Вистината за Армагедон
„Тоа се демонски духови, кои... одат при царевите на целиот свет, за да ги соберат... на местото на еврејски наречено Армагедон“ (нагласено од нас) (ОТКРОВЕНИЕ 16:14, 16, Превод на Д-р Душан Х. Константинов)
АРМАГЕДОН е име на место. Меѓутоа, тоа место не постоело на некоја дословна локација на Земјата.
Тогаш, кое е вистинското значење на зборот „Армагедон“? Зошто толку често се поврзува со настан, како што е некоја војна?
Собрани на местото наречено Армагедон
Изворниот хебрејски збор Хар Мегидон буквално значи „планината Мегидо“. Иако не постоела таква планина, постои место наречено Мегидо. Се наоѓа на стратешките раскрсници северозападно од подрачјето на кое живееле древните Израелци. Во близина на тоа место се воделе многу решавачки битки. Според тоа, името Мегидо станало синоним за војна.a
Меѓутоа, Мегидо е значајно место не заради тоа кои битки се воделе таму туку и зошто се воделе. Мегидо бил дел од Ветената земја што Јехова Бог им ја дал на Израелците (2. Мојсеева 33:1; Исус Навин 12:7, 21). Тој им се заколнал дека ќе ги одбрани од напаѓачите, и навистина ги одбранил (5. Мојсеева 6:18, 19). На пример, во Мегидо Јехова со чудо ги одбранил Израелците од нападите на војската на ханаанскиот цар Јавин и неговиот воен заповедник Сисара (Судиите 4:14-16).
Според тоа, зборот „Армагедон“ има големо симболично значење. Ја носи мислата за конфликт, односно судир меѓу две големи сили.
Пророштвото запишано во Откровение зборува за едно време во блиска иднина, кога Сатана и демоните ќе ги поттикнат човечките влади да ги соберат своите војски и пркосно да му се заканат на Божјиот народ. Нивниот напад ќе заврши со целосен пораз, кога Бог ќе уништи милиони свои противници (Откровение 19:11-18).
Зошто Бог, кој во Библијата е опишан како „милосрден, бавен на гнев и полн со милост“, би предизвикал смрт на толку многу луѓе? (Неемија 9:17). За да разбереме зошто Бог ќе постапи така, треба да одговориме на три прашања: 1) Кој ќе ја започне таа војна? 2) Зошто Бог ќе се вклучи во неа? 3) Какви трајни последици ќе остави овој судир врз Земјата и нејзините жители?
1. КОЈ ЌЕ ЈА ЗАПОЧНЕ ВОЈНАТА?
Војната наречена Армагедон не е чин на агресија од страна на Бог. Наместо тоа, Бог ќе ги одбрани добрите луѓе од оние што ги угнетуваат. Вистинските агресори во овој конфликт се „царевите од целиот свет“, односно светските водачи. Зошто ќе биде изведен тој напад? Затоа што, како некој што вешто манипулира со марионетки, Сатана ќе ги води и владините и воените расположиви сили во еден сеопшт напад врз оние што го обожаваат Јехова Бог (Откровение 16:13, 14; 19:17, 18).
Со оглед на тоа што во некои земји се става толкав акцент врз слободата на говор и на вероисповед, идејата владите да соборат, па дури и да уништат некое верско движење, можеби изгледа неверојатна. Меѓутоа, такви напади се случувале во текот на 20 век, а се случуваат и сега.b Сепак, има најмалку две големи разлики меѓу претходните напади и нападот што ќе доведе до Армагедон. Прво, овој напад ќе го зафати целиот свет. Второ, она што ќе го направи Јехова Бог како одговор на овој напад ќе биде многу поголемо од сѐ што направил во минатото (Еремија 25:32, 33). Библијата го опишува овој судир како „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“.
2. ЗОШТО ЌЕ СЕ ВКЛУЧИ И БОГ?
Јехова ги поучува оние што му служат да бидат мирољубиви и да ги сакаат своите непријатели (Михеј 4:1-3; Матеј 5:43, 44; 26:52). Затоа, тие нема да земат оружје в рака за да се бранат кога ќе дојде до овој злобен напад. Ако Бог не преземе нешто, неговиот народ ќе биде уништен. Според тоа, во прашање е доброто име на Јехова Бог. Ако напаѓачите успеат да го уништат Неговиот народ, ќе испадне дека Јехова нема љубов, дека е неправеден или дека е беспомошен. Но, Бог нема да дозволи такво нешто! (Псалм 37:28, 29).
Бог не сака да уништи никого, па затоа однапред кажал што ќе направи (2. Петрово 3:9). Преку извештаите што се запишани во Библијата, тој ги потсетува сите дека во минатото возвратил кога неговиот народ бил нападнат (2. Царевите 19:35). Исто така, Библијата предупредува дека во иднина, кога Сатана и луѓето што му служат како марионетки ќе го нападнат Божјиот народ, Јехова повторно ќе стапи на сцената и ќе се бори за него. Всушност, во Божјата Реч одамна е проречено дека Јехова ќе ги уништи злобните (Изреки 2:21, 22; 2. Солуњаните 1:6-9). Тогаш напаѓачите добро ќе знаат дека се борат против Семоќниот Бог (Езекиел 38:21-23).
3. КАКОВ ЌЕ БИДЕ ТРАЈНИОТ ИСХОД ОД ОВОЈ СУДИР?
Со војната Армагедон ќе бидат спасени милиони животи. Всушност, со неа ќе започне еден период на мир за Земјата (Откровение 21:3, 4).
Книгата Откровение зборува за едно неброено „големо мноштво“ што ќе ја преживее оваа битка (Откровение 7:9, 14). Под Божје водство, тие ќе помогнат Земјата повторно да стане рај, како што отсекогаш била Божјата намера.
Знаеме ли кога ќе се случи овој напад врз Божјиот народ?
[Фусноти]
a Не е ништо необично некое место да се доведува во врска со некоја војна. На пример, јапонскиот град Хирошима, кој бил срамнет со земја од атомска бомба, денес претставува симбол за закана од нуклеарна војна.
b Холокаустот е пример за еден обид на некоја влада да ги збрише верските и етничките групи. За време на советскиот режим, и верските групи во СССР биле жестоко прогонувани. За тоа можеш да прочиташ во статијата „Мирољубив народ кој го брани своето добро име“, во Стражарска кула од 1 мај 2011, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 6]
Јехова Бог го одбранил својот народ во минатото
[Слика на страница 7]
Јехова повторно ќе го одбрани својот народ во Армагедон