Дали навистина е можен вечен живот?
„Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“ (МАТЕЈ 19:16).
1. Што може да се каже за должината на човечкиот живот?
ВО ГОДИНАТА 480 пр. н. е., пред една битка, персискиот цар Ксеркс I, познат во Библијата како Асуир, извршил смотра на своите трупи (Естира 1:1, 2). Според грчкиот историчар Херодот, царот ронел солзи додека ги гледал своите луѓе. Зошто? „Ме жалости“, рекол Ксеркс, „кога размислувам за краткиот животен век на човекот. Оти, за сто години, од сите овие мажи ниту еден нема да биде жив.“ Веројатно и ти си забележал дека животот е жалосно краток и дека никој не сака да остари, да се разболи и да умре. О, само кога би можеле да му се радуваме на животот во младешко здравје и среќа! (Јов 14:1, 2).
2. Каква надеж негуваат многумина, и зошто?
2 Значајно е тоа што The New York Times Magazine од 28 септември 1997 ја објавил статијата „Тие сакаат да живеат“. Тој цитирал еден истражувач кој извикнал: „Јас навистина верувам дека ние би можеле да бидеме првата генерација која ќе живее засекогаш!“ Можеби и ти веруваш дека вечниот живот е можен. Можеби мислиш така бидејќи Библијата ветува дека можеме да живееме засекогаш овде на земјата (Псалм 36:29; Откровение 21:3, 4). Сепак, некои луѓе веруваат дека вечниот живот е можен и од други причини покрај оние што се наоѓаат во Библијата. Разгледувањето на две од овие причини ќе ни помогне да сфатиме дека навистина е можен вечен живот.
Дизајнирани да живееме засекогаш
3, 4. а) Зошто некои веруваат дека би можеле да живееме засекогаш? б) Што рекол Давид за своето обликување?
3 Една причина поради која многумина веруваат дека луѓето би можеле да живеат засекогаш е поврзана со чудесниот начин на кој сме создадени. На пример, навистина е чудесно како сме биле обликувани во матката на нашата мајка! Еден водечки авторитет за стареењето напишал: „Откако ги извршила чудата кои воделе од нашето зачнување до раѓањето, а потоа до полово созревање и до возрасно доба, природата избрала да не измислува нешто друго што би изгледало како поелементарен механизам кој едноставно ќе ги одржува тие чуда засекогаш“. Да, разгледувајќи го нашиот чудесен состав, останува прашањето: ‚Зошто мораме да умираме?‘
4 Пред неколку милениуми, библискиот писател Давид размислувал баш за тие чуда иако всушност не можел да погледне внатре во матката како што можат научниците денес. Давид размислувал за сопственото обликување кога, како што напишал, бил ‚скриен во стомакот на својата мајка‘. Во тоа време, рекол тој, ‚му биле направени бубрезите‘. Исто така, тој зборувал за обликувањето на неговите „коски“ кога, како што забележал: „Бев создаден тајно“. Потоа, Давид зборувал за ‚својот ембрион‘ и во врска со тој ембрион во матката на својата мајка, забележал: „Сите негови делови беа изнесени на писмено“ (Псалм 139:13—16, NW).
5. Кои чуда се вклучени во нашето обликување во матката?
5 Јасно е дека не постоела некаква дословна рачно направена скица за обликувањето на Давид во матката на неговата мајка. Но, додека медитирал за создавањето на неговите „бубрези“, неговите „коски“ и другите делови на телото, нему му се чинело како нивниот развој да бил според некој план — дека сѐ, така да се каже, било „изнесено на писмено“. Изгледало како оплодената клетка во неговата мајка да имала една голема соба полна со книги кои содржеле детални упатства за тоа како да се обликува едно човечко бебе, и тие сложени упатства биле предавани на секоја нова клетка која се појавувала. Затоа, списанието Science World ја користи метафората дека ‚секоја клетка во ембрионот кој се развива има еден комплетен орман со скици‘.
6. Какви докази постојат дека ние сме, како што напишал Давид, ‚чудесно создадени‘?
