да се плашиш од Јехова
4. Што може да ни помогне да научиме да се плашиме од Јехова?
4 Бидејќи стравот од Бог е многу битен за да можеме да донесуваме мудри одлуки и да добиеме благослов од Бог, како можеме ‚да научиме да се боиме од Јехова‘ како што треба? (Второзаконие 17:19). Во Светото писмо се запишани многу примери на богобојазливи мажи и жени „за наша поука“ (Римјаните 15:4). За да можеме да сфатиме што точно значи тоа да се плашиме од Бог, да размислиме малку за животот на еден човек што ни служи како таков пример, царот Давид од древниот Израел.
5. Како можел Давид да научи нешто за стравот од Јехова додека ги чувал овците?
5 Јехова го отфрлил првиот израелски цар, Саул, поради тоа што повеќе се плашел од луѓето отколку од Бог (1. Самоил 15:24-26). Од друга страна, пак, животот на Давид и неговиот близок однос со Јехова покажуваат дека тој бил навистина богобојазлив човек. Уште од најраната младост, Давид често ги пасел овците на својот татко (1. Самоил 16:11). Ноќите што ги минал пасејќи ги овците под ѕвезденото небо мора да му помогнале на Давид да сфати што значи да се има страв од Јехова. Иако Давид можел да види само мал дел од бескрајната вселена, тој дошол до исправен заклучок — дека Бог заслужува да го почитуваме и да го обожаваме. „Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти; месечината и ѕвездите што си ги поставил,“ напишал тој подоцна, „што е човекот за да си спомнуваш за него? Или човечкиот син за да го посетуваш?“ (Псалм 8:3, 4).
6. Како се чувствувал Давид кога сфатил колку е величествен Јехова?
6 Давид со право бил импресиониран кога споредил колку е мал во споредба со огромното небо. Наместо да се уплаши од тоа сознание, Давид бил поттикнат да го фали Јехова и да рече: „Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце“ (Псалм 19:1). Ваквата длабока почит кон Бог уште повеќе го зближила Давид со Јехова и родила во него желба да ги научи и да ги следи Неговите совршени патишта. Замисли си како мора да се чувствувал Давид кога му пеел на Јехова: „Ти си величествен и правиш чудеса: Ти си Единствен Бог. Научи ме на Својот пат, Господи, за да одам верен кон Тебе, обедини го моето срце, да се бои од Твоето име!“ (Псалм 86:10, 11).
7. Како стравот од Бог му помогнал на Давид да се бори со Голијат?
7 Кога Филистејците го нападнале Израел, нивниот херој Голијат, кој бил висок околу три метри, им се потсмевал на Израелците велејќи: ‚Изберете од вас еден човек за да се бори со мене лице в лице! Ако победи тој, ние ќе бидеме ваши слуги‘ (1. Самоил 17:4-10). Саул и целата негова војска се треселе од страв — но не и Давид. Тој знаел дека треба да се плаши од Јехова, а не од човек, макар колку и да е силен. „Јас одам против тебе во името на Господа на Силите,“ му рекол Давид на Голијат, „и сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката.“ Со својата праќка и само со еден камен — и со Јеховина помош — Давид го погубил тој џин (1. Самоил 17:45-47).
8. Што учиме од примерот на луѓето што имале страв од Бог, кои се спомнати во Библијата?
8 Можеби се соочуваме со препреки или непријатели што се исто толку страшни како оние со кои се соочувал Давид. Што можеме да направиме? Можеме да постапиме со нив на ист начин како Давид и другите верни луѓе во минатото — со страв од Бог. Стравот од Бог може да го победи стравот од човек. Божјиот верен слуга Неемија ги поттикнал своите сонародници, Израелците, кои биле притиснати од непријателите: „Не бојте се од овие луѓе! Мислете на Господа, голем и страшен“ (Неемија 4:14). Со Јеховина помош, Давид, Неемија и други верни слуги на Бог успеале да ги извршат задачите што им ги дал Бог. Ако имаме страв од Бог, во истото ќе успееме и ние.
Решавај ги проблемите со страв од Бог
9. Во кои околности Давид покажал дека се плаши од Бог?
9 Откако Давид го убил Голијат, Јехова му дал уште победи. Меѓутоа, љубоморниот Саул се обидел — прво импулсивно а потоа смислено, и на крајот со цела една војска — да го убие Давид. Иако Јехова му ветил на Давид дека ќе биде цар, со години Давид морал да бега, да се бори и да чека да дојде времето кога Јехова ќе го постави за цар. За сето тоа време, Давид покажал дека се плаши од вистинскиот Бог (1. Самоил 18:9, 11, 17; 24:2).
10. Како Давид покажал страв од Бог дури и кога бил во опасност?
