Библијата менува животи
КАКО една млада жена која не сакала да знае ништо за Бог и имала успешна кариера нашла вистинска смисла во животот? Како она што го дознал за смртта му го сменило животот на еден млад католик? И како она што го научил за Бог поттикнало еден млад човек кој бил разочаран од животот да стане христијански проповедник? Прочитај што имаат да ни кажат тие.
„Со години се прашував: ‚Зошто постоиме?‘“ — РОЗАЛИНД ЏОН
РОДЕНА: 1963
ЗЕМЈА: БРИТАНИЈА
НЕКОГАШ: ИМАЛА УСПЕШНА КАРИЕРА
МОЕТО МИНАТО
Родена сум во Кројдон, Јужен Лондон, како шесто од деветте деца во моето семејство. Моите родители потекнуваат од карипскиот остров Св. Винсент. Мајка ми одеше во методистичка црква. Иако имав незгаслива жед за знаење, не бев заинтересирана да дознаам нешто повеќе за Бог. За време на распустот често одев на блиското езеро, каде читав разни книги што ги земав од библиотеката.
Неколку години откако завршив со школувањето, сфатив дека сакам да им помагам на луѓето кои немаа никаква заштита. Почнав да работам со бездомници и со лица кои беа инвалиди и имаа тешкотии во учењето. Потоа, одев на факултетски предавања од областа на медицинските науки. Откако дипломирав, добивав сѐ подобри работни места и затоа почнав да живеам на висока нога. Како советник за менаџмент и истражувач на полето на општествените науки, сѐ што ми беше потребно за работа беше мојот лаптоп и пристап до Интернет. Кога ќе посакав, со авион ќе отпатував на неколку недели во други земји, ќе престојував во омилените хотели, ќе уживав во убавата природа и ќе одев во спа центри и сали за вежбање за да се одржувам во форма. Мислев дека уживам во животот во вистинска смисла на зборот. Но, никогаш не ги заборавив оние што беа обесправени.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
Со години се прашував: ‚Зошто постоиме и која е смислата на животот?‘ Но, никогаш одговорот не го побарав во Библијата. Еден ден во 1999 год., мојата помала сестра Маргарет, која беше Јеховин сведок, дојде кај мене заедно со една нејзина пријателка која исто така беше Сведок. Нејзината пријателка беше многу фина со мене. Ни самата не знам како, но се согласив да ја проучувам Библијата, иако кариерата и животниот стил ми го крадеа поголемиот дел од времето.
Летото 2002 год., се преселив во југозападна Англија. Таму се запишав на постдипломски студии по општествени науки. Крајна цел ми беше да докторирам. Почнав поредовно да одам во блиската Сала на Царството заедно со моето синче. И покрај високото образование, тоа што ја проучував Библијата ми помогна подобро да разберам зошто имаме толку проблеми во животот и кое е нивното решение. Сфатив колку се вистинити зборовите од Матеј 6:24, каде што пишува дека не може да им се служи на двајца господари. Требаше да изберам меѓу Бог и богатството. Морав да донесам јасна одлука што ќе ставам на прво место во животот.
Претходната година често присуствував кога група Сведоци се собираа да ја проучуваат Библијата со помош на книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе?a Се уверив дека само нашиот Творец, Јехова, го има вистинското решение за проблемите што го мачат човештвото. Но, на факултет учевме дека смислата на животот нема никаква врска со верувањето во Творец. Тоа многу ме налути. По два месеца, прекинав со факултетот и одлучив да посветам повеќе време на духовните активности.
Библиските стихови што ме мотивираа да направам промени во животот беа Изреки 3:5, 6, каде што пишува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“. Тоа што го запознавав нашиот грижлив Бог ми носеше поголема радост од парите и статусот што можеби ќе ги имав како доктор на науки. Колку повеќе учев за Јеховината намера со Земјата и подлабоко разбирав зошто Исус го дал животот за нас, толку повеќе сакав да му служам на нашиот Творец. Се крстив во април 2003 год. Оттогаш, почнав да водам сѐ поедноставен живот.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА
Многу го ценам пријателството со Јехова. Чувствувам вистински мир и радост затоа што го познавам. Исто така, многу сум среќна што се дружам со други луѓе кои искрено му служат на Бог.
Она што го учам од Библијата и на христијанските состаноци ја задоволува мојата жед за знаење. Многу сакам да им зборувам и на другите за мојата вера. Сега тоа е моја животна определба и гледам дека навистина можам да им помогнам на луѓето не само да имаат подобар живот денес туку и да имаат прекрасна надеж за живот во новиот свет. Почнувајќи од јуни 2008 год., голем дел од времето посветувам на службата на проповедање и сега сум посреќна и позадоволна од кога и да било порано. Најдов вистинска смисла во животот и за тоа сум му многу благодарна на Јехова.
