Поглавје 8
Како да најдам добри пријатели?
„Кога сум лута, имам потреба да кажам некому за да ми олесни. Кога сум тажна, ми треба некој што ќе ми каже дека сѐ ќе биде во ред. Кога сум среќна, сакам среќата да ја споделам со некого. За мене, пријателите се неопходна работа во животот“ (Британи)
СЕ ВЕЛИ дека на малите деца им се потребни другарчиња со кои ќе си играат, а на возрасните им се потребни пријатели. Во што е разликата?
Другарче е некој што ти прави друштво.
Пријател е некој со кого имаш исти вредности.
Библијата вели дека „вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). Таков пријател сигурно нема да најдеш на детско игралиште!
Факт: Додека созреваш, потребни ти се пријатели кои...
1. Имаат убави особини
2. Имаат високи морални мерила
3. Имаат позитивно влијание врз тебе
Прашање: Како да најдеш пријатели кои одговараат на овој опис? Ајде да ги разгледаме трите работи една по една.
Услов бр. 1 — Убави особини
Што треба да знаеш. Секој не може да ти биде вистински пријател. Библијата вели дека „има луѓе што се готови да го уништат својот другар“ (Изреки 18:24). Ова може да звучи малку екстремно, но размисли за следново: Си имал ли некогаш „пријател“ кој те искористувал? Или можеби некој што зад грб те оговарал и ширел муабети за тебе? Поради ваквите работи може да изгубиш доверба во пријателите.a Затоа, запомни, не е важно колку, туку какви пријатели имаш!
Што можеш да сториш. Избирај пријатели со убави особини чиј пример би можел да го следиш.
„Сите имаат добро мислење за другарка ми Фиона. Сакам и за мене другите да зборуваат добро како што зборуваат за неа. И за мене да имаат добро мислење како што имаат за неа. Затоа многу ја ценам“ (Ивет, 17).
Вежба за самоиспитување:
1. Прочитај Галатите 5:22, 23.
2. Прашај се: ‚Дали моите пријатели ги покажуваат особините што се вброени во „плодовите на духот“?‘
3. Наведи ги имињата на твоите најблиски пријатели. До секое име напиши која особина е најкарактеристична за тоа лице.
Име Особина
․․․․․ ․․․․․
Забелешка: Ако ти текнуваат само негативни особини, можеби е време да побараш подобри пријатели!
Услов бр. 2 — Високи морални мерила
Што треба да знаеш. Колку поочајно копнееш по пријатели толку поголема е опасноста да фатиш лошо друштво. Библијата вели: „Кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20). Зборот „безумни“ не укажува на оние што добиваат лоши оценки или што имаат мала интелигенција, туку на лица кои не прифаќаат здрава логика и имаат ниски морални вредности. Такви пријатели не ти требаат!
Што можеш да сториш. Немој да се спријателуваш со кого било — биди избирлив (Псалм 26:4). Но, тоа не значи дека треба да имаш предрасуди. Во овој контекст, да бидеш избирлив значи дека треба да бидеш доволно прониклив за да ‚ја видиш разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи‘ (Малахија 3:18).
„Благодарен сум што моите родители ми помогнаа да си најдам пријатели на моја возраст кои се држат за Божјите мерила“ (Кристофер, 13).
Одговори ги следниве прашања:
Кога сум со пријателите, дали морам постојано да сум на штрек да не ме натераат да направам нешто што знам дека е погрешно?
□ Да
□ Не
Дали ми е незгодно да ги запознаам со моите родители затоа што мислам дека нема да ми дозволат да се дружам со нив?
□ Да
□ Не
Забелешка: Ако на овие прашања одговори со „да“, барај нови пријатели што имаат повисоки мерила — пријатели што се примерни христијани.
