Младите прашуваат
Дали сум зависник од електронски медиуми?
Што им е заедничко на овие тројца млади?
„Уживам, буквално уживам да пишувам пораки! Нема ништо поинтересно од тоа. Можам да кажам дека пишувањето пораки ми е најважната работа во животот“ (Ален).a
„Скокав од радост кога мајка ми ми купи телевизор за во мојата соба! Но, наместо да спијам, навечер со часови гледав телевизија. Повеќе сакав да гледам ТВ отколку да бидам со семејството или со пријателите“ (Тереза).
„Еден период, каде и да бев или што и да правев, постојано мислев дали некој ставил нешто на мојата веб-страница. И да се разбудев сред ноќ, морав да се вклучам на интернет. Ја користев секоја прилика за да го апдејтирам мојот блог“ (Ана).
Кој од овие млади мислиш дека е зависник од некаков електронски медиум?
□ Ален □ Тереза □ Ана
КОГА твоите родители биле тинејџери, главни електронски уреди биле телевизорот и радиото. Во нивно време, телефонот си бил телефон — апарат прицврстен за ѕидот кој служел за да се чујат со некого. Ти звучи страшно старомодно? Ана би рекла ‚да‘. Таа вели: „Кога станува збор за технологија, моите родители како да растеле во средниот век. Уште не си ги знаат сите функции на мобилниот!“
Денес можеш да се јавиш некаде, да слушаш музика, да гледаш телевизија, да играш игри, да праќаш мејлови, да сликаш и да отвориш интернет — и сето тоа само на еден апарат што можеш да го носиш во џебот. Бидејќи си пораснал со компјутери, мобилни телефони, телевизори и интернет, можеби си мислиш дека нема ништо лошо во тоа да ги користиш цело време. Но, можеби твоите родители сметаат дека си станал зависен од нив. Ако ти кажат такво нешто, немој да ги игнорираш затоа што сметаш дека не знаат во кое време живеат. Мудриот цар Соломон рекол: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (Изреки 18:13).
Дали ти е чудно што твоите родители се загрижени? Направи го следниов тест за да видиш дали покажуваш знаци на зависност од електронски медиуми.
‚Дали сум зависник?‘
Во една енциклопедија, зависноста се дефинира како „хронично неконтролирано однесување со кое лицето не може или не сака да престане, и покрај штетните последици“. Според оваа дефиниција, сите три младинци што ги цитиравме на почетокот од оваа статија се или биле зависници од електронски медиуми. А како е со тебе? Да го разгледаме одделно секој елемент од оваа дефиниција. Прочитај ги изјавите и размисли дали и ти си рекол или си направил нешто слично. Потоа одговори на прашањата.
Неконтролирано однесување. „Трошев часови и часови на видеоигри. Дури и не спиев за да играм, а и само за тоа зборував. Се оддалечив од семејството и почнав да живеам во нереалниот свет на видеоигрите што ги играв“ (Ендру).
Според тебе, по колку време дневно е разумно да трошиш на електронски уреди? ․․․․․
Колку време твоите родители мислат дека треба да ги користиш? ․․․․․
Колку вкупно време поминуваш секој ден во праќање пораки, гледање телевизија, ставање слики и коментари на некоја веб-страница, играње видеоигри итн.? ․․․․․
На темел на твоите одговори, дали би рекол дека претерано ги користиш електронските уреди?
□ Да □ Не
Не можеш или не сакаш да престанеш. „Родителите гледаат дека постојано праќам пораки и ми велат дека претерувам. Но, во споредба со другите деца, тоа не е ништо. Добро, во споредба со моите родители, нормално дека е многу. Но, ние сме како небо и земја — тие имаат 40, а јас 15 години“ (Ален).
Дали твоите родители или пријатели ти рекле дека трошиш премногу време на некој електронски медиум?
□ Да □ Не
Дали не си сакал или не си можел да престанеш да го користиш тој медиум?
