Водството на Божјиот дух во првиот век и денес
„Сето тоа го прави еден и ист дух“ (1. КОР. 12:11)
1. Што ќе разгледаме во оваа статија?
ПЕДЕСЕТНИЦА 33 год. од н.е. бил посебен ден исполнет со многу значајни настани (Дела 2:1-4). Тогаш Бог го излеал светиот дух врз учениците на Исус. Со тоа дошло до една многу важна промена во начинот на кој Јехова го користел светиот дух за да го води својот народ на Земјата. Во претходната статија видовме како тој дух им помагал на Божјите верни слуги во минатото да извршуваат тешки задачи. Но, која е разликата во начинот на кој Божјиот дух дејствувал во претхристијанските времиња и во првиот век? И како Божјиот свет дух им помага на христијаните денес? Да видиме.
„Еве ја Јеховината робинка!“
2. Како Марија го почувствувала влијанието на светиот дух?
2 Марија била меѓу учениците врз кои бил излеан светиот дух во една горна соба во Ерусалим (Дела 1:13, 14). Но, повеќе од три децении пред да се случи тоа, таа го почувствувала влијанието на Јеховиниот дух на еден посебен начин. Јехова го пренел животот на својот Син од небото на Земјата, со тоа што предизвикал Марија да забремени иако сѐ уште била девица. Детето што тогаш се зачнало во неа било „од светиот дух“ (Мат. 1:20).
3, 4. Каков став имала Марија, и како може да го следиме нејзиниот пример?
3 Зошто на Марија ѝ била дадена таква огромна чест? Откако ангелот објаснил која е Јеховината волја во врска со неа, таа веднаш рекла: „Еве ја Јеховината робинка! Нека ми биде според твоите зборови!“ (Лука 1:38). Од ова јасно се гледа колку добар став имала Марија. Таа покажала дека спремно ја прифаќа Божјата волја за неа. Не се плашела што ќе речат луѓето кога ќе разберат дека е бремена, а не се плашела ни дека Јосиф повеќе нема да сака да ја земе за жена. Кога рекла дека е „робинка“, Марија покажала дека има целосна доверба во Јехова како во свој Господар.
4 Дали понекогаш ти се чини дека имаш премногу одговорности во службата за Бог? Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали имам потполна доверба дека Јехова ќе се погрижи сѐ да се изврши во склад со неговата волја? Дали спремно ја прифаќам секоја задача што ми ја дава?‘ Биди уверен дека Бог ќе им го даде својот дух на оние што со сето срце имаат доверба во него и му се послушни како на свој Господар (Дела 5:32).
Светиот дух му помагал на Петар
5. Како светиот дух му помагал на Петар пред Педесетница 33 год. од н.е.?
5 Слично на Марија, и апостол Петар го почувствувал силното влијание на Божјиот свет дух уште пред Педесетница 33 год. од н.е. Исус им дал нему и на другите апостоли власт да истеруваат демони (Мар. 3:14-16). Иако во Библијата не се наведени многу детали за тоа, се чини дека тој ја користел оваа власт. Исто така, кога Исус го повикал да дојде до него одејќи по Галилејското Море, Петар успеал во тоа со помош на светиот дух. (Прочитај Матеј 14:25-29.) Јасно е дека Петар можел да прави чуда затоа што се потпирал на Божјиот дух. Но, наскоро тој дух требало да влијае врз него и врз другите ученици на поинаков начин.
6. Што можел да прави Петар со помош на светиот дух на Педесетница 33 год. од н.е., а и потоа?
6 На празникот Педесетница 33 год. од н.е., на Петар и на другите со чудо им била дадена моќ да го зборуваат мајчиниот јазик на оние што биле дојдени во Ерусалим. Тој ден Петар станал и му се обратил на мноштвото (Дела 2:14-36). Иако овој апостол понекогаш бил брзоплет и плашлив, откако го добил светиот дух имал храброст да даде смело сведоштво и покрај заканите и прогонството (Дела 4:18-20, 31). Освен тоа, Бог го користел светиот дух за да му даде посебен увид (Дела 5:8, 9). Дури му дал моќ и да воскреснува (Дела 9:40).
7. Кои учења на Исус му станале јасни на Петар дури откако бил помазан?
