-
Во Божји очи ти си драгоцен!Стражарска кула 1995 | 1 Април
-
-
Во Божји очи ти си драгоцен!
„Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе [те привлеков, НС] со милост“ (ЈЕРЕМИЈА 31:3).
1. Како се разликувал Исусовиот став кон обичните луѓе во негово време од ставот на фарисеите?
МОЖЕЛЕ да му видат во очите. Тој човек, Исус, воопшто не личел на нивните религиозни водачи; тој покажувал грижа. Чувствувал жал за тие луѓе бидејќи биле „изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Од нивните религиозни водачи се барало да бидат пастири полни со љубов, кои ќе го претставуваат милосрдниот Бог, полн со љубов. Наместо тоа, тие го презирале обичниот народ како обичен џган — уште и проклет!a (Јован 7:47-49; спореди Језекиил 34:4). Се разбира, ваквиот искривен, небиблиски став бил далеку од гледиштето што го имал Јехова за својот народ. На својата нација Израел, тој ѝ рекол: „Со вечна љубов те засакав“ (Јеремија 31:3).
2. Како се обиделе тројцата Јовови пријатели да го убедат Јов дека е безвреден во Божји очи?
2 Фарисеите, сепак, не биле првите што се обиделе да ги убедат Јеховините сакани овци дека се безвредни. Земи го случајот на Јов. За Јехова тој бил праведен и непорочен, но тројцата „утешители“ индиректно кажале дека Јов бил неморален, злобен отпадник кој ќе умре без да остави трага зад себе. Тие тврделе дека Бог нема да цени ниту едно праведно дело што го направил Јов бидејќи Бог не им верува ниту на своите ангели и небесата се нечисти во негови очи! (Јов 1:8; 4:18; 15:15, 16; 18:17-19; 22:3).
3. Кои средства ги користи Сатана денес во обидот да ги убеди луѓето дека се безвредни и недостојни за љубов?
3 Денес, Сатана сѐ уште ги користи овие ‚лукавства‘ во обидот да ги убеди луѓето дека не се сакани и дека се безвредни (Ефесјаните 6:11). Вистина, тој честопати ги заведува луѓето, апелирајќи на нивната суетност и гордост (2. Коринтјаните 11:3). Но ужива и да го истисне самопочитувањето на ранливите. Ова е особено случај во овие критични ‚последни денови‘. Многумина денес растат во семејства во кои нема „природна наклоност“; многумина секој ден си имаат работа со сурови, себични и тврдоглави луѓе (2. Тимотеј 3:1-5, НС). Долгите години на малтретирање, расизам, омрази или злоупотреба, ги увериле таквите дека се безвредни и недостојни за љубов. Еден човек напишал: „Не чувствувам љубов кон никого ниту чувствувам дека некој ме сака. Увидувам дека ми е многу тешко да верувам дека Бог воопшто се грижи за мене“.
4, 5. а) Зошто идејата за лична безвредност е во противречност со Светото писмо? б) Која опасна последица ќе произлезе ако веруваме дека сите наши напори се безвредни?
4 Идејата за лична безвредност ја повредува суштината на вистината од Божјата Реч, односно науката за откупнина (Јован 3:16). Кога Бог платил толку висока цена — со скапоцениот живот на својот сопствен Син — за да ни откупи можност да живееме засекогаш, Тој мора да нѐ сака; мора да вредиме нешто во Негови очи!
5 Освен тоа, колку обесхрабрувачки би било да мислиме дека не му угодуваме на Бог, дека сите наши напори се безвредни! (Спореди Изреки 24:10.) Со вакво негативно гледиште, дури и добронамерното охрабрување, со цел да ни помогне да продолжиме со службата за Бог таму каде што е можно, може некому да му звучи повеќе како осудување. Може да изгледа како ехо на нашите сопствени внатрешни уверувања дека што и да направиме, не е доволно.
6. Што е најдобриот противотров за крајно негативното мислење за себе?
