Дали си благодарен за тоа што Јехова те набљудува?
„Очите на Јехова се на секое место и ги набљудуваат и злите и добрите“ (ИЗР. 15:3)
1, 2. За разлика од безбедносните камери, зошто нѐ набљудува Јехова?
ВО МНОГУ земји сѐ повеќе се поставуваат безбедносни камери за да се следи сообраќајот и за да се направат фотографии од сообраќајните несреќи. Со помош на овие камери, полицијата може да ги фати несовесните возачи што предизвикале несреќа и избегале. Поради камерите, луѓето што прават прекршоци сѐ поретко поминуваат без казна.
2 Во Библијата пишува дека очите на Јехова „се на секое место“ (Изр. 15:3). Но, дали ова значи дека Јехова, исто како безбедносните камери, постојано нѐ набљудува за да види дали ги прекршуваме неговите закони? Дали Бог нѐ гледа само за да нѐ казни штом ќе згрешиме? (Ерем. 16:17; Евр. 4:13). Воопшто не! Јехова нѐ набљудува затоа што нѐ сака и се грижи за нас (1. Пет. 3:12).
3. На кои пет начини Јехова ни покажува дека нѐ сака?
3 Да разгледаме пет начини на кои Јехова ни покажува колку многу нѐ сака. Тоа ќе ни помогне да бидеме благодарни за тоа што постојано нѐ набљудува. Тој 1) нѐ предупредува пред да направиме нешто погрешно, 2) нѐ исправа ако направиме некој погрешен чекор, 3) нѐ води преку библиските начела, 4) ни помага кога се соочуваме со различни неволји и 5) нѐ наградува кога забележува нешто добро во нашето срце.
ЈЕХОВА НЀ ПРЕДУПРЕДУВА
4. Зошто Јехова го предупредил Каин?
4 Најпрво да видиме како Бог нѐ предупредува кога ни се појавуваат погрешни мисли и желби (1. Лет. 28:9). Да разгледаме еден пример. Каин ‚се разгневил‘ кога Јехова не ја прифатил неговата жртва. Како постапил Бог со него? (Прочитај 1. Мојсеева 4:3-7.) Јехова му рекол да ‚почне да прави добро‘. Го предупредил дека ако не се промени ќе направи грев. Јехова го прашал Каин дали ‚ќе го надвладее‘ гревот што го демнел. Тој сакал Каин да го послуша предупредувањето. На тој начин повторно ќе му станел „мил“ и ќе имал добар однос со него.
5. Како Јехова нѐ предупредува ако види дека имаме неисправни мисли и желби?
5 Како Јехова постапува со нас? Тој може да види што има во длабочината на нашето срце. Не можеме да ги скриеме од него нашите вистински мисли, желби и мотиви. Нашиот небесен Татко сака да одиме по патот на праведноста, но тој не нѐ присилува на тоа. Преку својата Реч, Библијата, Јехова нѐ предупредува ако види дека сме тргнале во погрешен правец. Како го прави тоа? Додека секојдневно ја читаме Библијата, честопати наидуваме на стихови кои ни помагаат да се ослободиме од некои лоши навики и неисправни мисли и желби. Освен тоа, во нашите публикации може да прочитаме како да се избориме со некој проблем кој нѐ измачува. Исто така, на нашите состаноци сите ние во вистинско време добиваме совети.
6, 7. а) Зошто може да се каже дека Јехова се грижи за секој свој слуга поединечно? б) Како ни помага тоа што Јехова се грижи за секој од нас лично?
6 Ваквите предупредувања ни се силен доказ дека Јехова многу нѐ сака и се грижи за секого од нас поединечно. Точно, Библијата постои со векови, публикациите кои ги издава Јеховината организација се напишани за милиони луѓе, советите што ги добиваме на состаноците се наменети за цело собрание. Но, Јехова го насочува твоето внимание на неговата Реч за да ги промениш твоите мисли и желби. Затоа може да се каже дека Јехова се грижи за тебе лично.