7 Уште пред Педесетница, Петар разбрал многу од вистините за кои поучувал Исус (Мат. 16:16, 17; Јован 6:68). Но, некои работи му станале јасни дури по овој празник. На пример, пред тоа не разбрал дека Христос ќе биде воскреснат како дух на третиот ден ниту, пак, дека Царството ќе биде на небото (Јован 20:6-10; Дела 1:6). Не сфатил ни дека некои луѓе ќе станат духовни суштества и ќе владеат во небесното Царство. Но, кога самиот бил помазан со свет дух и добил небесна надеж, конечно можел да го разбере она што го поучувал Исус во врска со тие работи.
8. Какво знаење имаат и помазаниците и ‚другите овци‘?
8 Она што Исусовите ученици не можеле да го разберат пред тоа, им станало јасно откако бил излеан светиот дух. Под негово водство, писателите на Христијанските грчки списи објасниле некои величествени вистини во врска со Јеховината намера (Еф. 3:8-11, 18). Денес, и христијаните што се помазани со дух и оние од ‚другите овци‘ се хранат на иста духовна трпеза, односно ги проучуваат и ги разбираат истите библиски вистини (Јован 10:16). Дали си благодарен за знаењето и разбирањето на Божјата Реч што си го стекнал со помош на светиот дух?
Павле ‚се исполнил со свет дух‘
9. Што правел Павле со помош на светиот дух?
9 Околу една година по Педесетница 33 год. од н.е., Савле, кој подоцна станал познат како Павле, исто така го добил светиот дух како дар. Со помош на овој дух, Павле можел да прави работи од кои имаме корист и ние денес. На пример, под водство на духот, тој напишал 14 книги од Библијата. Исто како на Петар, Божјиот дух му помогнал и на Павле да ја разбере и да ја објасни надежта за бесмртен живот и нераспадливост на небото. Благодарение на светиот дух, Павле лекувал, истерувал демони, па дури и воскреснал еден човек! Но, светиот дух му дал сила да врши една уште поважна задача. Иако не со чудо, и Божјите слуги денес добиваат сила да ја вршат истата задача.
10. Како светиот дух му помогнал на Павле да зборува смело?
10 Павле, кој ‚се исполнил со свет дух‘, смело му се спротивставил на еден гаталец. Тоа имало многу силно влијание врз главниот управител на Кипар, кој го слушал целиот разговор меѓу Павле и гаталецот. Тој управител ја прифатил вистината, ‚бидејќи бил восхитен од Јеховиното учење‘ (Дела 13:8-12). Очигледно, Павле знаел дека само Божјиот свет дух може да му даде храброст за да ја зборува вистината (Мат. 10:20). Подоцна, тој побарал од браќата во собранието во Ефес сесрдно да се молат за него, за Бог да му помогне да зборува „со сета слобода“ (Еф. 6:18-20).
11. Како Божјиот дух го водел Павле?
11 Иако во некои ситуации светиот дух го поттикнувал Павле да зборува, понекогаш го спречувал да сведочи на некои места. Божјиот дух го водел во текот на неговите мисионерски патувања (Дела 13:2; прочитај Дела 16:6-10). Јехова сѐ уште го води проповедањето преку својот дух. Исто како Павле, сите послушни Јеховини слуги се трудат смело и ревносно да ја објавуваат вистината. Иако денес Божјето водство не е толку очигледно, може да бидеме сигурни дека Јехова го користи својот свет дух за сите искрени лица да ја чујат добрата вест (Јован 6:44).
„Различни дејствувања“
12-14. Објасни дали Божјиот дух дејствува врз сите Божји слуги на ист начин.
12 Денес многу се охрабруваме кога читаме како Јехова го благословил собранието од помазаници во првиот век. Тогаш светиот дух им дал на христијаните посебни способности, или „дарови“. Во врска со овие чудотворни дарови, Павле му го напишал следново на собранието во Коринт: „Даровите се различни, но духот е ист. И службите се различни, но Господарот е ист. И има различни дејствувања, но истиот Бог е тој кој на различни начини дејствува во сите“ (1. Кор. 12:4-6, 11). Значи, во зависност од потребата, светиот дух може да влијае на различни начини врз разни поединци. Всушност, тој дух ги води и Христовото „мало стадо“ и ‚другите овци‘ (Лука 12:32; Јован 10:16). Но, не влијае на ист начин врз секој член на собранието.
13 На пример, старешините се именувани под водство на светиот дух (Дела 20:28). Сепак, сите помазаници не служат како старешини во собранијата. Што може да заклучиме од ова? Едноставно дека Божјиот дух дејствува на различен начин врз членовите на собранието.
