Дали си ‚вкоренет и втемелен‘?
СИ ВИДЕЛ ЛИ некогаш големо дрво што се свива под налетот на силен ветер? Ветрот удира со голема брзина, но дрвото не попушта. Зошто? Бидејќи со своите силни корења е прицврстено за земјата. И ние можеме да бидеме како тоа дрво. Доколку останеме „вкоренети и втемелени“, и ние можеме да истраеме и покрај бурите во животот (Еф. 3:14-17). Но, во што треба да бидеме втемелени?
Божјата реч вели дека „самиот Христос Исус е аголниот камен–темелник“ на христијанското собрание (Еф. 2:20; 1. Кор. 3:11). Таа им го дава следниов поттик на христијаните: „Живејте во единство со него! Бидете вкоренети во него, изградувајте се во него и утврдувајте се во верата“. Ако постапуваме во склад со овој совет, ќе ги издржиме сите напади на нашата вера, а некои од нив можат да дојдат преку „измамливи зборови“ и „празна измама“ од луѓе (Кол. 2:4-8).
„Ширината и должината и височината и длабочината“
Но, што ќе ни помогне да станеме „вкоренети“ и ‚да се утврдуваме во верата‘? Еден начин да пуштиме длабоки корења е трудољубиво да ја проучуваме Божјата вдахновена Реч. Јехова сака ‚да разбереме што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината‘ (Еф. 3:18). Тоа значи дека ниеден христијанин не би требало да се задоволи само со површно разбирање на Божјата реч, односно да ги знае само „основните“ учења (Евр. 5:12; 6:1). Напротив, секој од нас треба да има силна желба уште подобро да ги сфати библиските вистини (Изр. 2:1-5).
Се разбира, тоа не значи дека, за да бидеме ‚вкоренети и втемелени во вистината‘, е доволно да имаме само големо знаење. И Сатана знае што стои во Библијата. Потребно е уште нешто — треба ‚да ја спознаеме Христовата љубов, која го надминува знаењето‘ (Еф. 3:19). Но, ако проучуваме затоа што го сакаме Јехова и ја сакаме вистината, ќе го зголемиме нашето знаење за Божјата реч, а тоа ќе ни ја зајакне верата (Кол. 2:2).
Провери го своето разбирање
Провери колку добро разбираш некои од важните вистини што се наоѓаат во Библијата. Тоа може да те поттикне уште потемелно да ја проучуваш Библијата. На пример, прочитај ги уводните стихови од писмото на апостол Павле до Ефешаните. (Види ја рамката „Послание до Ефешаните“.) Откако ќе ги прочиташ, размисли: ‚Дали го разбирам значењето на фразите од овие стихови кои во рамката се напишани со коси букви?‘ Да ги разгледаме овие фрази, една по една.
Избрани „уште пред да настане светот“
На своите соверници, Павле им напишал: „[Бог] однапред одреди да нѐ усвои преку Исус Христос како синови“. Значи, Јехова одлучил да усвои некои луѓе што ќе ги прими во својата совршена небесна фамилија. Овие усвоени Божји синови ќе владеат како цареви и свештеници заедно со Христос (Рим. 8:19-23; Отк. 5:9, 10). Кога за првпат го оспорил Јеховиното право да владее, Сатана, всушност, тврдел дека Бог ги создал луѓето со грешка. Затоа е сосема на место што токму од луѓето Јехова избрал поединци преку кои вселената ќе биде ослободена од сето зло, вклучувајќи го и изворот на злото, Сатана Ѓаволот! Меѓутоа, Јехова не предодредил конкретно кои поединци ќе бидат усвоени како негови синови. Тој само одредил дека ќе има група луѓе што ќе владеат заедно со Христос на небото (Отк. 14:3, 4).
Но, на кој „свет“ мислел Павле кога им напишал на сохристијаните дека, како група, се избрани „уште пред да настане светот“? Тој не зборувал за времето пред Бог да ги создаде Земјата или луѓето. Такво нешто би се косело со правдата. Ако Бог предодредил Адам и Ева да згрешат уште пред да ги создаде, тогаш тие не би биле одговорни за своите постапки. Значи, кога нашол Бог решение за ситуацијата што настанала откако Адам и Ева му се придружиле на Сатана во бунтот против Божјето право да владее? Се разбира, тоа се случило откако нашите прародители се побуниле, но пред да се родат други луѓе кои, иако се несовршени, можат да бидат откупени.
