Маките на сестрите кои „го подигнаа домот на Израел“
СОНЦЕТО полека се кревало над хоризонтот. Лија била свесна дека наскоро ќе биде разоткриена. Лежејќи во прегратките на Јаков, го чекала моментот кога тој ќе сфати дека таа не е Рахела, нејзината помала сестра. На барање на татко ѝ, Лија, најверојатно покриена со непроѕирен превез, се пикнала во брачната постела подготвена за Јаков и Рахела.
Замисли си како се чувствувал Јаков кога со првите утрински зраци вистината излегла на виделина! Разлутен, се скарал со Лаван, татко ѝ на Лија. За тоа време, Лија сигурно се прашувала зошто се нафатила да учествува во измамата и што ќе се случи понатаму. Извештајот за Лија и Рахела е многу важен дел од библиската историја и ни покажува дека е најмудро бракот да биде моногамен, а брачните другари да не се изневеруваат.
Човекот кај бунарот
Седум години пред тоа, Рахела отрчала кај татко си за да му каже дека кај бунарот сретнала еден човек кој вели дека им е роднина. Испаднало дека тоа е братучед ѝ Јаков, син на тетка ѝ, кој е Јеховин слуга. По еден месец, Јаков му понудил на Лаван да му служи седум години, а тој да му ја даде за жена Рахела. Бидејќи веќе видел колку трудољубив е неговиот внук и бил свесен дека во таа средина е вообичаено да се склопуваат бракови меѓу роднини, Лаван се согласил (1. Мојсеева 29:1-19).
Љубовта што Јаков ја чувствувал кон Рахела не била само некое минливо чувство. Тие седум години, колку што биле верени, ‚му се виделе како неколку дена, зашто ја сакал‘ (1. Мојсеева 29:20). Тоа што Јаков ја сакал Рахела сѐ до нејзината смрт покажува дека таа имала многу убави особини.
Дали и Лија сакала да се омажи за еден верен слуга на Јехова? Библијата не кажува ништо за тоа. Од извештајот повеќе се гледа какви планови имал Лаван за нејзиниот брак. Кога дошол денот Рахела да се мажи, татко ѝ ѝ направил свадба. Но, според извештајот во Библијата, тој на Јаков му ја довел Лија „за да легне со неа“ (1. Мојсеева 29:23).
Дали Лија го скроила овој план или едноставно морала да го послуша татко си? А што е со Рахела? Дали таа знаела што се случува? Ако знаела, како се чувствувала? Дали татко ѝ бил толку строг што не смеела ништо да му пререче? Во Библијата нема одговор на овие прашања. Сеедно дали Рахела и Лија ја одобрувале оваа измама или не, Јаков бил многу лут. Но, му бил лут на Лаван зашто му приговорил нему, а не на неговите ќерки. „Зарем не ти служев за Рахела? Зошто ме измами?“ Што му рекол Лаван? „Не е обичај да ја омажиме помладата пред постарата. Прославувај со оваа жена до крајот на седмицата. Потоа ќе ја добиеш и другата за службата што ќе ми ја вршиш уште седум години“ (1. Мојсеева 29:25-27). Изигран, Јаков се нашол во полигамен брак во кој се родила болна љубомора.
Несреќно семејство
Јаков ја сакал Рахела. Кога Бог видел дека Лија „не е сакана“, ѝ дал деца, а Рахела останала неротка. Но, Лија не сакала само деца — копнеела по љубовта на Јаков. Се чувствувала бедно бидејќи сфатила дека тој ја сака само Рахела. Сепак, се надевала дека Јаков ќе ја засака кога му го родила првиот син, Рувим, што значи „Гледајте, син!“ Лија имала добра причина да му го даде ова име: „Јехова ја погледна мојата неволја, па сега мојот маж ќе ме засака“. Но, напразно. Јаков не ја засакал ни откако му го родила вториот син, кого го нарекла Симеон, што значи „слушне“. Си велела: „Јехова слушна дека не сум сакана, па ми го даде и овој“ (1. Мојсеева 29:30-33).
Тоа што Бог ја услишил покажува дека Лија се молела за својата мака. Очигледно, таа била богобојазлива жена. Сепак, маката што ѝ тежела на срце си останала и откако го родила третиот син, Леви, чие име значи „приврзан“. Од зборовите на Лија е јасно зошто му го дала ова име: „Овојпат мојот маж ќе се приврзе кон мене, зашто му родив три сина“. Но, Јаков очигледно не ја засакал повеќе од порано. Лија веројатно се помирила со тоа, зашто името на нејзиниот четврт син не укажува на некаква надеж дека Јаков ќе ја засака, туку на благодарноста што ја чувствувала кон Бог. Името „Јуда“ значи „фален; славен“. Лија едноставно рекла: „Овојпат ќе го фалам Јехова“ (1. Мојсеева 29:34, 35).
Лија се чувствувала бедно, но ништо подобро не се чувствувала ни Рахела. Таа го преколнувала Јаков: „Дај ми деца или ќе умрам!“ (1. Мојсеева 30:1). Рахела ја имала љубовта на Јаков, но немала деца. Лија, пак, имала деца, но не била сакана. Секоја од нив го посакувала она што го имала другата, и ниедна не била среќна. И двете го сакале Јаков и копнееле да му родат деца. Меѓу нив се родила љубомора. Колку несреќно било ова семејство!
Ќе роди ли и Рахела?