□ Да □ Не
Штетни последици. „Моите пријатели нон-стоп пишуваат СМС-пораки — дури и додека возат. Тоа е толку опасно!“ (Џули).
„Кога го добив мојот прв мобилен, постојано зборував со некого или праќав пораки. Само тоа правев по цел ден. Си ги расипав односите со семејството, па дури и со некои пријатели. Сега гледам дека, кога сум излезена со пријателите и разговарам со нив, постојано ме прекинуваат и ми велат: ‚Почекај малку. Морам да одговорам на оваа порака‘. Тоа е една причина зошто не сум поблиска со нив“ (Ширли).
Дали некогаш читаш или праќаш пораки додека возиш или за време на часовите?
□ Да □ Не
Кога разговараш со семејството или со пријателите, дали постојано ги прекинуваш за да одговориш на некој мејл, телефонски повик или СМС-порака?
□ Да □ Не
Дали поради електронските уреди не спиеш доволно и немаш концентрација за учење?
□ Да □ Не
Да се најде златна средина
Ако користиш некаков електронски уред — компјутер, мобилен телефон или некој друг апарат — размисли за четирите прашања подолу. За да немаш штетни последици и за да се контролираш колку го користиш, од помош ќе ти биде ако ги применуваш библиските совети и ако се држиш за неколку едноставни правила во врска со тоа што да правиш, а што не.
1) Каква е содржината? „Сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8).
Прави: Одржувај контакти со пријателите и со семејството и зборувај со нив за позитивни работи (Изреки 25:25; Ефешаните 4:29).
Не прави: Немој да шириш муабети, да праќаш неморални пораки и слики или да гледаш неморални видеоклипови и емисии (Колошаните 3:5; 1. Петрово 4:15).
2) Кога го користам? „Сѐ си има свое време“ (Проповедник 3:1).
Прави: Постави си граници колку време ќе трошиш на телефонски разговори и праќање пораки, на гледање телевизија или на игри. За време на некои важни настани, како што се верските собири, покажи почит со тоа што ќе го исклучиш својот телефон. На пораките можеш да одговориш и подоцна.
Не прави: Не дозволувај поради електронските медиуми да немаш време за пријателите и семејството, за проучување или за духовни активности (Ефешаните 5:15-17; Филипјаните 2:4).
3) Со кого се дружам? „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).
Прави: Користи ги електронските медиуми за да си го зајакнеш пријателството со оние што те поттикнуваат на добри навики (Изреки 22:17).
Не прави: Немој да се лажеш себеси — кога-тогаш ќе ги усвоиш мерилата, јазикот и размислувањето на оние со кои си избрал да се дружиш преку мејл, СМС-пораки, телевизија, филмови или интернет (Изреки 13:20).
4) Колку време трошам? ‚Проценете што е најважно‘ (Филипјаните 1:10).
Прави: Води евиденција колку време трошиш на електронски уреди.
Не прави: Немој да ги игнорираш пријателите или твоите родители кога ќе ти кажат дека трошиш премногу време на некој облик на електронска забава (Изреки 26:12).
Ендру, кого го цитиравме претходно, се сложува дека електронските медиуми треба да се користат умерено. Тој вели: „Современата технологија е интересна, но само за кратко време. Научив да не дозволувам таа да стане ѕид помеѓу мене и моето семејство или пријателите“.
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
[Рамка/слики на страница 25]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
››Родителите ми велеа: ‚Рацете како да ти се залепени за тој мобилен!‘ Отпрвин ми беше смешно, но потоа сфатив дека не се шегуваат. Сега се контролирам колку пораки пишувам, и никогаш не сум бил посреќен!‹‹
››Ми стана навика да ги проверувам пораките на интернет секогаш кога можев. Поради тоа попуштив со учењето. Откако го скратив времето што го минувам на интернет, како да ми падна товар од грбот. Многу е важно да се има мерка.‹‹
[Слики]
Џоварни
Мараја
[Рамка на страница 26]
„БЕВ ЗАВИСНИК ОД СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ“
„Пред неколку години, се преселивме на друго место. Сакав да останам во контакт со пријателите, па тие ми предложија да си разменуваме фотографии на еден сајт. Тоа ми звучеше како одлична идеја — ќе разговарам само со луѓе што ги познавам, што значи дека нема да има никаква опасност.
