Млади — радувајте го Јеховиното срце
1 Кога човек исправно ја користи силата и енергијата на младоста, животот може да биде прекрасен. Мудриот цар Соломон напишал: „Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост“ (Проп. 11:9). Вие млади сте одговорни пред Бог за вашите постапки.
2 Начинот на кој живеете е важен не само за вас туку и за вашите родители. Соломонови изреки 10:1 наведува: „Мудар син го радува татка си, а безумниот син е тага на мајка си“. А што е уште поважно, начинот на кој живеете влијае и на вашиот Творец, Јехова Бог. Токму затоа Соломонови изреки 27:11 ги охрабрува младите: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“. Како можете вие млади денес да го радувате Јеховиното срце? Тоа може да се постигне на повеќе начини.
3 Со исправен пример: Вие млади ги доживувате ‚времињата тешки‘ што се проречени во Божјата Реч (2. Тим. 3:1). Може исто така да сте изложени на притисоците од соучениците кои не се верници, па дури и од наставниците кои можеби ги исмеваат вашите библиски гледишта. На пример, еден наставник ја претставувал теоријата за еволуција како факт, а Библијата како мит. Меѓутоа, еден млад објавител во тоа одделение лојално ја бранел Библијата. Како резултат на тоа се започнало со неколку библиски студии. Некои заинтересирани почнуваат да доаѓаат на состаноци. Вашата вера, млади браќа и сестри, го осудува безбожниот свет, а ги привлекува кон вистината луѓето со чесни срца. (Спореди Евреите 11:7.)
4 Можете да ги охрабрите своите врсници во собранието за да не подлегнат на она што е лошо? Ако дадете добар пример на училиште, дома и во собранието можете да ја зајакнете верата на другите млади објавители (Рим. 1:12). Радувајте го Јеховиното срце така што ќе бидете пример за другите.
5 Со облекувањето и дотерувањето: Една млада сестра ја задевале и ѝ се подбивале поради нејзината скромна облека и ја нарекле „нескршливата“. Тоа не ја натерало да се прилагоди на световните безбожни мерила. Наместо тоа, таа објаснила дека е Јеховин сведок и дека се држи за високите мерила на Сведоците. Дали имате таква смелост или му дозволувате на Сатановиот свет да ве вклопи во неговиот начин на размислување и однесување? Задоволство е да се посматраат многуте млади кои се држат за Јеховините поуки и ги отфрлаат немарниот начин на облекување, лудостите, идолите и учењата на светот. Навистина мораме, како што научивме на последниот обласен конгрес, да сфатиме дека таквите работи потекнуваат од светот врз кој влијаат демоните! (1. Тим. 4:1).
6 Со изборот на забава и рекреација: Родителите треба да задржат на ум дека е неопходно да им помагаат на своите деца мудро да го бираат исправниот вид забава и рекреација. Еден брат фалеше едно прекрасно семејство кое многу го засакал. Бидејќи биле духовно настроени, родителите пружале водство кое се пројавувало и во семејната рекреација. Братот забележува: „Ме восхитува нивното заедничко работење. Родителите не само што им помагаат на децата да се подготват за службата туку и кога е време за рекреација, придонесуваат на семејството да му биде забавно. Одат на излети пешки, посетуваат музеи или едноставно остануваат дома и играат или прават планови. Нивната љубов еден кон друг и кон другите те уверува дека ќе одат во вистината и во иднина, па што и да се случи“.
7 Секако, има моменти кога не е можно целото семејство да се вклучи во рекреација и забава. Вие младинци треба да сте свесни за тоа и за сериозноста на начинот на кој ќе поминете дел од своето слободно време. Сатана е решен да заведе колку што е можно повеќе луѓе. Младите и неискусните се посебно ранливи на неговите препредени постапки и измамнички наговарања (2. Кор. 11:3; Ефеш. 6:11). Затоа денес, Сатана користи различни средства за да ве наведе да скршнете и да тежнеете кон живот на неправедност и себично тежнеење кон задоволства.
