СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 5
ПЕСНА 108 Божјата верна љубов
Какви благослови ни овозможува Јеховината љубов
Христос Исус дојде во светот за да ги спаси грешниците (1. ТИМ. 1:15)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Како ни користи откупнината и како можеме да му покажеме на Јехова дека сме благодарни.
1. Што можеме да правиме за да го радуваме Јехова?
ЗАМИСЛИ дека на некој што го сакаш му даваш посебен подарок што е и убав и практичен. Колку ќе се разочараш ако тој само го стави во некоја фиока и никогаш повеќе не помисли на него! Од друга страна, сигурно ќе ти биде многу мило ако тој го користи подарокот и покажува дека е благодарен за него. Како овој пример може да се поврзе со откупнината? Јехова го дал својот Син да умре за нас. Колку среќен мора да е Јехова кога покажуваме дека сме благодарни за тој скапоцен дар и за неговата љубов која го поттикнала да ја обезбеди откупнината! (Јован 3:16; Рим. 5:7, 8).
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Сепак, како што минува времето, би можеле да почнеме да ја земаме откупнината здраво за готово. Тоа би било како да сме го ставиле подарокот од Бог во фиока. Среќни сме што го имаме, но ни стои настрана. За да не ја изгубиме благодарноста, мора редовно да размислуваме за сето она што Бог и Христос го направиле за нас. Оваа статија ќе ни помогне во тоа. Ќе разгледаме како ни користи откупнината денес и како може да ни користи во иднина. Исто така, ќе разгледаме како може да покажеме благодарност за Јеховината љубов, особено во периодот околу Спомен-свеченоста оваа година.
КАКО НИ КОРИСТИ ДЕНЕС
3. Кој е еден начин како ни користи откупнината денес?
3 Ние веќе извлекуваме корист од откупната жртва на Христос. На пример, на темел на откупнината, Јехова ни ги простува гревовите. Тој не е должен да ни простува, но сака да го прави тоа. Од благодарност, псалмистот рекол: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Пс. 86:5; 103:3, 10-13).
4. За кого Јехова ја дал откупнината? (Лука 5:32; 1. Тимотеј 1:15).
4 Некои можеби сметаат дека не заслужуваат Јехова да им прости. Всушност, никој од нас не заслужува. Апостол Павле сфатил дека не е достоен да биде наречен апостол, а сепак додал: „Преку Божјата незаслужена доброта јас сум она што сум“ (1. Кор. 15:9, 10). Кога се каеме за нашите гревови, Јехова ни простува. Зошто? Не затоа што заслужуваме, туку затоа што нѐ сака. Ако и ти сметаш дека не заслужуваш Јехова да ти прости, не заборавај дека Јехова не ја дал откупнината за безгрешни луѓе, туку за оние што се каат за своите гревови. (Прочитај Лука 5:32; 1. Тимотеј 1:15.)
5. Дали некој од нас со право може да смета дека Јехова мора да му прости? Објасни.
5 Никој од нас не треба да смета дека има право на милоста од Јехова, дури и ако долги години му служи. Се разбира, Јехова го цени сето она што сме го правеле за него (Евр. 6:10). Тој го дал својот Син за нас како бесплатен подарок, а не како плата за службата што ја вршиме за него. Би било погрешно да мислиме дека заслужуваме Јехова да ни простува само затоа што сме правеле многу работи за него. Тоа би било како да велиме дека немало потреба Исус да умре. (Спореди со Галатите 2:21.)
6. Зошто Павле вложувал голем труд во службата за Јехова?
6 Павле знаел дека не може да ја заработи Божјата милост. Тогаш, зошто вложувал толку голем труд во службата за Јехова? Не за да докаже дека ја заслужува Јеховината незаслужена доброта, туку за да покаже благодарност за неа (Еф. 3:7). Како Павле, и ние продолжуваме да служиме ревносно, не за да ја заработиме Јеховината милост, туку за да покажеме благодарност за неа.
7. На кој друг начин ни користи откупнината денес? (Римјаните 5:1; Јаков 2:23).
7 Друг начин на кој ни користи откупнината денес е тоа што секој од нас може да има блиско пријателство со Јехова.a Како што спомнавме во претходната статија, кога сме се родиле, ние не сме биле пријатели со Бог. Но поради откупнината, може да имаме „мир со Бог“ и, како резултат на тоа, да се зближиме со него. (Прочитај Римјаните 5:1; Јаков 2:23.)
