Какви луѓе треба да бидете?
1 За сето човештво се приближува време на пресметка. Библијата го нарекува ‚Јеховин ден‘. Тоа е време кога над злите ќе биде извршена божествена пресуда; исто така, тоа е време за ослободување на праведните. Од сите живи тогаш, ќе се бара сметка за начинот на кој живееле. Имајќи го тоа на ум, Петар поставил едно испитувачко прашање: „Какви луѓе треба да бидете?“ Тој ја нагласува важноста на ‚светите постапки на однесување, делата на оддаденост на Бог и црвстото задржување на ум на Јеховиниот ден‘, како и потребата да се биде ‚чист, беспрекорен и во мир‘ (2. Петр. 3:11-14, НС).
2 Свети постапки на однесување и дела на оддаденост на Бог: Светото однесување вклучува примерни дела со кои се покажува почит кон библиските начела (Тит 2:7, 8). Еден христијанин мора да избегнува световно однесување кое е мотивирано од себични, телесни желби (Рим. 13:11, 14).
3 „Божествената оддаденост“ е опишана како „лична приврзаност кон Бог која произлегува од срце мотивирано од длабоко ценење за неговите привлечни особини“. Ревноста што ја имаме во службата е еден истакнат начин на кој ќе ја покажеме оваа особина. Нашиот мотив за проповедање го надминува обичното чувство на должност; тој произлегува од длабоката љубов кон Јехова (Марко 12:29, 30). Мотивирани од таква љубов, на службата гледаме како на особено значаен израз на нашата божествена оддаденост. Со оглед на тоа што нашата оддаденост мора да биде постојана, тогаш и нашето учество во делото на проповедање мора да биде постојано. Тоа треба да биде составен дел од нашиот седмичен план на активности (Евр. 13:15).
4 ,Цврсто да се задржи на ум‘ Јеховиниот ден значи секој ден во преден план да се задржува во нашите мисли, не дозволувајќи никогаш да се потисне во позадина како нешто беззначајно. Тоа значи интересите на Царството да се држат на прво место во животот (Мат. 6:33).
5 Чисти, беспрекорни и во мир: Како дел од големото мноштво, ние сме ги ‚испрале облеките свои и сме ги избелиле со крвта на Агнецот‘ (Откр. 7:14). Оттаму, да бидеме ‚чисти‘ значи постојано да ги чуваме нашите чисти и предадени животи да не бидат извалкани со нечистотиите од светот. Остануваме ‚беспрекорни‘ со тоа што не дозволуваме небожествените, материјалистички преокупации да ја изобличат нашата христијанска личност (Јак. 1:27; 1. Јов. 2:15-17). Покажуваме дека живееме „во мир“ со тоа што го одразуваме „мирот Божји“ во сите наши постапки со другите (Фил. 4:7; Рим. 12:18; 14:19).
6 Ако успешно се браниме од световното загадување, никогаш нема ‚да се обликуваме според овој систем на ствари‘ кој е осуден од Јехова. Напротив, нашите добри дела ќе им помогнат на другите да ја увидат разликата „меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи“ (Рим. 12:2, НС; Мал. 3:18).
7 Повеќето од нас присуствуваа на Обласниот конгрес „Радосни фалители“, каде што освежувачката духовна храна, без сомнение, ни ја засили желбата да ја покажеме својата божествена оддаденост. Таа желба ја имаат и многумина нови. Ние можеме да бидеме еден вид благослов ако им помагаме да учествуваат во службата на проповедање во текот на август.
8 Јеховиното име се велича, собранието е зајакнато, а другите извлекуваат корист кога совесно правиме ‚добри дела‘ (1. Петр. 2:12). Затоа, секогаш да бидеме такви луѓе.