Имај вера како Авраамовата!
„Оние кои се придржуваат за верата се синови на Авраам“ (ГАЛАТИТЕ 3:7).
1. Како се справил Аврам со новиот испит во Ханан?
АВРАМ напуштил удобен живот во Ур од послушност кон Јеховината заповед. Непријатностите што ги доживеал во наредните години биле само предигра во испитот на вера со кој се соочил во Египет. Библискиот извештај вели: „Настапи глад во земјата“. Колку било лесно Аврам да се огорчи на својата ситуација! Наместо тоа, тој презел практични чекори за да го згрижи своето семејство. „Аврам слезе во Египет да поживее таму, зашто голем глад завладеа во земјата.“ Големото домаќинство на Аврам не можело да помине незабележано во Египет. Дали Јехова верно ќе ги одржи своите ветувања и ќе го заштити Аврам од зло? (Битие 12:10; Излез 16:2, 3).
2, 3. а) Зошто Аврам го скрил вистинскиот идентитет на својата сопруга? б) Како одговор на ситуацијата, како постапил Аврам со својата сопруга?
2 Во Битие 12:11-13 читаме: „Кога се наближи до влезот во Египет, ѝ рече на својата жена Сара: ‚[Те молам сега, NW] Знам дека си убава жена. Кога Египетците ќе те видат, ќе речат: „Тоа е неговата жена“, и мене ќе ме убијат, а тебе ќе те остават жива. [Те молам, NW] Кажи дека си ми сестра, за да ми биде и мене добро заради тебе и да го запазат мојот живот заради твојот збор‘“. Иако имала повеќе од 65 години, Сарај сѐ уште била впечатливо убава. Тоа го ставило на коцка животот на Аврамa (Битие 12:4, 5; 17:17). Што е уште поважно, на коцка биле и Јеховините интереси, затоа што тој рекол дека преку семето на Аврам ќе бидат благословени сите нации на Земјата (Битие 12:2, 3, 7). Со оглед на тоа што Аврам сѐ уште немал деца, било пресудно да остане жив.
3 Аврам разговарал со својата сопруга да употребат една тактика, како што претходно се согласиле, имено, да кажат дека му е сестра. Забележи дека иако имал патријархален авторитет, тој не ја злоупотребил својата положба, туку ја придобил нејзината соработка и поддршка (Битие 12:11-13; 20:13). Со тоа Аврам им дал добар пример на сопрузите да спроведуваат поглаварство со љубов, а Сарај, покажувајќи ја својата подложност, е пример за денешните сопруги (Ефешаните 5:23-28; Колошаните 4:6).
4. Како треба да се однесуваат верните Божји слуги денес кога се на коцка животите на нивните браќа?
4 Сарај можела да каже дека му е сестра на Аврам затоа што таа навистина му била полусестра (Битие 20:12). Освен тоа, тој немал обврска да им дава информации на луѓе што не биле овластени за тоа (Матеј 7:6). Верните Божји слуги во денешно време внимаваат на библиската заповед да бидат чесни (Евреите 13:18). На пример, тие никогаш не би лажеле кога се под заклетва во судница. Меѓутоа, кога се на коцка физичките или духовните животи на нивните браќа, на пример во времиња на прогонство или граѓански немири, тие внимаваат на Исусовиот совет да бидат „претпазливи како змии, а сепак невини како гулаби“ (Матеј 10:16; види Стражарска кула 1 ноември 1996, 18. страница, 19. пасус).
5. Зошто била Сарај спремна да ја послуша молбата на Аврам?
5 Како реагирала Сарај на молбата на Аврам? Апостол Петар опишува дека жени како неа ‚се надеваат на Бог‘. Според тоа, Сарај можела да ги сфати духовните спорни прашања кои биле вклучени. Освен тоа, таа го сакала и го почитувала својот сопруг. На тој начин Сарај избрала да ‚му се подложи на својот сопруг‘ и да го прикрие својот брачен статус (1. Петрово 3:5). Се разбира, тоа ја изложило на ризици. „Кога Аврам влезе во Египет, Египетците видоа дека жената е многу убава. Ја видоа и фараоновите дворјани и му ја пофалија на фараонот и ја одведоа жената во фараоновиот дворец“ (Битие 12:14, 15).
Избавување од Јехова
6, 7. Во каква вознемирувачка ситуација се нашле Аврам и Сарај, и како Јехова ја избавил Сарај?
