СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 24
Јехова е спремен да прости
Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш, голема е твојата милост кон сите што те повикуваат (ПС. 86:5)
ПЕСНА 42 Молитвата на Божјиот слуга
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што дознаваме од зборовите на Цар Соломон запишани во Проповедник 7:20?
ЦАР СОЛОМОН напишал: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“ (Проп. 7:20). Колку вистинити зборови! Сите ние правиме грешки (1. Јов. 1:8). Затоа на сите ни е потребно простување од Бог и од другите луѓе.
2. Како се чувствуваме кога ќе ни прости некој близок пријател?
2 Сигурно се сеќаваш на некоја прилика кога си повредил некој свој близок пријател. Бидејќи си сакал повторно да бидете во добри односи, искрено си му се извинил. Како се чувствуваше кога пријателот од срце ти прости? Сигурно ти олесни и беше многу среќен поради тоа.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Ние сакаме Јехова да биде нашиот најблизок пријател, но понекогаш ќе кажеме или ќе направиме нешто со што ќе го повредиме. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова сака да ни прости? Каква разлика постои во тоа кога Јехова простува некому и кога ние простуваме? И, кому Бог му простува?
ЈЕХОВА СПРЕМНО ПРОСТУВА
4. Зошто може да бидеме уверени дека Јехова е спремен да прости?
4 Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова сака да ни прости. Во една прилика, на планината Синај, Јехова му открил на Мојсеј нешто во врска со своите особини. Тој преку ангел го кажал следново: „Јехова! Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“ (2. Мој. 34:6, 7). Јехова е добар и милостив Бог кој е секогаш спремен да им прости на оние што се каат за своите грешки (Неем. 9:17; Пс. 86:15).
5. Според Псалм 103:13, 14, што прави Јехова затоа што добро ги познава луѓето?
5 Како наш Творец, Јехова знае сѐ за нас. Замисли, тој го знае секој детаљ за секој човек на планетата! (Пс. 139:15-17). Значи, Јехова ги гледа сите слабости и маани што како несовршени луѓе сме ги наследиле од нашите родители. Тој дури е свесен и за тоа како сето она што ни се случило во животот влијаело врз нас и ја обликувало нашата личност. Што прави Јехова затоа што нѐ познава толку добро? Тој постапува милосрдно со нас (Пс. 78:39; прочитај Псалм 103:13, 14).
6. Како Јехова докажал дека сака да простува?
6 Јехова докажал дека сака да простува. Тој е свесен дека, поради постапките на првиот човек Адам, сите сме наследиле грев и дека мора да умреме (Рим. 5:12). Не можеме ништо да направиме за да се ослободиме себеси или другите од таа бедна состојба (Пс. 49:7-9). Но, нашиот Бог кој многу нѐ сака покажал сочувство и презел чекори за да нѐ ослободи. Што сторил тој? Од зборовите во Јован 3:16 дознаваме дека Јехова го испратил својот единороден Син да умре за нас (Мат. 20:28; Рим. 5:19). Исус ја вкусил смртта за секого од нас за да го ослободи секој што покажува вера во него (Евр. 2:9). Јехова сигурно чувствувал огромна болка додека гледал како неговиот сакан Син умира во страшни болки и на понижувачки начин. Се разбира, Јехова не би дозволил неговиот Син да умре доколку не сакал да ни прости.
7. Кои се некои библиски личности на кои Јехова спремно им простил?
7 Во Библијата се спомнати многу личности на кои Јехова спремно им простил (Еф. 4:32). На кого прво помислуваш? Можеби на цар Манасија. Овој злобен човек му грешел на Јехова така што правел многу ужасни работи. Тој обожавал лажни богови и ги поттикнувал и другите да го прават истото. Ги убивал своите сопствени деца така што ги принесувал како жртва на пагански богови. Тој дури поставил и режан лик на лажен бог во Јеховиниот свет храм. Во врска со него, Библијата вели: „Многу зла правеше пред Јехова и го навредуваше“ (2. Лет. 33:2-7). Сепак, кога Манасија покажал дека искрено се кае, Јехова спремно му простил. Бог дури повторно го вратил на царскиот престол (2. Лет. 33:12, 13). Можеби помислуваш и на цар Давид кој направил тешки гревови против Јехова, вклучувајќи прељуба и убиство. Сепак, кога Давид го признал гревот и искрено се покајал, Јехова му простил и нему (2. Сам. 12:9, 10, 13, 14). Сето ова нѐ уверува дека Јехова сака да простува. И, како што ќе видиме, начинот на кој Јехова простува се разликува од начинот на кој простуваат луѓето.
ЈЕХОВИНАТА УНИКАТНА СПОСОБНОСТ ДА ПРОСТУВА
8. Како тоа што Јехова е најдобриот судија влијае врз неговата способност да простува?
