СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 4
ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината
Што учиме од откупнината?
Божјата љубов се покажа на нас во ова (1. ЈОВ. 4:9)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Што ни открива откупнината за прекрасните особини на Јехова Бог и на Исус Христос.
1. Како ни користи тоа што секоја година присуствуваме на одбележувањето на Христовата смрт?
БЕЗ СОМНЕНИЕ, ќе се согласиш дека откупнината е скапоцен подарок! (2. Кор. 9:15). Бидејќи Исус го жртвувал својот живот, ти можеш да бидеш близок пријател со Јехова Бог. А можеш и да имаш надеж за вечен живот. Имаме многу причини да му бидеме благодарни на Јехова, кој ја обезбедил откупнината затоа што многу нѐ сака! (Рим. 5:8). За да ни помогне да останеме благодарни и никогаш да не ја земаме откупнината здраво за готово, Исус го воспоставил годишното одбележување на неговата смрт (Лука 22:19, 20).
2. За што ќе зборуваме во оваа статија?
2 Оваа година, Спомен-свеченоста ќе се одбележи во сабота, 12 април 2025 год. Без сомнение, сите ние планираме да присуствуваме. Многу ќе ни користи ако во периодот околу Спомен-свеченоста си одвоиме време длабоко да размислуваме за она што Јехова и неговиот Син го направиле за нас. Во оваа статија ќе разгледаме што учиме од откупнината за Јехова и за неговиот Син. А следната статија ќе ни помогне да разбереме како може да ни користи откупнината и како може да покажеме дека сме благодарни за неа.
ШТО УЧИМЕ ОД ОТКУПНИНАТА ЗА ЈЕХОВА
3. Како може смртта на еден човек да откупи милиони луѓе? (Види ја и сликата.)
3 Од откупнината учиме за Јеховината правда (5. Мој. 32:4). Поради непослушноста на Адам, ние сме наследиле грев кој води во смрт (Рим. 5:12). За да нѐ ослободи од гревот и смртта, Јехова го испратил Исус да ја обезбеди откупнината. Но како може жртвата на еден совршен човек да откупи милиони луѓе? Апостол Павле објаснил: „Како што преку непослушноста на еден човек [Адам] мнозина станаа грешници, така и преку послушноста на еден [Исус] мнозина ќе станат праведни“ (Рим. 5:19; 1. Тим. 2:6). Со други зборови, непослушноста на еден совршен човек била доволна сите ние да станеме робови на гревот и на смртта. Според тоа, послушноста на еден совршен човек е доволна за да бидеме ослободени.
4. Зошто Јехова едноставно не им дозволил на послушните потомци на Адам да живеат вечно?
4 Дали Исус навистина морал да умре за да бидеме спасени? Зарем Јехова не можел едноставно да им дозволи на послушните потомци на Адам да живеат вечно? Како несовршени луѓе, може да ни се чини дека тоа ќе било милостиво и разумно решение. Но тоа не е во склад со Јеховината совршена правда. Бидејќи е праведен, Јехова никогаш не би одлучил да ја игнорира непослушноста на Адам.
5. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова секогаш ќе го прави она што е исправно?
5 Но што ако Јехова не обезбедел откупнина, туку ја игнорирал правдата и им дозволел на несовршените синови и ќерки на Адам да живеат вечно? Тогаш луѓето веројатно би се прашувале дали Бог би ја игнорирал правдата и за други работи. На пример, можеби би се сомневале дека ќе ги исполни сите свои ветувања. Но не треба да се грижиме за такво нешто. Фактот дека Јехова ја спровел правдата иако платил висока цена за тоа — го жртвувал својот мил Син — нѐ уверува дека тој секогаш ќе го прави она што е исправно.
6. На кој начин откупнината ни ја открива Јеховината љубов? (1. Јованово 4:9, 10).
6 Откупнината ни помага да сфатиме дека Јехова е праведен, но особено ни помага да ја разбереме длабочината на неговата љубов (Јован 3:16; прочитај 1. Јованово 4:9, 10). Откупнината ни открива дека Јехова сака не само да имаме вечен живот туку и да бидеме дел од неговото семејство. Размисли: Кога Адам згрешил, Јехова го истерал од своето семејство на верни слуги. Поради тоа, никој од нас не е роден како дел од Божјето семејство. Но на темел на откупнината, сите луѓе кои имаат вера во Бог и му се послушни, еден ден ќе станат дел од неговото семејство. Уште денес можеме да имаме блиско пријателство со Јехова и со нашите соверници. Јехова навистина нѐ сака! (Рим. 5:10, 11).
7. Како страдањето на Исус ни помага да разбереме колку многу Јехова нѐ сака?