6 Колку само мора да се вознемириле Аврам и Сарај поради тоа! Се чини дека Сарај за малку ќе била обесчестена. Освен тоа, без да биде свесен за вистинскиот брачен статус на Сарај, фараонот великодушно го опсипал Аврам со подароци, така што ‚Аврам имал овци, говеда, ослиња, слуги, слугинки, ослици и камили‘b (Битие 12:16). Колкав само презир мора да чувствувал Аврам кон тие подароци! Но, колку и да изгледало лошо, Јехова не го напуштил Аврам.
7 „Но Господ ги удри фараонот и неговиот дом со големи проклетства заради Аврамовата сопруга Сарај“ (Битие 12:17). На некој непознат начин, на фараонот му била откриена вистинската причина за овие „проклетства“. Тој веднаш реагирал: „Тогаш фараонот го повика Аврама и му рече: ‚Што е тоа што ми направи? Зошто не ми кажа дека ти е жена? Зошто ми рече — сестра ми е — па јас си ја зедов за жена. А сега, ете ти ја жената, земи ја и оди си‘. И фараонот му одреди луѓе, кои го испратија со неговата жена и со сѐ што имаше“ (Битие 12:18-20; Псалм 105:14, 15).
8. Каква заштита им ветува Јехова на христијаните денес?
8 Денес, Јехова не ни гарантира заштита од разорното дејство на смртта, криминалот, гладот или природните катастрофи. Нам ни е ветено дека Јехова секогаш ќе ни стави на располагање заштита од работите кои можат да ја загрозат нашата духовност (Псалм 91:1-4). Тоа го прави првенствено со тоа што ни обезбедува навремени предупредувања преку својата Реч и преку „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). А што е со заканата со смрт од прогонство? Иако може да дозволи поединци да умрат, Бог нема никогаш да дозволи истребување на неговиот народ како целина (Псалм 116:15). И ако некои верни поединци умрат, можеме да бидеме сигурни дека ќе воскреснат (Јован 5:28, 29).
Жртвува за да го сочува мирот
9. Што покажува дека Аврам останал во движење во Ханан?
9 Кога гладот во Ханан изгледа поминал, ‚Аврам излегол од Египет кон Негев, (на југ) [полусушно подрачје јужно од јудејските планини] со својата жена и со сѐ што имал, и Лот отишол со него. Аврам бил многу богат со добиток, сребро и злато‘ (Битие 13:1, 2). На тој начин мештаните би го гледале како човек со моќ и влијание, моќен поглавар (Битие 23:6). Аврам немал желба да се насели и да се вмеша во политиката на Хананците. Наместо тоа, ‚одел од место до место, од јужната страна до Ветил, до местото каде го имал оптегнато неговиот шатор отпорано, меѓу Ветил и Гај‘. Како и секогаш, каде и да одел, Аврам му давал приоритет на Јеховиното обожавање (Битие 13:3, 4).
10. До каков проблем дошло меѓу пастирите на Аврам и на Лот, и зошто било важно брзо да се реши?
10 „Исто и Лот, кој го придружуваше Аврама, имаше овци, говеда и шатори, така што земјата не можеше да ги издржува доколку останеа заедно. Нивниот имот беше голем и не можеа да престојуваат заедно. Меѓу пастирите на Аврамовиот добиток и пастирите на Лотовиот добиток, избувнуваше спор. Во тоа време Ханаанците и Ферезејците живееја во таа земја“ (Битие 13:5-7). Во земјата немало доволно вода и пасишта за да се прехранат и Аврамовите и Лотовите стада. Затоа меѓу пастирите се развила напнатост и чувства на огорченост. Такво карање не им прилегало на обожаватели на вистинскиот Бог. Ако препирањето продолжело, можело да резултира во траен јаз. Како ќе ја реши Аврам оваа ситуација? По смртта на Лотовиот татко, тој го усвоил Лот, можеби одгледувајќи го како свој сопствен. Како постар, зар немал Аврам право да го земе најдоброто за себе?
11, 12. Каква великодушна понуда му дал Аврам на Лот, и зошто изборот на Лот не бил мудар?
