Борење со стисокот на гревот над паднатото тело
„Телесното мудрување [склоност, НС] е смрт, а духовното мудрување — живот и мир“ (РИМЈАНИТЕ 8:6).
1. За која цел биле создадени луѓето?
„И ГО создаде Бог човекот според образот [ликот, НС] Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (1. Мојсеева 1:27). Еден лик претставува одраз на некој објект или извор. Според тоа, луѓето биле создадени за да бидат одраз на Божјата слава. Манифестирајќи ги божествените особини — како што се љубовта, добротата, праведноста и духовноста — во сите нивни настојувања, тие му донесуваат фалба и чест на Творецот, а среќа и задоволство себеси (1. Коринтјаните 11:7; 1. Петрово 2:12).
2. Како ја промашила целта првата човечка двојка?
2 Првата човечка двојка, совршено создадена, била добро опремена за оваа улога. Како огледала изласкани до висок сјај, тие биле способни да ја одразуваат Божјата слава со блескавост и верност. Меѓутоа, дозволиле тој висок сјај да биде замаглен кога намерно избрале да не го слушаат својот Творец и Бог (1. Мојсеева 3:6). Потоа, повеќе не можеле совршено да ја одразуваат Божјата слава. Не ја достигнале Божјата слава и ја промашиле целта за која биле создадени според Божјиот лик. Со други зборови, згрешиле.a
3. Која е вистинската природа на гревот?
3 Ова ни помага да ја разбереме вистинската природа на гревот, кој го спречува човекот да ја одразува Божјата сличност и слава. Гревот го прави човека несвет, то ест, нечист и потемнет во духовна и морална смисла. Сите луѓе, како потомци на Адам и Ева, се родени во таа потемнета и нечиста состојба и не успеваат да го исполнат она што Бог го очекува од нив како негови деца. А каков е исходот од тоа? Библијата објаснува: „Како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12; спореди Исаија 64:6).
Стисокот на гревот над паднатото тело
4-6. а) Како гледаат повеќето луѓе денес на гревот? б) Каков е исходот на модерните сфаќања за гревот?
4 Повеќето луѓе денес не се сметаат себеси за нечисти, потемнети или грешни. Всушност, гревот, како збор, практично исчезнал од речникот на повеќето луѓе. Тие можеби сакаат да зборуваат за грешки, непромислености и лоши просудувања. Ама за грев — едвај! Дури и за оние кои сѐ уште тврдат дека веруваат во Бог, „Божјите учења сочинуваат збирка на морални верувања, а не морален кодекс, ги сметаат за ‚10 предлози‘ а не за 10 заповеди“, забележува Алан Волф, професор по социологија.
5 Каков е исходот од ваквиот начин на размислување? Негирање или барем игнорирање на реалноста на гревот. Тоа произвело генерација на луѓе со многу искривен осет за исправно и погрешно, луѓе кои се чувствуваат слободни да поставуваат свои сопствени мерила на однесување и не се чувствуваат одговорни никому за она што избираат да го прават. За таквите, да не чувствуваш вина е единствениот критериум кога се просудува дали некој правец е исправен или не (Изреки 30:12, 13, НС; спореди 5. Мојсеева 32:5, 20).
6 На пример, во едно телевизиско интервју биле поканети млади луѓе да ги изразат своите гледишта за таканаречените седум смртни гревови.b „Гордоста не е грев“ — изјавил еден учесник. „Треба да имаш добро мислење за себеси.“ Во поглед на мрзливоста, една учесничка рекла: „Добро е понекогаш да бидеш таков. . . . Понекогаш е добро да се опуштиш и да си одвоиш време за себе“. Дури и водителот го дал овој краток коментар: „Седумте смртни гревови не се зли дела, туку напротив, општи човечки нагони кои можат да бидат вознемирувачки, а и многу пријатни“. Да, заедно со гревот исчезнало и чувството за вина, бидејќи, на крајот на краиштата, вината е сушта спротивност на чувството на угодност (Ефесјаните 4:17-19).