„Смртта на другар ми длабоко ме потресе“ — РОМАН ИРНЕСБЕРГЕР
РОДЕН: 1973
ЗЕМЈА: АВСТРИЈА
НЕКОГАШ: КОЦКАР
МОЕТО МИНАТО
Пораснав во малото гратче Браунау во Австрија. Тоа место беше богато и немаше многу криминал. Моето семејство беше католичко и јас пораснав како католик.
Една случка од детството имаше силно влијание врз мене. Во 1984 год., кога имав 11 години, играв фудбал со еден од моите најдобри другари. Истото попладне тој загина во сообраќајна несреќа. Смртта на другар ми длабоко ме потресе. Со години по сообраќајката сѐ уште се прашував што се случува со нас откако ќе умреме.
Откако завршив со школувањето, почнав да работам како електричар. Иако редовно се коцкав и тоа на големи пари, немав финансиски проблеми. Исто така, многу спортував и ја засакав хеви-метал и панк-рок музиката. Животот ми се состоеше од одење по дискотеки и забави. Живеев за задоволствата и бев неморален, но сепак се чувствував празно.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
Во 1995 год., еден постар Сведок ми дојде на врата и ми понуди една книга во која, на темел на Библијата, беше одговорено прашањето што се случува при смртта. Сѐ уште ми беше тешко поради трагичната смрт на мојот другар од детството и затоа ја зедов книгата. Не го прочитав само поглавјето за смртта туку целата книга!
Таа ми даде одговор на прашањата во врска со смртта. Но, од неа дознав многу повеќе. Во католичката вера главна улога има Исус. Меѓутоа, со внимателно проучување на Библијата почнав да го запознавам и да се зближувам со Таткото на Исус, Јехова Бог. Бев одушевен кога дознав дека Јехова не е мистериозен и далечен Бог, туку Бог што сака другите да го запознаат (Матеј 7:7-11). Дознав дека Јехова има чувства. Исто така, дознав дека секогаш си стои на зборот. Тоа ме натера длабоко да се заинтересирам за библиските пророштва и да видам како се исполниле. Ова ја зајакна мојата вера во Бог.
Наскоро сфатив дека Јеховините сведоци се единствените што сериозно се заинтересирани да им помагаат на другите луѓе да ја разберат Библијата. Забележав дека во публикациите на Сведоците се наведени библиски стихови, кои ги барав во мојата католичка Библија. Колку повеќе истражував, толку повеќе бев сигурен дека ја пронајдов вистината за Бог.
Проучувањето на Библијата ми помогна да сфатам дека Јехова очекува да живеам според неговите мерила. Од она што го прочитав во Ефешаните 4:22-24 можев да видам дека мора да се ослободам од мојата ‚стара личност‘ која беше обликувана според мојот „поранешен начин на живот“ и да ја ‚облечам новата личност, која е создадена по Божја волја‘. Затоа престанав да водам неморален живот. Исто така, увидов дека треба да престанам да се коцкам, бидејќи таа навика раѓа материјалистички желби и алчност (1. Коринќаните 6:9, 10). Знаев дека, за да успеам да ги направам тие промени, ќе мора да го оставам старото друштво и да побарам нови пријатели што имаат исти мерила како моите.
Не ми беше лесно да ги направам тие промени. Но, почнав да одам на состаноците на Сведоците во Салата на Царството и таму стекнав нови пријатели. Исто така, продолжив и самиот внимателно да ја проучувам Библијата. Сето тоа ми помогна да го сменам вкусот за музика, да си поставам други цели во животот и да си го сменам изгледот. Во 1995 год., се крстив како Јеховин сведок.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА
Денес имам урамнотежено гледиште за парите и за материјалните поседи. Порано бев избувлив, но сега сум посмирен. Исто така, не сум претерано загрижен за иднината.
Се радувам што можам да му служам на Јехова заедно со други луѓе од целиот свет. Меѓу нив има такви што се борат со големи проблеми, но сепак верно му служат на Бог. Многу сум среќен што сега своето време и сили ги трошам за да му служам на Јехова и да им правам добро на другите, а не за да ги задоволувам моите себични желби.
„Конечно најдов смисла во животот!“ — ЈАН КИНГ
РОДЕН: 1963
ЗЕМЈА: АНГЛИЈА
НЕКОГАШ: РАЗОЧАРАН ОД ЖИВОТОТ
МОЕТО МИНАТО
Роден сум во Англија, но кога имав околу седум години, моето семејство се пресели во Австралија. Се населивме на Златниот брег, туристичко место во Квинсленд. Иако моите не беа богати, секогаш го имавме она што ни беше потребно.