7 Уште подобро ќе сфатиме колку многу Јехова нѐ сака ако размислиме колку скапо го чинела откупнината. Сатана тврди дека ниту еден слуга на Бог нема да му остане верен во ситуации кога тоа ќе му биде тешко. За да го побие тоа обвинение, Јехова дозволил Исус да страда пред да умре (Јов 2:1-5; 1. Пет. 2:21). Јехова гледал додека Исус бил исмејуван од луѓето, камшикуван од војниците и прикован на столб. И тогаш, пред негови очи, неговиот мил Син умрел во тешки маки (Мат. 27:28-31, 39). Јехова можел во секое време да го спречи тоа. На пример, кога луѓето рекле: „[Бог] сега нека го избави ако му е мил“, Јехова можел да го направи токму тоа (Мат. 27:42, 43). Но ако Бог се вмешал, немало да биде платена откупнина и ние ќе бевме оставени без надеж. Затоа Јехова дозволил неговиот Син да страда сѐ до последниот здив.
8. Дали Јехова чувствувал болка додека гледал како неговиот Син страда? Објасни. (Види ја и сликата.)
8 Не треба да мислиме дека затоа што е семоќен, Бог нема чувства. Ние сме создадени според неговиот лик, со способност да чувствуваме, што покажува дека и Јехова има чувства. Самата Библијата ни кажува дека тој чувствува жал и болка (Пс. 78:40, 41). Размисли и за извештајот за Авраам и неговиот син Исак. Јехова му рекол на Авраам да го принесе својот единствен син како жртва (1. Мој. 22:9-12; Евр. 11:17-19). Можеме само да си замислиме низ колку силни чувства поминал Авраам додека се подготвувал да му го одземе животот на својот сопствен син. А колку поголема тага мора да чувствувал Јехова додека гледал како безбожни луѓе сурово го мачат неговиот Син до смрт! (На jw.org гледај го видеоклипот Угледајте се на нивната вера — Авраам [дел 2].)
9. Што учиме за Јеховината љубов од Римјаните 8:32, 38, 39?
9 Од откупнината учиме дека никој не нѐ сака толку многу како Јехова — дури ни најблискиот член на семејството ни најдобриот пријател. (Прочитај Римјаните 8:32, 38, 39.) А нема сомнеж дека Јехова нѐ сака повеќе од што се сакаме самите себе. Дали сакаш да живееш вечно? Јехова го сака тоа уште повеќе. Дали сакаш да ти бидат простени гревовите? Јехова го сака тоа уште повеќе. Сѐ што тој бара од нас е да покажеме благодарност за откупнината, да имаме вера во него и да му бидеме послушни. Откупнината е скапоцен подарок кој е доказ за Јеховината огромна љубов кон нас. А во новиот свет ќе дознаваме и други аспекти од неговата љубов (Проп. 3:11).
ШТО УЧИМЕ ОД ОТКУПНИНАТА ЗА ИСУС
10. а) Што особено му паѓало тешко на Исус во врска со неговото погубување? б) Како Исус го одбранил Јеховиното име? (Види ја и рамката „Верноста на Исус го одбранила Јеховиното име“.)
10 На Исус му е многу важен угледот на неговиот Татко (Јован 14:31). На Исус му било многу тешко бидејќи тоа што бил обвинет за богохулие и бунтовност можело да го оцрни името на неговиот Татко. Затоа се молел: „Татко мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша“ (Мат. 26:39). Со тоа што му останал верен на Јехова до смрт, Исус го одбранил името на својот Татко.
11. Како Исус покажал длабока љубов кон луѓето? (Јован 13:1).
11 Од откупнината учиме и дека на Исус му се многу важни луѓето, особено неговите ученици (Изр. 8:31; прочитај Јован 13:1). На пример, тој знаел дека некои аспекти од неговата служба на Земјата ќе бидат многу тешки, особено неговата болна смрт. Сепак, своите задачи на Земјата не ги извршил само затоа што така требало. Напротив, Исус со сето свое срце проповедал, поучувал и им служел на другите. Дури и вечерта пред да умре, одвоил време да им ги измие нозете на своите апостоли, да ги утеши и да ги поучи за многу работи (Јован 13:12-15). А додека бил на маченичкиот столб, собрал сила да му влее надеж на злосторникот кој умирал покрај него и да се погрижи за својата мајка (Лука 23:42, 43; Јован 19:26, 27). На тој начин, Исус ја покажал својата длабока љубов не само преку својата смрт туку и преку целиот свој живот на Земјата.
12. Во која смисла Исус и понатаму прави жртви за нас?
