СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 22
Скапоцени дарови што не се гледаат
Ние го гледаме она што не се гледа. Имено, она што се гледа е привремено, а она што не се гледа е вечно (2. КОР. 4:18)
ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што кажал Исус за богатството на небото?
НАЈСКАПОЦЕНИТЕ работи не можат да се видат со очите. Во својата Проповед на гората, Исус зборувал за богатство на небото кое е многу поскапоцено од кое и да било материјално богатство. Во врска со ова, тој рекол: „Каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето“ (Мат. 6:19-21). Со други зборови, нашето срце ќе нѐ поттикнува да го стекнеме она што е најважно, односно највредно за нас. Ние си собираме „богатство на небото“ така што стекнуваме добро име кај Бог. Исус објаснил дека тоа богатство никој не може ниту да го украде ниту да го уништи.
2. а) Според 2. Коринќаните 4:17, 18, на што нѐ поттикнал апостол Павле? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Апостол Павле нѐ поттикнал да „го гледаме... она што не се гледа“. (Прочитај 2. Коринќаните 4:17, 18.) Во тоа богатство што не се гледа спаѓаат убавите работи на кои ќе се радуваме во Божјиот нов свет. Но, во оваа статија ќе разгледаме четири скапоцености кои може да ги имаме уште денес — пријателството со Бог, молитвата, помошта од Божјиот свет дух и небесната поддршка што ја добиваме во службата. Исто така, ќе видиме како може да покажеме дека сме благодарни за сите овие работи.
ПРИЈАТЕЛСТВО СО ЈЕХОВА
3. Кое е најголемото богатство што не се гледа, и како Јехова ни овозможил да го стекнеме?
3 Најголемото богатство што не се гледа е пријателството со Јехова Бог (Пс. 25:14). Како може Бог да биде пријател со грешни луѓе, а сепак да остане апсолутно свет? Ова е можно само благодарение на откупната жртва на Исус, кој „го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29). Јехова бил сигурен дека неговиот Син ќе му остане верен до смрт, и дека со тоа ќе се исполни неговата намера да го спаси човечкиот род. Затоа Бог можел да им биде пријател на некои луѓе кои живееле уште пред да умре Исус (Рим. 3:25).
4. Кои луѓе му биле пријатели на Бог уште пред да умре Исус?
4 Размисли за некои од оние што му биле пријатели на Бог уште пред да умре Исус. Авраам бил човек кој имал извонредна вера. Повеќе од 1.000 години по неговата смрт, Јехова го нарекол „мојот пријател“ (Иса. 41:8). Ова покажува дека ни смртта не може да го раздели Јехова од неговите блиски пријатели. Во Божјето сеќавање, Авраам е жив (Лука 20:37, 38). Друг пример е Јов. Во една прилика, кога сите ангели биле собрани на небото, Јехова покажал дека има доверба во својот слуга Јов. Тој рекол дека Јов е „човек беспрекорен и праведен, кој се бои од Бога и го одбегнува злото“ (Јов 1:6-8). А што мислел Јехова за Даниел, кој верно му служел околу 80 години во паганска земја? Бог трипати испратил ангел кој го уверил неговиот остарен слуга дека е „Божји љубимец“ (Дан. 9:23; 10:11, 19). Може да бидеме сигурни дека Јехова едвај чека да дојде денот кога ќе ги воскресне своите сакани пријатели кои починале (Јов 14:15).
5. Што е потребно за да бидеме блиски пријатели со Јехова?
5 Дали Бог има блиски пријатели на Земјата и денес? Да. Милиони несовршени луѓе низ целиот свет — мажи, жени и деца — покажуваат со своите постапки дека му се пријатели на Јехова. Библијата вели дека Бог е близок со праведните (Изр. 3:32). Како некој станува пријател со Јехова? Тој мора да покажува вера во откупната жртва на Исус. На темел на тоа, Бог му дозволува да му се заветува и да се крсти. Кога ги прави овие важни чекори, им се придружува на милионите други крстени христијани кои веќе се блиски пријатели со највеличествената личност во вселената!
6. Како може да покажеме дека многу го цениме нашето пријателство со Бог?
6 Како може да покажеме дека многу го цениме нашето пријателство со Бог? Исто како Авраам и Јов, кои му останале верни на Јехова повеќе од сто години, и ние мора да му останеме верни без разлика колку долго му служиме во овој стар свет. Исто како на Даниел, и нам пријателството со Бог мора да ни биде поважно од самиот живот (Дан. 6:7, 10, 16, 22). Со помош од Јехова, можеме да ги издржиме сите неволји со кои ќе се соочиме, и така да останеме блиски пријатели со него (Фил. 4:13).
МОЛИТВАТА — ДАР ОД БОГ
7. а) Според Изреки 15:8, како гледа Јехова на нашите молитви? б) Како Јехова ни одговара на молитвите?