8 Телевизијата е мајстор за заведување кој унапредува материјалистички и неморален начин на живот. Филмовите и видео-програмите редовно прикажуваат насилство и отворен секс. Популарната музика станала уште попонижувачка и бесрамна. Сатановите мамки може да изгледаат безопасни, а сепак фатиле во замката на погрешно размислување и однесување илјадници христијански младинци. За да одолеете на таквиот притисок, морате енергично да се стремите кон правда (2. Тим. 2:22). Ако во вашето размислување или однесување во врска со забавата и рекреацијата се потребни исправки, како можете да ги направите? Псалмистот го дава одговорот: „Со сето срце мое Те побарав, не отстранувај ме од Твоите заповеди“ (Пс. 118:10).
9 Идолизирањето на ѕвездите на спортот и забавата е вообичаено. Стравот од Јехова ќе ви помогне да се воздржите од идолизирање на несовршени луѓе. Денес многумина ја идолизираат дури и сексуалната неморалност. Вие можете да се чувате од таквата склоност така што ќе избегнувате порнографија и расипувачка музика. Во врска со музиката, Стражарска кула од 15. април 1993, забележува: „Музиката е Божји дар. Сепак, за многумина таа станува нездрава преокупација. . . . Постави си за цел да ја држиш музиката на нејзиното место и нека активностите на Јехова бидат твоја главна грижа. Биди пробирлив и внимателен со музиката што ја избираш. Така ќе бидеш во состојба да го употребуваш — а не да го злоупотребуваш овој Божји дар“.
10 Развивајте потполна одвратност кон она што е зло (Пс. 96:10). Кога сте доведени во искушение да постапите неисправно, помислете како Јехова гледа на тоа и земете ги во обѕир последиците: несакана бременост, сексуално преносливи болести, емоционално опустошување, губење на самопочит и губење на предностите во собранието. Избегнувајте да се изложувате на ТВ шоуа и филмови, видео филмови, песни или разговори кои поттикнуваат на зло. Избегнувајте да се дружите со оние кои Библијата ги класификува како ‚глупави‘ (Изр. 13:20). Бидете избирливи; бирајте ги за блиски пријатели оние од собранието кои го љубат Јехова и неговите праведни начела.
11 Да, младите кои навистина сакаат да го радуваат Јеховиното срце ќе се држат за добриот совет што се наоѓа во Ефесјаните 5:15, 16: „Добро пазете како одите, не како немудри, туку како мудри луѓе, откупувајќи си го поволното време, затоа што деновите се зли“ (НС). Што ќе ви помогне ‚добро да [го] пазите‘ својот напредок во овие последни денови?
12 Грижа за духовните потреби: Во Матеј 5:3, Исус објаснил: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (НС). И вие можете да бидете среќни ако сте свесни за своите духовни потреби. Задоволувањето на тие потреби опфаќа ревно учествување во проповедањето на добрата вест, бидејќи тоа ја гради нашата вера во работите кои ги учиме (Рим. 10:17).
13 Од искуство знаете дека не е секогаш лесно редовно да се учествува во службата. Повеќето од ова може да се должи на недостиг на сигурност. Затоа, цврстата решеност од ваша страна е неопходна. Со редовно учество во службата ќе ги зголемите вашите проповеднички вештини и ќе изградите доверба во вашата способност да проповедате.
14 Договорете се да работите со поискусните објавители во собранието, како што се општите пионери и старешините. Внимателно слушајте како тие настапуваат и како постапуваат со приговорите на врата. Добро користете ја книгата Расудување и предлозите кои се изнесени во Наша служба за Царството. Нема да помине долго време, а вие ќе стекнете уште поголема радост од службата бидејќи сѐ му давате на Јехова (Дела 20:35).
15 Некои можеле да ги искористат приликите да сведочат во училиште и биле прилично искусни во правењето ученици (Мат. 28:19, 20). Еден млад христијанин вели: „За време на одморите меѓу часови имам многу прилики да сведочам, особено околу празниците. Кога оставив библиски публикации на клупата каде што другите можеа да ги видат, многумина заинтересирани ученици ми приоѓаа“. На крајот, повеќе ученици, па дури и наставничката, почнале да ги посетуваат христијанските состаноци. Всушност, наставничката толку напредувала што станала предаден Сведок. Јехова многу се радува кога младите објавители како вас донесуваат слава на неговото име.
