Поглавје четири
Оној за кого сведочеле сите пророци
1. Што покажуваат фактите за Исусовото претчовечко постоење во поглед на неговиот однос со Јехова?
„ТАТКОТО има наклоност кон Синот и му покажува сѐ што самиот прави“ (Јован 5:20). Каков само срдечен однос уживал Синот со својот Татко, Јехова! Блискоста на тој однос започнала во времето кога бил создаден, безброј милениуми пред да се роди како човек. Тој бил Божји единороден Син, единствениот што бил создаден директно од самиот Јехова. Сѐ друго на небото и на Земјата било создадено со посредство на тој многу љубен првороден Син (Колошаните 1:15, 16). Тој служел и како Божја реч, односно Гласноговорник, Оној преку кого им била соопштувана божествената волја на другите. Овој, Синот кого Бог особено го љубел, станал човекот Исус Христос (Пословици 8:22—30; Јован 1:14, 18; 12:49, 50).
2. Во колкава мера библиските пророштва се осврнувале на Исус?
2 Пред да биде Божјиот првороден Син чудесно зачнат како човек, за него биле напишани мноштва инспирирани пророштва. Апостол Петар му посведочил на Корнелиј: „За него сведочат сите пророци“ (Дела 10:43). Улогата на Исус Христос била истакната во Библијата до толкав степен што еден ангел му рекол на апостол Јован: „Сведочењето за Исус е тоа што инспирира на прорекување“ (Откровение 19:10). Тие пророштва јасно го идентификувале како Месија. Свртеле внимание на различните улоги што тој ќе ги одигра во исполнувањето на Божјите намери. Сето ова треба живо да нѐ интересира нас денес.
Што откриле пророштвата
3. а) Во пророштвото од Битие 3:15, кој е претставен со змијата, „жената“ и ‚семето на змијата‘? б) Зошто „повредувањето на главата на змијата“ ќе биде од огромен интерес за Јеховините слуги?
3 Првото од таквите пророштва било изречено по бунтот во Еден. Јехова ѝ рекол на змијата: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја повреди главата, а ти ќе му ја повредиш петицата“ (Битие 3:15, NW). Тоа пророштво всушност било упатено до Сатана, оној што бил претставен со змијата. „Жената“ е Јеховината сопствена лојална небесна организација, која му е како верна сопруга. ‚Семето на змијата‘ ги вклучува сите ангели и луѓе кои го покажуваат духот на Сатана, оние што му се спротивставуваат на Јехова и на Неговиот народ. ‚Повредувањето на главата на змијата‘ значи конечно уништување на бунтовникот Сатана, кој го клеветел Јехова и му нанесувал голема болка на човештвото. Но, кој е идентитетот на главниот дел од „семето“ кое ќе го изврши повредувањето? Тоа останало „света тајна“ со векови (Римјаните 16:20, 25, 26).
4. Како Исусовото потекло помогнало тој да биде идентификуван како ветеното Семе?
4 По околу 2000 години од човечката историја, Јехова дал натамошни детали. Открил дека Семето ќе се појави во семејната лоза на Авраам (Битие 22:15—18). Меѓутоа, лозата која води до Семето не би зависела од телесното потекло, туку од Божјиот избор. И покрај Авраамовата љубов кон неговиот син Исмаил, роден од Агара, Јехова рекол: „Ќе го држам Својот Завет со Исак, кого ќе ти го роди Сара“ (Битие 17:18—21). Подоцна тој сојуз бил потврден не со Исаковиот првороден син Исав, туку со Јаков, од кого потекнале 12-те израелски племиња (Битие 28:10—14). Со текот на времето, било откриено дека Семето ќе се роди во племето Јуда, во лозата на Давид (Битие 49:10; 1. Летописи 17:3, 4, 11—14).
5. Кога Исус ја започнал својата земна служба, што направило да биде јасно дека тој е Месијата?
5 Кои други нишки биле дадени во врска со идентитетот на Семето? Повеќе од 700 години однапред, Библијата го навела по име Витлеем како место на раѓање на ветеното Семе како човек. Исто така таа открила дека Семето постоело уште „од вечните времиња“, од времето кога било создадено на небото (Михеј 5:2). Преку пророкот Даниел било проречено и точното време на неговото појавување на Земјата како Месија (Даниел 9:24—26). А кога Исус бил помазан со свет дух, всушност кога станал Јеховин Помазаник, лично Божјиот глас од небото јасно го идентификувал како Негов Син (Матеј 3:16, 17). Семето било откриено! Затоа Филип можел со увереност да рече: „Го најдовме оној за кого пишуваше Мојсеј во Законот, а и Пророците, Исус“ (Јован 1:45).
