Поглавје 6
Зошто старееме и умираме?
1. Што не успеале научниците да објаснат во врска со човечкиот живот?
НАУЧНИЦИТЕ не знаат зошто луѓето стареат и умираат. Изгледа дека нашите клетки би требало да продолжат да се обновуваат и дека би требало да живееме засекогаш. Книгата Hyojun Soshikigaku (Стандардна хистологија) вели: „Како е поврзано стареењето на клетките со стареењето и смртта на поединецот, претставува голема мистерија“. Многу научници мислат дека постои некаква „природно вродена граница“ на животот. Дали мислиш дека се во право?
2. Што правеле некои поради минливата природа на животот?
2 Луѓето отсекогаш копнееле по долговечност, па дури и се обидувале да постигнат бесмртност. Од четвртиот век пр. н. е., некои дроги со кои наводно се постигнувала бесмртност, го привлекле вниманието на кинеските благородници. Подоцна, некои кинески цареви земале таканаречени еликсири на животот — кои се правеле од жива — и умреле. По целата Земјина топка, луѓето веруваат дека смртта не е крај на нивното постоење. Будистите, Хиндусите, муслиманите и други — сите тие негуваат светли надежи за живот после смртта. Во христијанскиот свет, многумина си замислуваат задгробен живот на небесно блаженство.
3. а) Зошто луѓето копнеат по вечен живот? б) Кои прашања во врска со смртта треба да бидат одговорени?
3 Сфаќањата за среќа по смртта го одразуваат копнежот по вечен живот. „Дури и недогледното време го ставил во нивните срца“, — вели Библијата во врска со идејата за вечност што Бог ја всадил во нас (Проповедник 3:11, НС). Тој ги создал првите луѓе со изгледот да можат засекогаш да живеат на Земјата (1. Мојсеева 2:16, 17). Тогаш, зошто луѓето умираат? Од каде дошла смртта на свет? Спознанието за Бог ги расветлува овие прашања (Псалм 118:105).
ЗЛОКОБНА ЗАВЕРА
4. Како Исус го идентификувал злосторникот што е одговорен за човечката смрт?
4 Криминалецот се обидува да ги прикрие своите траги. Тоа е случај и со оној кој е одговорен за едно злосторство што довело до смрт на милијарди луѓе. Тој ги управувал работите на таков начин што ја обвиткал човечката смрт со мистерија. Исус Христос го идентификувал овој злосторник кога на оние коишто сакале да Го убијат, им рекол: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои [не стоеше цврсто, НС] во вистината, зашто во него нема вистина“ (Јован 8:31, 40, 44).
5. а) Какво било потеклото на оној кој станал Сатана Ѓаволот? б) Што значат зборовите „Сатана“ и „Ѓавол“?
5 Да, Ѓаволот е злобен „човекоубиец“. Библијата открива дека тој е вистинска личност, а не злото во срцето на човекот (Матеј 4:1-11). Иако првобитно бил создаден како праведен ангел, тој ‚не стоел цврсто во вистината‘. Колку е само прикладно што е наречен Сатана Ѓавол! (Откровение 12:9). Наречен е „Сатана“, односно „противник“, затоа што му се спротивставувал и противел на Јехова. Овој злосторник е наречен и „Ѓавол“, што значи „клеветник“, затоа што богохулно го претставил Бог на погрешен начин.
6. Зошто Сатана се побунил против Бог?
6 Што го поттикнало Сатана да се побуни против Бог? Алчноста. Алчно копнеел по обожавањето што го имал Јехова од луѓето. Ѓаволот не ја отфрлил желбата да го добие таквото обожавање, кое со право му припаѓа само на Творецот. (Спореди Језекиил 28:12-19.) Наместо тоа, ангелот кој станал Сатана ја потхранувал оваа алчна желба сѐ додека таа не се оплодила и родила грев (Јаков 1:14, 15).
7. а) Што ја предизвикува човечката смрт? б) Што е грев?
7 Го идентификувавме виновникот чиешто злосторство предизвикало смрт на луѓето. Но, која е конкретната причина за човечката смрт? Библијата вели: „Осилката на смртта е гревот“ (1. Коринтјаните 15:56). А што е грев? За да го разбереме овој збор, да го разгледаме неговото значење во оригиналните јазици на Библијата. Хебрејските и грчките глаголи кои обично се преведуваат со „греши“ значат „промашува“, во смисла да се промаши некоја мета или да не се постигне некоја цел. Што промашуваме сите ние? Совршено да го слушаме Бог. Но, како дошол гревот на свет?
КАКО БИЛА СПРОВЕДЕНА ЗАВЕРАТА
8. Како се обидел Сатана да го придобие обожавањето од луѓето?