6 Ако имаш такви негативни чувства во себе, не очајувај. Многумина од нас одвреме-навреме сме неразумно строги кон себе. И запомни, Божјата Реч е наменета „за исправање на работите“ и „за рушење на цврсто утврдени работи“ (2. Тимотеј 3:16; 2. Коринтјаните 10:4, обата НС). Апостол Јован напишал: „По ова ќе знаеме дека потекнуваме од вистината, и ќе го уверуваме своето срце пред него за сѐ она во кое нашето срце може да нѐ осудува, бидејќи Бог е поголем од нашето срце и ги знае сите работи“ (1. Јованово 3:19, 20, НС). Затоа, да разгледаме три начини на кои Библијата нѐ поучува дека сме драгоцени за Јехова.
Јехова те цени
7. Како ги поучил Исус сите христијани за нивната вредност во Божји очи?
7 Прво, Библијата директно поучува дека секој од нас има своја вредност во Божји очи. Исус рекол: „Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога. А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи“ (Лука 12:6, 7). Во тоа време, врапчињата биле најефтините птици што се продавале како храна, но сепак ниту едно од нив не поминало незабележано пред својот Творец. Така е положен темелот за еден прекрасен контраст: Кога станува збор за луѓето кои се далеку, далеку повредни, Бог ја знае секоја поединост. Тоа е исто како да ни е изброена сета коса, и тоа влакно по влакно!
8. Зошто е реално да мислиме дека Јехова може да ни ја изброи и косата на главата?
8 Изброена косата? Ако мислиш дека овој аспект на Исусовата илустрација е нереален, тогаш размисли: Бог се сеќава на своите верни слуги толку детално, што може да ги воскресне — повторно создавајќи ги во поединости, вклучувајќи го и нивниот сложен генетски код и сите сеќавања и искуства од животот. Пребројувањето на косата (која во просек има околу 100.000 влакна на една глава) би било само споредба! (Лука 20:37, 38).
Што гледа Јехова во нас?
9. а) Кои се некои од особините што Јехова ги цени? б) Зошто мислиш дека таквите особини му се драгоцени?
9 Второ, Библијата нѐ поучува што цени Јехова кај нас. Едноставно речено, тој се радува на нашите позитивни особини и на нашите напори. Царот Давид му рекол на својот син Соломон: „Господ ги испитува сите срца и ги знае сите движења на мислите“ (1. Летописи 28:9). Додека Бог испитува милијарди човечки срца во овој насилен, полн со омраза свет, колку мора да е одушевен кога ќе наиде на срце кое сака мир, вистина и праведност! (Спореди Јован 1:47; 1. Петрово 3:4.) Што се случува кога Бог ќе најде срце кое е преполно со љубов кон него, кое сака да учи за него и да го дели таквото спознание со другите? Во Малахија 3:16, Јехова ни кажува дека ги слуша оние кои зборуваат со другите за него и дека има дури и „споменкнига“ за сите „оние што се бојат од Бога и го почитуваат името Негово“. Таквите особини за него се драгоцени!
10, 11. а) Како може некои да се склони да го примаат со резерва доказот дека Јехова ги цени нивните добри особини? б) Како покажува примерот на Авија дека Јехова ги цени добрите особини, сеедно во која мера постојат?
10 Срцето кое самото се осудува, може да се противи на таквиот доказ за нашата вредност во очите на Бог. Тоа може упорно да шепоти: ‚Но има толку многу други што се попримерни од мене во тие особини. Колку мора да е разочаран Јехова кога ќе ме спореди со нив!‘ Јехова не споредува никого ниту е крут размислувач кој сака сѐ или ништо (Галатјаните 6:4). Тој со голем увид ги чита нашите срца и ги цени добрите особини, сеедно во која мера постојат.