10 Во една прилика, Давид побарал засолниште кај Ахис, царот на филистејскиот град Гат, домот на Голијат (1. Самоил 21:10-15). Слугите на царот го пријавиле Давид како непријател на нивниот народ. Како реагирал Давид во таа опасна ситуација? Во молитва му искажал на Јехова сѐ што му лежело на срце (Псалм 56:1-4, 11-13). Иако морал да се преправа дека е луд за да се спаси, Давид знаел дека Јехова бил тој што го избавил со тоа што ги благословил неговите напори. Тоа што Давид со цело срце се потпирал на Јехова и имал доверба во него, покажало дека навистина имал страв од Бог (Псалм 34:4-6, 9-11).
11. Како можеме да покажеме страв од Бог кога ни е тешко, како што направил Давид?
11 Исто како Давид, и ние можеме да покажеме страв од Бог со тоа што ќе имаме доверба во неговото ветување дека ќе ни помогне да се бориме со проблемите. „Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сѐ“, рекол Давид (Псалм 37:5). Тоа не значи дека едноставно му ги префрламе нашите проблеми на Јехова и не правиме сѐ што можеме за да ги решиме, туку чекаме тој да ни ги реши. Давид не останал само на тоа да го моли Бог за помош и потоа да седи со скрстени раце. Тој ги користел физичките и интелектуалните способности што му ги дал Јехова и се справувал со проблемот што го имал. Сепак, Давид знаел дека само со човечки напори не може да се постигне успех. Така треба да биде и со нас. Штом ќе направиме сѐ што е во наша моќ, останатото мора да му го препуштиме на Јехова. Всушност, честопати не можеме да направиме ништо друго освен да се потпреме на Јехова. Во тие моменти покажуваме колку вистински се плашиме од Бог. Можат да нѐ тешат срдечните зборови на Давид: „Господ е близу до оние, кои се бојат од Него“ (Псалм 25:14).
12. Зошто треба сериозно да ги сфатиме нашите молитви, и каков став не треба никогаш да имаме?
12 Затоа, нашите молитви и нашиот однос со Бог мораме да ги сфатиме сериозно. Кога му се молиме на Јехова, мораме ‚да веруваме дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат‘ (Евреите 11:6; Јаков 1:5-8). А кога ни помага, треба да му бидеме благодарни, како што нѐ советувал апостол Павле (Колошаните 3:15, 17). Никогаш не треба да бидеме како оние што ги опишал еден помазан христијанин, кој доживеал многу работи во животот: „Тие го сметаат Бог за еден вид келнер од небото“, рекол тој. „Кога им треба нешто, сакаат да му дадат знак со прстите и тој да дојде. А кога ќе го добијат она што им треба, сакаат тој да си замине“. Таквиот став покажува дека немаат страв од Бог.
Кога стравот од Бог се намалил
13. Во која ситуација Давид не покажал почит кон Божјиот закон?
13 Тоа што ја почувствувал Јеховината помош кога му било многу тешко, го продлабочило стравот од Бог што го имал Давид и ја зајакнало неговата доверба во него (Псалм 31:22-24). Меѓутоа, во три значајни прилики, стравот од Бог што го имал Давид се намалил, а тоа водело до сериозни последици. Во првиот случај, тој организирал ковчегот на Јеховиниот сојуз да се пренесе во Ерусалим на запрежна кола наместо на рамениците на левитите, како што било пропишано со Божјиот закон. Кога Уза, кој управувал со колата, го фатил ковчегот за да го придржи да не падне, умрел на лице место „заради тој престап“. Да, Уза направил сериозен грев, но сепак, до таков трагичен исход дошло поради тоа што Давид не задржал исправна почит кон Божјиот закон. Стравот од Бог значи да се прават работите онака како што ќе рече тој (2. Самоил 6:2-9; Броеви 4:15; 7:9).
14. До што довело тоа што Давид го избројал Израел?
14 Подоцна, подбуцнат од Сатана, Давид ги избројал војниците во Израел (1. Летописи 21:1). Со оваа своја постапка, Давид покажал дека му се намалил стравот од Бог, што водело до смртта на 70.000 Израелци. Иако Давид се покајал пред Јехова, тој и народот многу страдале (2. Самоил 24:1-16).
15. Што го навело Давид да направи грев во поглед на моралот?
15 Во една друга ситуација кога кај Давид во извесен момент се намалил стравот од Бог, тој стапил во неморален однос со Витсавеа, жената на Уриј. Давид знаел дека прељубата, па дури и само желбата за туѓа жена, е грев (Излез 20:14, 17). Проблемот започнал кога Давид ја видел Витсавеа како се капе. Исправниот страв од Бог требало да го наведе Давид веднаш да ги сврти очите и мислите во друг правец. Наместо тоа, изгледа дека Давид ‚постојано гледал‘ во неа, сѐ додека страста не станала посилна од неговиот страв од Бог (Матеј 5:28; 2. Самоил 11:1-4). Давид изгубил од вид дека Јехова е вклучен во секој аспект од неговиот живот, дури и во најинтимните работи (Псалм 139:1-7).
