Тајни на семејната среќа
Добри односи со родителите на сопружникот
Џениa: Мајка му на Рајан не се колебаше да покаже дека не ѝ се допаѓам. Ама ни Рајан не си помина подобро кога беа во прашање моите родители. Всушност, никогаш не сум ги видела да бидат толку груби со некого! Посетата и на моите и на неговите родители беше вистинско измачување за двајцата.
Рајан: Мајка ми отсекогаш мислеше дека никој не е доволно добар за нејзините деца, па затоа уште од почетокот почна да ѝ наоѓа маани на Џени. Ама и родителите на Џени не беа ништо подобри — постојано ми приговараа. Проблемот беше во тоа што, по таквите случки, Џени и јас си префрлавме еден на друг и секој ги бранеше своите родители.
КОНФЛИКТОТ со родителите на брачниот другар можеби е интересна тема за комичарите, но во вистинскиот живот тоа воопшто не е смешно. „Свекрва ми со години ни се мешаше во бракот“, вели Рина од Индија. „Честопати го истурав гневот врз маж ми затоа што не можев да го истурам врз мајка му. Изгледаше како тој постојано да мора да избира дали ќе биде добар сопруг или ќе биде добар син.“
Зошто некои родители се мешаат во животот на своите деца што се во брак? Џени, која ја цитиравме во почетокот, наведува една можна причина. „Можеби им е тешко да прифатат дека за нивниот син или ќерка сега ќе се грижи некој што е млад и неискусен“, вели таа. Сопругот на Рина, Дилип, спомнува уште една причина. „Родителите што се жртвувале за своите деца и ги одгледале можеби сега имаат чувство дека се турнати настрана“, вели тој. „Исто така, можеби се искрено загрижени затоа што си мислат дека нивниот син или ќерка не е доволно зрел за да изгради добар брак.“
Мора да се признае, понекогаш некој од сопружниците бара од родителите да се вмешаат. Да го спомнеме примерот на Мајкл и Лиен, брачен пар од Австралија. „Лиен потекнува од семејство во кое сите се блиски и отворено разговараат за сѐ“, вели Мајкл. „Затоа, откако се зедовме, таа се советуваше со татко ѝ за работи за кои требаше да одлучиме јас и таа. Татко ѝ навистина е многу мудар човек, но се чувствував повреден кога се советуваше со него наместо со мене!“
Јасно е дека, поради родителите на сопружникот, може да дојде до затегнати односи во бракот. Дали и вашиот брак е под таков притисок? Како се согласуваш со родителите на твојот брачен другар и како се согласува тој со твоите? Да разгледаме две ситуации што обично се појавуваат, и што би можел да направиш во врска со нив.
СИТУАЦИЈА 1:
Изгледа дека твојот брачен другар е премногу приврзан со своите родители. „Жена ми мислеше дека, ако не живееме блиску до нејзините, ќе испадне дека им го свртела грбот“, вели Луис од Шпанија. „Од друга страна“, додава тој, „кога ни се роди синчето, моите родители доаѓаа речиси секој ден, а тоа ѝ создаваше притисок на жена ми. Затоа често се појавуваа несогласувања меѓу нас.“
Начела:
Кога зборува за бракот, Библијата вели дека ќе дојде време кога „човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Да се биде „едно тело“ значи повеќе отколку само да се живее заедно. Тоа значи дека мажот и жената основале едно ново семејство — кое е поважно од семејството од кое потекнува секој од нив (1. Коринќаните 11:3). Сепак, мажот и жената и понатаму треба да ги почитуваат своите родители, што честопати подразбира да им посветуваат внимание (Ефешаните 6:2). Но, што ако твојот сопружник ја исполнува таа одговорност на начин што ти создава чувство на отфрленост или запоставеност?
Што можеш да направиш:
Биди објективен. Дали твојот брачен другар е навистина премногу приврзан со родителите или можеби само така ти се чини бидејќи ти немаш таков однос со твоите родители? Ако е така, какво влијание има семејната атмосфера во која си растел врз твоето гледиште за ситуацијата? Дали можеби станува збор за извесна доза на љубомора? (Изреки 14:30; 1. Коринќаните 13:4; Галатите 5:26).
За да одговориш на овие прашања, треба искрено да се преиспиташ. Тоа е многу важно бидејќи, ако односот со родителите на брачниот другар е постојан извор на расправии помеѓу тебе и твојот сопружник, тогаш вие имате проблем во бракот — а не проблем со родителите.