11 На пример, кога одлучил да биде погубена целата отпадничка династија на царот Јеровоам, односно да биде очистена како „ѓубре“, Јехова наредил само еден од синовите на царот, Авија, да биде пристојно погребан. Зошто? Затоа што во него ‚се нашло нешто добро пред Господа, Израилевиот Бог‘ (3. Царства 14:10, 13). Дали тоа значи дека Авија бил верен обожавател на Јехова? Не, не мора да значи, со оглед на тоа дека умрел заедно со остатокот од своето зло домаќинство (5. Мојсеева 24:16). Сепак, Јехова го ценел ‚доброто нешто‘ што го видел во срцето на Авија и постапил според тоа. Matthew Henry’s Commentary on the Whole Bible (Метју Хенриев коментар кон целата Библија) забележува: „Таму каде што има барем некои добри работи од тој вид, ќе бидат најдени: Бог ги бара, ги препознава, па дури и да се многу мали, и задоволен е со нив“. И не заборавај дека Бог, ако најде макар мала мера од некои добри особини во тебе, може да направи тие да растат сѐ додека настојуваш верно да му служиш.
12, 13. а) Како покажува Псалм 139:3 (НС) дека Јехова ги цени нашите напори? б) Во која смисла може да се рече дека Јехова ги просејува нашите активности?
12 Јехова ги цени нашите напори на сличен начин. Во Псалм 139:1-3 (НС), читаме: „О Јехова, ти си ме испитал и ме познаваш. Самиот знаеш кога седнувам и кога станувам. Оддалеку ги уважуваш моите мисли. Кога патувам и кога се одморам, и тоа си го измерил, и добро ги познаваш сите мои патишта“. Според тоа, Јехова е свесен за сѐ што правиме. Но тој не е само свесен. Во хебрејскиот јазик, фразата „добро ги познаваш сите мои патишта“ може да го пренесува и значењето „ги сметаш за драгоцени сите мои патишта“ или „ги цениш сите мои патишта“. (Спореди Матеј 6:19, 20.) Сепак, како може Јехова да ги цени нашите патишта кога сме толку несовршени и грешни?
13 Интересно е тоа што, според некои научници, кога Давид напишал дека Јехова ‚ги измерил‘ неговите патувања и периоди на одмор, хебрејскиот збор дословно значел „сее“ или „вее“. Еден речник забележува: „Тоа значи . . . да се извее сета плева, а да се остават сите зрна — да се спаси сѐ што е вредно. Според тоа, овде тоа значи дека Бог, така да се каже, го просејал. . . . Тој го одделил сето она што било плева, односно сѐ што било безвредно, а го задржал преостанатото што било чисто и добро“. Срцето што се осудува самото себе може да ги просејува нашите постапки во спротивна насока, безмилосно прекорувајќи нѐ за стари грешки и отфрлувајќи ги нашите постигнувања како да се ништо. Но Јехова ги заборава нашите гревови ако искрено се каеме и силно се трудиме да не ги повториме истите грешки (Псалм 102:10-14; Дела 3:19). Тој ги просејува и ги помни сите наши добри дела. Всушност, тој ги помни засекогаш, сѐ додека сме му верни. За него би било неправедно да ги заборави, а тој никогаш не е неправеден! (Евреите 6:10).
14. Што покажува дека Јехова ја цени нашата активност во христијанската служба?
14 Кои се некои од добрите дела коишто Бог ги цени? Дословно — сето она што го правиме исто како неговиот Син, Исус Христос (1. Петрово 2:21). Притоа, едно мошне важно дело, сигурно, е ширењето на добрата вест за Божјето Царство. Во Римјаните 10:15, читаме: „Колку им се убави нозете на оние, што благовестат мир, кои го благовестат доброто“. Иако ние нормално можеби не мислиме за нашите обични нозе дека се „убави“, зборот што Павле овдека го употребил е ист како оној што е употребен во грчкиот превод Септуагинта за да бидат опишани Ребека, Рахела и Јосиф — сите тројца забележани по својата убавина (1. Мојсеева 26:7; 29:17; 39:6). Така, нашата вклученост во службата за нашиот Бог, Јехова, е многу убава и драгоцена во негови очи (Матеј 24:14; 28:19, 20).