7. Според Библијата, како влијае гревот врз луѓето?
7 Во остра спротивност со сево ова, Библијата јасно наведува: „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23). Дури и апостол Павле признал: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили“ (Римјаните 7:18, 19). Павле овде не се препуштал на самосожалување. Напротив, бидејќи потполно сфаќал колку далеку е човештвото од Божјата слава, бил потполно свесен за стисокот на гревот над паднатото тело. „Беден човек сум!“ — изјавил тој — „Кој ќе ме избави од телото [кое ѝ е подложно, НС] на оваа смрт?“ (Римјаните 7:24).
8. Кои прашања треба да си ги поставиме? Зошто?
8 Што мислиш ти за ова? Можеби признаваш дека како потомок на Адам, ти, како и секој друг, си несовршен. Но како влијае тоа признавање врз твоето размислување и твојот начин на живот? Дали го прифаќаш како животен факт и едноставно постапуваш според вродената склоност? Или постојано се напрегаш да го победиш стисокот на гревот над паднатото тело, стремејќи се да ја одразуваш колку што можеш посјајно Божјата слава во сѐ што правиш? За ова треба сериозно да размислува секој од нас, имајќи го на ум она што го рекол Павле: „Оние, кои живеат по тело, мислат за телесното, а кои живеат по Дух — за духовното. Телесното мудрување [склоност, НС] е смрт, а духовното мудрување [склоност, НС] — живот и мир“ (Римјаните 8:5, 6).
Склоноста на телото
9. Зошто „склоноста на телото значи смрт“?
9 Што мислел Павле кога рекол дека „телесното мудрување [склоност, НС] значи смрт“? Изразот „тело“ често пати се користи во Библијата за да го означи човекот во неговата несовршена состојба, ‚зачнат во грев‘ како потомок на бунтовниот Адам (Псалм 51:5, НС; Јов 14:4). Затоа, Павле ги опоменувал христијаните да не размислуваат за грешните склоности, нагони и желби на несовршеното, паднато тело. А зошто не? На друго место Павле ни кажал кои се делата на телото и потоа го додал предупредувањето: „Оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо“ (Галатјаните 5:19-21).
10. Што се мисли со „склоност“ (НС)?
10 Но, зар не постои голема разлика помеѓу размислување за нешто и практикување на истото? Вистина, размислувањето не доведува секогаш и до спроведување на таа идеја. Меѓутоа, склоноста не се состои само од моментална помисла. Зборот што го употребил Павле на грчки гласи фро́нема и означува „начин на размислување, (умствена) склоност, . . . цел, аспирација, стремење“. Затоа, „телесното мудрување [склоност, НС]“ значи да се биде под контрола, овладеан, загосподарен и теран од желбите на паднатото тело“ (1. Јованово 2:16).
11. Како мудрувал Каин телесно, и со каков резултат?
11 Оваа мисла е добро илустрирана со начинот на кој постапувал Каин. Кога во Каиновото срце се појавила љубомора и гнев, Јехова Бог го предупредил: „,Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!‘“ (1. Мојсеева 4:6, 7). Каин стоел пред избор. Дали ќе ‚прави добро‘, односно, ќе го сврти својот ум, цел и аспирација кон нешто добро, или ќе продолжи да мисли на склоностите на телото и да го сосредоточува својот ум на лошите тенденции што демнеле во неговото срце? Како што објаснил Јехова, гревот бил ‚пред вратата‘, чекајќи да му се нафрли и да го проголта Каин, ако тој му дозволи. Наместо да се бори и да ја ‚надвладее‘ својата телесна желба, Каин ѝ дозволил да загосподари со него — што имало кобен крај.
12. Што треба да сториме за да не одиме „по Каиновиот пат“?