7 Молитвата е уште еден скапоцен дар што не може да се види. Блиските пријатели сакаат да ги споделуваат своите мисли и чувства еден со друг. Истото важи и за нашето пријателство со Јехова. Тој ни зборува преку својата Реч, во која ни ги открива своите мисли и чувства. А ние му ги доверуваме нашите најдлабоки мисли и најскриени чувства кога му се молиме. Јехова сака да ги слуша нашите молитви. (Прочитај Изреки 15:8.) Како грижлив пријател, тој не само што ни ги слуша молитвите туку и одговара на нив. Понекогаш го прави тоа брзо, но понекогаш треба да се молиме повеќе пати за истата работа. Сепак, може да бидеме уверени дека Јехова ќе ни одговори во вистинско време и на најдобар начин. Се разбира, можеби нема да ни одговори како што очекуваме. На пример, наместо да отстрани некоја неволја или искушение, можеби ќе ни даде мудрост и сила да ги издржиме (1. Кор. 10:13).
8. Како може да покажеме благодарност за молитвата како дар од Бог?
8 Како може да покажеме благодарност за молитвата како бесценет дар од Бог? Еден начин е така што ќе го послушаме неговиот совет да се молиме непрестајно (1. Сол. 5:17). Јехова не нѐ присилува да му се молиме. Напротив, тој ја почитува нашата слободна волја и нѐ поттикнува да истраеме во молитвата (Рим. 12:12). Ние може да покажеме ценење со тоа што ќе му се молиме често во текот на денот. Се разбира, во нашите молитви треба да му благодариме и да го фалиме (Пс. 145:2, 3).
9. Што рекол еден брат за молитвата, и што мислиш ти за тој дар од Бог?
9 Додека низ годините му служиме на Јехова и гледаме како тој ни одговара на молитвите, стануваме уште поблагодарни за овој дар. На пример, размисли за Крис, кој е во полновремена служба 47 години. Тој вели: „Многу се радувам кога можам рано наутро подолго да му се молам на Јехова. Прекрасно е да зборуваш со него додека капките роса светкаат под првите сончеви зраци! Тоа ме поттикнува да му благодарам за сите дарови што ни ги дал, вклучувајќи ја и молитвата. А кога ќе му го излеам своето срце на крајот од денот, можам да си заспијам мирно и со чиста совест“.
СВЕТИОТ ДУХ КАКО ДАР
10. Зошто треба да го цениме Божјиот свет дух?
10 Божјиот дух е уште еден скапоцен дар што не се гледа. Исус нѐ поттикнал постојано да се молиме за свет дух (Лука 11:9, 13). Јехова ни го дава својот дух за да ја имаме потребната сила — дури и „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7; Дела 1:8). Со помош на Божјиот дух, може да ја издржиме секоја неволја со која ќе се соочиме.
11. Како ни помага светиот дух?
11 Светиот дух може да ни помогне да ги извршуваме нашите христијански одговорности. Тој може да ги подобри способностите и талентите што веќе ги имаме. Свесни сме дека секој успех во службата за Бог не е наша заслуга, туку се должи на помошта што тој ни ја дава преку својот дух.
12. Според Псалм 139:23, 24, за што можеме да го молиме Јехова?
12 Како може да покажеме ценење за овој дар? Еден начин е така што ќе се молиме светиот дух да ни помогне да ја препознаеме секоја погрешна мисла или желба во нашето срце. (Прочитај Псалм 139:23, 24.) А ако станеме свесни дека имаме такви мисли или желби, тогаш треба да го молиме Бог да го употреби својот дух за да ни ја даде потребната сила да се избориме со нив. Така Јехова ќе види дека сме решени да не направиме ништо поради кое би можел да престане да ни помага со својот дух (Еф. 4:30).
13. Како може да го продлабочиме нашето ценење за светиот дух?
13 Можеме да го продлабочиме нашето ценење за светиот дух и така што ќе размислуваме за сето она што денес се постигнува благодарение на тој дух. Пред да се вознесе на небото, Исус им рекол на своите ученици: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Во нашево време, овие зборови се исполнуваат на извонреден начин. Со помош на светиот дух, околу осум и пол милиони луѓе од сите краишта на светот почнале да му служат на Јехова. Освен тоа, живееме во духовен рај бидејќи Божјиот дух ни помага да развиваме прекрасни особини, како што се љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување. Овие особини се, всушност, „плодови на духот“ (Гал. 5:22, 23). Светиот дух е навистина бесценет дар!
СОРАБОТНИЦИ НА ЈЕХОВА, НА ИСУС И НА АНГЕЛИТЕ
14. Каква поддршка имаме додека учествуваме во службата?
14 Друг скапоцен дар што не се гледа е тоа што можеме да соработуваме со Јехова и со небесниот дел од неговата организација (2. Кор. 6:1). Ние го правиме ова секогаш кога одиме во служба. Апостол Павле го рекол следново за себе и за оние што го извршуваат проповедничкото дело: „Ние сме Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). Кога учествуваме во службата, ние сме и соработници на Исус. Откако им заповедал на своите следбеници да прават „ученици од луѓето од сите народи“, тој додал: „Јас сум со вас“ (Мат. 28:19, 20). А како соработуваме со ангелите? Многу сме благодарни што тие ни даваат водство додека им објавуваме „вечна добра вест... на оние што живеат на земјата“ (Отк. 14:6).
