БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ
За мене не постоеше Бог
РОДЕН: 1974
ЗЕМЈА: ДЕМОКРАТСКА РЕПУБЛИКА ГЕРМАНИЈА
НЕКОГАШ: АТЕИСТ
МОЕТО МИНАТО
Роден сум во едно село во Саксонија, во тогашна Демократска Република Германија. Во нашиот дом владееше топла и срдечна атмосфера, и моите родители се трудеа да ми всадат исправни морални вредности. Бидејќи нашата земја беше комунистичка, на повеќето луѓе во Саксонија религијата не им беше важна. За мене не постоеше Бог. До 18-тата година од мојот живот, големо влијание врз мене извршија две идеологии — атеизмот и комунизмот.
Комунизмот ми се допаѓаше поради идејата за еднаквост меѓу сите луѓе. Освен тоа, сметав дека имотот и материјалните средства треба да бидат распределувани рамноправно, бидејќи така нема да има крајности — некој да биде пребогат, а некој пресиромашен. Затоа станав активен член на една комунистичка младинска организација. Кога имав 14 години, поминав доста време работејќи на еден еколошки проект за рециклирање хартија. Властите од блискиот град Ауе беа толку благодарни за мојот труд што ми доделија награда. Иако бев прилично млад, се запознав со некои од најпознатите политичари во Демократска Република Германија. Сметав дека имам добри цели во животот и дека ме чека светла иднина.
Но, мојот свет се сруши за миг. Во 1989 год. падна Берлинскиот ѕид, а со него и комунистичкиот блок на Источна Европа. Тоа не беше единствениот шок што го доживеав. По кратко време дознав дека во Демократска Република Германија неправдите се редовна појава. На пример, луѓето што не го поддржуваа комунизмот беа сметани за граѓани од втор ред. Се прашував како е можно тоа. Зарем комунистите не веруваат дека сите луѓе се еднакви? Дали комунизмот е само илузија? Почнаа да ме обземаат многу грижи.
Затоа ги сменив моите цели и се посветив на музиката и уметноста. Бидејќи имав можност да одам на музичко училиште и потоа да продолжам на факултет, почнав да сонувам за музичка кариера. Освен тоа, престанав да живеам според моралните вредности за кои бев поучуван како дете. Најважно ми беше да се забавувам, што меѓу другото значеше да имам неколку девојки во исто време. Сепак, музиката, уметноста и животот без ограничувања не ми ја намалија загриженоста. Дури и моите слики одразуваа морбиден страв. Се прашував што ли ќе ми донесе иднината. Која е смислата на животот?
Бев крајно изненаден кога конечно добив одговор на моите прашања. Една вечер, во училиштето седнав со група ученици кои зборуваа за иднината. Меѓу нив беше и Менди,a која беше Јеховин сведок. Во таа прилика ми даде многу добар совет. Ми рече: „Андреас, ако сакаш да добиеш одговор на твоите прашања за животот и иднината, побарај во Библијата“.
Иако бев скептичен, љубопитноста победи. Менди ми го посочи второто поглавје од библиската книга Даниел, и она што го прочитав таму ме вчудовиди. Во тоа пророштво се опишани повеќе светски сили, односно влади, кои ќе имаат силно влијание сѐ до наше време. Менди ми покажа и други библиски пророштва, кои се однесуваа на иднината. Конечно почнав да добивам одговор на моите прашања! Но, кој ги напишал тие пророштва и кој би можел толку точно да ја предвиди иднината? Можно ли е сепак да постои Бог?
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
Менди ме поврза со Хорст и Ангелика, брачен пар Јеховини сведоци кои ми помогнаа подобро да ја разберам Божјата Реч. По кратко време сфатив дека Јеховините сведоци се единствената религија што секогаш го користи Божјето лично име, Јехова (Псалм 83:18; Матеј 6:9). Дознав дека Јехова Бог ветува дека луѓето ќе живеат вечно во рај на Земјата. Во Псалм 37:9 пишува: „Оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата“. Ми се допадна тоа што Бог им дава таква можност на сите луѓе — на секој што се труди да живее според Божјите мерила запишани во Библијата.
Меѓутоа, ми беше тешко да се сменам и да живеам според библиските мерила. Успехот кој го постигнав како музичар и уметник ме направи горделив, па затоа најпрво требаше да се научам на понизност. Освен тоа, не ми беше лесно да престанам да живеам неморално. Многу сум му благодарен на Јехова што покажува стрпливост, милост и разбирање кон сите што даваат сѐ од себе за да живеат според Библијата.
Комунизмот и атеизмот ме обликуваа во првите 18 години од мојот живот. Но, оттогаш наваму ме обликува Библијата. Она што го дознав од неа ме ослободи од загриженоста за иднината и ми даде смисла во животот. Во 1993 год. се крстив како Јеховин сведок, а во 2000 год. се оженив со Табита, со која ги делиме истите верувања. Заедно одвојуваме голем дел од нашето време за да им помагаме на другите да дознаат повеќе за Библијата. Многу од луѓето што ги среќаваме имале слично минато како мене — пораснале под влијание на комунизмот и атеизмот. Тоа што можам да им помогнам да го запознаат Јехова ми причинува големо задоволство.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА
Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, моите родители најпрво беа шокирани. Но, со текот на времето видоа колку позитивно ми влијаеше дружењето со нив. Многу се радувам што сега и тие ја читаат Библијата и ги посетуваат состаноците на Јеховините сведоци.
Јас и Табита имаме убав брак затоа што се трудиме да ги применуваме советите што Библијата им ги дава на брачните парови. На пример, советот да му бидеме верни на брачниот другар многу ја зајакнува нашата врска (Евреите 13:4).
Повеќе не сум загрижен за иднината. Се чувствувам како дел од едно големо меѓународно семејство во кое владеат вистински мир и единство. Во ова семејство сите сме еднакви — нешто по кое копнеев целиот мој живот.
a Името е сменето.