Многу брачни проблеми произлегуваат од тоа што нема двајца сопружници што имаат сосема исто гледиште за некоја работа. Можеш ли да се обидеш да гледаш на работите од гледна точка на твојот брачен другар? (Филипјаните 2:4; 4:5). Тоа го направил Адријан од Мексико. „Жена ми растела во лоша семејна атмосфера“, вели тој, „па затоа избегнував блиски контакти со нејзините родители. По извесно време ги прекинав сите контакти со нив — и тоа траеше со години. Ваквата ситуација водеше до караници затоа што жена ми сѐ уште сакаше да биде блиска со нејзините, особено со мајка ѝ.“
Со текот на времето, Адријан стекнал урамнотежено гледиште за таа работа. „Иако знам дека не е добро жена ми да контактира често со нејзиното семејство, сфатив дека и со прекинувањето на секакви контакти може да настанат проблеми“, вели тој. „Затоа, колку што беше можно, се обидов повторно да воспоставам и да задржам добри односи со нејзините родители.“b
ПРЕДЛОГ: Ти и твојот сопружник земете по едно ливче и на него напишете кој е, по ваше мислење, главниот проблем поврзан со родителите. Ако е можно, почнете со „Мислам дека...“, а потоа сменете ги ливчињата. Заедно, во дух на соработка, размислете како меѓусебно да си помогнете и да се ослободите од грижите.
СИТУАЦИЈА 2:
Родителите на твојот сопружник постојано ви се мешаат во бракот и ви даваат совети без да ги прашате. „Првите седум години од бракот живеевме со свекор ми и свекрва ми“, вели Нелја од Казахстан. „Постојано доаѓаше до несогласувања околу воспитувањето на децата и околу моето готвење и чистење. Разговарав за тоа со маж ми и со свекрва ми, но тогаш настанаа уште поголеми несогласувања!“
Начела:
Кога ќе склопиш брак, повеќе не си под поглаварството на твоите родители. Библијата вели дека „глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот“ (1. Коринќаните 11:3). Сепак, како што веќе спомнавме, и мажот и жената треба да ги почитуваат своите родители. Во Изреки 23:22 пишува: „Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајка си кога ќе остари“. Но, што ако твоите родители — или родителите на твојот сопружник — ја преминат границата и се обидуваат да ви ги наметнат своите гледишта?
Што можеш да направиш:
Обиди се да се ставиш на местото на родителите за да видиш кој е мотивот зад она што изгледа како наметнување. „Понекогаш на родителите им е потребно чувството дека сѐ уште имаат важно место во животот на нивните деца“, вели Рајан, кој го цитиравме во почетокот. Можеби тие не се мешаат намерно и ситуацијата може да се среди ако се примени библискиот совет: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Колошаните 3:13). Но, што ако родителите на твојот сопружник ви се мешаат до таа мера што доаѓа до расправии помеѓу тебе и твојот брачен другар?
Некои брачни двојки научиле да им постават соодветни граници на своите родители. Тоа не значи дека мора грубо да им кажеш в лице што сте решиле.c Честопати е потребно само јасно да им покажеш со своите постапки дека на прво место во животот ти е брачниот другар. На пример, еден сопруг од Јапонија по име Масајуки вели: „Дури и ако родителите кажат што мислат за некоја работа, немој веднаш да се согласиш со тоа. Не заборавај, ти си имаш свое семејство. Затоа, најнапред дознај што мисли твојот сопружник за дадениот совет“.
ПРЕДЛОГ: Разговарај со својот сопружник за тоа до какви расправии во вашиот брак води мешањето од страна на родителите. Заедно напишете кои граници би можеле да им ги поставите и како да се држите за вашата одлука додека во исто време покажувате и почит кон нив.
Многу несогласувања со родителите на сопружникот можат да се намалат ако ги сфатите нивните мотиви и ако не дозволите тие несогласувања да предизвикаат расправии помеѓу тебе и твојот сопружник. Во врска со тоа, Џени отворено вели: „Понекогаш разговорите помеѓу маж ми и мене во врска со моите и неговите родители беа прилично вжештени, и набрзо сфативме дека ќе си нанесеме голема болка ако зборуваме за мааните на нашите родители. Со текот на времето, научивме да не ги користиме мааните на родителите за да се навредуваме, туку да го решиме проблемот што се појавил. Како резултат на тоа, нашата брачна врска многу се зајакна“.
a Имињата се сменети.
b Се разбира, ако родителите прават сериозни престапи — особено ако тоа се случува постојано и немаат намера да се поправат — семејните односи може да бидат прилично нарушени, и затоа треба да се ограничат контактите (1. Коринќаните 5:11).
c Во некои случаи можеби ќе треба да разговараш многу отворено со твоите родители или со родителите на твојот сопружник. Ако дојде до таков разговор, зборувај со почит и благо (Изреки 15:1; Ефешаните 4:2; Колошаните 3:12).
ПРАШАЈ СЕ...
Кои добри особини ги имаат родителите на мојот сопружник?
Како можам да покажам почит кон моите родители без да го запоставам мојот брачен другар?