И покрај тоа што во детството бев материјално згрижен, никогаш не бев вистински среќен. Бев крајно разочаран од животот. Татко ми беше тежок алкохоличар. Немав речиси никакви чувства кон него, главно затоа што пиеше и лошо постапуваше со мајка ми. Дури подоцна, кога дознав што сѐ доживеал како војник во Малезија, почнав да сфаќам зошто беше таков.
Кога бев средношколец, почнав да се опивам. На 16 години прекинав со школувањето и ѝ се приклучив на морнарицата. Почнав да користам дрога и станав зависник од цигари. Исто така, станував сѐ поголем зависник од алкохол. Во почетокот се опивав само на викендите, а по некое време тоа го правев секој ден.
Кон крајот на тинејџерските и во почетокот на моите 20-ти години, почнав да се прашувам дали постои Бог. Размислував: ‚Ако постои Бог, зошто дозволува луѓето да страдаат и да умираат?‘ Пишував дури и поезија во која го обвинував Бог за злото во светот.
Ја напуштив морнарицата кога имав 23 години. Потоа сменив неколку работни места и цела година патував во други земји, но ништо не ми помогна да излезам од очајот. Немав никаква желба да си поставувам цели или да постигнам нешто во животот. Ништо не ме правеше среќен. Ми изгледаше бесмислено да имам куќа, добра работа и да напредувам во кариерата. Единствена „утеха“ наоѓав во алкохолот и музиката.
Точно се сеќавам на моментот кога почувствував многу силна желба да најдам смисла во животот. Бев во Полска, во посета на озлогласениот концентрационен логор Аушвиц. Имав читано за ѕверствата што се правеле таму. Но, кога отидов и со свои очи видов колку огромен е логорот, многу се потресов. Не можев да сфатам како е можно луѓето да постапуваат толку сурово со други луѓе. Се сеќавам како, додека со солзи во очите го разгледував логорот, си го поставував прашањето: ‚Зошто?‘
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
Во 1993 год., откако се вратив од странство, почнав да ја читам Библијата барајќи одговор на моите прашања. По кратко време, на врата ми дојдоа двајца Јеховини сведоци и ме поканија на конгресот што се одржуваше на блискиот стадион. Решив да одам.
Неколку месеци претходно бев на истиот стадион на еден натпревар, но разликата со овој конгрес беше огромна. Сведоците беа културни и убаво облечени, а нивните деца добро воспитани. Исто така, бев одушевен од она што го видов на паузата за ручек. Стотици Сведоци јадеа на тревникот, но кога се вратија на своите места, не можев да видам оставено ниту едно хартивче! Што е уште поважно, изгледаше дека овие луѓе се задоволни и имаат душевен мир — работи по кои јас копнеев. Не се сеќавам ниту на едно предавање што беше одржано тој ден, но однесувањето на Сведоците ми остави траен впечаток.
Таа вечер се сетив на братучед ми, кој ја читаше Библијата и испитуваше различни религии. Неколку години претходно тој ми кажа дека Исус рекол дека вистинската религија ќе може да се препознае по нејзините плодови (Матеј 7:15-20). Си помислив дека треба барем да се информирам зошто Сведоците толку многу се разликуваат од другите. За првпат во животот почувствував зрак надеж и оптимизам.
Следната недела повторно дојдоа кај мене двајцата Сведоци што ме поканија на конгресот. Ми понудија да ја проучуваат Библијата со мене и јас се согласив. Исто така, почнав да одам со нив на христијанските состаноци.
Додека ја проучував Библијата, од корен се смени моето гледиште за Бог. Дознав дека тој не е виновен за злото и страдањата и дека и самиот чувствува болка кога луѓето прават лоши работи (1. Мојсеева 6:6; Псалм 78:40, 41). Бев цврсто решен да дадам сѐ од себе за никогаш да не го повредам Јехова. Сакав да го радувам неговото срце (Изреки 27:11). Престанав да се опивам и да пушам, како и да водам неморален живот. Во март 1994 год., се крстив како Јеховин сведок.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА
Денес сум вистински среќен и задоволен. Повеќе не пијам за да избегам од проблемите. Наместо тоа, научив да му ги оставам сите мои грижи на Јехова (Псалм 55:22).
Веќе десет години сум во брак, и многу ги сакам мојата прекрасна сопруга, Карен, која е Јеховин сведок, и нејзината ќерка Нела. Сите тројца со задоволство поминуваме голем дел од нашето време за да им помагаме и на други да ја дознаат вистината за Бог. Конечно најдов смисла во животот!
a Издадена од Јеховините сведоци.