Армагедон — Божја војна што ќе им стави крај на сите војни
„За нив е ѕверство да се убие друг човек — затоа војната им е несфатлива и одвратна, нешто за кое не постои збор во нивниот јазик“ (ОПИС НА ИНУИТИТЕ НА ГРЕНЛАНД, КОЈ ГО ДАЛ НОРВЕШКИОТ ИСТРАЖУВАЧ ФРИТЈОФ НАНСЕН ВО 1888 ГОД.)
КОЈ не сака да живее во општество каде што војната е „несфатлива и одвратна“? И кој не копнее по еден свет во кој не постои ни зборот „војна“ затоа што војувањето е нешто непознато? Можеби ни се чини дека таквиот свет е чиста фантазија, особено ако очекуваме да се постигне со човечки напори.
Сепак, во пророштвото на Исаија, Бог ветува дека тој ќе воспостави токму таков свет: „Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4).
Јасно, за да може да се исполни ова ветување, денешниот свет — во кој има 20 милиони активни војници и во кој моментално беснеат дваесетина војни — би морал да се смени од корен. Затоа не зачудува тоа што Семоќниот Бог, Јехова, ќе се вмеша во работите на Земјата. Кулминација на оваа интервенција од страна на Јехова ќе биде она што Библијата го нарекува Армагедон (Откровение 16:14, 16).
Иако во последниве години изразот „Армагедон“ се користи како синоним за светска нуклеарна војна, еден речник го дава следново главно значење на овој збор: „Место каде што ќе се одвива последната голема битка меѓу силите на доброто и злото“. Дали ќе дојде ден кога доброто навистина ќе го победи злото или, пак, таа битка е само производ на фантазијата?
Многу утешно е тоа што Библијата секогаш одново зборува за крајот на злото. „Грешниците ќе бидат збришани од земјата“, прорекол псалмистот. „Ќе нема повеќе зли“ (Псалм 104:35). „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа“, стои во книгата Изреки. „А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“ (Изреки 2:21, 22).
Сепак, Библијата исто така јасно дава до знаење дека злобните нема да се одречат од својата власт по мирољубив пат. Токму затоа ќе мора да има една конечна војна во која Бог ќе го отстрани сето зло, вклучувајќи ги и самите војни (Псалм 2:2). Називот Армагедон, кој Библијата му го дава на овој судир што е единствен од таков вид, е од многу големо значење.
Битки што порано се воделе близу до Мегидо
Зборот „Армагедон“ значи „ридот кај Мегидо“. Кај древниот град Мегидо, како и во околната језраелска долина, во минатото биле водени голем број решавачки битки. „Низ целата историја, Мегидо и језраелската долина биле средиште на битки кои ѝ го одредиле правецот на цивилизацијата“, пишува историчарот Ерик Х. Клајн во книгата Битките на Армагедон (The Battles of Armageddon).
Како што истакнува Клајн, битките што се воделе кај Мегидо честопати биле решавачки. Монголските војски, кои во 13 век освоиле голем дел од Азија, првпат биле поразени во оваа долина. Недалеку од Мегидо, британската војска под генерал Едмунд Аленби ги поразила Турците во Првата светска војна. Еден воен историчар запишал дека победата на Аленби ќе остане забележана во човечката историја како „една од најбрзите решавачки акции и битка во која едната страна доживеала апсолутен пораз“.
И во библиско време биле извојувани решавачки битки во близина на Мегидо. Таму судијата Варак ја победил ханаанската војска предводена од Сисара (Судиите 4:14-16; 5:19-21). И Гедеон, со мала војска од 300 луѓе, поразил една огромна мадијамска војска близу до Мегидо (Судиите 7:19-22). Цар Саул и неговиот син Јонатан загинале на блиската планина Гелвуја кога филистејските војски ја поразиле израелската војска (1. Самоилова 31:1-7).
Поради својата стратешка положба, во последните 4.000 години, кај Мегидо и во соседната долина се воделе десетици битки. Еден историчар изброил најмалку 34!
Без сомнение, историјата на Мегидо и неговата стратешка положба имаат врска со симболичното значење на зборот „Армагедон“. Иако овој збор е спомнат само еднаш во Библијата, контекстот во кој се појавува во книгата Откровение јасно покажува дека Армагедон ќе влијае врз животот на сите луѓе на Земјата.
Што вели Библијата за Армагедон
Многу битки што во минатото се воделе близу до Мегидо биле решавачки, но ниту една од нив не му ставила крај на злото. Во ниту една од нив силите на доброто не се бореле против силите на злото во апсолутна смисла на зборот. Затоа е логично да заклучиме дека само Бог може да предизвика еден таков судир. Исус еднаш рекол дека „никој не е добар, освен еден, Бог“ (Лука 18:19). Освен тоа, Библијата конкретно зборува за Армагедон како за Божја војна.
