Поглавје 24
Дали сексот ќе ни ја зајакне врската?
Симона излегува со Филип само два месеца, но има чувство како да го знае цел живот. Нон-стоп си праќаат пораки, со часови разговараат по телефон и просто си ги читаат мислите еден на друг! Но, сега, додека седат во автомобилот под месечевата светлина, Филип сака нешто повеќе од разговор.
Во текот на овие два месеца, нивната врска не отиде подалеку од држење за рака и по некој краток бакнеж. Симона би сакала да останат на тоа. Ама, не сака да го загуби Филип. Само тој прави таа да се чувствува толку убава, толку посебна. ‚Освен тоа‘, си вели таа, ‚ние се сакаме...‘
НАЈВЕРОЈАТНО можеш да претпоставиш како оди приказната понатаму. Но, она што можеби не го помислуваш е колку сексот ќе ги смени работите за Филип и Симона — ама на полошо. Размисли за следново:
Ако игнорираш некој физички закон, на пример, законот за гравитација, ќе ги трпиш последиците. Истото важи и ако игнорираш некој морален закон, на пример, законот ‚да се воздржуваш од блуд‘ (1. Солуњаните 4:3). Какви ќе бидат последиците ако не се почитува оваа заповед? Библијата вели: „Кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18). Во која смисла? Пробај да наброиш три лоши последици од предбрачниот секс.
1. ․․․․․
2. ․․․․․
3. ․․․․․
А сега размисли за она што го напиша. Дали меѓу последиците напиша и сексуално преносливи болести, несакана бременост или загуба на Божјата милост? Ова во секој случај се ужасни последици што може да ги пожнее секој што го прекршува Божјиот морален закон во врска со блудот.
Но, можеби сѐ уште не си разубеден. Можеби си мислиш: ‚Мене нема ништо да ми се случи‘. Па зарем немаат сите секс? Другите на училиште се фалат со своите љубовни авантури и изгледа дека ним им е добро. Можеби, како Симона, и ти си мислиш дека сексот уште повеќе ќе ти ја зајакне врската. Освен тоа, кој сака да го исмеваат затоа што уште е невин? Зарем не е подобро едноставно да имаш секс?
Закочи малку! Како прво, не е вистина дека сите имаат секс. Точно, можеби имаш читано статистики според кои голем број млади имаат сексуални односи. На пример, една анкета во САД покажала дека 2/3 од младите во таа земја се сексуално активни уште во средно. Но, тоа би значело и дека 1/3, што е прилично голема бројка, не се сексуално активни. И уште нешто за оние кои се — според истражувачите, многу од овие млади се соочуваат со една или повеќе од следниве горки вистини:
ГОРКА ВИСТИНА БР. 1 КАЕЊЕ. Повеќето млади кои имале секс пред брак велат дека подоцна зажалиле поради тоа.
ГОРКА ВИСТИНА БР. 2 НЕДОВЕРБА. Откако ќе имаат секс, и двајцата партнери почнуваат да се прашуваат: ‚Со кого друг спиел/а?‘
ГОРКА ВИСТИНА БР. 3 РАЗОЧАРУВАЊЕ. Длабоко во себе, многу девојки повеќе сакаат некој што ќе ги штити, а не некој што ќе ги искористува. А, откако ќе спијат со некоја девојка, повеќето момчиња обично губат интерес за неа.
Освен овие последици, многу момчиња рекле дека никогаш не би се ожениле со девојка со која имале секс. Зошто? Затоа што повеќе би сакале некоја што е морално чиста!
Ако си девојка, дали ова те изненадува, па дури можеби и те лути? Тогаш, биди свесна за следново: Во реалноста, предбрачниот секс нема никаква врска со она што се прикажува во филмовите и на ТВ. Забавната индустрија го идеализира сексот меѓу тинејџери и го прикажува како безопасна забава, па дури и како вистинска љубов. Но, не биди наивна! Оној што те наговара на секс сака само да се задоволи себеси (1. Коринќаните 13:4, 5). Зарем некој што навистина те сака би ги загрозил твоето физичко здравје и твојата емоционална состојба? (Изреки 5:3, 4). И дали некој кому навистина му значиш ќе те тера да го ставиш на коцка твоето пријателство со Бог? (Евреите 13:4).
Ако си момче и имаш девојка, она што беше кажано во ова поглавје треба да те поттикне да размислиш за врската што ја имаш. Прашај се: ‚Дали навистина ми значи мојата девојка?‘ Ако ти значи, како најдобро можеш да ѝ го покажеш тоа? Така што ќе имаш сила да се држиш за Божјите закони, ќе имаш мудрост да избегнуваш ситуации што те ставаат на искушение и ќе имаш љубов да мислиш на нејзиното добро. Ако ги имаш овие особини, тогаш најверојатно твојата девојка ќе има чувства слични на чувствата на морално чесната Суламка, која рекла: „Мојот сакан ми припаѓа мене, а јас нему“ (Песна над песните 2:16). Со други зборови, ќе биде сигурна дека не згрешила во изборот!
Сеедно дали си момче или девојка, ако имаш секс пред брак, се понижуваш себеси со тоа што се откажуваш од нешто скапоцено (Римјаните 1:24). Не е ни чудо што многумина отпосле се чувствуваат празно и безвредно, како немарно да дозволиле да им биде украдено нешто многу вредно! Не дозволувај тоа да ти се случи и тебе. Доколку некој те наведува на секс со зборовите: „Ако ме сакаш, ќе спиеш со мене“, одлучно речи: „Ако ти ме сакаш, нема да бараш такво нешто од мене!“
Твоето тело е премногу вредно за да го дадеш тукутака. Покажи дека имаш сила да бидеш послушен на Божјата заповед да се воздржуваш од блуд. А ако еден ден стапиш во брак, ќе можеш да имаш секс. А ќе можеш и потполно да уживаш во него — без грижите, каењето и чувството на несигурност кои честопати одат рака под рака со предбрачниот секс (Изреки 7:22, 23; 1. Коринќаните 7:3).
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈА 4 И 5
Колку е сериозно мастурбирањето?
КЛУЧЕН СТИХ
„Бегајте од блуд... кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18)
ПРЕДЛОГ
Во однесувањето со спротивниот пол, добро правило по кое можеш да се водиш е: Ако нешто не би го правел пред родителите, тогаш не треба ни да го правиш.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Откако едно момче ќе има секс со некоја девојка, поголема е веројатноста дека ќе ја остави и ќе си најде друга девојка.
ПЛАН!
Кога сум со некој од спротивниот пол, треба да избегнувам ситуации како, на пример: ․․․․․
Ако некој од спротивниот пол сака да се најдеме на некое осамено место, ќе му речам ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто предбрачниот секс е неисправен, иако е привлечен за нашето несовршено тело?
● Што ќе направиш ако некој ти предложи да имате секс?
[Истакната мисла на страница 176]
„Како христијанин, имаш особини поради кои им се допаѓаш на другите. Затоа, мораш да бидеш на штрек и да ги одбиваш неморалните понуди. Цени си ги овие особини. Не фрлај ги во вода за малку задоволство!“ (Џошуа)
[Слика на страници 176 и 177]
Да имаш секс пред брак е исто како да користиш една убава слика за да си ги бришеш чевлите од неа