7 За да извлечеме корист од Божјите предупредувања, најпрво мора да сфатиме дека Бог е искрено загрижен за нас. Потоа, мора да го прифатиме тоа што го вели неговата Реч и да се трудиме да ја отстраниме секоја мисла што не му се допаѓа. (Прочитај Исаија 55:6, 7.) Ако ги земеме присрце предупредувањата што ги добиваме, ќе се поштедиме од многу болки. Но, што ако не ги отстраниме лошите мисли и желби и направиме нешто погрешно? Како нашиот Татко кој многу нѐ сака ни помага тогаш?
НАШИОТ ГРИЖЛИВ ТАТКО НЀ ИСПРАВА
8, 9. Како советите што ги добиваме од Јехова преку неговите слуги ни покажуваат колку многу тој се грижи за нас? Наведи пример.
8 Особено кога ќе добиеме некоја исправка, стануваме свесни дека Јехова се грижи за нас. (Прочитај Евреите 12:5, 6.) Се разбира, не ни е лесно кога ни е даден совет или укор (Евр. 12:11). Но, размисли што сѐ треба да земе предвид оној што ни дава совет на темел на Библијата. Тој треба да знае што е тоа што ни го нарушува односот со Јехова и да ги земе во обѕир нашите чувства. Потоа, треба да одвои време и да вложи труд за да ни помогне да сфатиме што треба да промениме кај себе за да му угодиме на Бог. Би требало да ги цениме ваквите совети затоа што тие доаѓаат од Јехова.
9 Сега да разгледаме еден пример од кој ќе видиме како може еден совет, иако е даден од човек, да ни покаже колку многу Јехова се грижи за нас. Пред да ја дознае вистината, еден брат редовно гледал порнографија. Но, успеал да го надмине овој порок. Сепак, неговите погрешни желби тлееле длабоко во него. Кога си купил нов мобилен телефон, кај него повторно се разгореле погрешните желби (Јак. 1:14, 15). Преку мобилниот посетувал порнографски интернет-страници. Еднаш, додека сведочеле по телефон, тој му го дал својот мобилен на еден старешина за да пронајде некои телефонски броеви на Интернет. Кога старешината почнал да го користи телефонот, се појавиле некои сомнителни страници. Ова, всушност, било за доброто на нашиот брат чија духовност била доведена во опасност. Тој навреме добил совет, ја прифатил исправката која му била дадена и со текот на времето ја победил оваа лоша навика. Колку мора да сме му благодарни на нашиот грижлив небесен Татко, кој ги гледа дури и нашите тајни гревови и нѐ исправа пред да биде доцна!
КАКО БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА НЀ ВОДАТ
10, 11. а) Како можеме да добиеме водство од Бог? б) Како од примерот на едно семејство се гледа дека е мудро да го следиме Јеховиното водство?
10 Псалмистот му пеел на Јехова: „Ме водиш со својот совет“ (Пс. 73:24). Секогаш кога ни треба водство, можеме да го имаме Јехова „на ум“ така што ќе ја читаме неговата Реч за да дознаеме како гледа тој на работите. Тоа што постапуваме според библиските начела не само што ни помага во духовен поглед туку понекогаш ни помага и да ги задоволиме нашите материјални потреби (Изр. 3:6).
11 Да разгледаме еден пример кој ни покажува како Јехова ги води своите слуги. Еден брат со своето големо семејство живеел на изнајмена фарма во планинскиот регион на Масбате на Филипините. Тој и неговата жена служеле како општи пионери. Еден ден, се шокирале кога од сопственикот на фармата добиле налог за иселување. Која била причината за ова? Тие биле лажно обвинети дека работеле нечесно. Иако братот бил загрижен за тоа каде ќе живеат, рекол: „Јехова ќе ни помогне. Тој секогаш се грижи за нашите потреби, без разлика во каква ситуација ќе се најдеме“. Довербата што ја имал овој брат во Јехова не била залудна. Неколку дена подоцна на семејството многу му олеснало кога дознало дека не треба да ја напушти фармата. Што се случило? Сопственикот увидел дека, и покрај обвинението, членовите на ова семејство се однесувале со почит и биле мирољубиви. Тие постапувале така затоа што ги следеле библиските начела. Ваквото однесување му оставило многу голем впечаток, и не само што им дозволил да останат на фармата туку им дал и уште земја за да ја работат. (Прочитај 1. Петрово 2:12.) Ова искуство ни покажува дека Јехова нѐ води преку својата Реч за да ни помогне да се справиме со животните проблеми.
