Библијата менува животи
ШТО мотивирало еден човек повторно да живее според религиозните вредности од кои застранил? Како еден млад човек почувствувал татковска грижа по која копнеел цел живот? Прочитај што имаат да ни кажат тие.
‚Требаше да му се вратам на Јехова‘ — ИЛИ КАЛИЛ
РОДЕН: 1976
ЗЕМЈА: КИПАР
НЕКОГАШ: БУНТОВНО ДЕТЕ
МОЕТО МИНАТО: Роден сум на Кипар, но пораснав во Австралија. Моите родители се Јеховини сведоци и правеа сѐ за да всадат во мене љубов кон Јехова и неговата Реч, Библијата. Но, во тинејџерските години, станав многу непослушен. Скришно излегував од дома ноќе за да се најдам со другарите. Крадевме коли и правевме многу други бељи.
На почеток, тоа го правев тајно од страв да не ги разочарам татко ми и мајка ми. Но, со текот на времето, тој страв исчезна. Почнав да се дружам со луѓе кои беа постари од мене и не го сакаа Јехова. Тие имаа негативно влијание врз мене. На крајот, им кажав на моите родители дека повеќе не сакам да имам ништо со нивната религија. Тие стрпливо се обидуваа да ми помогнат, но без фајде. Беа скршени од болка.
Откако си отидов од дома, почнав да користам дрога, па дури и одгледував и продавав големи количества марихуана. Живеев неморално и често одев на забави во ноќни клубови. Станав и избувлив. Ако некој ми кажеше или направеше нешто што не ми се допаѓаше, зовривав од бес и честопати почнував да викам и да се тепам. Всушност, правев сѐ што знаев дека не треба да правам како христијанин.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Се спријателив со еден наркоман на кој му умрел таткото кога бил мал. Честопати ќе се замуабетевме до доцна во ноќта. Понекогаш во тие прилики ќе си кажеше колку му недостига татко му. Бидејќи од дете знаев дека еден ден ќе има воскресение, почнав да му раскажувам за Исус, кој ги воскреснувал мртвите и ветил дека тоа ќе го прави и во иднина (Јован 5:28, 29). „Замисли си пак да го видиш татко ти“, ќе му речев. „Сите ние би можеле да живееме вечно во рај на Земјата.“ Тие зборови го допреа до срце.
Во други прилики, ќе ме прашаше нешто за крајот на светот или за тројството. Тогаш ќе ја земев неговата Библија и ќе му прочитав стихови што ја откриваа вистината за Јехова Бог, Исус и последните денови (Јован 14:28; 2. Тимотеј 3:1-5). Колку повеќе му зборував за Јехова, толку повеќе и самиот размислував за Бог.
Полека но сигурно, семето на библиската вистина што мируваше во моето срце — семето што моите родители многу се трудеа да го засадат — почна да расте. На пример, понекогаш кога на некоја журка земавме дрога со другарите, одеднаш ќе помислев на Јехова. Многу од нив велеа дека го сакаат Бог, но нивното однесување кажуваше нешто друго. Бидејќи не сакав и јас да бидам таков, сфатив што треба да направам — да му се вратам на Јехова.
Се разбира, едно е да сфатиш што треба да правиш, а сосема друго е да го направиш тоа. Некои промени не ми паднаа тешко — на пример, да престанам да земам дрога. Исто така, прекинав да се дружам со моите поранешни другари и почнав да ја проучувам Библијата со еден христијански старешина.
Меѓутоа, други промени не ми беше лесно да ги направам. Особено се мачев да ја контролирам лутината. Понекогаш ми одеше добро некое време, но потоа пак ќе избувнев. Тогаш ми беше тешко и мислев дека нема шанси да се сменам. Обесхрабрен, му се обратив на старешината што ја проучуваше Библијата со мене. Тој секогаш беше стрплив и љубезен и знаеше вистински да ме охрабри. Еднаш, ми даде да прочитам една статија од Стражарска кула за тоа колку е важно никогаш да не се предадам.a Разговаравме што да направам кога нешто ќе ме налути. По некое време, мислите од статијата и молитвите до Јехова ми помогнаа да се совладувам. Во април 2000 год., се крстив како Јеховин сведок. Не треба да ви кажувам колку беа радосни моите родители!
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Имам душевен мир и чиста совест, бидејќи повеќе не си го валкам телото со дрога или со неморал. Што и да правам — било да работам нешто, било да сум на христијански состанок или да се рекреирам, се чувствувам многу посреќен. Гледам позитивно на животот.
Благодарен сум му на Јехова што моите родители никогаш не сметаа дека сум изгубен случај. Исто така, мислам на Исусовите зборови запишани во Јован 6:44: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“. Многу ми значи тоа што можев да му се вратам на Јехова, кој повторно ме привлече кон себе.
„Копнеев по татко“ — МАРКО АНТОНИО АЛВАРЕЗ СОТО
РОДЕН: 1977
ЗЕМЈА: ЧИЛЕ
НЕКОГАШ: ЧЛЕН НА ДЕТ-МЕТАЛ ГРУПА
МОЕТО МИНАТО: Израснав само со мајка во Пунта Аренас, убав град сместен на Магелановиот Премин во близина на најјужната точка на Јужна Америка. Татко ми и мајка ми се разведоа кога имав пет години. Се чувствував напуштено и отфрлено. Копнеев по татко.