8 Сатана внимателно смислил завера за која мислел дека ќе му донесе власт над сите луѓе и дека ќе го добие нивното обожавање. Одлучил да ја наведе првата човечка двојка, Адам и Ева, да згреши против Бог. На нашите прародители Јехова им дал спознание кое можело да доведе до вечен живот. Тие знаеле дека нивниот Творец е добар, затоа што тој ги имал сместено во прекрасната градина Едем. Особено Адам ја почувствувал добротата на неговиот небесен Татко кога Бог му дал една прекрасна жена која му помагала (1. Мојсеева 1:26, 29; 2:7-9, 18-23). Натамошниот живот на првата човечка двојка зависел од послушноста кон Бог.
9. Каква заповед му дал Бог на првиот човек, и зошто тоа било разумно?
9 Бог му заповедал на Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Како Творец, Јехова Бог имал право да постави морални мерила и да одреди што е добро, а што лошо за неговите суштества. Неговата заповед била разумна затоа што Адам и Ева имале слобода да јадат од плодовите од сите други дрвја во градината. Своето ценење за Јеховината праведна влада можеле да го покажат доколку го слушале овој закон, а не горделиво да си поставуваат свои морални мерила.
10. а) Како им пристапил Сатана на луѓето за да ги придобие на своја страна? б) Какви мотиви му припишал Сатана на Јехова? в) Што мислиш ти за Сатановиот напад врз Бог?
10 Ѓаволот скроил план да ги отуѓи првите луѓе од Бог. За да ги намами да застанат на неговата страна, Сатана лажел. Употребувајќи една змија, исто како што стомакозборувачот користи кукла, Ѓаволот ја прашал Ева: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно [секое, НС] дрво во рајот?“ Кога Ева ја цитирала Божјата заповед, Сатана изјавил: „Не, вие нема да умрете!“ Потоа му припишал на Јехова лоши мотиви, велејќи: „Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3:1-5). Со тоа Ѓаволот навестил дека Бог ги лишува од нешто добро. Каков клеветнички напад врз Јехова — вистинитиот, небесен Татко кој е полн со љубов!
11. Како станале Адам и Ева Сатанови соучесници?
11 Ева повторно погледнала во дрвото, чии плодови сега изгледале особено пожелни. И така, зела од плодот и го изела. Подоцна, нејзиниот сопруг намерно ѝ се придружил во оваа грешна постапка — непослушност спрема Бог (1. Мојсеева 3:6). Иако Ева била таа која била заведена, и таа и Адам го поддржале Сатановиот план да завладее со човечкиот род. Всушност, тие станале негови соучесници (Римјаните 6:16; 1. Тимотеј 2:14).
12. Што произлегло од човечката побуна против Бог?
12 Адам и Ева морале да се соочат со последиците од нивните постапки. Тие не станале како Бог, поседувајќи посебно спознание. Напротив, се чувствувале посрамени и се сокриле. Јехова го повикал Адама на одговорност при што ја објавил следнава казна: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (1. Мојсеева 3:19). „Во оној ден“ кога нашите прародители јаделе од дрвото на спознанието за доброто и злото, Бог ги казнил и тие умреле од негова гледна точка. Откако биле истерани од Рајот, започнало нивното запаѓање до физичка смрт.
КАКО СЕ РАШИРИЛЕ ГРЕВОТ И СМРТТА
13. Како се проширил гревот на целиот човечки род?
13 Сатана навидум успеал во својот план да го придобие обожавањето од луѓето. Сепак, тој не можел да ги сочува во живот своите обожаватели. Кога гревот почнал да дејствува во првата човечка двојка, тие повеќе не можеле да му пренесат совршенство на своето потомство. Како некој натпис исклесан во камен, така гревот бил длабоко врежан во гените на нашите прародители. На тој начин, тие можеле да раѓаат само несовршено потомство. Со оглед на тоа што сите нивни деца биле зачнати по гревот на Адам и Ева, нивното потомство наследило грев и смрт (Псалм 50:5; Римјаните 5:12).
14. а) Со кого можеме да ги споредиме оние кои го негираат својот грев? б) Како станале Израелците свесни за својата грешност?
14 Меѓутоа, денес многумина не мислат за себе дека се грешници. Во некои делови на светот, сфаќањето за наследениот грев главно е непознато. Но, тоа не е доказ дека гревот не постои. Едно дете со извалкано лице може да тврди дека е чисто, а ти ќе можеш да го разувериш дури откако ќе се погледне во огледало. Древните Израелци личеле на едно такво дете кога го примиле Божјиот Закон преку Неговиот пророк Мојсеј. Законот објаснил дека гревот постои. „Но јас го разбрав гревот преку Законот“, — објаснува апостол Павле (Римјаните 7:7-12). Како детето кое се гледа во огледало, Израелците можеле со помош на Законот да видат дека се нечисти во Јеховини очи.
15. Што ќе откриеме ако се огледаме во огледалото на Божјата Реч?
15 Ако се огледаме во огледалото на Божјата Реч и ги уочиме нејзините мерила, можеме да видиме дека сме несовршени (Јаков 1:23-25). На пример, размисли што им рекол Исус Христос на своите ученици во врска со љубовта кон Бог и кон ближниот, како што е запишано во Матеј 22:37-40. Колку само често луѓето потфрлаат во ова! Многумина не чувствуваат никаква грижа на совеста за тоа дека пропуштаат да покажат љубов кон Бог и кон своите ближни (Лука 10:29-37).
