Јехова — Избавител во библиски времиња
„Боже, брзо помогни ми! Ти си моја помош и мој избавител“ (ПС. 70:5).
1, 2. а) Кога слугите на Бог бараат помош од Него? б) Кое прашање се поставува, и каде можеме да го најдеме одговорот?
ДОДЕКА се на одмор, родителите на една 23-годишна жена дознаваат дека таа исчезнала и никој не знае каде е. Постои сомневање дека се работи за злосторство. Тие веднаш се пакуваат и тргнуваат кон дома, преколнувајќи го цело време Јехова да им помогне. Кај еден 20-годишен Сведок е дијагностицирана болест која на крајот потполно ќе го парализира. Тој веднаш му се обраќа на Јехова во молитва. Една самохрана мајка, која прави сѐ што може за да најде работа, нема доволно пари да купи леб за себеси и за својата 12-годишна ќерка. Таа му го излева своето срце во молитва на Јехова. Да, кога ќе се соочат со тешки испити или неволји, за слугите на Бог е најнормално да бараат помош од него. Дали некогаш си го преколнувал Јехова кога си имал очајна потреба од помош?
2 Но, се поставува едно важно прашање: Дали навистина можеме да очекуваме Јехова да одговори на нашите молитви за помош? Одговорот на ова прашање, кој се наоѓа во Псалм 70, ни ја зајакнува верата. Овој трогателен псалм го напишал Давид, верен слуга на Јехова кој се соочил со многу тешки испити и проблеми во својот живот. Под водство на светиот дух, овој псалмист го рекол следново за Јехова: „Боже... Ти си моја помош и мој избавител“ (Пс. 70:5). Ако го разгледаме Псалм 70, ќе видиме зошто и ние можеме да го бараме Јехова кога ќе имаме потреба од помош, со целосна доверба дека тој ќе биде и наш избавител.
„Ти си... мој избавител“
3. а) Каков итен повик за помош содржи Псалм 70? б) Каква доверба изразува Давид во 70. псалм?
3 Псалм 70 започнува и завршува со итен повик до Бог за помош. (Прочитај Псалм 70:1-5.) Давид го преколнува Јехова да ‚побрза‘ да го избави и ‚брзо да му помогне‘. Во стихови 2-4, Давид изнесува пет молби, а секоја почнува со зборот „нека“, што покажува дека тоа е негова желба. Првите три се поврзани со оние што сакаат да го убијат. Давид го моли Јехова да ги порази овие непријатели и да ги посрами поради нивната злоба. Следните две молби, во 4. стих, се поврзани со Божјиот народ. Давид се моли оние што го бараат Јехова да се радуваат и да го величаат Бог. На крајот од овој псалм, Давид му вели на Јехова: „Ти си моја помош и мој избавител“. Забележи дека Давид не вели: „Покажи дека си“, како тоа да е уште една молба. Напротив, тој вели: „Ти си“, и на тој начин ја изразува својата доверба. Давид е уверен дека Бог ќе му помогне.
4, 5. Што учиме за Давид од Псалм 70, и во што може да бидеме уверени?
4 Што ни покажува Псалм 70 за Давид? Кога се соочил со заколнати непријатели кои сакале да го убијат, Давид не ги зел работите во свои раце. Наместо тоа, имал доверба дека Јехова ќе се справи со противниците во свое време и на свој начин (1. Сам. 26:10). Давид и понатаму бил цврсто уверен дека Јехова им помага на оние што го бараат и ги избавува (Евр. 11:6). Тој сметал дека таквите слуги на вистинскиот Бог имаат добра причина да се радуваат и да го величаат Јехова кажувајќи им на другите за неговата возвишеност (Пс. 5:11; 35:27).
5 Исто како Давид, ние може да бидеме сосема уверени дека Јехова е наш Помошник и наш Избавител. Затоа, кога се соочуваме со тешки испити или имаме некоја очајна потреба, со право можеме да го молиме Јехова брзо да ни помогне (Пс. 71:12). Но, што може да стори Јехова за да ни одговори на таквите молитви? Пред да разгледаме како Јехова може да ни помогне, да видиме на кои три начини го избавил Давид, помагајќи му кога имал итна потреба.
Го избавил од противниците
6. Од каде знаел Давид дека Јехова ги избавува праведните?
6 Од вдахновените библиски записи што постоеле во негово време, Давид знаел дека праведните можат да сметаат на помошта од Јехова. Кога го предизвикал Потопот врз еден безбожен свет, Јехова ги зачувал во живот Ное и неговото богобојазливо семејство (1. Мој. 7:23). Кога пуштил дожд од оган и сулфур врз злобните жители на Содом и Гомор, Јехова им помогнал на Лот и на неговите две ќерки да си го спасат животот (1. Мој. 19:12-26). Кога ги уништил горделивиот фараон и неговата војска во Црвеното Море, Јехова го зачувал својот народ и го спасил од сигурно уништување (2. Мој. 14:19-28). Тогаш, зарем е чудно што Давид, во еден друг псалм, го велича Јехова како „Бог кој спасува“? (Пс. 68:20).