Мајка ми ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци и ме земаше со себе на христијанските состаноци во Салата на Царството. Меѓутоа, јас чувствував одбивност кон состаноците, и често ја покажував својата лутина додека патувавме до таму. На 13 години, сосема престанав да одам на состаноците.
Со текот на времето, многу ја засакав музиката и сфатив дека сум надарен. Уште пред да наполнам 15 години, веќе свирев хеви-метал и дет-метал музика на разни музички фестивали, во барови и на приватни забави. Тоа што се дружев со талентирани музичари ми го разбуди интересот за класична музика. Почнав да студирам музика на конзерваториум. Кога имав 20 години, се преселив во главниот град Сантјаго за да продолжам со студиите. Исто така, продолжив да свирам во хеви-метал и дет-метал групи.
Сето тоа време ме измачуваа чувства на празнина. За да си ја олеснам маката, почнав да пијам и да земам дрога со другарите од бендот, кои ми беа како фамилија. Бев бунтовен, и тоа јасно го покажував и со мојот изглед. Се облекував во црно, пуштив брада и ја оставив косата да ми порасне до половината.
Повеќепати учествував во тепачки и имав проблеми со законот. Еднаш, под дејство на алкохол, нападнав група дилери на дрога кои ни досадуваа мене и на моите другари. Така добро ме претепаа што на крајот завршив со скршена вилица.
Но, најголемата болка ја доживеав од најблиските. Еден ден дознав дека девојката со години ме изневерувала со мојот најдобар другар, а сите го криеле тоа од мене. Бев скршен од болка.
Се вратив во Пунта Аренас, каде што почнав да држам часови по музика и да работам како челист. Исто така, продолжив да свирам и да снимам со хеви-метал и дет-метал групите. Се запознав со Сузан, симпатична девојка со која почнавме да живееме заедно. По некое време, Сузан увиде дека јас, за разлика од мајка ѝ, не верувам во тројство. „Тогаш, која е вистината?“, ме праша таа. Ѝ одговорив дека учењето за тројството е погрешно, но дека не можам да ѝ го докажам тоа од Библијата. Меѓутоа, знаев кој може. Ѝ кажав дека Јеховините сведоци можат да ѝ ја откријат вистината со помош на Библијата. Тогаш направив нешто што го немав направено со години — му се помолив на Бог за помош.
По неколку дена, сретнав еден човек што ми изгледаше познато, па го прашав дали е Јеховин сведок. Иако беше очигледно дека мојот изглед му е чуден, љубезно ми одговараше на прашањата. Бев уверен дека оваа средба е одговор на мојата молитва. Отидов во Салата на Царството и седнав во последниот ред за никој да не ме забележи. Меѓутоа, многумина ме препознаа бидејќи како дете доаѓав во Салата. Толку срдечно ме поздравуваа и ме прегрнуваа што почувствував неизмерен мир. Имав чувство како повторно да сум се вратил дома. Кога го видов човекот со кој како дете ја проучував Библијата, го замолив пак да проучува со мене.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Еден ден ги прочитав зборовите од Изреки 27:11, каде што пишува: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето“. Ме воодушеви мислата дека еден обичен смртник може да го израдува Творецот на целата вселена. Сфатив дека Јехова беше Таткото што го барав цел живот!
Сакав да живеам онака како што ни вели нашиот небесен Татко, но со години им робував на пороците како што се дрогата и алкохолот. Сфатив што сакал да каже Исус со зборовите од Матеј 6:24, каде што пишува дека „никој не може да им робува на двајца господари“. Додека се трудев да се менувам, го разбрав начелото од 1. Коринќаните 15:33: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“. Знаев дека нема да успеам да се ослободам од лошите навики ако продолжам да излегувам на истите места и со истите пријатели. Библискиот совет беше многу јасен — морав да преземам драстични мерки за да расчистам со сѐ што ме враќаше назад (Матеј 5:30).
Поради мојата неизмерна љубов кон музиката, најтешка одлука во животот ми беше да ја напуштам хеви-метал сцената. Но, со помош на пријателите од собранието, конечно успеав. Престанав да пијам и да се дрогирам. Исто така, ја скратив косата, ја избричив брадата и престанав да носам црно. Кога ѝ реков на Сузан дека сакам да се потстрижам, ѝ се разбуди љубопитноста. Ми рече: „Ќе дојдам со тебе за да видам како е во таа Сала на Царството“. Беше восхитена од она што го виде и набргу почна да ја проучува Библијата. По некое време, Сузан и јас се венчавме, а во 2008 год. се крстивме како Јеховини сведоци. Радосни сме што заедно со мајка ми му служиме на Јехова.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Избегав од еден свет на лажна среќа и неверни пријатели. Сѐ уште ја сакам музиката, но избирам што слушам. Се трудам она што го искусив во животот да им служи како поука на членовите на моето семејството и на другите, особено на младите. Сакам да им помогнам да сфатат дека многу работи што ги нуди овој свет на прв поглед изгледаат привлечно, но на крајот испаѓа дека се само обичен „смет“ (Филипјаните 3:8).
Најдов верни пријатели во христијанското собрание, каде што владеат љубов и мир. Најважно од сѐ, со тоа што се зближив со Јехова, конечно најдов Татко.
[Фуснота]
a Статијата со наслов „Успех преку истрајност“ излезе во изданието од 1 февруари 2000, страници 4-6.
„Копнеев по татко“
[Истакната мисла на страница 13]
„Можев да му се вратам на Јехова затоа што тој повторно ме привлече кон себе“