15, 16. Зошто ја цени Јехова нашата истрајност, и како го истакнуваат овој факт зборовите на цар Давид од Псалм 56:8 (НС)?
15 Друга особина што Бог ја цени е нашата истрајност (Матеј 24:13). Запомни, Сатана сака да му свртиш грб на Јехова. Секој ден во кој си му останал лојален на Јехова е уште еден ден во кој си помогнал да се даде одговор на Сатановите клевети (Изреки 27:11). Понекогаш истрајноста не е лесна работа. Здравствените проблеми, финансиските неволји, емоционалните болки и други препреки можат секој изминат ден да го направат искушение. Истрајноста наспроти таквите искушенија е уште подрагоцена за Јехова. Токму затоа царот Давид го молел Јехова да ги собере неговите солзи во симболична „мешина“, прашувајќи уверено: „Зарем не се тие во твојата книга?“ (Псалм 56:8, НС). Да, Јехова ги собира како богатство и ги помни сите солзи и страдања што ги поднесуваме додека ја одржуваме својата лојалност кон него. Тие се многу драгоцени во негови очи.
16 Со оглед на нашите подобри особини и нашите напори, колку само е јасно дека Јехова наоѓа многу работи за ценење во секого од нас! Без разлика како постапува со нас Сатановиот свет, Јехова нѐ гледа како драгоцени и како дел од „пожелните работи од сите нации“ (Агеј 2:7, НС).
Што направил Јехова за да ја покаже својата љубов
17. Зошто треба Христовата откупна жртва да нѐ увери дека Јехова и Исус нѐ сакаат нас како поединци?
17 Трето, Јехова прави многу за да ја докаже својата љубов кон нас. Бездруго, Христовата откупна жртва е најмоќниот одговор на сатанската лага дека ние сме безвредни или недостојни за љубов. Никогаш не треба да заборавиме дека болната смрт што ја претрпел Исус на маченичкиот столб и уште поголемата болка што ја поднел Јехова додека ја гледал смртта на својот сакан Син, биле докази за нивната љубов кон нас. Покрај тоа, таа љубов се однесува на нас лично. Токму така го гледал тоа апостол Павле, бидејќи напишал: „Синот Божји . . . ме засака и Себеси се предаде за мене“ (Галатјаните 2:20).
18. Во која смисла нѐ привлекува Јехова кон Христос?
18 Јехова ја докажал својата љубов кон нас со тоа што ни помогнал поединечно да ги извлечеме користите од Христовата жртва. Во Јован 6:44 Исус рекол: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати“. Со помош на делото на проповедање, со кое сме биле достигнати поединечно, и со помош на светиот дух, што Јехова го користи за да ни помогне да ги сфатиме и да ги примениме библиските вистини и покрај нашите ограничувања и несовршености, Тој лично нѐ привлекува кон својот Син и кон надежта за вечен живот. Затоа Јехова може да рече за нас како што рекол за Израел: „Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе [те привлеков, НС] со милост“ (Јеремија 31:3).
19. Зошто треба предноста да се молиме да нѐ увери во Јеховината лична љубов кон нас?
19 Сепак, можеби преку предноста да се молиме, ние ја чувствуваме Јеховината љубов на најприсниот начин. Тој го повикува секого од нас ‚да му се моли постојано‘ (1. Солунјаните 5:17). Тој слуша! Дури е наречен и ‚Слушач на молитвата‘ (Псалм 65:2, НС). Оваа работа тој не му ја доделил на некој друг, дури ни на својот Син. Само размисли: Творецот на вселената нѐ подбудува да му пристапиме во молитва, со слобода на говор. Твоите преколнувања можат дури и да го натераат Јехова да го направи она што инаку можеби не би го направил (Евреите 4:16; Јаков 5:16; види Исаија 38:1-16).
