Младите прашуваат
Кои ми се вистински пријатели?
„Од Кори научив многу. Кога сум со неа, запознавам нови луѓе, пробувам нови работи и си поминувам убаво каде и да сме. Пријателството со Кори дословно ми го смени животот!“ (Тара).a
Дали ова ти звучи премногу добро за да биде вистинито? Не се разочарувај. Има многу луѓе што можат да ти бидат вистински пријатели. Оваа статија ќе ти помогне да ги најдеш.
‚ОПКРУЖЕНА сум со пријатели, но немам пријатели.‘ Вака Шејна (21) опишува како е да бидеш опкружен со многу луѓе, но да не се чувствуваш близок со никој од нив. Вакви чувства обично имаат оние што минуваат многу време на социјалните мрежи. „Имаш огромен ‚список со пријатели‘ и изгледаш популарен и кул“, вели Сарина (22), „но реалноста е дека тој список може да е полн со безначајни контакти.“b
Што би сакал повеќе ти — стотици контакти или неколку вистински пријатели? Иако и едното и другото си има предности, вистинскиот пријател може да ти помогне да ги пребродиш тешките ситуации во животот, па дури и да те поттикне да бидеш подобра личност (1. Коринќаните 16:17, 18). Обрни внимание на следниве критериуми што ќе ти помогнат да одредиш кој од оние што ги познаваш можеби веќе покажува особини на вистински пријател.
ВО ВИСТИНСКИОТ ПРИЈАТЕЛ МОЖЕШ ДА ИМАШ ДОВЕРБА
„Другарка ми ми ги кажуваше своите тајни, па затоа мислев дека и јас можам да ѝ ги кажам моите. Така, еден ден ѝ кажав дека ми се допаѓа едно момче. Е тоа ми беше страшна грешка! Веднаш раструби насекаде!“ (Беверли).
„На другар ми Ален можам да му кажам сѐ и знам дека нема никому да каже“ (Келвин).
Кој од овие двајца млади имал вистински пријател? На кој од твоите пријатели можеш слободно да му се довериш?c Библијата вели дека „вистинскиот пријател сака во секое време“ (Изреки 17:17).
Напиши ги имињата на двајца пријатели во кои си се уверил дека можеш да имаш доверба.
1) ․․․․․
2) ․․․․․
ВИСТИНСКИОТ ПРИЈАТЕЛ Е САМОПОЖРТВУВАН
„Во секое пријателство доаѓа момент кога едниот е посилен од другиот. Вистинскиот пријател може да види кога си послаб и веднаш прави нешто за да ти помогне. Се разбира, тој има доверба дека и ти ќе го направиш истото кога ќе треба“ (Кели).
„Кратко пред да почине мајка ми, почнав да се дружам со една девојка. Не бевме многу блиски, ама планиравме да одиме заедно на една венчавка. Се погоди венчавката да биде во ист ден со погребот на мајка ми. Многу се изненадив кога видов дека другарка ми дојде на погребот наместо да оди на венчавката. Тогаш знаев дека ми е вистинска пријателка!“ (Лина).
Кој од твоите пријатели е спремен да прави жртви? Вистинскиот пријател „не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).
Напиши ги имињата на двајца пријатели што покажале дека се самопожртвувани.
1) ․․․․․
2) ․․․․․
ВИСТИНСКИОТ ПРИЈАТЕЛ ТИ ПОМАГА ДА СТАНЕШ ПОДОБРА ЛИЧНОСТ
„Некои луѓе очекуваат да им бидам лојална или во сѐ да се согласувам со нив, дури и ако тоа значи дека треба да ги погазам своите вредности или да одам против својата совест. Тоа не се вистински пријатели“ (Надин).
„Најдобра другарка ми е сестра ми. Ме поттикнува да давам сѐ од себе и ми помага да бидам подруштвена. Ми ја кажува вистината, дури и ако тоа не е она што сакам да го чујам“ (Ејми).
„Кога минував низ тежок период, моите најдобри пријатели не гледаа само да ми ги одвлечат мислите од проблемот, туку ми даваа искрени совети. Другите или чекаа да ми помине или ме занимаваа со други работи. Не сфаќаа дека нешто не е во ред“ (Мики).
„Другарка ми најдобро може да ги согледа моите способности и ме поттикнува да си ги остварувам целите. Толку отворено ми ги кажува работите што понекогаш боли, но многу го ценам тоа!“ (Илејн).