16 Друг начин да ја задоволите својата духовна потреба е личната студија. За да го радуваме Јеховиното срце, мораме да стекнуваме спознание за него, неговите намери и барања за нас. Дали одвојувате време за лична студија? Дали проучувате редовно, како што одвојувате време да јадете редовно? (Јован 17:3). Имате ли личен план за читање на Библијата покрај тоа што се обидувате да бидете во тек со читањето на Библијата според распоредот за Теократска школа на проповедање? Се подготвувате ли добро за сите состаноци? Ги читате ли редовно Стражарска кула и Разбудете се!? Дали особено одвојувате време да ја прочитате секоја статија од серијата „Младите прашуваат ...“, грижливо барајќи го секој библиски стих? А не ја заборавајте ни книгата која Заедницата ја намени посебно за вашите духовни потреби, „Прашања од младите — Делотворни одговори“. Младите христијани и нивните родители низ целиот свет ни пишуваат за да ни кажат како оваа книга им помогнала уште повеќе да му се приближат на Јехова.
17 Кога ја читате Библијата и теократските помошни средства за проучување на Библијата, што ви покажуваат тие за Јехова, неговото размислување и намери? Размислете како овие информации ќе ви помогнат. Поврзете го она што го читате со она што веќе сте го прочитале. Тоа вклучува медитација. Медитацијата овозможува информациите да го достигнат срцето и да ве мотивираат (Пс. 76:12).
18 Радосни сме кога ќе видиме млади, кои се свесни за своите духовни потреби, како присуствуваат на собраниските состаноци. Вие млади христијани можете да ги храбрите другите така што редовно ќе коментирате содржајно во текот на состаноците. Поставете си за цел на секој состанок да коментирате барем по еднаш. Негувајте срдечни односи со поединци од сите старосни групи во собранието така што изградувачки ќе се дружите пред и после состаноците (Евр. 10:24, 25). Еден млад брат коментираше дека неговите родители го охрабрувале да поразговара најмалку со еден постар брат или сестра на секој состанок. Денес тој високо го цени искуството што го стекнал преку дружење со постарите членови на собранието.
19 Стремете се кон духовни цели: Жалосно е што во животите на голем број млади недостига цел и насока. Меѓутоа, зарем не е добро да се доживее чувството кое доаѓа кога ќе се постават теократски цели, а потоа успешно ќе се достигнат? Овие цели, проследени со просветлувањето од божественото образование, ќе бидат на лично задоволство сега и на крајот ќе доведат до вечно спасение (Проп. 12:1, 13).
20 Кога си поставувате цели, направете ги предмет на молитва. Зборувајте за тоа со родителите и старешините. Анализирајте се себе и своите способности и поставете си практични цели според она што сте во состојба да го постигнете, и не се споредувајте со некој друг. Секој има поинаква градба — физички, душевно, емоционално и духовно. Затоа не очекувајте да постигнете сѐ што постигнал некој друг.
21 Кои се некои цели по кои можеш да посегнеш? Ако сѐ уште не си објавител или не си крстен, зошто да не ти стане тоа цел? Ако си објавител, може да ти биде цел да минуваш одредено време во службата секоја седмица. Работи на тоа да станеш способен учител на повторните посети и постави си за цел да водиш библиска студија. Ако си крстен младинец кој оди на училиште, зошто да не си поставиш за цел да бидеш помошен пионер во текот на летните месеци? Можеме да бидеме „богати во делото Господово“ (1. Кор. 15:58).