6 Дали некогаш си размислувал за чудесното функционирање на нашето тело? Биологот Џеред Дајмонд забележал: „Епителните клетки на цревата ги заменуваме на секои неколку дена, оние на мочниот меур еднаш на секои два месеца, а нашите црвени крвни зрнца еднаш на секои четири месеца“. Тој заклучил: „Природата нѐ раздвојува и повторно нѐ составува секој ден“. Што всушност значи тоа? Тоа значи дека без оглед на тоа колку години можеби живееме — дали 8, 80 или дури 800 — нашето физичко тело останува многу младо. Еден научник еднаш ја дал оваа проценка: „За една година, околу 98 проценти од атомите кои сега се во нас ќе бидат заменети со други атоми што ги внесуваме преку воздухот, храната и пијалакот“. Навистина, како што Давид пеел фалби, ние сме ‚чудесно создадени‘ (Псалм 138:14).
7. До каков заклучок дошле некои на темел на дизајнот на нашето физичко тело?
7 На темел на дизајнот на нашето физичко тело, еден авторитет на полето на стареењето рекол: „Не е јасно зошто би требало да се старее“. Се чини дека би требало да живееме засекогаш. Затоа луѓето се обидуваат да ја постигнат оваа цел преку нивната технологија. Не многу одамна, во својата книга Победа над смртта, д-р Алвин Силверштајн уверливо напишал: „Ние ќе ја откриеме суштината на животот. Ќе разбереме . . . како старее човекот“. Со какви последици? Тој претскажал: „Повеќе нема да има ‚стари‘ луѓе, бидејќи спознанието кое ќе овозможи победа над смртта, ќе донесе и вечна младост“. Ако го земеме предвид современото научно истражување на човечката градба, дали мислата за вечен живот звучи толку нереално? Постои една уште посилна причина за да се верува дека е можен вечен живот.
Желбата да се живее засекогаш
8, 9. Каква природна желба негувале луѓето низ историјата?
8 Дали некогаш си забележал дека да се живее засекогаш е природна човечка желба? Еден доктор, за еден германски весник напишал: „Сонот за вечен живот веројатно е стар исто колку и човештвото“. Опишувајќи ги верувањата на некои древни Европејци, The New Encyclopaedia Britannica наведува: „Достојните луѓе ќе живеат засекогаш во една блескава сала обложена со злато“. А колкав, пак, само голем труд вложувале луѓето во обидот да ја задоволат таа основна желба за вечен живот!
9 Encyclopedia Americana забележува дека пред повеќе од 2.000 години во Кина, „императорите, како и [обичниот] народ под водството на таоистичките свештеници, ја занемарувале работата за да трагаат по еликсирот на животот“ — една таканаречена фонтана на младоста. Навистина, луѓето низ историјата верувале дека со консумирањето различни напитоци или дури со испивањето извесни водички, би можеле да останат млади.
10. Какви современи обиди се прават за да стане достижен подолгиот живот?
10 Современите напори во обидот да се задоволи човековата вродена желба за вечен живот не се ништо помалку извонредни. Еден истакнат пример за тоа е практиката на замрзнување на човек кој подлегнува на некоја болест. Тоа се прави со надеж да се обнови животот во некое идно време кога ќе се развие лек за таа болест. Еден поборник на оваа практика, која е наречена крионика, напишал: „Ако нашиот оптимизам се покаже оправдан и ако се дознае како да се лекува или поправи целокупната штета — вклучувајќи ја и немоќта на староста, тогаш оние кои сега ‚умираат‘ ќе имаат неограничено продолжен живот во иднината“.
11. Зошто луѓето имаат желба да живеат засекогаш?
11 Можеби се прашуваш, зошто оваа желба за вечен живот е толку врежана во нашето размислување? Затоа што „[Бог] ја ставил вечноста во умот на човекот“ (Проповедник 3:11, Revised Standard Version). За ова вреди сериозно да се размисли! Само помисли: Зошто би ја имале вродената желба да живееме вечно — засекогаш — ако намерата на нашиот Творец не била оваа желба да биде задоволена? Зарем би било љубезно од негова страна да нѐ создаде со желба за вечен живот, а потоа да нѐ фрустрира со тоа што никогаш нема да дозволи да ни се оствари таа желба? (Псалм 144:16).
Во кого треба да имаме доверба?
12. Во што имаат доверба некои, но дали веруваш дека таа е добро заснована?