Во тоа време, најголема несреќа за една жена било да нема деца. Бог им ветил на Авраам, Исак и Јаков дека од нивната семејна лоза ќе произлезе „потомство“ преку кое ќе се благословат сите народи (1. Мојсеева 26:4; 28:14). Но, Рахела немала деца. Јаков сметал дека само Бог може да ѝ даде синови за да има удел во остварувањето на овие благослови. Сепак, Рахела била нестрплива: „Еве ја мојата робинка Вилха. Легни со неа за да роди на мои колена, па преку неа и јас да добијам деца“ (1. Мојсеева 30:2, 3).
Можеби ваквиот став на Рахела ни е многу чуден. Меѓутоа, на Блискиот Исток се пронајдени брачни договори кои сведочат дека во тоа време било најнормално една неротка да му даде на својот сопруг слугинка која ќе му роди наследникa (1. Мојсеева 16:1-3). Во некои случаи, се сметало дека децата на слугинката се деца на неротката.
Кога Вилха родила машко дете, Рахела од радост рекла: „Бог ми беше судија, го чу и мојот глас и ми даде син“. Му го дала името Дан, што значи „судија“. И таа се молела за својата мака. Кога се родил Нефталим, вториот син на Вилха, чие име значи „моето борење; мојата борба“, Рахела рекла: „Се борев жестоко со мојата сестра. И победив!“ Овие имиња укажуваат на соперништвото меѓу двете жени (1. Мојсеева 30:5-8).
Можеби Рахела си мислела дека постапува во склад со своите молитви кога му ја дала Вилха на Јаков, но Бог немал намера таа да добие деца на ваков начин. Од ова учиме дека не треба да губиме трпение кога му се молиме на Јехова. Тој може да ја услиши нашата молитва на најнеочекуван начин и во најнеочекуван момент.
Да не остане покусо, и Лија му ја дала на Јаков својата слугинка Зелфа, која го родила прво Гад, а потоа и Асер (1. Мојсеева 30:9-13).
Соперништвото меѓу Рахела и Лија дошло уште повеќе до израз кога Рувим, синот на Лија нашол мандрагори. Се верувало дека овој плод помага една жена да забремени. Кога Рахела побарала неколку мандрагори, Лија луто ѝ одвратила: „Зарем ти е малку што ми го зеде мажот, па сакаш да ми ги земеш и мандрагорите на син ми?“ Според некои, Лија сакала да каже дека Јаков бил почесто со Рахела отколку со неа. Рахела веројатно сметала дека Лија има право што се лути, зашто рекла: „Тој нека легне ноќеска со тебе во замена за мандрагорите на син ти!“ Па така, вечерта, кога Јаков се вратил дома, Лија му кажала: „Ќе легнеш со мене зашто те најмив за мандрагорите на син ми“ (1. Мојсеева 30:15, 16).
Лија родила и петти и шести син — Исахар и Завулон. А тогаш рекла: „Најпосле маж ми ќе ме прифати зашто му родив шест сина“b (1. Мојсеева 30:17-20).
Мандрагорите не ѝ помогнале на Рахела да забремени. Кога по шест години брак конечно забременила и го родила Јосиф, тоа било затоа што Јехова ‚се сетил‘ на неа и ја услишил нејзината молитва. Дури тогаш Рахела можела да рече: „Бог го отстрани мојот срам!“ (1. Мојсеева 30:22-24).
Смрт и наследство
Додека го раѓала својот втор син, Венијамин, Рахела умрела. Јаков многу ја сакал Рахела, а нејзините два сина му биле многу мили. Со години подоцна, кратко пред да умре, не можел а да не си спомне за прераната смрт на својата сакана Рахела (1. Мојсеева 30:1; 35:16-19; 48:7). За смртта на Лија не знаеме ништо друго освен дека Јаков ја погребал во пештерата во која сакал да биде погребан и самиот (1. Мојсеева 49:29-32).
На стари години, Јаков признал дека целиот негов живот — а тука спаѓа и неговиот семеен живот — бил мачен (1. Мојсеева 47:9). Можеме да бидеме сигурни дека животот им бил мачен и на Лија и Рахела. Она низ што поминале нагласува колку горчливи се последиците од полигамијата и покажува зошто Јехова одредил еден маж да има само една жена (1. Мојсеева 19:4-8; 1. Тимотеј 3:2, 12). Кога мажот или жената има чувства кон некој друг или, пак, има интимни односи со друго лице освен со својот брачен другар, неизбежно е да се јави љубомора. Тоа е една причина зошто Бог забранува да се врши блуд и прељуба (1. Коринќаните 6:18; Евреите 13:4).
Како и да е, Бог продолжил да ја остварува својата намера преку несовршени, но богобојазливи мажи и жени, а тоа го прави и во нашево време. И двете сестри имале слабости, исто како и ние. Но, преку овие жени Јехова почнал да го остварува ветувањето што му го дал на Авраам. Со право можеме да кажеме дека Рахела и Лија ‚го подигнале домот на Израел‘ (Рут 4:11).
[Фусноти]
a Во еден таков договор, пронајден во Нузи (Ирак), стои следново: „Келим-нину му е дадена за жена на Шенима... Ако Келим-нину не роди [деца], Келим-нину ќе доведе жена [робинка] од земјата Лулу за да му биде жена на Шенима“.
b Дина, уште едно од децата на Лија, е единствената ќерка на Јаков што е спомната по име (1. Мојсеева 30:21; 46:7).
[Слика на страница 9]
И Лија и Рахела го посакувала она што го имала другата, и ниедна не била среќна
[Слика на страница 10]
Израелците потекнале од 12-те синови на Јаков