Услов бр. 3 — Позитивно влијание
Што треба да знаеш. Во Библијата пишува: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“ (1. Коринќаните 15:33, Радосна Вест). Една девојка по име Лорен вели: „Другите на училиште ме прифаќаа само ако правев сѐ што ќе ми речеа. Бев осамена, па затоа решив да бидам иста како нив за да се вклопам во нивното друштво“. Лорен увидела дека, ако постојано се обидуваш да им угодиш на другите, стануваш како пион во нивните раце што можат да го поместуваат кога ќе им текне. Немој да паднеш толку ниско!
Што можеш да сториш. Прекини ги сите контакти со оние што те тераат да бидеш како нив. Ако го направиш ова, можеби ќе имаш помалку пријатели, но ќе имаш поголема самопочит и можност да стекнеш подобри пријатели — пријатели кои ќе влијаат позитивно на тебе (Римјаните 12:2).
„Мојот близок пријател Клинт е сочувствителен и знае добро да ги процени работите. Многу пати ме има охрабрено“ (Џејсон, 21).
Постави си ги следниве прашања:
Дали се облекувам, зборувам и се однесувам лошо само за да се покажам пред пријателите?
□ Да
□ Не
Дали одам на места на кои не би одел да не беа моите пријатели?
□ Да
□ Не
Забелешка: Ако на овие прашања одговори со „да“, побарај совет од родителите или од друго зрело возрасно лице. Ако си Јеховин сведок, би можел да замолиш и некој старешина да ти помогне да избереш пријатели што добро ќе влијаат на тебе.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 9
Дали некој таканаречен пријател — или можеби твоето срце — те тера на лоши работи? Дознај како да се спротивставиш!
[Фуснота]
a Се разбира, секој жив човек греши (Римјаните 3:23). Затоа, ако некој пријател те повреди, но потоа му е жал, не заборавај дека „љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8).
КЛУЧЕН СТИХ
„Има и пријатели поприврзани од брат“ (Изреки 18:24)
ПРЕДЛОГ
Ако живееш според Божјите мерила, поголема е веројатноста дека ќе те забележат оние што се трудат да го прават истото. Подобри пријатели од нив не можеш да најдеш!
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Бог не е пристрасен, но внимателно избира кого ќе прими како ‚гостин во својот шатор‘ (Псалм 15:1-5).
ПЛАН!
За да најдам добри пријатели, ќе ․․․․․
Некои од оние што се постари од мене и со кои би сакал подобро да се запознаам се: ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Кои особини ти се најважни кај еден пријател, и зошто?
● На кои особини треба да поработиш за да бидеш подобар пријател?
[Истакната мисла на страница 60]
„Кога моите се обидоа да ме оттргнат од едно друштво, јас се убедував себеси дека не сакам друго друштво, дека само тоа ми одговара. Но, советот на моите родители беше на место, и кога малку подразмислив, сфатив дека можам да си најдам куп подобри пријатели“ (Кол)
[Рамка на страница 61]
Обиди се со овие предлози
Разговарај со родителите на оваа тема. Прашај ги какви пријатели имале тие кога биле на твои години. Дали се каат што избрале такви пријатели? Ако да, зошто? Прашај ги како би можел да избегнеш некои од проблемите што ги имале тие.
Запознај ги родителите со твоите пријатели. Ако баш и не би сакал да ги запознаеш со твоите пријатели, прашај се зошто. Има ли кај нив нешто што знаеш дека нема да им се допадне на твоите родители? Ако има, можеби ќе треба да бидеш поизбирлив во поглед на тоа со кого се дружиш.
Слушај. Покажи дека вистински те интересира како се чувствува твојот пријател и што го мачи (Филипјаните 2:4).
Простувај. Не очекувај совршенство. „Сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2).
Остави му простор да дише. Немој да бидеш посесивен. Кога ти требаат, вистинските пријатели ќе бидат тука за тебе (Проповедник 4:9, 10).
[Слика на страница 63]
Ако постојано се обидуваш да им угодиш на другите само за да те прифатат, стануваш како пион во нивните раце што можат да го поместуваат кога ќе им текне