Во библиската книга Откровение пишува дека „царевите од целиот свет“ ќе се „соберат за војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:14). Потоа пророштвото продолжува: „И ги собраа на местото кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“, односно Армагедонa (Откровение 16:16). Нешто понатаму во Откровението е објаснето дека „земните цареви и нивните војски“ ќе бидат „собрани да водат војна со оној што седи на коњот и со неговата војска“ (Откровение 19:19). Овој коњаник не е никој друг освен Исус Христос (1. Тимотеј 6:14, 15; Откровение 19:11, 12, 16).
Што можеме да заклучиме од овие стихови? Дека Армагедон е војна меѓу Бог и непослушните луѓе. Зошто Јехова и неговиот Син, Исус Христос, би воделе ваква војна? Една причина е тоа што во Армагедон ќе „бидат уништени оние што ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18). Освен тоа, таа војна ќе го отвори патот кон еден мирољубив свет, односно ‚нова земја во која, според Божјето ветување, ќе живее праведноста‘ (2. Петрово 3:13).
Зошто мора да дојде Армагедон?
Дали ти е тешко да сфатиш зошто Јехова, „Богот на љубовта“, ќе го овласти својот Син, ‚Кнезот на Мирот‘, да води војна? (2. Коринќаните 13:11; Исаија 9:6). Сигурно ќе ги разбереш причините ако знаеш од кои мотиви ќе ја водат оваа војна. Во псалмите, Исус е опишан како воин качен на коњ. За што се бори тој? Псалмистот објаснува дека Христос јава „застапувајќи ги вистината, понизноста и праведноста“. Тој води војна затоа што ја сака праведноста и го мрази злото (Псалм 45:4, 7).
На сличен начин, Библијата објаснува како реагира Јехова на неправдите што ги гледа во денешниов свет. „ГОСПОД го виде ова и не му е мило што нема правда“, пишува пророкот Исаија. „Тој ќе се облече во правда како во оклоп и на главата ќе си го стави шлемот на спасението. Ќе се облече во силна желба да ги исправи работите и да ги казни и да се одмазди за неправдите кои ги трпат луѓето“ (Исаија 59:15, 17, Today’s English Version).
Сѐ додека злите луѓе се на власт, праведните нема да живеат во мир и сигурност (Изреки 29:2; Проповедник 8:9). Реално гледано, расипаноста и злото не можат да постојат ако нема расипани и злобни луѓе. Според тоа, трајниот мир и правда си имаат своја цена — отстранување на злите. „Злиот човек е откуп за праведникот“, напишал Соломон (Изреки 21:18).
Бидејќи Бог е тој што ќе суди, можеме да бидеме сигурни дека во секој случај пресудата над злобните ќе биде праведна. „Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно?“ — прашал Авраам. Одговорот до кој дошол тој е дека Јехова е секогаш праведен! (1. Мојсеева 18:25). Освен тоа, Библијата нѐ уверува дека на Јехова не му е мило да ги уништи злобните, и тоа го прави кога веќе ништо друго не помага (Езекиел 18:32; 2. Петрово 3:9).
Армагедон не е шега!
На која страна ќе бидеме ние во оваа решавачка битка? Мнозина од нас веројатно автоматски заклучуваат дека се на страната на доброто. Но, како можеме да бидеме сигурни дека навистина е така? „Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста“, нѐ поттикнува пророкот Софонија (Софонија 2:3). Бог сака „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“, вели апостол Павле (1. Тимотеј 2:4).
Според тоа, првиот чекор кон спасение е да ја дознаеме вистината за Јехова и за неговата намера да му стави крај на злото на Земјата. Вториот чекор е да постапуваме праведно, и на тој начин да ја стекнеме Божјата милост и заштита.
Ако ги преземеме овие важни чекори, ние, всушност, можеме со радост да го очекуваме Армагедон, војната што навистина ќе му стави крај на човечкото војување. Кога таа војна ќе заврши, за луѓето во целиот свет војната ќе биде несфатлива и одвратна. Тие никогаш „повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4).
[Фуснота]
a Одговорот на прашањето дали Армагедон е дословно место е даден во статијата „Читателите прашуваат“, на 31. страница.
[Истакната мисла на страница 5]
Божјата интервенција во работите на Земјата е наречена Армагедон
[Слика на страница 6]
Мегидо
[Слика на страница 6]
Гедеон и неговите луѓе победиле во една решавачка битка во близината на Мегидо
[Слика на страници 6 и 7]
Кога Армагедон ќе заврши, за луѓето во целиот свет војната ќе биде несфатлива и одвратна
[Слика на страница 8]
Првиот чекор кон спасение е да ја дознаеме вистината за Јехова и за неговата намера