8. Зошто треба да му бидеме благодарни на Јехова за честа да му се молиме?
8 Размисли за уште еден аспект од нашето пријателство со Јехова — честа да му се молиме. Јехова не ги слуша само јавните молитви на неговите слуги кога се собрани заедно, туку и личните молитви на секој од нас. Молитвата може да го смири нашето срце и да ни даде внатрешен мир. Но таа е многу повеќе од добра терапија. Таа може да го продлабочи нашето пријателство со Бог (Пс. 65:2; Јак. 4:8; 1. Јов. 5:14). Додека бил на Земјата, Исус често се молел бидејќи знаел дека Јехова го слуша и дека молитвата ќе му помогне да задржи цврсто пријателство со својот Татко (Лука 5:16). Многу сме благодарни што на темел на Исусовата жртва можеме да бидеме пријатели со Јехова, па дури и да зборуваме со него во молитва!
КАКО МОЖЕ ДА НИ КОРИСТИ ВО ИДНИНА
9. Како ќе им користи откупнината на Јеховините верни слуги во иднина?
9 Каква корист од откупнината ќе извлечат Јеховините верни слуги во иднина? Ќе добијат вечен живот. Многу луѓе мислат дека тоа не е возможно бидејќи луѓето умираат веќе илјадници години. Но Јеховината првобитна намера била луѓето да живеат вечно. Ако Адам не згрешел, никој не би мислел дека вечниот живот е нешто премногу добро за да биде вистинито. И, иако сега ни е тешко да си замислиме дека ќе живееме вечно, може да веруваме во тоа. Јехова ја платил највисоката можна цена — животот на својот мил Син — за да ни го овозможи тоа (Рим. 8:32).
10. Што очекуваат со нетрпение помазаниците, а што другите овци?
10 Иако вечниот живот ќе го добиеме во иднина, Јехова сака да размислуваме за него уште сега. Помазаниците со нетрпение очекуваат исполнет живот на небото кога ќе владеат со Христос над Земјата (Отк. 20:6). Другите овци се надеваат дека ќе живеат во рајот на Земјата, каде што нема да има болка и тага (Отк. 21:3, 4). Дали и ти си дел од другите овци кои имаат надеж за вечен живот на Земјата? Таквиот живот не е само утешна награда. Јехова ги создал луѓето за таа цел, и затоа животот на Земјата ќе нѐ прави неизмерно среќни.
11-12. Кои се некои благослови во рајот што ги очекуваме со нетрпение? (Види ги и сликите.)
11 Замисли каков ќе ти биде животот на рајската Земја. Нема да се грижиш за тоа дали ќе се разболиш или ќе умреш (Иса. 25:8; 33:24). Јехова во потполност ќе ја задоволи секоја исправна желба што ја имаш. Што би сакал да научиш? Дали би сакал да научиш нешто повеќе за животните и птиците? Би сакал ли да научиш да свириш на некој инструмент или да црташ? Без сомнение, ќе има потреба од архитекти, градежници и земјоделци. А ќе има потреба и од некои кои ќе подготвуваат храна, ќе изработуваат алатки и ќе се грижат за прекрасната природа (Иса. 35:1; 65:21). Кога ќе живееш вечно, ќе имаш време да ја развиеш секоја вештина што ќе посакаш.
12 Колку ќе бидеме радосни кога ќе ги пречекуваме воскреснатите! (Дела 24:15). Замисли си и колку ќе уживаш да учиш за Јехова така што ќе ги истражуваш неговите многубројни творби (Пс. 104:24; Иса. 11:9). А најдобро од сѐ ќе биде тоа што ќе можеш да го обожаваш Јехова без никакво чувство на вина. Дали би се откажал од овие идни благослови за да уживаш во „минливите грешни задоволства“? (Евр. 11:25). Секако дека не! За овие благослови вреди секоја жртва што ќе ја направиме денес. Имај на ум дека рајот на Земјата нема секогаш да биде нешто на кое се надеваме. Еден ден ќе стане стварност. Ништо од ова не би било возможно ако Јехова не нѐ сакал толку многу за да го даде својот Син да умре за нас.