16. Какви последици од својот грев претрпел Давид?
16 Од врската помеѓу Давид и Витсавеа се родил син. Кратко потоа, Јехова го испратил својот пророк Натан да го разоткрие гревот на Давид. Откако се вразумил, Давид повторно стекнал страв од Бог и се покајал. Го молел Јехова да не го отфрли ниту да го одземе својот свет дух од него (Псалм 51:7, 11). Јехова му простил на Давид и му ја олеснил казната, но не го поштедил од сите лоши последици од неговите постапки. Синот на Давид умрел, и оттогаш во неговото семејство постојано имало проблеми и трагедии. Колку висока цена платил затоа што му се намалил стравот од Бог! (2. Самоил 12:10-14; 13:10-14; 15:14).
17. Кажи еден пример што покажува колкава болка причинува гревот.
17 Денес, пропустот да имаме страв од Бог во работи поврзани со моралот може исто така да има сериозни и долготрајни последици. Замисли си ја болката на една млада жена кога дознала дека нејзиниот сопруг, кој бил христијанин, ѝ бил неверен додека работел во странство. Скршена од шок и болка, таа го покрила лицето со рацете и се расплакала. Колку време ќе му треба на нејзиниот сопруг повторно да ја стекне нејзината доверба и почит? Таквите трагични последици можат да се избегнат ако човек има вистински страв од Бог (1. Коринќаните 6:18).
Стравот од Бог ни помага да не згрешиме
18. Каква цел има Сатана и какви методи користи?
18 Сатана многу драстично ги спушта моралните мерила во светот, а особено сака да ги расипе вистинските христијани. За да го постигне тоа, го користи најдиректниот пат што води до нашите срца и мисли — преку нашите сетила, особено очите и ушите (Ефешаните 4:17-19). Како ќе реагираш кога неочекувано ќе наидеш на неморални слики, зборови или луѓе?
19. Како стравот од Бог му помогнал на еден христијанин да не подлегне на искушението?
19 Размисли за Андре,b кој е христијански старешина, има деца и работи како лекар во една европска земја. Кога Андре бил на ноќна смена во болницата, колешките постојано му оставале ливчиња на перницата — украсени со срциња — и му се нуделе да имаат сексуални односи со него. Андре цврсто одбил да ги прифати нивните додворувања. Освен тоа, за да се тргне од таа лоша средина, нашол работа на друго место. Било мудро тоа што имал страв од Бог и бил благословен, бидејќи Андре денес помага во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во неговата земја.
20, 21. а) Како може стравот од Бог да ни помогне да не направиме грев? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
20 Ако некој размислува за неисправни работи, може да се најде во расположение кога е спремен да го жртвува својот скапоцен однос со Јехова во замена за нешто на што нема право (Јаков 1:14, 15). Од друга страна, пак, ако имаме страв од Јехова, ќе се држиме настрана — дури и ќе бегаме — од луѓе, места, активности и забава што би можеле да ја намалат нашата будност во поглед на моралот (Пословици 22:3). Во колку и непријатна ситуација да се најдеш или какви и жртви да треба да направиш, тие се мали во споредба со загубата на Божјата наклоност (Матеј 5:29, 30). Стравот од Бог сигурно вклучува никогаш намерно да не се изложуваме на нешто неморално, вклучувајќи и порнографија во каков и да е облик, и наместо тоа да ‚ги одвратиме очите да не ја гледаат суетата‘. Ако правиме така, можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ни го ‚чува животот‘ и ќе ни даде сѐ што навистина ни е потребно (Псалм 84:11; 119:37).
21 Всушност, секогаш е мудро да се постапува со вистински страв од Бог. Освен тоа, само така ќе бидеме вистински среќни (Псалм 34:9). Тоа јасно ќе го видиме во следната статија.
[Фусноти]
a Види ја статијата „Гледиште на Библијата: Како можете да се плашите од еден Бог на љубовта?“ во изданието на Разбудете се! од 8 април 1998 година, издадено од Јеховините сведоци.
b Името е променето.
Можеш ли да објасниш?
• Кои христијански особини ги вклучува стравот од Бог?
• Како стравот од Бог го победува стравот од човек?
• Како можеме да покажеме дека имаме исправно гледиште за молитвата?
• Како може стравот од Бог да нѐ спречи да згрешиме?
[Слика на страница 23]
Кога ги гледал Јеховините творештва, Давид научил да има страв од Бог
[Слики на страница 24]
Како ќе реагираш кога неочекувано ќе се најдеш во искушение?