12 Каде или во што треба да ја положиме нашата доверба за постигнување вечен живот? Дали во човечката технологија од 20 или 21 век? Статијата „Тие сакаат да живеат“ од The New York Times Magazine зборувала за „божеството: технологија“ и за „ентузијазмот за технолошкиот потенцијал“. За еден истражувач дури било речено дека е „безгрижно сигурен . . . дека за кратко време ќе бидат на располагање техники за генетско подобрување кои ќе [нѐ] сочуваат со тоа што ќе го запрат процесот на стареење, можеби така што ќе го свртат во обратен правец“. Но, всушност, човечките напори се покажале потполно неделотворни во запирањето на процесот на стареење или во победата над смртта.
13. Како структурата на нашиот мозок покажува дека намерата била да живееме засекогаш?
13 Дали ова значи дека не постои начин да се постигне вечен живот? Далеку од тоа! Постои начин! Структурата на нашиот чудесен мозок, со неговиот практично неограничен капацитет за учење, треба да нѐ увери во тоа. Молекуларниот биолог Џејмс Ватсон го нарекол нашиот мозок „најсложеното нешто што досега сме го откриле во нашиот универзум“. А неврологот Ричард Рестак рекол: „Ништо друго во познатиот универзум не може ни оддалеку да се спореди со него“. Зошто би имале мозок со способност за складирање и усвојување на практично неограничен број информации и тело кое е дизајнирано да функционира засекогаш, доколку намерата не била да се радуваме на вечен живот?
14. а) На кој заклучок за човечкиот живот укажуваат некои библиски писатели? б) Зошто треба да ја полагаме нашата доверба во Бог, а не во човек?
14 Тогаш, кој е единствениот разумен и вистински заклучок до кој мораме да дојдеме? Зарем не тој дека сме дизајнирани и создадени од еден семоќен, интелигентен Творец за да можеме да живееме засекогаш? (Јов 10:8; Псалм 35:9; 99:3; Малахија 2:10; Дела 17:24, 25). Затоа, зарем не би било мудро да ѝ обрнеме внимание на инспирираната заповед на библискиот псалмист: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“? Зошто не треба да имаме доверба во човек? Бидејќи псалмистот напишал: „Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“. Навистина, и покрај потенцијалот да живеат засекогаш, луѓето се беспомошни кога се соочуваат со смртта. Псалмистот заклучува: „Блажен е оној . . . чија надеж е во Господа, неговиот Бог“ (Псалм 145:3—5).
Дали тоа навистина е Божја намера?
15. Што покажува дека Божја намера е да живееме засекогаш?
15 Но можеби ќе прашаш: ‚Дали навистина е Јеховина намера да се радуваме на вечен живот? Да, навистина е! Неговата Реч го ветува тоа десетици пати. „Дарот Божји е живот вечен“, нѐ уверува Библијата. Божјиот слуга Јован напишал: „Тоа е ветувањето, што ни го вети [Бог] — вечен живот“. Не е ни чудо што еден младич го прашал Исус: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“ (Римјаните 6:23; 1. Јованово 2:25; Матеј 19:16). Всушност, апостол Павле пишувал за ‚надежта за вечен живот, што го ветил Бог, Кој не лаже — пред вечни времиња‘ (Тит 1:2).
16. Во која смисла можеби Бог ветил вечен живот „пред вечни времиња“?
16 Што значи тоа дека Бог ветил вечен живот „пред вечни времиња“? Според некои, апостол Павле сакал да каже дека пред да биде создадена првата двојка, Адам и Ева, Бог имал намера луѓето да живеат засекогаш. Меѓутоа, доколку Павле укажувал на некој момент откако луѓето биле создадени и кога Јехова ја навел својата намера, сепак е јасно дека Божјата волја вклучува вечен живот за луѓето.
17. Зошто Адам и Ева биле истерани од градината Едем, и зошто на влезот биле поставени херувими?
17 Библијата вели дека во градината Едем ‚Господ Бог направил да израсте од земјата . . . дрвото на животот‘. Причината што е наведена за истерувањето на Адам од градината била за да не може да „ја испружи раката своја и да земе од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно“ — да, засекогаш! Откако ги истерал Адам и Ева од градината Едем, Јехова поставил ‚херувими и огнено оружје, кое се вртело ваму-таму, за да го пазат патот кон дрвото на животот‘ (1. Мојсеева 2:9; 3:22—24).
18. а) Што ќе значело за Адам и Ева јадењето од дрвото на животот? б) Што претставувало јадењето од тоа дрво?