14 Духот што ги уверува помазаниците дека Бог ги посинил, е истиот дух што Јехова го употребил да го воскресне својот единороден Син како бесмртно духовно суштество на небото. (Прочитај Римјаните 8:11, 15.) Всушност, тоа е истиот дух со кој Јехова ја создал целата вселена (1. Мој. 1:1-3). Со истиот тој свет дух, Јехова го оспособил Веселеил за да го направи светиот шатор, му дал огромна физичка сила на Самсон и му овозможил на Петар да оди по вода. Одовде гледаме дека не е исто да те води Божјиот дух и да бидеш помазан со Божји дух. Помазувањето е само еден посебен начин на кој дејствува тој дух, а Бог избира кого ќе го помаза.
15. Објасни дали Бог засекогаш ќе помазува луѓе за небесен живот.
15 Бог отсекогаш влијаел со светиот дух врз своите верни слуги на различни начини. Тој дух дејствувал врз нив неколку илјади години пред да почне помазувањето за небесен живот. На Педесетница 33 год. од н.е. биле помазани првите луѓе, но Јехова нема засекогаш да го користи својот дух на ваков начин. Иако помазувањето ќе престане, светиот дух и понатаму ќе дејствува врз слугите на Бог за да ја вршат Неговата волја во сета вечност.
16. Што прават Јеховините слуги денес со помош на светиот дух?
16 Што прават Јеховините слуги денес со помош на светиот дух? Одговорот го наоѓаме во Откровение 22:17: „Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И секој што слуша, нека рече: ‚Дојди!‘ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“. Значи, под водство на светиот дух, христијаните денес го покануваат „секој што сака“ да земе од водата на животот. Во ова предводат помазаните христијани. Но, и другите овци ја упатуваат поканата. Истиот свет дух ги води и двете групи. И помазаниците и оние со земна надеж му се заветувале на Јехова и се крстиле „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Мат. 28:19). Сите тие му дозволуваат на Божјиот дух да дејствува во нив и да им помага да ги покажуваат неговите плодови (Гал. 5:22, 23). Со негова помош, тие прават сѐ што можат за да живеат во склад со Јеховините мерила за светост (2. Кор. 7:1; Отк. 7:9, 14).
Не престанувај да се молиш за свет дух
17. Како ќе покажеш дека Божјиот дух влијае врз тебе?
17 Според тоа, сеедно дали имаш надеж за вечен живот на небото или на Земјата, Јехова може да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ за да му останеш верен и да ја добиеш својата награда (2. Кор. 4:7). Можеби другите ќе те исмејуваат што истрајно ја проповедаш добрата вест за Царството. Но, не заборавај, ‚ако те исмејуваат поради Христовото име, среќен си, бидејќи духот на славата — духот Божји — почива врз тебе‘ (1. Пет. 4:14).
18, 19. Како Јехова ќе ти помага со својот свет дух, и што си решен да правиш?
18 Бог им го дава својот дух како бесплатен и скапоцен дар на сите што искрено го бараат. Тој дух може да ги подобри твоите способности, но може да ја засили и твојата желба да даваш сѐ од себе додека му служиш на Јехова. Библијата вели: „Бог, бидејќи го сака тоа, дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате“. Ако се трудиме со сите сили ‚цврсто да се држиме за речта на животот‘, тогаш со помош на светиот дух ќе можеме да ‚работиме на своето спасение со страв и трепет‘ (Фил. 2:12, 13, 16).
19 Затоа, со целосна доверба во Божјиот дух, врши ја секоја задача со сета душа, труди се да го правиш тоа што подобро и барај помош од Јехова (Јак. 1:5). Тој ќе ти го даде она што ти е потребно за да ја разбереш неговата Реч, да се справиш со проблемите и да ја проповедаш добрата вест. Исус ветил: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори!“ (Лука 11:9, 13). Ова значи дека треба да бараш и свет дух. Затоа, не престанувај да го молиш Јехова да бидеш како неговите верни слуги — во минатото и денес — кои биле водени од Божјиот дух.
Можеш ли да објасниш?
• Како може да го следиме примерот на Марија и да бидеме благословени?
• Како Божјиот дух го водел Павле?
• Како Бог го користи светиот дух за да ги води своите слуги денес?
[Слика на страница 24]
Божјиот дух му помогнал на Павле да се спротивстави на влијанието на злите духови
[Слика на страница 26]
Денес, Божјиот дух може да им помага на христијаните, без оглед на нивната надеж