8 Јехова е „Судијата на целата земја“ (1. Мој. 18:25). Еден добар судија мора многу добро да го разбира законот. Ова без сомнение е случај со Јехова кој, освен што е наш Судија, е и наш Законодавец (Иса. 33:22). Никој не знае подобро од Јехова што е исправно, а што е погрешно. Што друго е потребно за некој да биде добар судија? Треба да ги знае сите факти за некој случај пред да донесе пресуда. Значи, Јехова е најдобриот Судија затоа што секогаш ги знае сите факти.
9. На темел на кои информации Јехова одлучува дали да прости некому?
9 За разлика од човечките судии, Јехова секогаш ги знае сите факти за кој и да било случај за кој треба да донесе пресуда (1. Мој. 18:20, 21; Пс. 90:8). Тој нема ограничувања како луѓето — Јехова гледа и слуша сѐ. Тој сосема разбира дека врз нашите постапки влијаат генетиката, воспитувањето, околината, како и нашата емоционална и ментална состојба. Исто така, Јехова го чита нашето срце. Тој многу добро знае какви мотиви, намери и желби има секој од нас. Ништо не може да се скрие од него (Евр. 4:13). Кога Јехова ќе одлучи да прости некому, тоа го прави затоа што ги знае сите факти.
10. Зошто може да кажеме дека Јеховините пресуди секогаш се праведни? (5. Мојсеева 32:4).
10 Јеховините пресуди секогаш се праведни. Тој е потполно непристрасен. Врз неговата одлука дали да прости, не влијае нечиј изглед, богатство, углед или способности (1. Сам. 16:7; Јак. 2:1-4). Никој не може да го натера Јехова да направи нешто и никој не може да го поткупи (2. Лет. 19:7). Тој никогаш не носи одлуки во лутина или од сентименталност (2. Мој. 34:7). Без сомнение, Јехова е најдобриот Судија бидејќи знае сѐ за нас и за нашата ситуација. (Прочитај 5. Мојсеева 32:4.)
11. Каква разлика постои помеѓу начинот на кој простува Јехова и начинот на кој простуваат луѓето?
11 Писателите на Хебрејските списи знаеле дека начинот на кој простува Јехова е уникатен. Во некои случаи, тие користеле еден хебрејски збор кој според една книга се употребува само за да се опише начинот на кој Бог му простува на некој што направил грев. Тој збор никогаш не се употребува за да се опише начинот на кој ние како луѓе си простуваме едни на други. Само Јехова го има правото потполно да му прости на некој што искрено се кае за својот грев. Како ни користи тоа што Јехова ни простува?
12-13. а) Какви благослови добиваме кога Јехова ни простува? б) Дали Јехова повторно се навраќа на гревовите што ни ги простил?
12 Кога ќе го прифатиме фактот дека Јехова ни простил, ќе доживееме „времиња на закрепнување“, односно ќе добиеме благослови како што се внатрешен мир и чиста совест. Такви благослови не можеме да доживееме кога ќе ни прости некој човек, туку само кога ќе ни прости Јехова (Дела 3:19). Кога ни простува, тој ни дозволува повторно да бидеме негови пријатели и се однесува со нас како никогаш да не сме му згрешиле.
13 Откако ќе ни прости, Јехова никогаш повторно нема да нѐ обвини, ниту да нѐ казни за тој грев (Иса. 43:25; Ерем. 31:34). Јехова ги оддалечува од нас нашите престапи „колку што е исток далеку од запад“b (Пс. 103:12). Кога размислуваме колку многу Јехова ни простува, тоа нѐ исполнува со благодарност и восхит (Пс. 130:4). Но, кому Јехова му простува?
КОМУ ЈЕХОВА МУ ПРОСТУВА?
14. Што дознавме до сега во врска со тоа како Јехова одлучува дали ќе прости некому?
14 Како што видовме, Јехова не одлучува дали ќе прости некому на темел на тоа колку тежок грев направил. Исто така, дознавме дека, кога одлучува дали ќе прости, Јехова го користи своето знаење како Творец, Законодавец и Судија. Кои фактори ги зема предвид Јехова?
15. Според Лука 12:47, 48, кој е еден фактор што Јехова го зема предвид кога одлучува дали ќе прости некому?
15 Еден фактор што Јехова го зема предвид е дали оној што згрешил знаел дека она што го прави е погрешно. Исус јасно го нагласил ова, како што се гледа од зборовите запишани во Лука 12:47, 48. (Прочитај.) Ако некој испланирал да направи нешто лошо и го прави тоа, иако е потполно свесен дека тоа е погрешно во Божји очи, тогаш прави тежок грев. Јехова може да одлучи да не му прости на тоа лице (Мар. 3:29; Јован 9:41). Сепак, мора да признаеме дека сите ние понекогаш правиме работи за кои знаеме дека се погрешни. Тогаш, дали може да се надеваме дека ќе ни биде простено? Да. Ова нѐ води до уште еден фактор што Јехова го зема предвид кога одлучува дали ќе прости некому.