ПРИЈАТЕЛ КОЈ НИ ПОМАГА ДА ИСТРАЕМЕ ВО НЕВОЛЈА
12, 13. Во кои ситуации можеби се прашуваме дали Јехова гледа со што се соочуваме?
12 Понекогаш некоја неволја може да трае подолг период. Можеби имаме хронична болест, подолго време се соочуваме со противење од близок член на семејството или, пак, трпиме прогонство. Можеби одвреме-навреме имаме сериозни несогласувања со некој од собранието поради разликите во карактерот.
13 На пример, можеби некој ќе ти каже нешто што ќе те повреди. Би можел да си речеш: ‚Ова не смее да се случува во Божјата организација!‘ Но, можеби братот кој ти ги кажал тие зборови има одговорности во собранието и е на добар глас меѓу браќата и сестрите. Можеби се прашуваш: ‚Како е можно ова? Зарем Јехова не гледа? Зошто не преземе нешто?‘ (Пс. 13:1, 2; Авак. 1:2, 3).
14. Наведи една причина зошто Бог можеби не решава некој наш проблем.
14 Јехова можеби има добри причини зошто не го решава твојот проблем. На пример, ти можеби си мислиш дека другата страна носи поголем дел од вината, но можеби Јехова гледа поинаку на работите. Од негова гледна точка, можеби ти носиш поголема вина отколку што си мислиш. Можеби тоа што си го доживеал како навреда, всушност било совет кој ти бил потребен и на кој требало да му обрнеш внимание. Во својата животна приказна, брат Карл Клајн, кој беше член на Водечкото тело, раскажа што се случило кога во една прилика добил строг совет од брат Џ. Ф. Ратерфорд. Некое време откако му го дал советот, брат Ратерфорд срдечно го поздравил брат Клајн: „Здраво, Карл!“ Но, брат Клајн сѐ уште се чувствувал повреден од советот и со половина уста возвратил на поздравот. Кога сфатил дека брат Клајн има негативни чувства, брат Ратерфорд го предупредил дека може да падне во замката на Ѓаволот. Подоцна брат Клајн напиша: „Кога сме огорчени на некој брат, особено поради тоа што ни кажал нешто кое има право да ни го каже поради теократските одговорности, лесно може да паднеме во замката на Ѓаволот“.a
15. Што треба да имаме на ум кога се соочуваме со некоја тешка ситуација?
15 Сепак, можеби стануваме нестрпливи кога некоја тешка ситуација изгледа дека нема никогаш да заврши. Што да правиме тогаш? Замисли си дека возиш кола и наеднаш гледаш дека пред тебе сообраќајот е во застој. Не знаеш колку долго ќе треба да чекаш. Ако го изгубиш трпението и почнеш да бараш друг пат, би можел да се изгубиш и да потрошиш повеќе време за да стигнеш до твоето одредиште отколку кога би чекал да помине застојот. Слично на тоа, ако сме стрпливи и ако ги следиме библиските начела, ќе ја оствариме посакуваната цел, односно ќе зачуваме добар однос со Јехова и ќе стигнеме во новиот свет.
16. Од која друга причина Јехова можеби дозволува да трпиме некоја неволја?