18 Ако на Адам и Ева им било дозволено да јадат од тоа дрво на животот, што ќе значело тоа за нив? Па, предноста да живеат засекогаш во Рајот! Еден библиски изучувач шпекулирал: „Дрвото на животот сигурно имало некаква вредност која требало да го чува човечкото тело од изнемоштеност што доаѓа со стареењето, односно распаѓањето кое завршува со смрт“. Тој дури тврдел дека „постоела некаква билна вредност во Рајот, способна да дејствува против последиците“ на стареењето. Меѓутоа, Библијата не вели дека дрвото на животот само по себе имало животодајни својства. Напротив, дрвото едноставно ја претставувало Божјата гаранција за вечен живот на оној на кого би му било дозволено да јаде од неговите плодови (Откровение 2:7).
Божјата намера непроменета
19. Зошто умрел Адам, и зошто умираме и ние, неговото потомство?
19 Кога Адам згрешил, тој го изгубил правото на вечен живот за себеси и за сето свое уште неродено потомство (1. Мојсеева 2:17). Кога станал грешник, како последица на неговата непослушност, тој станал дефектен, несовршен. Оттогаш, Адамовото тело всушност станало програмирано за смрт. Библијата вели: „Платата што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 6:23). Освен тоа, несовршеното потомство на Адам, исто така станало програмирано за смрт, а не за вечен живот. Библијата објаснува: „Гревот влезе во светот преку еден човек [Адам], а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
20. Што покажува дека намерата била луѓето да живеат засекогаш на земјата?
20 Но, што ако Адам не згрешел? Што ако не бил непослушен спрема Бог и ако му било дозволено да јаде од дрвото на животот? Каде би се радувал тој на Божјиот дар на вечен живот? На небото? Не! Бог не рекол ништо за тоа дека Адам би бил земен на небо. Неговата работна задача била тука на земјата. Библијата објаснува дека ‚Бог направил да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење‘, и вели: „Земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази“ (1. Мојсеева 2:9, 15). Откако била создадена Ева како брачна партнерка на Адам, на обајцата им биле дадени додатни работни задачи овде на земјата. Бог им рекол: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата“ (1. Мојсеева 1:28).
21. Кои прекрасни изгледи ги уживале првите луѓе?
21 Размисли за прекрасните земни изгледи што тие Божји упатства им ги отвориле на Адам и на Ева! Тие требало да подигаат совршено здрави синови и ќерки во земниот Рај. Додека нивните љубени деца би растеле, тие би учествувале со нив во множењето и во пријатната градинарска работа во одржувањето на тој Рај. И во ситуација кога сите животни би му биле подложни, човештвото би било многу задоволно. Размисли за радоста да се прошируваат границите на едемската градина така што на крајот целата земја би станала Рај! Дали ти би се радувал на животот со совршени деца во еден таков убав земски дом, без да се грижиш дека би можел да остариш и умреш? Нека природните импулси на твоето срце одговорат на тоа прашање.
22. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог не ја променил својата намера со земјата?
22 Тогаш, кога Адам и Ева не послушале и биле истерани од едемската градина, дали Бог ја променил својата намера за луѓето да живеат засекогаш во Рај на земјата? Никако! Да го сторел Бог тоа, едноставно би значело да признае пораз во поглед на својата способност да ја исполни својата првобитна намера. Можеме да бидеме сигурни дека Бог го прави она што го ветува, како што и самиот објавува: „Така и моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11).
23. а) Што повторно потврдува дека Божјата намера е оние кои се праведно настроени да живеат засекогаш на Земјата? б) За што ќе дискутираме после ова?
23 Дека Божјата намера со Земјата не се изменила е јасно покажано во Библијата, каде што Бог ветува: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“. Дури и Исус Христос во својата Проповед на гората рекол дека кротките ќе ја наследат Земјата (Псалм 36:29; Матеј 5:5). Сепак, како можеме да добиеме вечен живот, и што мораме да правиме за да се радуваме на еден таков живот? За тоа ќе биде дискутирано во следната статија.
Како би одговорил?
◻ Зошто многумина веруваат дека е можен вечен живот?
◻ Што треба да нѐ увери дека намерата била да живееме засекогаш?
◻ Која била Божјата првобитна намера со човештвото и со земјата?
◻ Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ја исполни својата првобитна намера?