12 Иако умрел „еднаш засекогаш“, Христос сѐ уште прави жртви за нас (Рим. 6:10). Во која смисла? Тој и понатаму вложува време и труд за да ни дава убави работи кои сега се возможни благодарение на откупнината. Размисли што сѐ прави. Служи како наш Цар, Првосвештеник и глава на собранието (1. Кор. 15:25; Еф. 5:23; Евр. 2:17). Тој е одговорен за собирањето на помазаниците и на големото мноштво, задача која ќе биде завршена пред крајот на големата неволјаa (Мат. 25:32; Мар. 13:27). Тој, исто така, се грижи неговите верни слуги да бидат добро нахранети во духовен поглед во текот на овие последни денови (Мат. 24:45). А за време на неговото илјадагодишно владеење, и понатаму ќе служи во наша корист. Јехова го дал својот Син не само да умре за нас туку и да направи многу други работи!
НЕ ПРЕСТАНУВАЈ ДА УЧИШ
13. Како длабокото размислување ќе ти помогне да продолжиш да учиш за љубовта на Бог и на Христос кон нас?
13 Можеш и понатаму да учиш за љубовта на Јехова Бог и на Христос Исус кон нас ако продолжиш длабоко да размислуваш за сето она што го направиле. Во периодот околу Спомен-свеченоста оваа година, можеш внимателно да прочиташ едно или неколку евангелија. Не се обидувај да поминеш премногу материјал одеднаш. Наместо тоа, читај побавно и барај дополнителни причини зошто треба да ги сакаме Јехова и Исус. И, споделувај го со другите она што го учиш.
14. Како истражувањето може да ни помогне да откриваме нови работи за откупнината и за други учења? (Псалм 119:97; види ја и сликата.)
14 Ако долги години си во вистината, можеби се прашуваш дали сѐ уште има нови работи кои можеш да ги откриеш за познати теми, како што се Божјата правда, Божјата љубов и откупнината. Факт е дека секогаш ќе има нешто ново што можеме да го научиме за овие и за други теми. Тогаш, што можеш да правиш? Во нашите публикации има изобилство информации кои можеш да ги читаш и проучуваш. Кога ќе прочиташ нешто во Библијата што не го разбираш потполно, истражувај. Потоа, во текот на денот, длабоко размислувај за она што си го открил и што учиш од тоа за Јехова, неговиот Син и за нивната љубов кон тебе. (Прочитај Псалм 119:97.)
15. Зошто треба да продолжиме да ги бараме скапоценостите од Библијата?
15 Не се обесхрабрувај ако не наоѓаш по нешто ново или интересно секојпат кога ќе ја читаш Библијата или ќе истражуваш. Може да се каже дека ти си како некој што трага по злато. Тие лица стрпливо поминуваат часови или денови за да најдат дури и најмало зрно злато. Сепак, упорни се бидејќи секое зрно е вредно за нив. А скапоценостите од Библијата вредат многу повеќе од злато! (Пс. 119:127; Изр. 8:10). Затоа, биди стрплив и редовно читај ја Библијата (Пс. 1:2).
16. Како може да се угледаме на Јехова и на Исус?
16 Додека проучуваш, размислувај како да го примениш она што го учиш. На пример, угледај се на Јеховината правда така што ќе постапуваш со другите непристрасно. Угледај се на Исусовата љубов кон Таткото и кон луѓето така што спремно ќе го правиш она што Јехова го бара и ќе им помагаш на твоите соверници дури и кога тоа нема да биде лесно. И, угледај се на Исус така што ќе им сведочиш на другите за и тие да имаат можност да го прифатат Јеховиниот скапоцен подарок.
17. Што ќе разгледаме во следната статија?
17 Колку повеќе ја разбираме и ја цениме откупнината, толку повеќе ги сакаме Јехова и неговиот Син. За возврат, тие уште повеќе ќе нѐ сакаат нас (Јован 14:21; Јак. 4:8). Затоа, да го користиме она што Јехова ни го обезбедува за и понатаму да учиме за откупнината. Во следната статија ќе разгледаме на кои начини ни користи откупнината и како може да покажеме благодарност за Јеховината љубов.
ПЕСНА 107 Да покажуваме љубов како Бог
a Собирањето на „она што е на небесата“ што го спомнал Павле, запишано во Ефешаните 1:10, е различно од собирањето на „избраните“ што го спомнал Исус, а е запишано во Матеј 24:31 и Марко 13:27. Павле зборува за времето кога Јехова ги избира своите духовни синови така што ги помазува со свет дух. Исус зборува за времето кога преостанатите помазаници на Земјата ќе бидат собрани на небото во текот на големата неволја.