Радувај се на спознанието за Јехова
„Среќни се оние кои ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (ЛУКА 11:28).
1. Кога почнал Јехова да комуницира со луѓето?
ЈЕХОВА ги љуби луѓето и длабоко е заинтересиран за нивното добро. Затоа, не изненадува тоа што тој комуницира со нив. Оваа комуникација започнала во градината Еден. Според Битие 3:8, во една прилика, „за време на денскиот ветрец“, Адам и Ева ‚го чуле гласот на Господа‘. Некои сметаат дека од ова се подразбира дека Јехова имал обичај да комуницира со Адам во тоа време, можеби секој ден. Како и да е, Библијата јасно става до знаење дека Бог одвојувал време не само за да му дава упатства на првиот човек туку и за да го поучува во врска со она што требало да го знае за да ги извршува своите одговорности (Битие 1:28-30).
2. Како се отсекол првиот човечки пар од Јеховиното водство, и со каков резултат?
2 Јехова им дал на Адам и Ева живот, власт над животните и авторитет над целата Земја. Постоела само една забрана — не смееле да јадат од дрвото на познавање на доброто и злото. Под влијание на Сатана, Адам и Ева не ја послушале Божјата заповед (Битие 2:16, 17; 3:1-6). Избрале да постапуваат независно и самите да одлучуваат што е исправно, а што погрешно. Притоа, неразумно се отсекле од водството на својот Творец полн со љубов. Последиците биле катастрофални за нив и за нивното неродено потомство. Адам и Ева остареле и на крајот умреле без никаква надеж за воскресение. Нивните потомци го наследиле гревот и неговата последица — смртта (Римјаните 5:12).
3. Зошто комуницирал Јехова со Каин, и како реагирал Каин?
3 И покрај побуната во Еден, Јехова продолжил да комуницира со своето човечко творештво. Каин, првородениот син на Адам и Ева, се нашол во опасност да биде надвладеан од гревот. Јехова го предупредил дека се стреми кон неволја и го советувал да ‚работи право‘. Каин го отфрлил овој љубезен совет и го убил својот брат (Битие 4:3-8). На тој начин, првите тројца луѓе на Земјата со презир го отфрлиле јасното водство од оној што им дал живот, Богот што му дава упатства на својот народ за да му биде добро (Исаија 48:17). Колку само мора ова да го разочарало Јехова!
Јехова им се открива на мажи од старо време
4. Во што бил сигурен Јехова во врска со потомците на Адам, и каква порака на надеж објавил, имајќи го тоа на ум?
4 Иако имал секакво право да ја прекине комуникацијата со луѓето, Јехова не го сторил тоа. Тој бил сигурен дека некои потомци на Адам мудро ќе обрнат внимание на Неговото водство. На пример, кога ја објавил пресудата врз Адам и Ева, Јехова претскажал дека ќе дојде „семе“, кое ќе ѝ се спротивстави на Змијата, Сатана Ѓаволот. На крајот, Сатана требало да биде смртно повреден во главата (Битие 3:15). Ова пророштво било радосна порака на надеж за „оние кои ја слушаат речта Божја и ја држат“ (Лука 11:28).
5, 6. На кои начини комуницирал Јехова со својот народ пред првиот век н.е., и како тоа му користело на неговиот народ?
5 Јехова им ја соопштил својата волја на верните патријарси од старо време како, на пример, Ное, Авраам, Исак, Јаков и Јов (Битие 6:13; Излез 33:1; Јов 38:1-3). Подоцна, преку Мојсеј ѝ дал на нацијата Израел еден цел законски кодекс. Мојсеевиот закон ѝ користел на многу начини. Придржувајќи се за него, Израел бил одвоен од сите други нации како Божји посебен народ. Бог ги уверил Израелците дека, доколку бидат послушни на Законот, ќе ги благослови не само материјално туку и духовно и ќе ги направи царство на свештеници, света нација. Законот дури давал одредби за исхраната, како и санитарни одредби кои унапредувале добро здравје. Меѓутоа, Јехова предупредил и на трагичните последици кои би произлегле од непослушноста (Излез 19:5, 6; Второзаконие 28:1-68).
6 Со текот на времето, на библискиот канон му биле додадени и други инспирирани книги. Историските извештаи зборувале за Јеховините постапки со нациите и народите. Поетските книги на прекрасен начин ги опишувале неговите особини. Пророчките книги го претскажувале идното исполнување на Јеховината волја. Верните мажи од старо време внимателно ги проучувале и применувале овие инспирирани записи. Еден од нив напишал: „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“ (Псалм 119:105). На оние што биле спремни да слушаат Јехова им дал образование и просветлување.
Светлината станува сѐ појасна
7. Иако правел чуда, по што бил Исус првенствено познат, и зошто?