6. а) Според Лука 24:27, што сфатиле Исусовите следбеници? б) Кој е главниот дел од ‚семето на жената‘ и на што се однесува тоа што ќе ѝ ја повреди главата на змијата?
6 Потоа, Исусовите следбеници сфатиле дека во инспирираното Писмо биле проткаени буквално мноштва пророчки осврнувања на него (Лука 24:27). Станало уште појасно дека Исус е главниот дел од ‚семето на жената‘, оној што ќе ѝ ја повреди главата на змијата, така што ќе го смачка Сатана во непостоење. Преку Исус, сите Божји ветувања за човештвото, сите работи по кои горливо копнееме, ќе бидат исполнети (2. Коринќаните 1:20).
7. Освен идентитетот на Оној на кого се осврнувале пророштвата, што друго е корисно да сфатиме?
7 Како треба ова сознание да влијае врз нас? Библијата зборува за еден етиопски евнух кој читал едно од тие пророштва во врска со идниот Откупител и Месија. Збунет, тој го прашал евангелизаторот Филип: „За кого ова зборува пророкот?“ Но, кога го добил одговорот, евнухот не останал само на тоа. Откако внимателно го сослушал објаснувањето што му го дал Филип, човекот сфатил дека ценењето за тоа исполнето пророштво повикувало на акција од негова страна. Тој разбрал дека треба да се крсти (Дела 8:32—38; Исаија 53:3—9). Дали ние реагираме на сличен начин?
8. а) Што предочувал Авраамовиот обид да го принесе на жртва Исак? б) Зошто Јехова му рекол на Авраам дека сите нации ќе се благословат преку Семето, и како тоа се однесува на нас денес?
8 Разгледај го и трогателниот извештај за Авраамовиот обид да го принесе на жртва Исак, својот единствен син од Сара (Битие 22:1—18, ПСП). Тоа го предочувало она што ќе го стори Јехова — дека ќе го принесе на жртва својот единороден Син: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Ова ни дава доверба дека исто како што Јехова го дал единородениот Син за да ја исполни Својата намера, Тој исто така ‚љубезно ќе ни даде и сѐ друго‘ (Римјаните 8:32). Што се бара од нас? Како што е запишано во Битие 22:18, Јехова му рекол на Авраам дека сите нации ќе се благословат преку Семето, ‚зашто [Авраам] го послушал гласот [Божји]‘. И ние треба да им бидеме послушни на Јехова и неговиот Син: „Кој практикува вера во Синот, има вечен живот; кој не го слуша Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“ (Јован 3:36).
9. Ако ја цениме надежта за вечен живот што ја овозможила Исусовата жртва, што ќе правиме?
9 Ако ја цениме надежта за вечен живот што ја овозможила Исусовата жртва, ќе сакаме да ги правиме работите што Јехова ни ги кажал преку Исус. Тие се вртат околу нашата љубов кон Бог и кон нашите ближни (Матеј 22:37—39). Исус покажал дека нашата љубов кон Јехова ќе нѐ мотивира да ги поучуваме другите ‚да држат сѐ што [Исус] ни заповедал‘ (Матеј 28:19, 20). И, ќе сакаме да ја споделуваме таа љубов со останатите слуги на Јехова преку редовно „заедничко собирање“ со нив (Евреите 10:25; Галатите 6:10). Исто така, ако сме им послушни на Бог и на неговиот Син, не треба да си мислиме дека тие бараат совршенство од нас. Евреите 4:15 вели дека Исус, како наш Првосвештеник, може „да сочувствува со нашите слабости“. Колку само е утешно тоа, особено кога преку Христос му пристапуваме на Бог во молитва за помош за да ги надминеме нашите слабости! (Матеј 6:12).
Покажувај вера во Христос
10. Зошто не постои друга можност за спасение освен преку Исус Христос?
10 Откако му објаснил на еврејскиот врховен суд во Ерусалим дека библиското пророштво се исполнило на Исус, апостол Петар дал силен заклучок: „Во никој друг нема спасение, зашто нема друго име под небото дадено на луѓето преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:12). Поради тоа што сите од Адамовото потомство се грешници, нивната смрт нема вредност која би можела да се примени како откупнина за кого и да било. Но, Исус бил совршен и неговиот живот имал жртвена вредност (Псалм 49:6—9; Евреите 2:9). Тој му принел на Бог откупнина која точно одговарала на вредноста на совршениот живот што го изгубил Адам (1. Тимотеј 2:5, 6). Ова нам ни го отворило патот да постигнеме вечен живот во Божјиот нов свет.
11. Објасни како може Исусовата жртва да ни користи во голема мера.