16. Што значи некој да се кае, и зошто е неопходно да се каеме ако сакаме Јехова да ни прости?
16 Уште еден фактор што Јехова го зема предвид е тоа дали оној што згрешил искрено се кае. Што значи некој да се кае? Тоа значи да го смени својот начин на размислување, својот став или својата намера. Исто така, тоа значи дека му е многу жал за лошите работи што ги направил или за добрите работи што требало да ги направи, но не ги направил. Оној што се кае жали и за тоа што дозволил да западне во една лоша духовна состојба која го навела да згреши. Сети се дека и цар Манасија и цар Давид направиле тешки гревови, но Јехова им простил бидејќи искрено се каеле (1. Цар. 14:8). Според тоа, за да ни прости, Јехова мора да види доказ дека се каеме. Но, не е доволно само да ни биде жал за гревовите што сме ги направиле. Мора да бидеме решени да преземеме нешто.c Тоа нѐ води до уште еден фактор што Јехова го зема предвид кога одлучува дали ќе прости некому.
17. Што е преобраќање, и зошто е важно? (Исаија 55:7).
17 Друг важен фактор што Јехова го зема предвид е дали оној што згрешил се преобратил, односно дали го сменил начинот на живот. За Јехова да прости некому, тој мора да престане да ги прави лошите работи што ги правел порано и да почне да живее онака како што сака Јехова. (Прочитај Исаија 55:7.) Мора да го смени начинот на размислување и да дозволи да го води Јехова (Рим. 12:2; Еф. 4:23). Тој мора да биде решен да го остави поранешниот погрешен начин на размислување и постапување (Кол. 3:7-10). Се разбира, само доколку имаме вера во жртвата на Исус, Јехова ќе има вистинска основа да ни прости и да нѐ исчисти од гревот. Јехова ќе ни прости на темел на таа жртва ако види дека искрено се трудиме да го смениме начинот на постапување (1. Јов. 1:7).
ИМАЈ ДОВЕРБА ДЕКА ЈЕХОВА ЌЕ ТИ ПРОСТИ
18. Зошто може да се каже дека никој не простува како Јехова?
18 Накратко да повториме некои од главните мисли кои ги разгледавме во оваа статија. Во целиот универзум нема никој друг што простува како Јехова. Зошто може да го кажеме ова? Прво, тој е секогаш спремен да прости. Второ, Јехова знае сѐ за нас. Бидејќи совршено нѐ познава, тој најдобро може да процени дали искрено се каеме. И трето, кога ни простува, Јехова потполно ги брише нашите гревови како никогаш да не сме ги направиле. Ова ни овозможува да имаме чиста совест и добар однос со него.
19. Зошто може да бидеме радосни и покрај тоа што сме несовршени и продолжуваме да правиме грешки?
19 Се разбира, сѐ додека сме несовршени ќе продолжиме да правиме грешки. Но, утешно е тоа што знаеме дека Јехова е милосрден и дека е свесен за нашите слабости. Затоа, не треба постојано да жалиме поради тоа што сме несовршени и продолжуваме да правиме грешки (Пс. 103:8-14; 130:3). Ако даваме сѐ од себе за да живееме во склад со Божјите мерила, можеме да бидеме радосни (Фил. 4:4-6; 1. Јов. 3:19-22). Колку охрабрувачка мисла!
20. Што ќе разгледаме во следната статија?
20 Многу сме благодарни што Јехова е спремен да ни прости кога искрено се каеме за гревовите што сме ги направиле. Но, како може ние да простуваме по примерот на Јехова? Во кои работи нашето простување е слично со простувањето од Јехова, а во кои работи се разликува? Зошто е важно да ја разбереме таа разлика? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме во следната статија.
ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце
a Во својата Реч, Јехова нѐ уверува дека е спремен да им прости на оние што искрено се каат за своите гревови. Сепак, понекогаш можеби си мислиме дека не заслужуваме тој да ни прости. Во оваа статија ќе видиме зошто можеме да бидеме сигурни дека нашиот Бог секогаш е спремен да ни прости ако вистински се каеме за нашите гревови.
b Види во книгата Приближи му се на Јехова, погл. 26, пасус 9.
c ПОЈАСНУВАЊЕ: „Каење“ значи некој да го смени начинот на размислување, при што искрено жали за поранешниот начин на живот, за лошите постапки и за она што не го направил. Искрено каење се покажува со дела, односно со промена на начинот на постапување.