Што е душата?
Што вели Библијата
Зборот „душа“ кој се користи во Библијата е превод на хебрејскиот збор нефеш и на грчкиот збор психе. Хебрејскиот збор буквално значи „суштество кое дише“, а грчкиот збор значи „живо суштество“.a Значи, душата е целото живо суштество, а не нешто што продолжува да живее откако телото ќе умре. Забележи како Библијата покажува дека човечката душа, всушност, е целата личност:
Во библискиот извештај за создавањето на првиот човек, Адам, пишува: „Човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7, Превод на МПЦ). Значи, Јехова Бог не му дал на Адам душа, туку тој станал жива душа, односно личност.
Библијата вели дека душата може да работи, да има желба за храна, да јаде, да им биде послушна на властите и да допре мртво тело на човек или животно (3. Мојсеева 5:2; 7:20; 23:30; 5. Мојсеева 12:20; Римјаните 13:1). Сите овие работи се својствени само за човек од крв и месо, а не за некој негов невидлив дел.
Дали душата е бесмртна?
Не, душата може да умре. Ова го потврдуваат многу библиски стихови. Еве неколку примери:
„Која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиел 18:4, 20, Превод на МПЦ).
Во древниот Израел, најтешките престапи се казнувале со смрт. Човекот (или душата) што ќе направел таков грев требало „да се истреби од народот“, односно да се погуби (2. Мојсеева 12:15, 19; 31:14; 3. Мојсеева 7:20, 21, 27; 19:8, Превод на МПЦ).
Во многу библиски преводи, во подолу наведените стихови се користат изразите „мртво тело“ или „мртов човек“. Добро е да се има на ум дека во изворниот текст на хебрејски јазик на овие места е употребен зборот нефеш, или „душа“ (3. Мојсеева 21:11; 4. Мојсеева 6:6).
Зборот „душа“ може да значи „живот“
Во Библијата, зборот „душа“ се користи и како синоним за „живот“. Еден таков пример наоѓаме во Јов 33:22 каде што хебрејскиот збор за „душа“ (нефеш) укажува на живот. Слично на ова, Библијата покажува дека душата, или животот, може да се изложи на опасност или да се изгуби (2. Мојсеева 4:19; Судиите 9:17; Филипјаните 2:30).
Ваквата употреба на зборот „душа“ ни помага да го разбереме значењето на некои библиски стихови во кои за едно лице се вели дека душата го „напушташе“ или „се делеше“ од него (1. Мојсеева 35:18, Превод на МПЦ; Превод на д-р Д. Х. Константинов). Во симболична смисла, ова укажува на тоа дека животот на едно лице завршува. Затоа, во некои преводи во 1. Мојсеева 35:18 за Рахела се вели дека издивнала (Good News Translation; New Jerusalem Bible).
Од каде потекнува верувањето во бесмртност на душата
Многу христијански цркви и верски заедници веруваат дека душата е бесмртна, но ова учење не потекнува од Библијата, туку влече корени од грчката филозофија. Во Encyclopædia Britannica пишува: „Библискиот концепт за поимот ’душа‘ е поврзан со дишењето, и не укажува на тоа дека постои разлика помеѓу нематеријална душа и физичко тело. Учењето за одвојување на душата од телото кое се врежало во христијанството потекнува од древните Грци“.
Бог не одобрува неговите учења да се мешаат со човечка филозофија, како што е верувањето во бесмртност на душата. Затоа Библијата нѐ предупредува: „Пазете се некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама, која се темели на човечки преданија“ (Колошаните 2:8, фуснота).
a Извор: The New Brown, Driver, and Briggs Hebrew and English Lexicon of the Old Testament, страница 659; Lexicon in Veteris Testamenti Libros, страница 627. Во многу библиски преводи, зборовите нефеш и психе се преведени според контекстот со изрази како што се „душа“, „живот“, „личност“, „суштество“ или „тело“.