11 Откупнината ни го отворила патот уште сега да добиеме и други благослови. На пример, иако сме грешници, Исусовата жртва ни овозможува да имаме чиста совест поради простувањето на гревот. Ова е далеку повеќе отколку што некогаш било постигнато за Израелците со животинските жртви што ги барал Мојсеевиот закон (Дела 13:38, 39; Евреите 9:13, 14; 10:22). Меѓутоа, за да имаме такво простување, потребно е чесно да признаеме колку многу ни е неопходна Христовата жртва: „Ако кажеме: ‚Немаме грев‘, самите себе се залажуваме и вистината не е во нас. Ако ги признаеме своите гревови, тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите и да нѐ исчисти од секаква неправедност“ (1. Јованово 1:8, 9).
12. Зошто подронувањето во вода е важен фактор во постигнувањето чиста совест пред Бог?
12 Како можат грешници да практикуваат вера во Христос и во неговата жртва? Кога луѓето во првиот век станале верници, тие јавно го покажале тоа. Како? Се крстиле. Зошто? Затоа што Исус заповедал сите негови ученици да се крстат (Матеј 28:19, 20; Дела 8:12; 18:8). Едно лице нема да се воздржува ако неговото срце навистина е трогнато од подготовката полна со љубов што ја направил Јехова преку Исус. Тоа ќе ги направи сите потребни преиначувања во својот живот, ќе му се предаде на Бог во молитва и ќе го симболизира своето предание со подронување во вода. Преку покажувањето вера на ваков начин, тоа ‚упатува молба до Бог за чиста совест‘ (1. Петрово 3:21).
13. Ако сфатиме дека сме направиле грев, што треба да направиме, и зошто?
13 Секако, дури и после ова, ќе се покажуваат грешните обележја. Што тогаш? Апостол Јован рекол: „Ова ви го пишувам за да не извршите грев. А сепак, ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник. И тој е жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јованово 2:1, 2). Дали ова значи дека сеедно што ќе направиме, ако му се помолиме на Бог за прошка, сѐ ќе биде во ред? Не баш. Клучот за простување е искреното каење. Исто така, можеби ќе биде потребна помош од постарите, поискусните во христијанското собрание. Мораме да ја признаеме неисправноста на она што било сторено, да чувствуваме искрено жалење поради тоа и да вложиме сериозен напор да избегнеме да го повторуваме (Дела 3:19; Јаков 5:13—16). Ако го направиме ова, можеме да бидеме уверени во Исусовата помош и во тоа дека ќе бидеме вратени во Јеховината милост.
14. а) Објасни еден важен начин на кој ни користела Исусовата жртва. б) Ако навистина имаме вера, што ќе правиме?
14 Исусовата жртва го отворила патот за вечен живот на небото за едно „мало стадо“, второстепен дел на семето од Битие 3:15 (Лука 12:32; Галатите 3:26—29). Таа исто така го отворила патот за вечен живот на рајска Земја за милијарди други од човештвото (Псалм 37:29; Откровение 20:11, 12; 21:3, 4). Вечниот живот е „дарот што го дава Бог . . . преку Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23; Ефешаните 2:8—10). Ако имаме вера во тој дар и ценење за начинот на кој бил овозможен, ние ќе го покажеме тоа. Бидејќи увидуваме на колку прекрасен начин Јехова го употребил Исус во извршувањето на Неговата волја и колку е животоважно сите ние тесно да ги следиме Исусовите стапки, христијанската служба ќе ја направиме една од најважните активности во својот живот. Нашата вера ќе се гледа од уверувањето со кое им зборуваме на другите за овој величествен дар од Бог (Дела 20:24).
15. Како верата во Исус Христос има обединувачки ефект?
15 Колку само убав, обединувачки ефект има таквата вера! Преку неа сме привлечени уште поблиску кон Јехова, кон неговиот Син и еден кон друг во христијанското собрание (1. Јованово 3:23, 24). Таа нѐ тера да се радуваме што Јехова на својот Син љубезно му дал ‚име кое е над секое друго име [освен Божјето], та во Исусово име да се свитка секое колено на оние кои се на небото, и на оние кои се на земјата и на оние кои се под земјата, и секој јазик отворено да признае дека Исус Христос е Господ на слава на Бог Таткото‘ (Филипјаните 2:9—11).
Дискусија за повторување
• Кога се појавил Месијата, зошто неговиот идентитет им бил јасен на оние што вистински верувале во Божјата реч?
• Кои се некои од работите што треба да ги сториме за да го покажеме своето ценење за Исусовата жртва?
• На кои начини Исусовата жртва веќе ни користела? Како ова ни помага кога му се молиме на Јехова за простување на гревовите?
[Слика на страница 36]
Исус им рекол на своите следбеници дека треба да ги поучуваат другите да ги држат Божјите заповеди