12 А како е со нас денес? Секако дека не сакаме да одиме „по Каиновиот пат“, како што се жалел и Јуда од некои христијани од првиот век (Јуда 11). Никогаш не треба да се оправдуваме и да си мислиме дека малку попустливост или слобода овде или онде е безопасно. Напротив, треба да внимаваме да го препознаеме секое безбожно и расипувачко влијание што може да ни се појави во срцето и умот и брзо да го отстраниме пред да пушти корен. Борењето против стисокот на гревот над паднатото тело почнува одвнатре (Марко 7:21).
13. Како може некој да биде ‚намамен од својата похот‘?
13 На пример, можеби ќе забележиш некоја шокантна или свирепа сцена или некаква особено сугестивна или еротска слика. Тоа може да биде слика во некоја книга или списание, некаква филмска или телевизиска сцена, некоја реклама на плаката или дури и вистинска ситуација. Тоа самото по себе не мора да биде алармантно, бидејќи е можно и се случува. Но, таа слика, иако можеби траела само неколку секунди, може да тежнее да се задржи во мислите и одвреме навреме одново да се јавува. Што правиш ти во такви ситуации? Дали веднаш стапуваш во акција да ја отстраниш таа мисла и да ја истераш од својот ум, или ѝ дозволуваш да ти се задржи во умот, така што можеби повторно го оживуваш доживувањето секојпат кога мислата ќе ти се јави? Ако го правиш второво, ризикуваш да активираш синџиреста реакција од настани што ја опишал Јаков: „Секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт“. Затоа Павле рекол: „Телесното мудрување [склоност, НС] е смрт“ (Јаков 1:14, 15; Римјаните 8:6).
14. Со што се соочуваме секојдневно, и како треба да реагираме?
14 Бидејќи живееме во свет во кој отворено се слави сексуален неморал, насилство и материјализам, и отворено и слободно се прикажува во книги, списанија, филмови и телевизиски програми како и во популарната музика, секојдневно сме дословно бомбардирани со неисправни мисли и идеи. Како реагираш ти на тоа? Дали те разонодува и забавува, или се чувствуваш како праведниот Лот, ‚кого го осрамотиле [бил тешко притиснат од, НС] беззакониците . . . и ја измачувал својата праведна душа гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела‘ (2. Петрово 2:7, 8). За да успееме во борбата против стисокот на гревот над паднатото тело, треба да бидеме одлучни да го правиме она што го правел и псалмистот: „Не ставив пред очите мои ништо незаконско; престапите ги мразам“ (Псалм 100:3).
Склоноста на духот
15. Каква помош имаме за да го победиме стисокот на гревот над нас?
15 Во отстранувањето на стисокот на гревот над паднатото тело ќе ни помогне она што Павле понатаму го рекол: „Духовното мудрување [склоност, НС] [е] живот и мир“ (Римјаните 8:6). Така, наместо со нас да господари телото, мораме да дозволиме нашиот ум да дојде под влијанието на духот и да ги развиваме духовните работи. Кои се тие? Во Филипјаните 4:8 Павле ги набројува: „А понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!“ Да го разгледаме одблиску и подобро да го разбереме она на што треба и понатаму да мислиме.
16. На кои особини нѐ охрабрува Павле да ‚мислиме‘ и што вклучува секоја од нив?
16 Најнапред, Павле наброил осум морални особини и пред секоја ги ставил зборовите „сѐ што е“ (НС). Овој израз покажува дека христијаните не се ограничени постојано да мислат само на библиски или на работи поврзани со науката. Постои широк круг на теми за кои можеме да размислуваме. Но најважното е дека тие мораат да одговараат на мерилото на моралните особини коишто ги наброил Павле. Секоја од категориите на работите што ги навел Павле го заслужуваат нашето внимание. Да ги разгледаме по ред.
◻ „Вистинско“ не значи само да се биде вистинит или лажен. Тоа значи да се биде вистинољубив, исправен и веродостоен, нешто што е реално, а не само да изгледа како такво (1. Тимотеј 6:20).