7 До првиот век, еврејските религиозни групи му имале додадено на Законот човечки традиции. Законот бил погрешно применуван и, наместо да биде извор на просветлување, поради тие традиции станал товар (Матеј 23:2-4). Меѓутоа, во 29 н.е. се појавил Исус како Месија. Неговата мисија не била само да си го даде животот во корист на човештвото туку и да ‚сведочи за вистината‘. Иако правел чуда, првенствено бил познат како „Учителот“. Неговото поучување било како светлина што зрачела во духовната темнина, која ги замрачувала умовите на луѓето. Самиот Исус со право рекол: „Јас сум светлина на светот“ (Јован 8:12; 11:28; 18:37).
8. Кои инспирирани книги биле напишани во првиот век н.е., и како им користеле на раните христијани?
8 Подоцна биле додадени евангелијата, четири пишани извештаи за Исусовиот живот, и книгата Дела, историја за ширењето на христијанството по смртта на Исус. Тука биле и инспирираните писма, напишани од учениците на Исус, како и пророчката книга Откровение. Со овие записи, во комбинација со Хебрејските списи, бил комплетиран библискиот канон. Со помош на оваа инспирирана библиотека, христијаните можеле ‚да сфатат умствено која е ширината и должината и висината и длабочината‘ на вистината (Ефешаните 3:14-18). Можеле да го имаат „умот на Христос“ (1. Коринќаните 2:16). Сепак, тие рани христијани не ги разбрале во целост сите аспекти на Јеховините намери. Апостол Павле на соверниците им напишал: „Сега гледаме нејасна контура со помош на метално огледало“ (1. Коринќаните 13:12). Едно такво огледало одразувало контура, но не и сите детали. До поцелосно сфаќање на Божјата реч требало допрва да дојде.
9. Какво просветлување се случило во „последните денови“?
9 Денес живееме во ера наречена „последните денови“, ера која ја карактеризираат „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1). Пророкот Даниел претскажал дека во тоа време „точното спознание ќе стане изобилно“ (Даниел 12:4, NW). На тој начин Јехова, Големиот Комуникатор, им помогнал на поединците со искрени срца да го сфатат значењето на неговата Реч. Мноштва луѓе сега сфаќаат дека Христос Исус е востоличен на невидливите небеса во 1914. Исто така, знаат дека тој наскоро ќе стави крај на сета злоба и ќе ја преобрази Земјата во глобален рај. Овој важен аспект на добрата вест за Царството сега се проповеда низ целата Земја (Матеј 24:14).
10. Како реагирале луѓето на Јеховините совети низ вековите?
10 Да, низ историјата, Јехова им ја соопштувал својата волја и намера на луѓето на Земјата. Библискиот запис опишува многумина кои слушале, ја применувале побожната мудрост и биле благословени поради тоа. Тој зборува и за други кои ги отфрлиле Божјите љубезни совети, следејќи го погубниот начин на постапување на Адам и Ева. Исус ја илустрирал оваа ситуација кога зборувал за два симболични пата. Едниот води до уништување. По широкиот и пространиот пат одат мнозина кои ја отфрлаат Божјата реч. Другиот пат води до вечен живот. Иако е тесен, тој е патеката на оние малцина што ја прифаќаат Библијата заради она што таа е — Реч Божја — и живеат во согласност со неа (Матеј 7:13, 14).
Да го цениме она што го имаме
11. За што е доказ нашето спознание и верување во Библијата?
11 Дали и ти спаѓаш меѓу оние што го избрале патот до живот? Ако да, несомнено ќе сакаш да останеш на него. Како да успееш во тоа? Редовно и со ценење размислувај за благословите што си ги добил во животот од познавањето на библиските вистини. Самиот факт што си се одѕвал на добрата вест е доказ дека имаш Божји благослов. Исус го покажал тоа кога му се молел на својот Татко со зборовите: „Јавно те фалам Татко, Господару на небото и на земјата, зашто си ги скрил овие работи од мудрите и умните, а си ги открил на бебињата“ (Матеј 11:25). Рибарите и даночниците ја сфатиле смислата на Исусовото учење, за разлика од високообразованите верски водачи. Понатаму Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Ако си ја спознал Библијата и веруваш во нејзините учења и ги следиш, тоа е доказ дека Јехова те привлекол. Тоа е причина за радост.
12. На кои начини дава Библијата просветлување?
12 Божјата реч содржи вистини што ослободуваат и ни дава просветлување. Оние што живеат во согласност со библиското спознание се ослободени од суеверијата, лажните учења и незнаењето, кои доминираат со животите на милиони луѓе. На пример, знаењето на вистината за душата нѐ ослободува од стравот дека мртвите можат да ни нанесат некаква штета или дека нашите сакани што умреле страдаат (Езекиел 18:4). Знаењето на вистината за злите ангели ни помага да ги избегнеме опасностите од спиритизмот. Учењето за воскресение ги теши оние што изгубиле сакани поради смрт (Јован 11:25). Библиските пророштва ни покажуваат каде се наоѓаме во струјата на времето и ни влеваат доверба во Божјите ветувања за иднината. Исто така, тие ја зајакнуваат нашата надеж дека ќе живееме засекогаш.
13. Како ни користи во физички поглед внимавањето на Божјата реч?