16 Јехова можеби дозволува да трпиме некоја неволја поради тоа што сака да нѐ научи на нешто важно. (Прочитај 1. Петрово 5:6-10.) Но, тој не ги предизвикува нашите неволји (Јак. 1:13). ‚Нашиот противник, Ѓаволот‘ е оној што ги предизвикува повеќето тешкотии кои нѐ снаоѓаат. Меѓутоа, преку тешките ситуации Јехова може да ни помогне духовно да напредуваме. Тој гледа низ што минуваме и поради тоа што ‚се грижи за нас‘ нема да дозволи таа ситуација да трае предолго. Дали си благодарен за Јеховината грижа кога трпиш неволји и дали имаш доверба дека тој ќе направи излез? (2. Кор. 4:7-9).
ЈЕХОВА НЀ НАГРАДУВА
17. Зошто Јехова ги испитува срцата на луѓето?
17 Јехова ги испитува срцата на луѓето за да види кој вистински го сака. Јасновидецот Ананиј му кажал на цар Аса: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9). Јехова видел дека Аса не му служи со сето срце. Но, ако ти го правиш тоа што е исправно, тој ќе „ја покаже својата сила“ за да те заштити.
18. Што треба да имаш на ум ако понекогаш мислиш дека никој не ги гледа добрите работи што ги правиш? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
18 Бог сака да го ‚бараме доброто‘, да го ‚сакаме доброто‘ и да го ‚правиме доброто‘ за да може да ни покаже милост (Амос 5:14, 15; 1. Пет. 3:11, 12). Јехова ги забележува оние што постапуваат праведно и ги наградува (Пс. 34:15). Размисли за она што се случило со еврејските бабици Сепфора и Фуа. Кога Израелците биле робови во Египет, овие две жени покажале дека имаат поголем страв од Бог отколку од фараонот, кој им наредил при пораѓањето да ги убиваат сите израелски машки деца. Сигурно нивната совест, која била обликувана според Божјите мерила, не им дозволила да ги убиваат новороденчињата. Подоцна Јехова ги дарувал овие жени со семејства (2. Мој. 1:15-17, 20, 21). Нивните добри дела не останале незабележани од Јехова. Понекогаш можеби си мислиме дека никој не ги гледа добрите работи што ги правиме. Но, тоа не е вистина. Јехова е свесен за секое добро дело што го правиме и ќе нѐ награди (Мат. 6:4, 6; 1. Тим. 5:25; Евр. 6:10).
19. Како една сестра се уверила дека Јехова гледа сѐ што правиме?
19 Една сестра која живее во Австрија од лично искуство се уверила дека ништо не може да остане незабележано од будното око на Јехова. Бидејќи имала унгарско потекло, добила адреса да посети една жена која зборувала унгарски јазик. Сестрата веднаш отишла да ја посети, но никој немало дома. Одново и одново навраќала кај оваа жена. Понекогаш ѝ изгледало дека има некој дома, но никој не отворал. Оставала литература, писма, а го оставила и својот телефонски број. Откако оваа сестра одела таму една и пол година конечно некој ѝ отворил. Излегла една многу љубезна жена, ја поканила сестрата внатре и ѝ рекла: „Прочитав сѐ што ми донесе и чекав да дојдеш“. Оваа жена претходно не ѝ отворала затоа што примала хемотерапија и ѝ било непријатно да контактира со други луѓе. Сестрата започнала да ја проучува Библијата со неа. Јехова навистина го благословил нејзиниот труд!
20. Како се чувствуваш поради тоа што Јехова постојано те набљудува?
20 Како што видовме од оваа статија, Јехова гледа сѐ што правиме и го испитува срцето на секој од нас. Но, ова не значи дека тој ги гледа само нашите грешки, како да сме под надзор на некоја камера. Всушност, тоа што Јехова постојано нѐ набљудува уште повеќе нѐ зближува со него бидејќи знаеме дека се грижи за нас, сака да ни помогне и да нѐ награди за добрите дела што ги правиме.
a Животната приказна на брат Клајн излезе во Стражарска кула од 1 октомври 1984 (англ.).