22 Битна е помошта од родителите: Младите во собранието никогаш не треба да се чувствуваат осамени во нивното настојување да добијат живот. Јехова, преку неговата организација, пружил совети за да им помагаат на овие млади да донесуваат секојдневни одлуки и да надминуваат препреки во животот. Предадените родители, секако, првенствено ја имаат одговорноста да им помогнат на своите деца да донесуваат исправни одлуки. Во 1. Коринтјаните 11:3, Библијата го назначила сопругот како глава на домаќинството. Затоа, во христијанското домаќинство, со жената која тесно соработува со него, таткото го презема водството во поучувањето на децата за Божјите заповеди (Ефеш. 6:4). Тоа се прави преку марливо поучување кое започнува од најмала возраст. Со оглед дека мозокот на детето се утројува по големина во првата година од животот, родителите никогаш не треба да ја потценат способноста на доенчето да учи (2. Тим. 3:15). Како што децата растат, така родителите треба постепено да ги поучуваат да го љубат Јехова и да негуваат добар однос со него.
23 На Обласниот конгрес „Божествена поука“ беше одржан говор со наслов „Работи напорно за спасението на твоето домаќинство“. Беа изнесени различи мисли кои им помогнаа на родителите да согледаат пректични начини на кои можат да им помогнат на своите деца. Добриот родителски пример е најдобрата почетна точка. Ова многу повеќе ќе им помогне духовно на вашите деца отколку долго да им зборувате што треба, а што не треба да прават. Добар родителски пример ќе се даде и ако се покажуваат плодовите на духот дома, спрема брачниот другар и спрема децата (Гал. 5:22, 23). Многумина од искуство виделе дека Божјиот дух моќно влијае на добро. Тоа може да ви помогне да ги обликувате умовите и срцата на вашите деца.
24 Исто така, на конгресот беше споменато дека родителите треба да дадат добар пример во навиките за лична студија, присуствување на состаноци и редовно учествување во службата на проповедање. Ако дома зборувате со воодушевување за вистината, преземате ревно водство во службата и сте позитивни околу личната студија, вашите деца ќе бидат охрабрени искрено да се интересираат за духовни работи.
25 Кога е грижливо подготвена, редовната, осмислена семејна библиска студија ќе биде интересна и угодна, време за потврдување на семејното заедништво. Одвојте време за да го достигнете срцето на вашите деца (Изр. 23:15). Иако многу семејства ја користат оваа прилика да се подготват за седмичната Студија на Стражарска кула, одвреме-навреме може да биде охрабрувачки да се разгледа некоја посебна потреба на семејството. Поставувањето на целисходни прашања и сослушувањето на коментарите на секој член на семејството ќе ги расветли работите, а и ќе закрепне. Водењето студија која му користи на секој член на семејството е вистински предизвик за поглаварот на семејството. Но, колкава само награда е кога сите растат духовно! Ако секогаш се вклучени сите, ќе преовладува дух на среќа.
26 Вашето приспособено воспитување полно со љубов е битно за спасувањето на животите на вашите потомци (Изр. 22:6). Имајќи го ова на ум, лесно е да се разбере дека ова може да биде најважната поука која некогаш ќе ја дадете. Никогаш не мислете дека сте сами на оваа посебна и важна задача. Научете значително да се потпирате на Јехова за водство во исполнувањето на вашите семејни одговорности. Сепак, тоа не е сѐ. Има и други кои исто можат многу да ви помогнат.
27 Што можат да сторат другите за да помогнат: Старешините можат да ги вклучат младите, заедно со нивните родители, во чистење на Царската сала. Охрабрете ги децата на собраниските состаноци. Старешините и слугите помошници на кои им се доделени делови од Службениот состанок треба да гледаат и на малите раце што се подигнати кога има делови за учество на присутните. Барајте прилики да ги користите примерните млади во прикази заедно со нивните родители. Некои може да бидат интервјуирани и да дадат кратки коментари.
28 Нивните напори не ги сфаќајте за сами по себе разбирливи. Младите луѓе се покажале како вистинско богатство за собранието. Со нивното одлично однесување, многумина ‚науката на нашиот Спасител, Бога, ја украсуваат во сѐ‘ (Тит 2:6-10). Бидете свесни дека е потребно да се пофалат младите кои имале и најмало учество. Тоа ги охрабрува да се подготвуваат и да имаат желба да го сторат тоа повторно во иднина. Таквиот интерес од страна на постарите не може да се процени; тој е бесценет. Колку често ти како старешина или слуга помошник им приоѓаш на помладите членови на собранието за да ги пофалиш за говорот или приказот на состанокот?