20. Зошто Божјата љубов не е изговор за самоважност или за егоизам од наша страна?
20 Ниту еден урамнотежен христијанин нема да го употреби таквиот доказ на љубов и ценење од страна на Бог како изговор за да се смета себеси за поважен отколку што е. Павле напишал: „Преку благодатта [незаслужената доброта, НС], што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли; туку мислете скромно според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил“ (Римјаните 12:3). Затоа, додека нѐ грее љубовта на нашиот небесен Татко, да бидеме со здрави мисли и да запомниме дека Божјата срдечна доброта е незаслужена. (Спореди Лука 17:10.)
21. На која сатанска лага мораме постојано да ѝ одолеваме, и за која божествена вистина мораме секогаш да размислуваме?
21 Секој од нас нека стори сѐ што е во негова моќ за да им одолее на сите идеи што ги унапредува Сатана во овој стар свет што е на умирање. Тука спаѓа и отфрлањето на мислата дека сме безвредни или недостојни за љубов. Ако животот во овој систем на ствари те научил да се гледаш себеси како пречка која е толку застрашувачка што не може да ја надмине ниту Божјата неизмерна љубов, или дека твоите добри дела се премногу безначајни за воопшто да бидат забележани од неговите очи кои гледаат сѐ, или, пак, дека твоите гревови се толку големи што не може да ги покрие ниту смртта на неговиот драгоцен Син, тогаш те научил на лаги. Отфрли ги таквите лаги со сета одбивност што ја заслужуваат! Засекогаш да ги задржиме на ум инспирираните зборови на апостол Павле од Римјаните 8:38, 39: „Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“.
[Фуснота]
a Всушност, тие ги отфрлале сиромашните со презривиот термин „ам-хаареци“, односно „луѓе од земја“. Според еден научник, фарисеите учеле дека човек не треба ниту да им доверува ним вредни работи, ниту да верува на нивно сведоштво, ниту да ги прима на гости, ниту да им оди на гости, дури ни да купува од нив. Религиозните водачи рекле дека оној што мажи ќерка за некого од тие луѓе исто како да ја фрла на ѕверка врзана и беспомошна.
Што мислиш?
◻ Зошто се обидува Сатана да нѐ увери дека сме безвредни и дека не сме сакани?
◻ Како нѐ поучил Исус за тоа дека Јехова го цени секого од нас?
◻ Како знаеме дека Јехова ги цени нашите добри особини?
◻ Како можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги смета за драгоцени нашите напори?
◻ Како ја покажал Јехова својата љубов кон нас како поединци?
[Слика на страница 13]
Јехова ги забележува и ги помни сите оние кои размислуваат за неговото име
-
-
Да се поттикнуваме кон љубов и добри дела — како?Стражарска кула 1995 | 1 Април
-
-
Да се поттикнуваме кон љубов и добри дела — како?
„Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, . . . да се поучуваме [охрабруваме, НС] еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (ЕВРЕИТЕ 10:24, 25).
1, 2. а) Зошто било толку важно за раните христијани да се утешуваат и да се охрабруваат кога се состанувале заедно? б) Кој Павлов совет упатува на потребата од заедничко состанување?
СЕ СОСТАНАЛЕ тајно, припиени еден до друг зад заклучени врати. Надвор насекаде демнела опасност. Нивниот Водач, Исус, тукушто бил јавно погубен, а тој ги предупредил своите следбеници дека со нив нема да се однесуваат ништо подобро отколку со него (Јован 15:20; 20:19). И покрај тоа, додека разговарале со шепот за својот сакан Исус, тоа што биле заедно мора барем да им создавало чувство на поголема сигурност.
2 Како што минувале годините, христијаните се соочувале со најразлични искушенија и прогонства. Како првите ученици, и тие извлекувале утеха и охрабрување од заедничкото состанување. Затоа, во Евреите 10:24, 25 апостол Павле напишал: „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се
-