ПОКАЖИ БЛАГОДАРНОСТ ЗА ЈЕХОВИНАТА ЉУБОВ
13. Како може да покажеме благодарност за Јеховината љубов? (2. Коринќаните 6:1).
13 Како може да му покажеме благодарност на Јехова што ја обезбедил откупнината? Така што ќе ја ставиме службата за него на прво место во нашиот живот (Мат. 6:33). Библијата вели: „[Исус] умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Кор. 5:15). Ние сигурно не сакаме да ја промашиме целта на Јеховината незаслужена доброта. (Прочитај 2. Коринќаните 6:1.)
14. Како може да покажеме доверба во Јеховиното водство?
14 Може да покажеме благодарност за Јеховината љубов и така што ќе покажеме доверба во водството што ни го дава. Како? Кога носиме одлуки, на пример во врска со тоа колку световно образование ни е потребно или каков вид на вработување да прифатиме, мора да имаме на ум што сака Јехова да правиме (1. Кор. 10:31; 2. Кор. 5:7). Кога нашата вера ја покажуваме со дела, се случува нешто прекрасно — нашата вера во Јехова и пријателството со него стануваат сѐ поцврсти, а нашата надеж ни станува посигурна (Рим. 5:3-5; Јак. 2:21, 22).
15. Како може да го покажеме нашето ценење во периодот околу Спомен-свеченоста?
15 Има уште еден начин на кој може да покажеме благодарност за Јеховината љубов. Можеме да го користиме периодот околу Спомен-свеченоста оваа година за да му покажеме на Јехова колку сме благодарни за откупнината. Освен што ќе планираме да бидеме присутни на Спомен-свеченоста, можеме да поканиме и други да присуствуваат (1. Тим. 2:4). На оние што ќе ги поканиш, објасни им што ќе се случува во текот на Спомен-свеченоста. Би било корисно на jw.org да им ги покажеш видеоклиповите Зошто умрел Исус? и Сеќавај се на смртта на Исус Христос. Старешините треба да вложат труд да ги поканат неактивните. Замисли колкава радост ќе има и на небото и на Земјата ако некоја од Јеховините загубени овчички биде поттикната да се врати во стадото! (Лука 15:4-7). Да си поставиме за цел да ги поздравиме присутните на Спомен-свеченоста, а особено новите или оние кои не присуствувале долго време. Сакаме да се чувствуваат добредојдено! (Рим. 12:13).
16. Зошто треба да се трудиме повеќе да учествуваме во службата во периодот околу Спомен-свеченоста?
16 Би можел ли повеќе да учествуваш во духовните активности во периодот околу Спомен-свеченоста? Тоа е убав начин да ја покажеш својата благодарност за сето она што Бог и Христос го направиле за нас. Колку повеќе учествуваме во службата за Јехова, толку повеќе ќе ја чувствуваме неговата поддршка и, како резултат на тоа, нашата доверба во него ќе станува сѐ поцврста (1. Кор. 3:9). Исто така, читај ги извештаите од Библијата кои се предвидени за периодот околу Спомен-свеченоста наведени во Секојдневното истражување на Писмото или во табелата која се наоѓа во работните листови. Во текот на личното проучување, би можел подлабоко да истражуваш за тие библиски извештаи.
17. Со што е задоволен Јехова? (Види ја и рамката „Како да покажеш благодарност за Јеховината љубов“.)
17 Се разбира, твоите околности можеби не ти дозволуваат да го правиш сето она што е предложено во оваа статија. Имај на ум дека Јехова не го споредува она што ти го правиш со она што другите го прават; тој гледа што имаш во срцето. Тој е задоволен кога гледа колку си благодарен за неговиот скапоцен подарок, откупнината (1. Сам. 16:7; Мар. 12:41-44).
18. Зошто сме им благодарни на Јехова Бог и на Исус Христос?
18 Само благодарение на откупнината, може да ни бидат простени гревовите, да бидеме пријатели со Јехова и да имаме надеж за вечен живот. Секогаш да покажуваме благодарност за љубовта на Јехова, која го поттикнала да ни ги овозможи овие благослови (1. Јов. 4:19). Исто така, да покажуваме благодарност за Исус, кој толку многу нѐ сакал што го дал својот живот за нас! (Јован 15:13).
ПЕСНА 154 Љубов без крај