29 Пионери, што можете вие да сторите за да помогнете? Зошто да не го погледнете својот распоред и да видите како да ги вклучите школските деца во своите планови за попладнињата и викендите? Дали зборувате позитивно за вашиот избор на полновремената служба? Покажувате ли со изразот на лицето дека наоѓате радост во својата служба? Дали спремно им ја препорачувате на другите, особено на младите? Кога работите од врата до врата, дали зборувате изградувачки и позитивно? Ако да, тогаш и ти како пионер учествуваш во оваа многу важна активност на оспособување.
30 Сите во собранието треба заинтересирано да бидат свесни за ова важно дело на оспособување на младите. Можеш ли да направиш конкретни подготовки да работиш во службата на подрачјето со нив? Можеш ли со нив да вежбаш понуди кога се подготвувате за работа од врата до врата? Дали оценуваш кога е прилика да ги охрабриш на натамошни духовни активности кога работиш во службата со нив? Секој објавител треба да биде свесен дека дури и најмал коментар може да влее позитивни мисли кон доживотни духовни цели, на трајна корист на младите личности.
31 Младите можат сами да си помогнат: Млади, го охрабруваме секој од вас и понатаму да се држи за Јеховините науки и да го отфрла она што му го нуди светот. Постојано испитувајте се самите така што ќе го анализирате своето однесување и внатрешни чувства. Каков е вашиот став кон Јехова и кон она што тој го очекува од вас во секојдневниот живот? Дали водите тешка борба против влијанието на Сатановите идеи? (1. Тим. 6:12). Со оглед дека луѓето, а посебно младите, природно сакаат врсниците да ги прифаќаат, дали се наоѓате наведени да го следите мнозинството кога прави нешто лошо? (2. Мој. 23:2). Апостол Павле сфатил дека постои голем притисок да се прилагодиме на обичаите на светот (Рим. 7:21-23).
32 Потребна е храброст за да се одолее на влијанието на светот, да се постапува поинаку од световните врсници и да се држат поуките на Бог. Мажите од древни времиња доста успешно го сториле тоа. Размислете за храброста на Ное. Тој го осудил целиот свет преку својата вера и со тоа што бил одвоен од злосторниците на неговото време (Евр. 11:7). Силно борете се бидејќи тоа е достојно за напори. Не ги имитирајте слабите, млитави, плашливи луѓе кои го следат Сатановото мноштво. Напротив, барајте го друштвото на оние кои бараат наклоност во Јеховини очи (Фил. 3:17). Опкружете се со другари кои ќе одат рамо до рамо со вас во Божјиот ветен нов свет (Фил. 1:27). Задржете на ум дека има само еден пат кој води до вечен живот (Мат. 7:13, 14).
33 Ако ние наоѓаме радост кога гледаме како млади му донесуваат фалба и чест на нашиот Бог, колку мора тоа да му донесува радост нему! Нема сомнение дека Јехова наоѓа задоволство кога гледа млади луѓе кои имаат целосен удел во објавувањето на неговите величествени намери. Тие се „наследство“ од него и тој им го сака само најдоброто (Пс. 126:3-5; 127:3-6). Одразувајќи ги интересите на својот Татко, Христос Исус наоѓал голема радост кога бил во друштво со малите деца и наоѓал време да ги охрабри во нивното обожавање на Јехова. Покажувал нежна наклоност кон нив (Мар. 9:36, 37; 10:13-16). Дали на нашите млади гледаме на ист начин како Јехова и Христос Исус? Дали младите во нашите собранија се свесни како Јехова и ангелите гледаат на нивната лојалност и добар пример? Тие треба да бидат пофалени и охрабрени да го радуваат Јехова така што ќе тежнеат по духовни цели. Млади, тежнејте по цели кои ќе донесат благослови за вас сега и во иднина!