13 Побожните начела во Библијата нѐ учат да живееме на начин што ни донесува физички користи. На пример, учиме да избегнуваме практики што го загадуваат телото како, на пример, злоупотребата на тутун и друга дрога. Ја избегнуваме злоупотребата на алкохол (2. Коринќаните 7:1). Внимавањето на Божјите морални закони служи како заштита од сексуално преносливите болести (1. Коринќаните 6:18). Држејќи се за Божјиот совет да ја избегнуваме љубовта кон парите, не си го уништуваме душевниот мир, како што се случило со мнозина во нивниот стремеж кон богатство (1. Тимотеј 6:10). На кои начини ти користело во физички поглед тоа што ја применуваш Божјата реч во својот живот?
14. Какво влијание има светиот дух во нашиот живот?
14 Доколку живееме во согласност со Божјата реч, го добиваме Јеховиниот свет дух. Негуваме личност слична на Христовата, која се карактеризира со привлечни особини, како што се милост и сочувство (Ефешаните 4:24, 32). Божјиот дух ги создава во нас и своите плодови — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатите 5:22, 23). Овие особини унапредуваат среќни и смисловни односи со другите, вклучувајќи ги и членовите на семејството. Добиваме внатрешна сила што ни помага храбро да се соочиме со тешкотиите. Дали сфаќаш како светиот дух во твојот живот влијае на подобро?
15. Како извлекуваме корист додека го усогласуваме својот живот со Божјата волја?
15 Додека го усогласуваме животот со Божјата волја, го зајакнуваме својот однос со Јехова. Расте нашето уверување дека тој нѐ разбира и нѐ љуби. Од искуство учиме дека тој нѐ поддржува во тешките времиња (Псалм 18:18). Сфаќаме дека тој навистина ги услишува нашите молитви (Псалм 65:2). Се потпираме на неговото водство, уверени дека тоа е за наше добро. И ја имаме прекрасната надеж дека во свое одредено време, Бог ќе ги доведе своите верни до совршенство и ќе им го даде својот дар — вечен живот (Римјаните 6:23). „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“, напишал ученикот Јаков (Јаков 4:8). Дали чувствуваш дека како што му се приближуваш на Јехова така се зајакнува твојот однос со него?
Неспоредливо богатство
16. Какви промени направиле некои христијани од првиот век?
16 Павле ги потсетил христијаните помазани со дух од првиот век дека некои од нив некогаш биле блудници, прељубници, хомосексуалци, крадци, алчни, пијаници, лица кои зборувале срамотно и изнудувачи (1. Коринќаните 6:9-11). Библиската вистина предизвикала да направат големи промени; ‚се испрале‘. Обиди се да си замислиш каков ќе бил твојот живот без вистините што ослободуваат, а кои си ги научил од Библијата. Сигурно дека вистината е неспоредливо богатство. Колку само сме среќни што Јехова комуницира со нас!
17. Како се хранат духовно Јеховините сведоци на христијанските состаноци?
17 Понатаму, размисли и за овој благослов — нашето мултирасно братство! „Верниот и разборит роб“ нѐ снабдува со духовна храна во право време, во која спаѓаат Библии, списанија и други публикации на мноштво јазици (Матеј 24:45-47). На собраниските состаноци во 2000 година, Јеховините сведоци во многу земји разгледуваа врвни точки за осум големи книги од Хебрејските списи. Медитираа за 98 најразлични теми од брошурката Библиски теми за разговор. Разгледаа скоро една четвртина од книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел и речиси целата книга Обрни внимание на Даниеловото пророштво! Освен 52-те студиски статии, беа разгледани и 36 споредни статии од списанието Стражарска кула. Покрај тоа, Јеховиниот народ беше нахранет со 12 изданија на Наша служба за Царството и со седмични јавни предавања на различни библиски теми. Колкаво само богатство на духовно спознание беше ставено на располагање!
18. На кои начини добиваме помош во христијанското собрание?
18 Низ целиот свет, во повеќе од 91.000 собранија се дава поддршка и охрабрување преку состаноци и дружење. Исто така, ја уживаме поддршката на зрелите сохристијани, кои се готови духовно да ни помагаат (Ефешаните 4:11-13). Да, извлекуваме голема корист од тоа што добиваме спознание за вистината. Радосно е да се познава Јехова и да му се служи. Колку се само вистинити зборовите на псалмистот, кој напишал: „Блажен е оној народ, кому Господ е Бог!“ (Псалм 144:15).
Се сеќаваш ли?
• Со кого комуницирал Јехова во претхристијанските времиња?
• Како станувала сѐ појасна духовната светлина во првиот век? А денес?
• Кои благослови доаѓаат од тоа што живееме во согласност со спознанието за Јехова?
• Зошто се радуваме на нашето спознание за Јехова?
[Слики на страници 8 и 9]
Јехова им ја соопштил својата волја на Мојсеј, Ное и Авраам
[Слика на страница 9]
Во нашево време, Јехова фрла светлина врз својата Реч
[Слики на страница 10]
Размислувај за овој благослов — нашето мултирасно братство