7-9. а) Од која причина Давид имал доверба дека Јехова може да го спаси? б) Кому му ја припишал Давид заслугата за тоа што се спасил?
7 И од една многу лична причина Давид имал безусловна доверба дека Јехова може да го спаси. Тој почувствувал на своја кожа дека Јеховините ‚вечни раце‘ можат да ги избават оние што му служат (5. Мој. 33:27). Во многу прилики Јехова го избавил Давид од канџите на неговите „лути непријатели“ (Пс. 18:17-19, 48). Да разгледаме еден пример.
8 Кога жените од Израел почнале да го фалат Давид како јунак во битка, цар Саул станал толку љубоморен што два пати се обидел да го убие Давид со своето копје (1. Сам. 18:6-9). И во двете ситуации Давид за влакно се спасил од острицата на копјето. Дали успеал да се спаси затоа што бил вешт и брз како искусен војник? Не. Библијата вели дека ‚Јехова бил со него‘. (Прочитај 1. Самоилова 18:11-14.) Подоцна, Саул го наместил Давид за да можат Филистејците да го убијат. Но, кога му пропаднал планот, ‚Саул сфатил дека Јехова е со Давид‘ (1. Сам. 18:17-28).
9 Кому му ја припишал Давид заслугата за тоа што се спасил? Во натписот на Псалм 18 стои дека Давид ‚му ја испеал на Јехова оваа песна во денот кога Јехова го избавил... од рацете на Саул‘. Давид ги изразил своите чувства во песна, велејќи: „Јехова е моја спила, моја тврдина и мој избавител. Мојот Бог е мојата карпа. Тој ми е прибежиште“ (Пс. 18:2). Зарем не ни ја зајакнува верата тоа што знаеме дека Јехова може да го избави својот народ? (Пс. 35:10).
Го закрепнал кога бил болен в постела
10, 11. Што ни помага да одредиме приближно во кој временски период Давид бил болен, како што е спомнато во Псалм 41?
10 Еднаш цар Давид тешко се разболел, како што е спомнато во Псалм 41. Бидејќи извесно време морал да лежи в постела, Давид бил толку болен што на некои негови непријатели им се чинело дека ‚повеќе нема да стане‘ (стихови 7, 8). Во кој временски период Давид ја имал оваа тешка болест? Околностите што се спомнати во овој псалм можеби се однесуваат на тешкиот период од животот на Давид кога неговиот син Авесалом се обидел да му го одземе престолот (2. Сам. 15:6, 13, 14).
11 На пример, Давид спомнува дека го издал еден верен пријател, кој јадел леб со него (стих 9). Ова нѐ потсетува на една случка од животот на Давид. Кога се побунил син му Авесалом, доверливиот советник на Давид, по име Ахитофел, станал предавник и му се придружил на Авесалом во побуната против царот (2. Сам. 15:31; 16:15). Замисли си колку мора да му било тешко на царот, кој премален лежел в постела, немоќен да стане, а за сето тоа време бил свесен дека е опкружен со заговорници кои сакаат да го убијат за да си ги остварат своите злобни планови! (стих 5).
12, 13. а) Каква доверба изразил Давид? б) Како Бог можеби го зајакнал Давид?
12 Давид не изгубил ни трошка од довербата што ја имал во својот Избавител. Во врска со секој праведен Божји слуга кој е болен, Давид рекол: „Јехова ќе го избави во денот на неволја. Јехова ќе го поткрепи кога ќе лежи болен в постела. Ќе се грижиш за него додека е болен“ (Пс. 41:1, 3). Забележи ја и овде довербата што ја имал Давид, кога рекол „Јехова ќе го избави“. Тој бил сигурен дека Бог ќе го спаси. Како?
13 Давид не очекувал Јехова да направи чудо за да го излекува од болеста. Напротив, бил сигурен дека Јехова „ќе го поткрепи“, односно ќе му помогне и ќе го зајакне додека лежел болен в постела. На Давид сигурно му била потребна таква помош. Освен што бил ослабен од болеста, тој бил опкружен со непријатели кои зборувале лошо за него (стихови 5, 6). Јехова веројатно го зајакнал Давид така што му помогнал да се сети на некои утешни мисли. Затоа тој можел да каже: „Ти ме поткрепи зашто сум непорочен“ (стих 12). Можеби Давид го зајакнало и тоа што размислувал дека, и покрај својата болест и лошите работи што ги кажувале неговите непријатели, Јехова сѐ уште го сметал за непорочен. На крајот, Давид закрепнал од својата болест. Зарем не е утешно што знаеме дека Јехова може да ги поткрепи оние што се болни? (2. Кор. 1:3).
Му го дал тоа што му било потребно
14, 15. Кога им биле потребни храна и други работи на Давид и на неговите луѓе, и каква помош добиле?