Дали твоите пријатели го вадат најдоброто од тебе или мораш да си ги спуштиш мерилата за да се вклопиш меѓу нив? Во Изреки 13:20 стои: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“.
Напиши ги имињата на двајца пријатели кои ти помогнале да станеш подобра личност.
1) ․․․․․
2) ․․․․․
Види кои имиња ги напиша во трите дела. Ако едно име го има во сите три, тогаш тоа ти е вистински пријател! Од друга страна, ако не си нашол никој што ги исполнува тие критериуми, не се разочарувај. Околу тебе најверојатно има луѓе што би можеле да ти бидат вистински пријатели. Само може да ти треба малку повеќе време за да ги најдеш.d Додека да ги најдеш, со сите сили труди се ти да бидеш добар пријател. „Се трудам секогаш да им се најдам на пријателите“, вели Елена (20). „Кога треба да завршат некоја работа, им нудам помош. Кога им треба да се искажат, тука сум да ги сослушам. Кога им треба рамо за плачење, тука сум за нив.“
Точно, можеби познаваш многу луѓе, што е подобро отколку да бидеш дел од некој затворен круг на пријатели (2. Коринќаните 6:13). Но, зарем не би сакал да имаш и неколку вистински пријатели кои ‚во неволја стануваат браќа‘? (Изреки 17:17). „Убаво е да познаваш многу луѓе“, вели 20-годишната Џин, „но тоа ти е како да имаш плакар полн со алишта што многу убаво изгледаат на закачалките, но не ти се точни сите. Секогаш ги облекуваш само оние малку парчиња облека што ти се точни. Исто е и со блиските пријатели.“
[Фусноти]
a Некои имиња во оваа статија се сменети.
b Повеќе за социјалните мрежи можеш да прочиташ во статиите „Младите прашуваат“ во Разбудете се! од јули и август 2011.
c Некои работи не е мудро да се чуваат во доверба — на пример, ако твојот пријател направи сериозен престап, му доаѓаат мисли да се самоубие или прави нешто со што си го уништува животот. Нешто повеќе во врска со ова можеш да прочиташ во Разбудете се! од декември 2008, страници 19-21 и од мај 2008, страници 26-29.
d Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата „Младите прашуваат... Треба ли да најдам подобри пријатели?“ во Разбудете се! од март 2009.
[Рамка на страница 20]
КАКО ДО ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ
1) Барај квалитет, не квантитет. „Убаво е да познаваш многу луѓе, но дури и во голема група, обично ги бараш оние малкумина со кои ти оди најлесно“ (Карен).
2) Биди вистински пријател. „Од моите пријатели очекувам лојалност и доверба, затоа се трудам и јас да бидам таква“ (Евелин).
3) Покажи ценење. „Кога ценам нечие пријателство, му го покажувам тоа со картичка или со подарок“ (Кели).
[Рамка на страница 20]
ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?
Кога бевте на мои години, како ви одеше со пријателите? Дали некогаш ве изневерил некој пријател? Што научивте од тоа? Кои пријатели испаднаа верни и како ги најдовте?
[Рамка на страница 21]
ТЕМЕЛ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО
Темел за добри пријателства се заедничките вредности. Тоа значи дека ти и твојот пријател имате исти верски, морални и етички убедувања.
Следниот фактор, слични особини, е помалку важен.
А многу често, најмалку важно е да ве интересираат исти работи. Можеш да бидеш пријател дури и со некој што има поинакви хобија и таленти од тебе.
Едно предупредување: Биди внимателен кога станува збор за пријателства што се темелат само на заеднички интереси. Ако таквиот пријател нема исти вредности како твоите, голема е веројатноста дека тоа пријателство нема да трае — или, што е уште полошо, може да ти донесе проблеми.
[Рамка/слики на страница 21]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
„Ако имаш превисоки мерила, нема да имаш пријатели затоа што ќе очекуваш премногу од другите. Ако имаш прениски мерила, нема да бираш со кого ќе се дружиш, а и тоа не е добро“
„Изгледа дека на некои што користат социјални мрежи поважно им е да имаат долг список со пријатели отколку самото пријателство со тие луѓе. Но, кога станува збор за пријателства, квалитетот е многу поважен од квантитетот“
„Кога некој ќе почне да ги оговара своите пријатели пред мене, сигурна сум дека и мене ме оговара пред нив. Не сакам да сум со такви луѓе. Вистинскиот пријател не оговара“
[Слики]
Доминика
Лиен
Бријана