ЧУВАЈ СЕ ОД САТАНОВИТЕ ТАКТИКИ!
16. Што можеме да сториме за да не станеме жртви на Сатановите сплетки, и зошто тоа е тешко?
16 Сатана сака да нѐ наведе намерно да грешиме (1. Јованово 3:8). Дали постои некаков начин да избегнеме да станеме жртви на неговите сплетки? Да, но тоа бара да се бориме против склоностите кон намерен грев. Тоа не е лесно, затоа што нашата вродена склоност кон гревот е многу силна (Ефесјаните 2:3). Павле морал да води вистинска борба. Зошто? Затоа што во него живеел гревот. Ако сакаме да имаме Божје одобрување, мораме и ние да се бориме против грешните склоности во нас (Римјаните 7:14-24; 2. Коринтјаните 5:10).
17. Што ни ја отежнува борбата против грешните склоности?
17 Со оглед на тоа што Сатана постојано бара прилики да нѐ намами да ги прекршиме Божјите закони, не е лесно да се бориме против гревот (1. Петрово 5:8). Покажувајќи грижа за сохристијаните, Павле рекол: „Но се плашам да не се случи како што змијата ја заведе Ева преку својата лукавост, така и вашите мисли да не бидат одведени од искреноста и од чистотата кои му припаѓаат на Христа“ (2. Коринтјаните 11:3, НС). Сатана и денес употребува слични тактики. Се обидува да посее семе на сомневање во поглед на Јеховината доброта и на користите од слушањето на Божјите заповеди. Ѓаволот се обидува да ги искористи нашите наследени грешни склоности и да нѐ натера да следиме пат на горделивост, алчност, омраза и предрасуди.
18. Како Сатана го употребува светот за да поттикнува на грев?
18 Едно од средствата што ги користи Ѓаволот против нас е светот кој лежи во негова власт (1. Јованово 5:19). Ако не внимаваме, расипаните и нечесни луѓе што нѐ опкружуваат во светот, ќе нѐ принудат да одиме по грешен пат кој ги повредува Божјите морални мерила (1. Петрово 4:3-5). Многумина ги игнорираат Божјите закони, па дури и реагирањата на својата сопствена совест и, како резултат на тоа, на крајот таа станува бесчувствителна (Римјаните 2:14, 15; 1. Тимотеј 4:1, 2). Некои постепено заземаат таков правец на постапување каков што порано ниту нивната несовршена совест им дозволувала (Римјаните 1:24-32; Ефесјаните 4:17-19).
19. Зошто не е доволно само да се води чист живот?
19 Да се води чист живот претставува подвиг во овој свет. Меѓутоа, за да му се угоди на нашиот Творец, потребно е многу повеќе. Мора да имаме и вера во Бог и да чувствуваме одговорност спрема него (Евреите 11:6). „Грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави“ — напишал ученикот Јаков (Јаков 4:17). Да, намерното игнорирање на Бог и на неговите заповеди, самото по себе е еден вид грев.
20. Како би можел Сатана да се обиде да те спречи да го правиш она што е исправно, но што ќе ти помогне да им се спротивставиш на таквите притисоци?
20 Сатана веројатно ќе предизвика некои да ти се противат на твојата потрага по спознанието за Бог преку проучувањето на Библијата. Искрено се надеваме дека нема да им дозволиш на таквите притисоци да те спречат да го правиш она што е исправно (Јован 16:2). Иако многумина владетели поверувале во Исуса за време на неговата служба, тие не го признале него затоа што се плашеле да не бидат избегнувани во нивната средина (Јован 12:42, 43). Сатана немилосрдно се обидува да го заплаши секој оној кој трага по спознанието за Бог. Меѓутоа, секогаш треба да се сеќаваш и да ги цениш прекрасните работи што ги сторил Јехова. Можеби ќе бидеш во можност дури и да им помогнеш на противниците да го постигнат истото ценење.
21. Како можеме да го победиме светот и своите грешни склоности?
21 Сѐ додека сме несовршени, ќе грешиме (1. Јованово 1:8). Сепак, имаме помош во водењето на оваа битка. Да, можно е да излеземе како победници во нашата борба против злобниот, Сатана Ѓаволот (Римјаните 5:21). На крајот од Исусовата служба на Земјата, тој ги охрабрил своите следбеници со следниве зборови: „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Дури и како несовршени луѓе, со Божја помош е можно да го победиме светот. Сатана не овладува со оние кои нему му се спротивставуваат, а ‚Му се покоруваат на Бога‘ (Јаков 4:7; 1. Јованово 5:18, НС). Како што ќе видиме, Бог обезбедил пат за излез од робувањето на гревот и смртта.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Кој е Сатана Ѓаволот?
Зошто луѓето стареат и умираат?
Што е грев?
Како Сатана ги тера луѓето намерно да грешат против Бог?
[Слика на целата страница 54]