11 Но, „Аврам му рече на Лота: ‚Да не спориме јас и ти, ни моите пастири и твоите пастири, зашто сме браќа. Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене! Ако тргнеш налево, јас надесно; ако тргнеш надесно, јас налево‘“. Во близина на Ветил постои нешто што е наречено „едно од најголемите набљудувачки места на Палестина“. Можеби оттаму ‚Лот ги подигнал очите и согледал колку е добро наводнувана Јорданската Долина, како некаква Господова градина, како Египетската Земја сѐ до Сигор, пред Господ да ги истреби Содом и Гомор‘ (Битие 13:8-10).
12 Иако Библијата го опишува како ‚праведен‘, Лот од некоја причина не му отстапил предност на Аврам во однос на таа работа ниту, пак, изгледа побарал совет од овој постар човек (2. Петрово 2:7). „Лот ја избра целата Јорданска Долина и замина на исток. Така се одделија еден од друг. Аврам остана во Хананската Земја, додека Лот живееше во градовите на рамницата и ги преместуваше своите шатори до Содом“ (Битие 13:11, 12). Содом бил напреден и нудел многу материјални погодности (Езекиел 16:49, 50). Иако од материјална гледна точка изборот на Лот можеби изгледал мудар, во духовен поглед бил лош. Зошто? Затоа што ‚жителите на Содом биле многу зли и грешни пред Господа‘, се вели во Битие 13:13. Одлуката на Лот да се пресели таму, на крајот му донела голема жалост на неговото семејство.
13. Како примерот на Аврам им помага на христијаните кои би можеле да се впуштат во некој финансиски спор?
13 Но, Аврам покажал вера во Јеховиното ветување дека неговото семе на крајот ќе ја поседува целата земја; тој не ситничарел за некое мало делче од неа. Тој великодушно постапил во согласност со начелото што подоцна е наведено во 1. Коринќаните 10:24: „Никој да не ја бара својата корист, туку користа на другиот“. Ова е добро потсетување за сите што би можеле да се впуштат во некој финансиски спор со соверник. Наместо да го следат советот што се наоѓа во Матеј 18:15-17, некои ги даваат своите браќа на суд (1. Коринќаните 6:1, 7). Примерот на Аврам покажува дека е подобро да се претрпи финансиска загуба отколку да му се нанесе срам на Јеховиното име или да се наруши мирот во христијанското собрание (Јаков 3:18).
14. Како требало Аврам да биде благословен за својата великодушност?
14 Аврам требало да биде благословен за неговата великодушност. Бог изјавил: „Ќе го направам твоето потомство како прав на земјата. Ако некој може да го изброи правот на земјата, тогаш ќе може да го преброи и твоето потомство“. Колку само мора да било охрабрувачко ова откровение за Аврам, кој немал деца! Потоа, Бог му заповедал: „Стани! Помини ја земјата надолж и нашироко, зашто тебе ќе ти ја дадам“ (Битие 13:16, 17). Не, на Аврам немало да му биде дозволено да се среди во комфорот на градот. Требало да остане одвоен од Хананците. Денес христијаните мораат исто така да останат одвоени од светот. Тие не се сметаат себеси за супериорни во однос на другите, но немаат блиско друштво со кој и да е што би можел да ги одвлече да се вплеткаат во небиблиско однесување (1. Петрово 4:3, 4).
15. а) Какво можеби било значењето на Аврамовите патувања? б) Каков пример им дал Аврам на христијанските семејства денес?
15 Во библиски времиња, пред некој да добие во сопственост земја, добивал овластување да ја провери. Според тоа, патувањето наоколу можеби служело како постојано потсетување дека еден ден таа земја ќе му припаѓа на Аврамовото потомство. Послушно, „Аврам ги крена шаторите и дојде и се насели при дабот Мамра, што е во Хеврон. Таму Му направи жртвеник на Господа“ (Битие 13:18). Аврам повторно покажал колку висок приоритет му давал на обожавањето. Дали на семејната студија, семејната молитва и присуството на состаноците им се дава висок приоритет во вашето семејство?
Непријателот напаѓа
16. а) Зошто уводните зборови во Битие 14:1 имаат злокобен тон? б) Од која причина извршиле инвазија четирите источни цареви?
16 „[Се случи во деновите, NW] Кога Амарфал беше цар на Сенар, Ариох цар на Елесар, Ходолгомор цар на Еламc и Таргал цар на Гоим, тие почнаа војна“. На оригиналниот хебрејски јазик, уводните зборови („Се случи во деновите на . . .“) имаат злокобен тон, што укажува на „период на испит кој завршува со благослов“ (Битие 14:1, 2, фуснота NW). Испитот започнал кога овие четири источни цареви и нивните војски извршиле разорна инвазија врз Ханан. Каква им била целта? Да ја задушат побуната на петте градови Содом, Гомор, Адма, Севоим и Вала. Откако го скршиле сиот отпор, тие ‚се собрале во Сидимската Долина, т.е. кај Соленото Море‘. Во близина живеел Лот и неговото семејство (Битие 14:3-7).