◻ „Чесно [од сериозен интерес, НС]“ се однесува на работи кои се возвишени и пристојни. Тоа создава чувство на почитување, нешто што е возвишено, благородно и чесно, а не вулгарно и ниско.
◻ „Праведно“ значи да се исполни Божјето, а не човечко мерило. Световните луѓе ги преокупираат своите умови со неправедни планови, но ние треба да мислиме и да се радуваме на работите кои се праведни во Божји очи. (Спореди Псалм 25:4; Амос 8:4-6.)
◻ „Чисти [чесни, НС]“ значи чисти и свети во однесувањето (сексуално или на друг начин), но исто така во мислите и мотивите. „Мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста“, вели Јаков. Исус, кој е „чист“, е совршениот Пример за кој треба да размислуваме (Јаков 3:17; 1. Јованово 3:3).
◻ „Љубезно“ е она што поттикнува и вдахнува љубов кај другите. Треба „да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела“, а не да мислиме на она што предизвикува омраза, огорченост и кавга (Евреите 10:24).
◻ „Што е достојно за слава [за кое добро се зборува, НС]“ значи не само да биде „угледно“ или „на добар глас“ туку и, во активна смисла, да биде изградувачко и пофално. Наместо да размислуваме за понижувачки и навредувачки работи, ние ќе размислуваме за работи што се здрави и изградувачки (Ефесјаните 4:29).
◻ „Добродетел“ во основа значи „доброта“ или „морална одличност“, но може да значи извонредност од кој и да било вид. Според тоа, можеме да ги цениме вредните особини, заслугите и постигнувањата на другите што се во склад со Божјето мерило.
◻ Работите „за пофалба“ навистина се такви ако фалбата доаѓа од Бог или од авторитет којшто тој со право го признал (1. Коринтјаните 4:5; 1. Петрово 2:14).
Ветување на живот и мир
17. Какви благослови произлегуваат од „склоноста на духот“?
17 Ако го следиме Павлевиот совет и ‚мислиме на тоа‘, ќе успееме во „духовното мудрување“. Резултатот не е само благослов со живот, то ест вечен живот во ветениот нов свет туку и мир (Римјаните 8:6). Зошто? Затоа што нашите мисли ќе бидат заштитени од злобното влијание на телесните работи и повеќе нема да бидеме под толку силно влијание на измачувачката борба помеѓу телото и духот, што ја опишал Павле. Ако му се спротивставуваме на влијанието на телото, ќе постигнеме и мир со Бог „бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бога“ (Римјаните 7:21-24; 8:7).
18. Каква битка води Сатана, и како можеме да победиме?
18 Сатана и неговите застапници прават сѐ што можат за да го потемнат нашето одразување на Божјата слава. Се обидуваат да постигнат контрола над нашите мисли така што ги бомбардираат со телесни желби, знаејќи дека тоа на крајот ќе доведе до непријателство со Бог и до смрт. Но можеме да излеземе како победници од таа битка. Како Павле, и ние можеме да извикаме: „Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа“ што ни ги дал средствата за борење против стисокот на гревот над паднатото тело (Римјаните 7:25).
[Фусноти]
a Библијата воглавно ги употребува хебрејскиот глагол чата́т и грчкиот глагол хамарти́а за да означи „грев“. Обата збора значат „промашување“, во смисла на промашување или непостигнување на некоја цел, белег или мета.
b Традиционално, седумте смртни гревови се гордост, лакомост, сладострасност, завист, ненаситност, гнев и мрзливост.
Можеш ли да објасниш?
◻ Што е грев, и како може тој да го фати во својот стисок паднатото тело?
◻ Како можеме да се бориме против „склоноста на телото“ (НС)?
◻ Што можеме да сториме за да ја унапредиме „склоноста на духот“?
◻ Како дава „склоноста на духот“ живот и мир?
[Слика на страница 15]
Каин дозволил телесните склоности да загосподарат со него, на негова сопствена пропаст
[Слики на страница 16]
Склоноста на духот значи живот и мир