15. Кој пример од Библијата ни покажува дека Јехова има важен удел во службата што ја вршиме?
15 Што се постигнува благодарение на таа невидлива небесна поддршка? Додека ја сееме пораката за Царството, некое семе паѓа на „добра земја“ и почнува да расте (Мат. 13:18, 23). Кој е тој што дава семето на вистината да расте во приемливите срца и да роди плод? Исус објаснил дека никој не може да стане негов ученик „ако не го привлече Таткото“ (Јован 6:44). Во Библијата е спомнат еден конкретен пример за ова. Во една прилика, Павле сведочел на група жени надвор од градот Филипи. Забележи што вели Библијата во врска со една од нив, која се викала Лидија: „Јехова ѝ го отвори срцето да го прифати она што го зборуваше Павле“ (Дела 16:13-15). Исто како што било случај со Лидија, Јехова привлекол кон себе милиони други лица.
16. Кој е заслужен за успехот што го имаме во службата?
16 Кој, всушност, е заслужен за успехот што го имаме во службата? Павле го дал одговорот кога им ги напишал следниве зборови на христијаните во собранието во Коринт: „Јас посадив, Аполо залеа, но Бог даде да расте. Па така, ниту е нешто оној што сади, ниту оној што залева, туку Бог, кој дава да расте“ (1. Кор. 3:6, 7). Исто како Павле, и ние треба да му ја припишеме на Јехова заслугата за сите добри резултати што ги имаме во службата.
17. Како може да покажеме дека ја цениме честа да соработуваме со Бог, со Христос и со ангелите?
17 Како може да покажеме дека ја цениме честа да соработуваме со Бог, со Христос и со ангелите? Така што ревносно ќе се трудиме да ја споделуваме добрата вест во секоја прилика. Ова можеме да го правиме на многу начини како, на пример, да сведочиме „јавно и... од куќа до куќа“ (Дела 20:20). Многумина ја користат секоја можност да сведочат неформално. Кога ќе се сретнат со некој непознат, тие пријателски го поздравуваат и почнуваат разговор. Ако наидат на добра реакција, тактично го насочуваат разговорот кон пораката за Царството.
18-19. а) Како го залеваме семето на вистината? б) Како Јехова му помогнал на еден човек што ја проучувал Библијата?
18 Како „Божји соработници“, освен што го сееме семето на вистината, мора и да го залеваме. Кога некој ќе покаже интерес, сакаме да дадеме сѐ од себе за повторно да го посетиме или да договориме некој друг да контактира со него со цел да започне библиски курс. Додека проучуваме со некого, се радуваме кога гледаме како Јехова му помага да го промени своето размислување и своите чувства.
19 Размисли за еден брат од Јужноафриканската Република, кој пред да стане Јеховин сведок ги лекувал луѓето со баење. Кога почнал да ја проучува Библијата, многу му се допаднало она што го учел. Но, му било многу тешко да го прифати она што го вели Божјата Реч за повикувањето духови на мртвите предци (5. Мој. 18:10-12). Постепено тој дозволил Бог да го обликува неговото размислување. Со текот на времето, престанал да се занимава со баење, иако тоа му бил единствениот извор на заработувачка. Овој брат, кој сега има 60 години, вели: „Многу сум им благодарен на Јеховините сведоци што ми помогнаа на безброј начини. Тие ми помогнаа и да си најдам друга работа. Но, најмногу сум му благодарен на Јехова што ми помогна да направам промени во животот за да можам да учествувам во службата како негов крстен слуга“.
20. Што си решен да правиш?
20 Во оваа статија разгледавме четири скапоцени дарови што не можеме да ги видиме со очите. Најголем од сите нив е честа Јехова да ни биде најдобар пријател. Кога сме блиски со него, можеме да му пристапиме во молитва, да добиваме помош од неговиот свет дух, и да соработуваме со него и со небесниот дел од неговата организација. Да бидеме решени да го продлабочуваме нашето ценење за овие скапоцени дарови. И никогаш да не престанеме да му благодариме на Јехова затоа што ни е таков прекрасен пријател.
ПЕСНА 145 Бог ни ветил живот во рај
a Во претходната статија разгледавме неколку скапоцени дарови од Бог. Во оваа статија ќе зборуваме за скапоцености што не можеме да ги видиме со нашите очи, и ќе разгледаме како може да покажеме ценење за нив. Тоа ќе ни помогне да му бидеме уште поблагодарни на Јехова, кој ни ги дал тие прекрасни дарови.
b ОПИС НА СЛИКАТА: 1) Додека е излезена во природа, една сестра размислува за своето пријателство со Јехова.
c ОПИС НА СЛИКАТА: 2) Истата сестра го моли Јехова да ѝ даде сила да сведочи.
d ОПИС НА СЛИКАТА: 3) Светиот дух ѝ помага на сестрата да собере храброст да сведочи неформално.
e ОПИС НА СЛИКАТА: 4) Сестрата ја проучува Библијата со жената на која ѝ сведочела неформално. Таа го прави ова со поддршка од ангелите.