СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 21
Не дозволувај да те измами „мудроста на овој свет“
Мудроста на овој свет е глупост пред Бог (1. КОР. 3:19)
ПЕСНА 98 Светото писмо е вдахновено од Бог
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што ни дава Божјата Реч?
ЈЕХОВА е нашиот Најголем Учител и ни помага да најдеме решение за секој проблем со кој се соочуваме (Иса. 30:20, 21). Неговата Реч ни дава сѐ што ни е потребно за да бидеме вистински способни и потполно опремени за секое добро дело (2. Тим. 3:17). Кога живееме во склад со библиските учења, стануваме помудри од оние што велат дека треба да живееме според „мудроста на овој свет“ (1. Кор. 3:19; Пс. 119:97-100).
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Како што ќе видиме, мудроста на овој свет честопати ги потхранува телесните желби. Затоа може да ни биде тешко да не размислуваме и да не постапуваме како луѓето од светот. Библијата со добра причина вели: „Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија“ (Кол. 2:8). Во оваа статија ќе видиме како луѓето почнале да веруваат во две лаги на Сатана. Освен тоа, ќе видиме зошто мудроста на светот е глупост, и зошто мудроста од Божјата Реч е далеку подобра од сѐ што ни нуди овој свет.
ПРОМЕНИ ВО МОРАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ
3-4. Каква промена во моралните вредности настанала во САД во почетокот на 20-тиот век?
3 Во Соединетите Американски Држави, во почетокот на 20-тиот век дошло до голем пад на моралните вредности на луѓето. Претходно, многумина сметале дека сексуални односи треба да имаат само оние што се во брак, и на таа тема воопшто не се зборувало во јавност. Но дошло до пад на тие морални вредности, и сѐ повеќе луѓе почнале да имаат попустлив став кон неморалот.
4 Третата деценија од 20-тиот век станала позната како „бурните дваесетти“. Во тој период настанале големи општествени промени. Еден истражувач вели дека во филмовите, театарските претстави, песните, книгите и рекламите имало сѐ повеќе сексуални содржини. Во текот на таа деценија, начинот на кој луѓето танцувале и се облекувале станувал сѐ попровокативен. Како што прорекла Библијата за последните денови, луѓето почнале сѐ повеќе да ги сакаат уживањата (2. Тим. 3:4).
5. Што се случило со моралните вредности во 1960-тите?
5 Во 1960-тите, сѐ повеќе невенчани двојки живееле заедно, а хомосексуалноста и разводот станале вообичаени. Во светот на забавата сѐ поотворено биле прикажувани сексуални сцени. Кој е резултатот од сето ова? Една авторка напишала дека има многу лоши последици кога луѓето престануваат да ги почитуваат моралните мерила. На пример, има сѐ повеќе уништени семејства, семејства со самохран родител и луѓе кои имаат емоционални проблеми или се зависници од порнографија. Друга последица се многуте сексуално преносливи болести, како што е СИДА-та. Сето ова покажува дека мудроста на светот е глупост (2. Пет. 2:19).
6. Зошто ставот на светот во врска со сексуалните односи му оди во прилог на Сатана?
6 Ставот на светот во врска со сексуалните односи му оди во прилог на Сатана. Зошто? Сексуалните односи се дар од Бог, а кога луѓето го злоупотребуваат тој дар, Сатана многу се радува. Кога вршат сексуален неморал, луѓето покажуваат дека не го почитуваат бракот како дар од Бог (Еф. 2:2). Оние што живеат неморално не покажуваат ценење за уште еден дар што Јехова им го дал на луѓето — способноста да имаат деца. Неморалниот начин на живот може да ги спречи таквите луѓе да добијат вечен живот (1. Кор. 6:9, 10).
БИБЛИСКОТО ГЛЕДИШТЕ ЗА СЕКСУАЛНИТЕ ОДНОСИ
7-8. Кое е библиското гледиште за сексуалните односи?