17. Зошто заробувањето на Лот било испит за верата на Аврам?
17 Иако жестоко се спротивставиле на напаѓачите, хананските цареви доживеале понижувачки пораз. „Победниците ги зедоа сите богатства на Содом и Гомор и сета нивна храна и си отидоа. Го зедоа и Лот, Аврамовиот внук од брат — кој живееше во Содом — и целиот негов имот, и си отидоа.“ Наскоро вестите за ваквите опустошувачки настани дошле до Аврам: „А еден што се спаси, брат Есхолов и Авнанов, Аврамови сојузници, му ја соопшти веста на Евреинот Аврам, кој живееше при дабот на Аморејска Мамра . . . Аврам чу дека е заробен неговиот внук“ (Битие 14:8-14). Колкав само испит на верата! Дали Аврам ќе негува чувства на огорченост кон својот внук бидејќи ја зел најдобрата земја? Сети се и дека овие напаѓачи дошле од неговата татковина, Сенар. Ако се дигне против нив, тоа би ја уништило секоја можност некогаш да се врати дома. Освен тоа, што можел да стори Аврам против војска која не можеле да ја поразат здружените сили на Ханан?
18, 19. а) Како можел Аврам да го спаси Лот? б) Кој ја добил заслугата за оваа победа?
18 Аврам повторно ја положил својата безрезервна доверба во Јехова. „Ги собра своите момчиња — родени во неговиот дом — триста и осумнаесет обучени мажи, ги вооружи и тргна во потера до Дан. Ги подели своите момчиња во две групи, ги нападнаа ноќе и ги порази. Ги гонеше до Хова, северно од Дамаск. Го врати целиот имот; го врати и својот внук Лот, со сето негово богатство, а и жените и мажите“ (Битие 14:14-16). Покажувајќи јака вера во Јехова, Аврам ги повел во победа своите војски, кои бројно биле повеќепати надминати, и го спасил Лот и неговото семејство. Тогаш Аврам се сретнал со Мелхиседек, цар-свештеник од Салим. „Мелхиседек, царот на Салим, изнесе леб и вино. Тој Му беше свештеник на Севишниот Бог. Го благослови велејќи: ‚Благословен да биде Аврам, од Севишниот Бог, Творец на небото и земјата! Благословен да биде и Севишниот Бог, Кој ти ги предаде непријателите во твои раце!“ (Битие 14:18-20).
19 Да, победата му припаѓала на Јехова. Аврам поради својата вера повторно доживеал избавување од Јехова. Денес Божјиот народ не учествува во буквална борба, туку се соочува со многу испити и предизвици. Нашата следна статија ќе покаже како Аврамовиот пример може да ни помогне успешно да се справиме со нив.
[Фусноти]
a Според Insight on the Scriptures (Увид во Писмото, објавена од Јеховините сведоци), „некој древен папирус зборува за извесен фараон кој им дал налог на вооружени мажи да грабнат една убава жена и да ѝ го убијат сопругот“. Значи, стравовите на Аврам не биле претерани.
b Агара, која подоцна станала конкубина на Аврам, можеби била меѓу слугинките кои ги добил Аврам во тоа време (Битие 16:1).
c Едно време критичарите тврделе дека Елам никогаш немал такво влијание во Сенар и дека извештајот за нападот на Ходолгомор бил измислица. За дискусија во врска со археолошките докази што го поддржуваат библискиот извештај, види го англиското издание на Стражарска кула од 1 јули 1989, страници 4—7.
Дали забележа?
• На кој начин гладот во земјата Ханан се покажал за Аврам испит на верата?
• Како Аврам и Сарај дале добар пример за сопрузите и сопругите денес?
• Кои лекции можеме да ги научиме од начинот на кој Аврам се справил со спорот меѓу своите слуги и слугите на Лот?
[Слика на страница 22]
Аврам не инсистирал на своите права, туку ги ставил интересите на Лот пред сопствените
[Слика на страница 24]
Аврам покажал доверба во Јехова кога го спасил својот внук Лот