ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА
Може ли да ни бидат простени гревовите?
Библијата покажува дека сите грешиме. Склоноста кон грев сме ја наследиле од првиот човек, Адам. Затоа, понекогаш правиме работи за кои подоцна ни е жал. Божјиот Син, Исус Христос, платил за нашите гревови со својот живот. Благодарение на таа жртва можат да ни бидат простени гревовите. Откупнината е дар од Бог. (Прочитај Римјаните 3:23, 24.)
Некои направиле големи гревови и се прашуваат дали Бог ќе им прости. Утешно е што во Библијата пишува: „Крвта на Исус, неговиот Син, нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јованово 1:7). Јехова ќе ни ги прости дури и тешките гревови ако вистински се каеме и ако имаме исправен став. (Прочитај Исаија 1:18.)
Што треба да правиме за да ни биде простено?
Ако сакаме Јехова Бог да ни ги прости гревовите, треба да го запознаеме, односно да дознаеме нешто повеќе за неговите гледишта, начела и мерила (Јован 17:3). Јехова од срце им простува на оние што се каат за своите грешки и се трудат да се променат. (Прочитај Дела 3:19.)
Секој од нас може да ја стекне Божјата милост. Јехова има разбирање за нашите слабости. Тој е милосрден и добар. Зар тоа што Јехова покажува добрина не те поттикнува да дознаеш нешто повеќе за него? (Прочитај Псалм 103:13, 14.)