Нова програма за Посебниот собир
Темата за посебниот собир за 2008 службена година е „Ние сме глината — Јехова е нашиот Грнчар“ и се темели на Исаија 64:8. Библиските совети што ќе ги добиеме преку оваа програма ќе го зголемат нашето ценење за мудроста, правдата, моќта и љубовта што ги покажува Јехова како наш Голем Грнчар.
Говорот што ќе го одржи покраинскиот надгледник, со наслов „Да служиме како садови за благородна употреба додека проповедаме“, ќе ни покаже дека сѐ поголем број луѓе добиваат многу благослови со тоа што ја дознаваат вистината и им ја пренесуваат и на другите. Од говорот „Размислувањето ќе те штити“ ќе дознаеме како ќе бидеме заштитени ако длабоко размислуваме за Јеховините праведни начела. Претставникот од Бетел ќе им се обрати на присутните со темите „Ние не сме ‚обликувани од овој свет‘“ и „Нека те обликува Големиот Грнчар“. Родителите и младите ќе бидат охрабрени од говорите „Млади што се вредни во Јеховини очи“ и „Важната улога на родителите во процесот на обликување“. Ќе има прикази и интервјуа од кои со радост ќе чуеме и ќе видиме што постигнале во службата нашите браќа и сестри. Оние што сакаат да се крстат, треба колку што е можно порано да го известат за тоа претседавачкиот надгледник. Не заборавајте да го земете својот примерок од Стражарската кула што ќе се проучува во седмицата кога ќе се одржи посебниот собир.
Големиот Грнчар ја остварува секоја своја намера. Но, ние самите одлучуваме дали ќе му дозволиме да нѐ обликува. Оние што мудро се подложуваат на Јеховините мерила можат, како некое парче глина на тркалото на грнчарот, да бидат обликувани и дотерувани и на крајот да станат корисни садови. Кога соработуваме со Јехова, го величаме како највисок Владетел и добиваме многу благослови.