7 Луѓето што ја прифаќаат мудроста на овој свет ги исмеваат библиските морални мерила и тврдат дека тие се застарени. Таквите луѓе можеби прашуваат: „Зошто Бог би нѐ создал со сексуални желби, а потоа да ни каже да се воздржуваме од нив?“ Тоа прашање го поставуваат затоа што погрешно веруваат дека луѓето мора да си ја задоволат секоја телесна желба. Но Библијата ни кажува нешто друго. Таа нѐ поучува дека не сме беспомошни жртви на нашите телесни желби туку имаме способност да ги контролираме (Кол. 3:5). Освен тоа, Јехова ни овозможил исправните сексуални желби да ги задоволиме во бракот (1. Кор. 7:8, 9). Во бракот, мажот и жената можат да имаат сексуални односи без чувства на вина и без грижите кои честопати произлегуваат од неморалот.
8 За разлика од мудроста на овој свет, Библијата нѐ поучува да имаме исправен став кон сексуалните односи. Таа вели дека тие можат да бидат извор на задоволство и радост (Изр. 5:18, 19). Но, Библијата вели: „Божја волја е... секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест, а не во незауздана сексуална страст својствена на народите што не го познаваат Бог“ (1. Сол. 4:3-5).
9. а) Што им помогнало на Јеховините слуги во почетокот на 20-тиот век да живеат во склад со мудроста од Божјата Реч? б) Кој мудар совет е запишан во 1. Јованово 2:15, 16? в) Според Римјаните 1:24-27, од кои неморални постапки треба да се чуваме?
9 Во почетокот на 20-тиот век, Јеховините слуги не биле измамени од оние што „изгубиле секакво чувство за тоа што е морално“ (Еф. 4:19, фус.). Тие се труделе цврсто да се држат за Јеховините мерила. Во Стражарска кула од 15 мај 1926 год. пишувало дека „еден маж или една жена треба да бидат чисти во мислите и во постапките, особено во однос на спротивниот пол“. Без оглед на тоа што се случувало во светот околу нив, Јеховините слуги живееле според најголемата мудрост која се наоѓа во Библијата. (Прочитај 1. Јованово 2:15, 16.) Многу сме благодарни што ја имаме Божјата Реч! Исто така, благодарни сме што Јехова преку својата организација ни дава навремена духовна храна која ни помага да не бидеме измамени од мудроста на овој свет во поглед на моралните вредности.b (Прочитај Римјаните 1:24-27.)
ПРОМЕНИ ВО ГЛЕДИШТЕТО ЗА СЕБЕСИ
10-11. Што прорекла Библијата дека ќе се случува во последните денови?
10 Библијата нѐ предупредува дека во текот на последните денови, луѓето „ќе бидат себељубиви“ (2. Тим. 3:1, 2). Затоа не сме изненадени што светот го шири овој себичен став. Во една енциклопедија пишува дека во текот на 1970-тите почнале да се издаваат многу книги со совети за успешен живот. Некои од овие книги ги поттикнувале читателите да мислат дека немаат никаква маана и дека не треба да менуваат ништо кај себе. На пример, во една книга пишувало: „Сакај се себеси бидејќи ти си најубавата и најдобрата личност што некогаш постоела“. Според таа книга, секој човек треба самиот да одлучи како да се однесува и да го прави она што смета дека е исправно и пожелно.
11 Дали оваа мисла ти звучи познато? Сатана ја поттикнал Ева да направи нешто слично. Тој рекол дека таа би можела да биде како Бог и да знае што е добро, а што зло (1. Мој. 3:5). Денес, многу луѓе имаат толку високо мислење за себе што никој — дури ни Бог — не може да им каже што е исправно, а што погрешно. На пример, таквиот став особено е очигледен во начинот на кој луѓето гледаат на бракот.
12. Какво гледиште за бракот шири овој свет?
12 Во Библијата пишува дека мажот и жената треба да се почитуваат еден со друг и да го почитуваат брачниот завет што си го дале. Таа ги поттикнува брачните другари да бидат решени да останат заедно. Тоа се гледа од следниов стих: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мој. 2:24). За разлика од тоа, оние што се под влијание на мудроста од светот шират поинакво гледиште. Тие велат дека секој од сопружниците треба да мисли само на своите потреби. Во една книга во врска со разводите пишува дека во некои земји, зборовите „сѐ додека смртта не нѐ раздели“, кои се дел од традиционалниот брачен завет, многумина ги измениле со зборовите „сѐ додека двајцата се сакаме“. Таквото површно гледиште за бракот довело до безброј распаднати семејства и предизвикало неопислива емоционална болка. Ова јасно покажува дека ставот што светот го има кон бракот е глупост.