Отпрвин, сѐ одеше добро. Се вклучував на интернет еднаш седмично за да ги разгледам сликите од пријателите и ставав коментари за нив, а потоа ги читав коментарите што тие ги ставиле за моите слики. Но, по кратко време тоа ми стана опсесија. Цело време бев на интернет. Тоа го забележаа оние што им беа пријатели на моите пријатели, па и тие почнаа да ме канат во својот круг. Знаеш како оди тоа — еден пријател ќе каже дека тој и тој е интересен, па го прифаќаш и ти. За кратко време, веќе имаш 50 пријатели.
Набрзо сфатив дека само тоа ми се врти во главата. Дури и кога бев вклучена на интернет, веќе мислев на следниот пат кога повторно ќе отворам да си ја проверам страницата и да ставам нови слики. Ќе прочитав по некој коментар, ќе испратев по некое клипче и додека да трепнеш, поминале часови.
Ми требаше година и пол за да сфатам дека сум зависник. Сега водам строга контрола колку време трошам на интернет и се трудам да се спријателувам преку личен контакт со луѓе што имаат исти морални мерила како мене. Некои мои пријатели не го сфаќаат тоа, но јас си ја научив лекцијата“ (Елена 18).
[Рамка на страница 26]
ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?
Понекогаш родителите може да те изненадат ако се потрудиш да разговараш со нив за твојот избор на забава. „Еднаш татко ми мислеше дека музиката на едно мое CD не е во ред“, вели Шерил. „Го замолив заедно да го ислушаме целото CD. Тој се согласи. Потоа рече дека не нашол ништо лошо на него!“
Напиши што би сакал ти да ги прашаш родителите во врска со електронските медиуми.
[Слика на страница 27]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Дали син ти или ќерка ти троши многу време на интернет, праќа и добива премногу СМС-пораки или подобро се сложува со својот МР3-плеер отколку со тебе? Што можеш да направиш во врска со тоа?
Една опција е да му го земеш апаратот. Но, немој сите електронски медиуми да ги ставиш во купот со лоши работи. Најверојатно и ти користиш некои електронски уреди што твоите родители ги немале. Затоа, наместо само да го конфискуваш уредот — освен ако нема убедлива причина за тоа — искористи ја приликата за да ги поучиш син ти или ќерка ти како мудро и со мерка да ги користат електронските медиуми. Како би можел да го сториш тоа?
Седнете и зборувајте за тоа. Прво, кажи што те загрижува. Второ, слушај што има да каже твоето дете (Изреки 18:13). Трето, најдете практични решенија. Не плаши се да му поставиш јасни граници, но биди разумен (Филипјаните 4:5). Елена, која беше спомната претходно, вели: „Кога имав проблем со пишувањето пораки, моите родители не ми го одзедоа телефонот, туку ми поставија некои правила. Со тоа ми помогнаа да не претерувам со пораките, дури и кога тие не ме гледаат“.
Но, што ако син ти или ќерка ти почнат да се бранат? Немој веднаш да помислиш дека џабе си зборувал. Биди стрплив и дај им малку време да размислат. Можеби тие веќе се свесни дека имаат проблем и ќе ги направат потребните промени. Голем број млади се како Хејли, која вели: „Прво се навредив кога родителите ми рекоа дека сум станала зависник од компјутерот. Но, колку повеќе размислував за тоа, толку појасно ми беше дека се во право“.
[Слика на страница 27]
Кој кого контролира — ти нив или тие тебе?