Приближи му се на Бог
„Јехова е мојот Пастир“
ПОГЛЕДНИ ЈА сликата на оваа страница. Можеш ли да почувствуваш колку е сигурно јагненцето во пазувите на својот пастир? За да сфатиме колку нежно и Јехова се грижи за оние што му служат, во 23. Псалм Библијата на многу сликовит начин ни прикажува како еден пастир се грижи за своите овци. Тој сака да се чувствуваме безбедни и, како псалмистот Давид, со увереност да речеме: „Јехова е мојот Пастир“a (стих 1).
Кога бил млад, писателот на овој псалм, Давид, бил овчар. Тој знаел што им е потребно на овците и знаел кои биле обврските на пастирот. Давид, кој многупати во животот почувствувал како Јехова се грижи за него, го напишал овој таканаречен „псалм кој влева спокојство и доверба“. Божјето име, Јехова, се појавува на почетокот и на крајот (стихови 1 и 6). Во другите стихови се опишани три начини на кои Јехова се грижи за својот народ, исто како што еден пастир се грижи за своите овци (Псалм 100:3).
Јехова ги води своите овци. Без својот пастир, овците лесно можат да се изгубат. Слично на тоа, потребна ни е помош за да го најдеме исправниот пат во животот (Еремија 10:23). Давид објаснил дека Јехова го води својот народ на „зелени пасишта“ и на „почивалишта обилни со вода“. Тој ги води „по праведни патеки“ (стихови 2 и 3). Овие слики од пастирскиот живот нѐ уверуваат дека можеме да имаме доверба во Бог. Следејќи го водството што ни го дава Бог преку Библијата, можеме да најдеме задоволство, освежување и сигурност во животот.
Јехова ги штити своите овци. Без својот пастир, овците се уплашени и беспомошни. Јехова му вели на својот народ дека не треба да се плаши, дури ни кога минува низ „долината на густата темнина“, односно низ најтешките мигови од животот (стих 4). Јехова будно внимава на својот народ, спремен да му помогне во секое време. На своите слуги може да им ги даде мудроста и силата што им се потребни за да се справат со искушенијата (Филипјаните 4:13; Јаков 1:2-5).
Јехова ги храни своите овци. За да најдат храна, овците зависат од својот пастир. Ние имаме духовни потреби што можеме да ги задоволиме само со Божја помош (Матеј 5:3). Благодарни сме што Јехова е великодушен Пастир, кој им поставува богата духовна трпеза на оние што му служат (стих 5). Библијата и библиските публикации, како што е ова списание, обезбедуваат духовна храна што ја задоволува нашата потреба да дознаеме која е смислата на животот и која е Божјата намера со луѓето.
Давид се чувствувал безбедно бидејќи знаел дека, ако остане близу до својот небесен Пастир, ќе ја има Јеховината грижа ‚во сите денови на својот живот‘ (стих 6). Дали и ти сакаш да си на безбедно? Ако да, научи како можеш да се зближиш со Јехова. Така ќе се чувствуваш сигурно во рацете на Големиот Пастир, кој ги води, штити и храни оние што му се верни (Исаија 40:11).
Читање на Библијата во мај:
[Фуснота]
a На многу читатели им е познат преводот „Господ е Пастир мој“. За да дознаеш зошто од некои библиски преводи е отстрането Божјето име, Јехова, прочитај на страници 195-197 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.