„Според богатството на неговата незаслужена доброта“
Зошто Павле вели дека сето она што го направил Јехова, спомнато во уводните стихови од Ефешаните, е дадено „според богатството на неговата незаслужена доброта“? Со тоа сакал да истакне дека Јехова немал обврска да ги откупи грешните луѓе.
Сами од себе, ние со ништо не би можеле да ја заслужиме откупнината. Меѓутоа, поттикнат од својата длабока љубов кон човештвото, Јехова презел чекори за да нѐ спаси. Со оглед на нашата несовршеност и грешност, откупнината е навистина незаслужена доброта, како што вели Павле.
Светата тајна поврзана со Божјата намера
Бог не открил веднаш како ќе ја поправи штетата што ја предизвикал Сатана. Тоа било ‚света тајна‘ (Еф. 3:4, 5). Подоцна, кога било основано христијанското собрание, Јехова открил детали за тоа како ќе ја оствари својата првобитна намера со човештвото и со Земјата. „Кога ќе се наврши времето“, објаснил Павле, Бог ќе „уреди сѐ“, односно ќе ги води работите така што на крај сите разумни суштества ќе се обединат.
Првата фаза од ова обединување започнала на Педесетница 33 год. од н.е., кога Јехова почнал да ги собира оние што ќе владеат заедно со Христос на небото (Дела 1:13-15; 2:1-4). Втората фаза е собирањето на сите што ќе живеат во рајот на Земјата под Христовото месијанско Царство (Отк. 7:14-17; 21:1-5). Но, Павле овде не сакал да каже дека месијанското Царство ќе „уреди сѐ“, зашто Царството било воспоставено дури во 1914 год. Со овие зборови тој сакал да каже дека Бог ќе ги води, односно ќе управува со работите за да ја оствари својата намера да завладее единство во целата вселена.
‚Биди возрасен во разборитоста‘
Факт е дека, ако имаш навика да проучуваш, ќе можеш ‚во потполност да разбереш што е ширината и должината и височината и длабочината на вистината‘. Меѓутоа, факт е и дека денешново темпо на живот му олеснува на Сатана да нѐ наведе да ја занемариме, па дури и да ја изгубиме оваа навика. Не дозволувај тоа да му успее и кај тебе. Користи го разумот со кој Бог те обдарил за да станеш ‚возрасен во разборитоста‘ (1. Јов. 5:20; 1. Кор. 14:20). Преиспитај се дали ти е јасно зошто веруваш во библиските учења и дали можеш секогаш ‚да ја образложиш надежта која е во тебе‘ (1. Пет. 3:15).
Да си бил во Ефес кога за првпат се читало писмото на Павле, од неговите зборови сигурно ќе си бил поттикнат да напредуваш „во доброто познавање на Синот Божји“! (Еф. 4:13, 14). Дозволи овие зборови да имаат исто влијание и врз тебе денес. Ако имаш длабока љубов кон Јехова и ако добро ја познаваш неговата Реч, ќе останеш ‚вкоренет и втемелен‘ во Христос. На тој начин, ќе можеш да ја издржиш секоја „бура“ што Сатана ќе ја искористи против тебе пред да биде целосно уништен овој злобен свет (Пс. 1:1-3; Ерем. 17:7, 8).
[Рамка/слика на страница 27]
„Послание до Ефешаните“
„Нека е благословен Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос зашто, поради нашето единство со Христос, нѐ благослови со секој духовен благослов на небесата, зашто, уште пред да настане светот, нѐ избра да бидеме во единство со него, за да бидеме свети и неизвалкани пред него во љубов. Зашто, тој однапред одреди да нѐ усвои преку Исус Христос како синови, според она што му се допаѓа и му е по волја, за да биде фален поради неговата славна незаслужена доброта што милостиво ни ја покажа преку својот сакан Син. Преку него, со посредство на неговата крв, ослободени сме со откупнина, простени ни се престапите според богатството на неговата незаслужена доброта. Тој обилно ни ја даде таа незаслужена доброта заедно со сета мудрост и разборитост, објавувајќи ни ја светата тајна на својата волја. Таа света тајна е во склад со она што го сака, со неговата намера да се уреди сѐ кога ќе се наврши времето, имено повторно да се состави сѐ во Христос — она што е на небесата и она што е на земјата“ (Еф. 1:3-10).