14 Кога станал цар на Израел, Давид можел да ужива во најубавите јадења и пијалаци и да покани многу гости на својата трпеза (2. Сам. 9:10). Но, тој знаел и како е да имаш малку во материјален поглед. Кога син му Авесалом кренал бунт и се обидел да му го одземе престолот, Давид и некои лица што лојално го поддржувале морале да заминат од Ерусалим. Побегнале во Галад, кој се наоѓа источно од реката Јордан (2. Сам. 17:22, 24). Принудени да живеат како бегалци, Давид и неговите луѓе наскоро останале без храна и вода, а биле и преморени. Но, каде воопшто можеле да најдат храна во тој прилично пуст предел?
15 Конечно Давид и неговите луѓе стигнале до градот Маханаим. Таму се сретнале со тројца храбри луѓе — Совиј, Махир и Варзелај. Тие биле спремни да си го ризикуваат животот за да му помогнат на царот поставен од Бог. Без сомнение, доколку успеел да ја преземе власта од татко му, Авесалом строго ќе ги казнел сите што го поддржувале Давид. Сепак, гледајќи во каква неволја се Давид и неговите луѓе, овие тројца лојални поданици им донеле повеќе работи што им биле неопходни, како што биле постели, пченица, јачмен, пржени зрна, грав, леќа, мед, маст и овци. (Прочитај 2. Самоилова 17:27-29.) Извонредната верност и гостољубивост на овие тројца луѓе сигурно го трогнала Давид. Во никој случај не можел да им го заборави она што го направиле за него!
16. Кој, всушност, бил заслужен што Давид и неговите луѓе ги добиле неопходните работи?
16 Но, кој е тој што, всушност, бил заслужен што Давид и неговите луѓе ги добиле неопходните работи? Давид бил уверен дека Јехова се грижи за својот народ. Јехова сигурно може да поттикне други свои слуги и да ги наведе да му помогнат на некој сообожавател кој има потреба од помош. Кога размислувал за она што се случило во Галад, Давид сигурно сфатил дека љубезноста на тие тројца луѓе била израз на грижата што Јехова со љубов ја покажувал кон него. При крајот на својот живот, тој напишал: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“ (Пс. 37:25). Зарем не е утешно да знаеме дека Јеховината рака никогаш не е прекратка? (Изр. 10:3).
„Јехова знае како да ги избави... луѓето“
17. Што докажува Јехова секогаш одново?
17 Давид е само еден од многуте слуги што Јехова ги избавил во библиски времиња. Од тоа време наваму, Бог секогаш одново докажува дека следниве зборови на апостол Петар се вистинити: „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (2. Пет. 2:9). Да разгледаме уште два примера.
18. Како Јехова го избавил Ерусалим во времето на Езекија?
18 Кога силната асирска војска ја нападнала Јуда и го опколила Ерусалим во 8 век пр.н.е., цар Езекија се молел: „О Јехова, Боже наш, избави нѐ... за да знаат сите царства на земјата дека ти, Јехова, си единствениот Бог!“ (Иса. 37:20). На Езекија најважно нешто му биле Божјето име и углед. Јехова му одговорил на таа горлива молитва. За една ноќ, само еден ангел убил 185.000 Асирци, и така ги избавил Јеховините верни слуги (Иса. 37:32, 36).
19. Кое предупредување го послушале христијаните во првиот век, и така успеале да се спасат?
19 Само неколку дена пред да умре, Исус им дал пророчко предупредување на своите ученици во Јудеја. (Прочитај Лука 21:20-22.) Оттогаш поминале децении, но во 66 год. од н.е., римските војски го опколиле Ерусалим бидејќи пред тоа Евреите кренале бунт. Легиите под заповедништво на Цестиј Гал успеале да поткопаат дел од храмскиот ѕид, но потоа ненадејно се повлекле. Сфаќајќи дека тоа им е шанса да се спасат од уништувањето кое го прорекол Исус, верните христијани побегнале во планините. Римските легии се вратиле во 70 год. од н.е. Овој пат не се повлекле, и Ерусалим бил срамнет со земја. Христијаните кои го послушале предупредувањето на Исус успеале да се спасат од таа страшна неволја (Лука 19:41-44).
20. Зошто можеме да имаме доверба во Јехова како наш Избавител?
20 Верата навистина ни се зајакнува кога размислуваме за доказите што покажуваат дека Јехова му помага на својот народ. Она што го правел во минатото ни дава причина да имаме доверба во него. Сеедно со какви проблеми се соочуваме сега или можеби ќе се соочиме во иднина, и ние можеме да имаме целосна доверба во Јехова како наш Избавител. Но, како можеби Јехова ќе нѐ избави? И што се случило со лицата што ги спомнавме во почетокот на статијава? Тоа ќе го разгледаме во следната статија.
Се сеќаваш ли?
• Какви причини за доверба се изнесени во Псалм 70?
• Како Јехова му помогнал на Давид кога бил болен?
• Кои примери покажуваат дека Јехова може да го избави својот народ од противниците?
[Слика на страница 6]
Јехова одговорил на молитвата на Езекија