13. Која е една причина зошто на Јехова му се одвратни гордите луѓе?
13 Библијата вели: „Секој што е горд во срцето му е одвратен на Јехова“ (Изр. 16:5). Зошто на Јехова му се одвратни гордите луѓе? Една причина е тоа што тие луѓе ја одразуваат вообразеноста на Сатана. Замисли, Сатана верувал дека Исус — оној со кого Бог заедно создал сѐ — треба да му се поклони и да го обожава него! (Мат. 4:8, 9; Кол. 1:15, 16). Оние што имаат такво вообразено гледиште за себеси потврдуваат дека мудроста на овој свет е глупост во Божји очи.
БИБЛИСКОТО ГЛЕДИШТЕ ЗА СЕБИЧНОСТА
14. Како Римјаните 12:3 ни помага да имаме урамнотежено гледиште за себеси?
14 Библијата ни помага да имаме урамнотежено гледиште за себеси. Таа вели дека е соодветно до одреден степен да се сакаме себеси. Исус рекол: „Сакај го својот ближен како себеси“ (Мат. 19:19). Ова покажува дека до одредена разумна мера треба да обрнеме внимание на нашите потреби. Но од Библијата учиме дека никогаш не треба да мислиме дека ние сме поважни од другите. Напротив, таа вели: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Фил. 2:3; прочитај Римјаните 12:3).
15. Зошто сметаш дека е мудар библискиот совет за себичноста?
15 Денес, многу луѓе што другите ги сметаат за мудри велат дека таквиот совет од Библијата е глупост. Според нив, ако мислиш дека другите се поважни од тебе, би можеле да те искористат и да те повредат. Но какви се последиците од себичниот став што го шири светот на Сатана? Што си забележал ти? Дали себичните луѓе се среќни? Дали имаат среќни семејства? Дали имаат вистински пријатели? Дали се блиски пријатели со Бог? Од она што си го видел, што е подобро — да живееш според мудроста на овој свет или според мудроста од Божјата Реч?
16-17. За што можеме да бидеме благодарни, и зошто?
16 Луѓето што постапуваат според советот на оние што светот ги смета за мудри се како еден турист што прашува друг турист во која насока да оди иако и двајцата се изгубиле. Во врска со „мудрите“ луѓе од негово време, Исус го рекол следново: „Тие се слепи водачи. А кога слепец води слепец, обајцата ќе паднат во јама“ (Мат. 15:14). Навистина, мудроста на овој свет е глупост за Бог.
17 Мудрите совети од Библијата секогаш се корисни „за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. Тим. 3:16). Многу сме благодарни што Јехова, преку својата организација, нѐ заштитил од мудроста на овој свет! (Еф. 4:14). Преку духовната храна што тој ни ја дава, ја добиваме силата што ни е потребна за да живееме според мерилата од неговата Реч. Навистина е голема чест што тој ни дава водство преку непогрешливата мудрост која се наоѓа во Библијата!
ПЕСНА 54 Тој е патот!
a Оваа статија ќе ни ја зајакне увереноста дека единствено Јехова може да ни даде сигурно водство. Таа ќе ни помогне и да сфатиме дека, ако дозволиме да нѐ измами мудроста на светот, ќе сносиме страшни последици, а доколку живееме според Божјата мудрост, ќе имаме благослови.
b На пример, види во Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1, погл. 24-26, и том 2, погл. 4-5.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Некои моменти од животот на еден брачен пар Сведоци. Братот и сестрата учествуваат во служба на проповедање при крајот на 1960-тите.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Во 1980-тите, сопругот се грижи за својата сопруга додека е болна, а нивната ќеркичка го гледа тоа.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Денес, овој брачен пар со радост се сеќава на убавите моменти од животот што ги поминале во службата за Јехова. Нивната ќерка, која сега е возрасна, и нејзиното семејство, се радуваат заедно со нив.